Иако во претходните изданија на оваа рубрика веќе ги имаме споменато поради и заради, со оглед на честото мешање, уште еднаш ќе укажеме на разликата во нивното значење.
Имено, доста често заради погрешно се употребува наместо поради: Автомобилот ни се расипа заради лошиот пат.
Во наведената реченица, лошиот пат е причината поради која се расипал автомобилот. За изразување причина, се употребува поради, а не заради, па реченицата треба да гласи: Автомобилот ни се расипа поради лошиот пат.
Со заради, пак, се изразува некаква цел или намера. На пример: Ќе тргнеме рано заради навремено стигнување.
Често изборот помеѓу поради и заради може многу да влијае врз информацијата што сакаме да ја пренесеме. Така, различно е значењето на следните две реченици: Победивме на натпреварот поради Марко, и: Победивме на натпреварот заради Марко.
Во првата реченица, Марко е причината поради која дошло до победата; од реченицата може да се заклучи дека тој учествувал на натпреварот и најмногу придонел за постигнување на посакуваниот резултат.
Од втората реченица, во која победата е постигната заради Марко, може да се претпостави дека Марко е оној што би бил најмногу среќен за победата или би имал најголема корист од неа.
Да заклучиме: сврзникот поради има причинско, а заради – целно значење. Погрешната употреба на едниот наместо другиот може да доведе до погрешна интерпретација на она што сакаме да го кажеме.
На mak.katce@gmail.com ги очекуваме вашите прашања и препораки.