Пародија без комедија, хумор што не е шега

Запознавање со „LAIBACH“

ЗАПОЗНАВАЊЕ СО „LAIBACH

„Laibach“ е словенечки вокално-инструментален состав, кој се поврзува со следниве музички жанрови: industrial, martial, noise и неокласика. Формиран е во 1980 година, во Трбовље, Словенија (некогашна Југославија). Тој го претставува музичкиот оддел на уметничката организација „Neue Slovenische Kunst“ („Нова словенечка уметност“) или скратено „NSK“, која во уметнички цели функционира и како измислена држава. Составот е наречен според германското име на словенечкиот главен град, Љубљана.

laibach1

Уште на почетокот на својата кариера, „Laibach“ се подготвувале за својот мултимедијален проект „Црвена област“ („Rdeči revrji“). Имајќи цел да го испровоцираат тогашниот политички и општествен систем во Југославија, тие го облепиле целото Трбовље со копии од Маљевичевиот „Црн крст“. Одржувањето на нивниот настан бил забрането поради „несоодветно и неодговорно“ користење на сликарското дело. Покрај него, тие како свои симболи ги зеле и еленските рогови и козолецот (козолец е дрвена или метална конструкција што служи за чување сено, за закачување некролози и, во поново време, за лепење реклами).

Нивниот прв настан во живо, насловен „Жртви на авионска несреќа“ („Žrtve letalske nesreče“), се одржал во јануари 1982 година во Љубљана, а потоа следувале настапи и во Загреб и во Белград. Тие користеле грамофони, радиоприемници, како и електронски инструменти создадени од нив самите. Наместо типичните специјални ефекти што се користат при концерти, се служеле со вистински воени чадни бомби, кои биле подеднакво непријатни и за нив и за публиката. Истата година, на фестивалот „Novi Rock“ во Љубљана, лидерот на групата, Томаж Хостник, настапил облечен во воена униформа, која наликувала на онаа на Маршалот. И покрај тоа што некој од публиката го удрил со шише, предизвикувајќи му сериозна повреда, тој успеал да издржи до крајот на настапот. Томаж Хостник се самоубил во декември 1982 година, обесувајќи се на козолец.

Во април 1983 година, за време на концертот на Загрепското биенале, наречен „Ние ја градиме иднината“ („Mi kujemo bodočnost“), „Laibach“ прикажувале извадоци од порнографски филм и од документарецот „Револуцијата трае“ („Revolucija še traja“). Настапот бил прекинат од страна на полицијата кога на проекцијата се појавиле слика од пенис и слика од Јосип Броз-Тито во исто време. По низа политички некоректни настани, на составот му било забрането да настапува во Словенија, како и да го користи името „Laibach“.

Групата ја започнува својата турнеја „Окупирана Европа ’83“ („The Occupied Europe Tour ’83“), вклучувајчи шеснасесет настапи низ источна и низ западна Европа. Визуелната естетика на „Laibach“ предизвикала големо влијание кај медиумите. Интересирањето за овој состав било доста големо во западна Европа, за што причина биле социореалистичката заднина на нивниот уметнички стил, ефектните настапи во живо и статусот на дисиденти во нивната држава. Со комбинација на симболите на социореализмот, на нацизмот и на италијанскиот футуризам, тие создале уникатна естетика, која не може да остане незабележана од јавноста.

Во 1984 година, поради забраната за јавни настапувања, „Laibach“ одржале таен концерт посветен на починатиот Томаж Хостник. Тој период, заедно со сликарската група „Irwin“ и со драмската екипа „Rdeči pilot“ („Црвен пилот“), тие ја основале организацијата NSK.

