100 години од раѓањето на Орхан Вели

Избор поезија од турскиот поет Орхан Вели во препев на Васко Марковски

orhan-veli---nalsovna

 

 

Оваа година се навршуваат сто години од раѓањето на големиот турски поет Орхан Вели. По тој повод, во овој број на „Репер“, ексклузивно ви претставуваме неколку негови песни во препев на Васко Марковски.

ПЕСНА СО ОПАШКА

Од нас слога не бива, патот ни е башка-башка
Ти си мачорот на џигерџијата, јас сум мачор од улица.
Твоето јадење е во калаисана чинија
Моето, во устата на лавот.
Ти сонуваш за љубовта, јас — коска.

Ама, и тебе не ти е лесно, братче!
Не е така лесно, нели,
Да вртиш со опашката секој Божји ден.

ЖЕНА МУ НА ШОФЕРОТ

Немој, ќе ме носиш на душа, ти, жена му на шоферот.
Не прави ми низ пенџерето ишарет да дојдам
по цел ден така, облечи се – соблечи се.
Знам, ти си му фрлила око на зетот,
а јас си имам младост.
Не можам да гнијам по затвори.
Не клавај ми ја главата в торба,
Немој, ќе ме носиш на душа.

РЕКЛА-КАЗАЛА

Кој вадел муабети за мене
дека сум бил затрескан во Сухејла?
Кој видел, ај, кажете кој,
како сум ја бакнувал Елени
сред бел ден, кај Високата калдрма.
Сум ја зел Мелехат, па
сме отишле во Алемдар, така ли?
За тоа подоцна ќе објаснам, туку,
чија нога сум стиснал во трамвајот?
А, што беше она, као сме
навраќале во Галата, демек на воздух,
а сме љокале ко сунгери?
Баталете го сево ова, мајко, татко.
Сè се тоа исти калап,
знам јас што правам.

А како беше она.. сум ја ставил Муала во кајче
па сум ја терал да ми ја пее „Твојата тага е во моето срце“?

ЗАР СУМ СЕ ВЉУБИЛ?

И јас ли ќе сум тонел во мисли?
И јас ли ќе сум останел вака без сон?
Ваков ли ќе сум станел, збор да не кажам?
Дури и салатата што толку ја сакам
некогаш ќе сум престанел да ја барам?
Во ова ли некогаш ќе сум се претворел?

МОИТЕ БРОДОВИ

На листовите на мојот буквар
бродови, моите бродови, со раширени едра.
Тргнале, кон земјата на човекојадците,
бродовите мои, клај-клај.
Бродови мои, со молив нацртани.
Бродови мои, со знамиња црвени.
На листовите на мојот буквар
К’з кулеси*.
Бродови мои.

* К’з кулеси (Kız kulesi) кула изградена на остров во теснецот Босфор, во Истанбул, позната како Кулата на девицата или Леандерска кула.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Западот не ја сфаќа Русија, па се обидува да ја објасни
Интервју на Виктор Ерофеев, еден од најконтроверзните современи руски писатели, за германското...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *