Оваа збирка песни за деца од предучилишна и од рана училишна возраст, создадена од перото на писателот Саво Костадиновски, насловена кратко и јасно – „Заедно со Филип“, впрочем, како и речиси сите негови творби наменети за децата, за најмалата и најблагородна читателска публика на светот, ја карактеризираат три главни одлики. Одлики и одличија, би рекол. Тоа се: прво, едноставноста и краткоста; второ, искреноста и непосредноста; и трето, топлината на исказот. И на нив, овој пат, во овој краток осврт, ќе надоврзам засебни образложенија и нагласености.
Сите песни вклучени во оваа стихозбирка ги краси една чудесна и восхитувачка едноставност. А за да се стигне до толкава едноставност, до јасност и податливост на стиховите, кои можат да ги разберат и да ги освојат и најмалите деца, треба да се биде голем, голем во творечка смисла. Поетот Саво Костадиновски, секако, ја имал предвид мислата на славниот руски писател Алексеј Максимович-Пешков, попознат како Максим Горки, која, недословно цитирана, би можела вака да се нотира: кога се пишува, треба да се биде широк во мислите, а тесен, „скржав“ во напишаното. Така, токму така постапува Костадиновски. Тој со малку зборови, со едноставни слики, со кратки стихови и строфи, гради мозаик од песни од кој читателите (или слушателите) ќе осознаат цела низа случки и настани, згоди и незгоди, кои ги следат сите деца уште од денот на раѓањето („Кога Филип се роди“), преку „Првите запчиња“, проодувањето („Филип прооди“), игрите и играчките, па и „Грешките на Филип“ (и тие, се разбира, се можни и дозволиви!), сè до прошетките со него и убавите спомени, кои се везат во кругот на семејството и при престојот во градинката… Та, Филип веќе и не е толку мал, штом не само што слуша приказни, кои му ги раскажуваат воспитувачките во предучилишната детска установа, а, се разбира, и мама и тато, дома, и бабите и дедовците, секако, туку тој веќе и самиот раскажува („Филип раскажува“).
Има нешта
што и Филип
веќе ги знае
и се докажува со нив,
посебно со играчките,
кои ги обожава…
Па, и ако греши –
никој не му замерува,
оти таков е
светот на игрите, ете…
Преку нив,
преку цел ден
по нешто интересно
ни раскажува нам…
Филип, тоа златно дете!
Неслучајно е речено дека вистинските писатели за деца и за млади во душата и во срцето (или барем во некое скришно катче од нив) засекогаш остануваат млади. С. Костадиновски, секако, е добар пример за тоа. Во стиховите поместени во оваа збирка, тој е искрен, срдечен и непосреден до највисока можна мера, која понекогаш знае да ги „пречекори“ и рамките што ги разграничуваат возрасните од децата и од младите. Така, напати, низ одделни стихови, се преминува дури и до наивност, онаа крајно искрена и нескриена наивност, која како одлика неизоставно ги кити дечињата што ги цутат годините на авторовиот јунак Филип, неговиот внук, кој, впрочем, и го поттикнал да ги напише. За потврда на искрата на тој негов инспиративен пламен, доволно е да ги наведеме и само овие неколку стихови:
Кога Филип се роди,
од радост
не можев да спијам:
станав дедо,
а зошто да кријам?
Сонцето грее, сипе топлина, која ја распостила врз земјата преку златножолтите снопје – зраците, со кои ја дарува целата наша планета, сите нејзини жители, сите нас. Поетот, пак, зрачи топлина преку својот исказ, преку своите зборови, преку стиховите, преку песните што ги излева од своите длабини. Тој со нескриена симпатија, со видлива жар и со топлина што сјае и што грее ги огрева, ги стоплува и најмалите деца, им влева радост, без оглед на нивните имиња и местоживеалишта, давајќи им полет побрзо да растат, да пораснат, но воедно, напоредно, ги стоплува и читателите, оние поголемите, кои веќе научиле да читаат сами, но и возрасните – оние мајки и татковци, баби и дедовци, постари братчиња и сестрички, кои неретко им ги читаат ваквите творби на своите најмили…
Децата се
цвеќиња лични…
Децата се
сонца што греат…
Децата се
вечна радост…
Во таа насока, еве уште еден значаен податок за содржината на збиркава: поетот Саво Костадиновски често ги споредува и ги изедначува цвеќињата и дечињата. Не само со римата. Ги става во ист контекст, во иста позиција. Та, јасна е поентата, нели: кој не ги сака дечињата, тој не ги сака цвеќињата, тој не ја сака убавината, тој не ја сака иднината!
*
Освртот за творештвото на македонскиот писател Саво Костадиновски, овој пат насочен кон оваа негова најнова стихозбирка, ќе го заокружам со следнава констатација: пишувајќи за Филип, авторот на песните не напишал песни само за својот внук, за Филип од Скопје; тој напишал песни и за Дарко и за Марија од неговата група во градинката „Кочо Рацин“; и за Јован и за Јана од Битола, и за Фидан и за Благуна од Македонски Брод, и за Сара и за Петар од Куманово, и за Фикрет и за Хасиба од Гостивар; но и за Волф и за Хелен од Германија, и за Пјер и за Жанет од Франција, и за Џон и за Сузан од Америка, и за Јан и за Дајана од Австралија, и за Индира и за Кензо од Азија, и за Јусер и за Наоми од Африка; тој напишал песни за сите деца од сите континенти и земји на светот.