laibach2

Следната година, „Laibach“ го објавиле својот истоимен дебитантски албум, на чија обвивка не стоело името на групата поради забраната што им била дадена неколку години претходно. Извадокот од говор на Тито во темата „Panorama“ е цензуриран (на плочата, наместо гласот на Тито, се слуша морничаво чкрипење), но подоцна, на албумот „Nova Akropola“, излегува друга верзија на истата песна, каде што, наместо звукот за цензура, се слуша снимка од говорот, но истовремено оди и негова синхронизација на англиски јазик. Германската музичка издавачка куќа „Walter Ulbricht“ ја издава компилацијата „Rekapitulacija 1980-1984“, двоен албум со луксузна опрема (картонска кутија, фотографии итн.). „Laibach“ учествуваат во театарската претстава „Крст под Триглав“ („Krst pod Triglavom“) на своите колеги од NSK, „Sestre Scipiona Nasice“, во Цанкарјев дом во Љубљана. Музиката од оваа претстава е објавена на истоимениот албум неколку години подоцна. Истата 1985 година, тие го објавуваат и гореспоменатиот втор студиски албум, „Nova Akropola“. По неговото објавување, „Laibach“ го прават првиот легален концерт во Хум, Словенија, именуван „Крвава земја, плодна почва“ („Krvava gruda, plodna zemlja“), според насловот на една нивна нумера. Истовремено, по нивната молба, им било дозволено и да го користат своето име.

Во Лондон во 1986 година снимаат неколку нумери за познатиот радиоводител на „BBC“, Џон Пил. Ја прават музиката за балетот „Во пеколот нема излез во случај на пожар“ („No Fire Escape from Hell“) на Мајкл Кларк. Потпишуваат договор со познатата музичка издавачка куќа „Mute“ (за која снимаат и „Depeche Mode“) и започнуваат со работа на следниот студиски албум, „Opus Dei“. Во внатрешната обвивка има цртеж на свастика составена од четири секири. За време на турнејата по објавувањето на албумот, на прес-конференцијата изјавуваат дека се инспирираат од Тито, од Тото и од Тати (Тото е италијански комичар, а Жак Тати е француски режисер). Од овој албум нумери што се здобиваат со значителен успех се „Opus Dei“ (преработка на песната „Life is Life“ од „Opus“) и „Geburt einer Nation“ (преработка на песната „One Vision“ од „Queen“).

Во Хамбург ја компонираат и ја изведуваат музиката за адаптацијата на Шекспировата драма „Магбет“ („Macbeth“), која ќе биде објавена во 1988 година на истоимениот албум. Една година пред ова, го објавуваат албумот „Let it Be“, составен од преработки на сите песни од истоимениот албум од „Beatles“, освен на насловната нумера. Песната „Maggie Mae“ е заменета со изведба на германската песна „Auf der Lüneburger Heide“ („На линенбершката жега“), но останат е истиот наслов. Интересно кај оваа песна е тоа што во неа се пародираат самите себеси, затоа што таа звучи доста комично, отскокнувајќи од целиот нивен мрачен стил. Пол Макартни не е задоволен од својата изведба на „Across the Universe“, па затоа на своите концерти често ја емитува верзијата на „Laibach“ од оваа песна. Во преработката, како вокалист гостува прекрасната пејачка на словенечката група „Videosex“, Ања Рупел (кај нас позната по дуетот со Тоше Проески).

Во 1989 година, нивниот настап во Загреб започнал со свирење гусли, а во Белград, филозофот на NSK, Петер Млакар, одржал говор како пародија на говорите на Милошевиќ во Косово. Следната година, го објавуваат своето EP „Sympathy For the Devil“, составено од преработки на истоимената песна од „The Rolling Stones“. Тука, на секоја верзија е потписник различен изведувач, иако сите преработки се направени од нив. Истата година, на 21 декември, групата прославува десет години од своето постоење, настапувајќи во Трбовље за првпат. Концертот, исто така, го обележало официјалното оформување на NSK, како држава со своја парична валута, знаме и пасош. По овој концерт, бендот отпочнува турнеја низ Босна и Херцеговина.

Во 1992 година, една година по независноста на Словенија, „Laibach“ го објавуваат албумот „Kapital“, во кој го истакнуваат својот став кон материјализмот. Следната година е објавен албумот „Ljubljana-Zagreb-Beograd“, составен од концертни снимки на бендот, направени во 1982 година во трите града. На обвивката од овој албум е фотографија од Томаж Хостник со крвава линија под брадата, која ја добил по гореспоменатиот инцидент.

laibach3

Во 1994 година, составот го објавува албумот „NATO“, за кој повод им даваат моменталните случувања во источна Европа, поточно санкциите, т.е. бомбардирањата на војските на НАТО во Србија, тогашна Југославија. Поопшто, албумот се концентрира на отсликување на војната како општествено-политички настан, што се гледа од изборот на преработените нумери („Mars“, како бог на војната, од Густав Холст, од циклусот „Планети“; „Alle gegen Alle“ од DAF; „Dogs of War“ од „Pink Floyd“; „Mars on River Drina“ – преработка на „Marš na Drinu“ од Станислав Бинички…)

По објавувањето на албумот, составот тргнува на турнејата наречена „Occupied Europe NATO Tour 1994-95“, од која произлегле истоимените албуми, од кои едниот е во живо, а другиот е видеоалбум. Значаен настап е оној во Сараево, одржан истиот ден кога е потпишана Дејтоновата спогодба. Во 1995 година, го објавуваат албумот „Jesus Christ Superstar“, кој е нивна верзија на истоимената рок-опера од Андру Лојд Вебер. Групата го промовира албумот со турнеи во САД и во Германија.

На 15 мај 1997 година, составот настапува со Словенечката филхармонија и хорот „Тоне Томшич“ по повод отворањето на „Ljubljana European Month of Culture“, претставувајќи оркестарски верзии на својот најран материјал, кој ретко го изведувале во живо, во аранжман на Урош Ројко и na Алдо Кумар со некои членови од бендот. Истата година излегува албумот во живо „M. B. December 21, 1984“, на кој, меѓу другото, има снимки од илегалниот концерт посветен на Хостник. На 14 ноември, истата година, на концерт во Белград, уште еден говор на Петер Млакар предизвикал различни реакции (дијаметрално спротивен од оној во 1989 година), на кој тој ја замолил публиката „да ја изеде свињата и еднаш засекогаш да ја свари“, алудирајќи на претседателот Слободан Милошевиќ.

Во 2003 година го објавуваат албумот „WAT“ (акроним од „We are Time“ – „Ние сме времето“). Истата година излегува двојната компилација „Anthems“ („Химни“), која, покрај веќе објавените нумери, ја содржи и преработката на позната италијанска песна „Mama Leone“, како и повеќе ремикси на нивни теми. Албумот содржи и темелна биографија на составот. Групата издава и две дивидија. На првото, наречено „Laibach“, се наоѓаат повеќе нивни спотови, како и документарец за снимањето на албумот „WAT“. Второто, кое е насловено „2“, содржи снимка од концертот во Љубљана (26 октомври 1995 година) за време на „Occupied Europe NATO Tour“ и „Филм од Словенија“ („A Film from Slovenia“).

Во 2004 година, „Laibach“ го издаваат дивидито „The Divided States of America – Laibach 2004 Tour“ („Разделените Американски Држави“), кое содржи материјали од четвртата турнеја на бендот во САД. Во 2006 година, составот го издава албумот „Volk“ („Народ“), кој содржи преработки на повеќе химни, како и на нивната држава NSK, која е, всушност, нивната тема „The Great Seal“ („Големиот печат“), објавена на „Opus Dei“. Истата година, на 2 јуни, бендот ја извел Баховата „Уметност на фугата“ („Kunst der Fuge“), што подоцна, во 2008 година, е објавено на албумот „LAIBACHKUNSTDERFUGE“.

Во 2012 година ја снимаат музиката за финско-германско-австриската научно-фантастична комедија „Железно небо“ („Iron Sky“).

Во 2013 година го објавуваат своето EP „S“, кое е најава за нивниот албум „Spectre“ („Спектар“), кој ќе излезе во март 2014 година.

[vsw id=”c6Mx2mxpaCY” source=”youtube” width=”600″ height=”350″ autoplay=”yes”]

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Авторот е тука за да проблематизира и да комплицира
Инаку Скопје беше навистина инспиративно, во него има живост, енергија и полнокрвност,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *