Горда да признае што е феминистка, борец за права низ своите документарни филмови, но и храбра да замине во свет за кој само читала. Дебора Перкин е режисерка која доаѓа од Велика Британија за да го прикаже својот филм на овогодинешното 35-то издание на „Браќа Манаки“ што ќе се одржи од 13-ти до 19-ти септември во Битола. Нејзиниот филм е насловен како „Копилиња“ и е дел од програмата за документарни филмови. „Копилиња“ опфаќа приказна на млада самохрана мароканка чиј брак судот во Мароко не го смета за валиден, а детето што таа го родила нема речиси никакви права. Таа ја започнува својата борба пред судот и пред камерата на Дебора Перкин.
1. Западот и Исламскиот свет – тоа е една бескрајна приказна, сепак има само неколку случаи во кои се прикажува вистинската состојба на некои фигури во тие општества на пореален начин, а не само со изгасена камера. Но, сега се појавува оваа млада девојка сакајќи да ја раскаже својата страна од приказната наспроти онаа на судот и сите други луѓе што ја нарекуваат нејзината ќерка „копиле“. Кажете ни нешто за самиот почеток на овој проект. Како се најдовте позади камерата снимајќи ја оваа приказна?
– Со мајка ми бевме заедно на одмор во Мароко и се импресиониравме со тоа колку жените изгледаа инволвирано во општеството, повеќе од секоја друга муслиманска држава што ја посетивме. Кога се вративме дома истражував за положбата на жените во Мароко и ги открив реформите во законот за семејство од 2004-та година што ѝ даваже на жената еднаквост. Иако многумина Мароканци сметаат дека реформите не постигнуваат многу, ова изгледаше како многу необичен чекор што оди кон вистинската насока, па сакав да направам филм што ќе го прослави тоа.
2. Зошто оваа приказна е многу поважна од некоја друга? На пример, можевте да изберете слична приказна и во Велика Британија?
– Мароко ме потсетува на она што сум го читала на Викторијанската Британија со слугинки на кои работодавачите им ветувале дека ќе се земат со нив и нивните семејства коишто им велеле на нивните бремени ќерки никогаш повеќе да не го пречекорат прагот од семејната куќа. Она што се случува во Мароко има поврзаност и со европската култура. Не треба многу да се навратиме кон историјата за да пронајдеме самохрани мајки кои биле стигматизирани. Самиот збор „копиле“ значи нелигитимно дете. Самиот збор покажува како детето е третирано според околностите на раѓање.
3. Раба Ел Хаимер – Која е оваа жена? Велам жена бидејќи според приказната оваа девојка немала време да биде само девојка.
– Раба е неверојатен лик, необразовано дете-невеста без легални права и коешто се бори за подобра иднина за нејзе и за нејзината ќерка. Јас очајно сакам светот да ја види нејзината приказна, да ѝ се восхитува на нејзината борба и да го слави нејзиниот успех. Нејзината приказна ја најдов во мојата страст да раскажам убави вести од муслиманскиот свет. „Копилиња“ детално ги опфаќа сексот, љубовта, родителството и парите – универзалните теми што нè засегаат сите.
4. Имате повеќе од 20 години искуство работејќи на документарни филмови за Би-Би-Си и имам многу прашања на ум, но ќе се обидам да ги ставам сите нив во едно – Што беше она што го искусивте работејќи за Би-Би-Си и го употребивте во својата работа?
– Тоа дефинитивно би било пристапот на преговарање кога сакам да снимам чувствителни ситуации. Работев во институции како што се Британскиот музеј и затворите, каде што е неопходно да изградите доверба. Исто така, имам снимено многу филмови со луѓе коишто доживеале злоупотреба, каде што е основно да ги почитувате луѓето, да бидете трпеливи и да им дозволите да ви раскажат што сакаат кога ќе се почувствуваат удобно. На пример, мојот прв британски филм беше за педофилијата во католичката црква.
5. Живеевте во истите услови како Раба неколку месеци. Кажете ни нешто за тоа искуство. Како е да се живее како една самохрана мароканска мајка?
– Мислам дека на нашата приказна многу ни помогна тоа што јас и мојата партнерка во филмот што ми помогна околу арапскиот јазик и пронаоѓањето на жените Нора, живеевме некое време во малку запуштен дел од Казабланка каде што живеат и самохраните муслимански мајки. Многу лесно се расчу дека делиме една соба спиејќи на душеци во куќа со едно веце, со решо во дворот и дека го користиме локалниот амам. Сето ова покажуваше дека ние не сме сензационален тип на медиум.
6. Постои ли нешто што не беше прикажано во филмот, а сте сакале да го прикажете откако сте го завршиле?
– Би сакала да вклучев некои од другите жени чии приказни ги следев на почетокот, но мора да мислиш на гледачите и не можеш да го направиш филмот да биде предолг. Која ја запознав Раба нејзиниот случај стигна на суд. Тоа правеше смисла фокусот да биде насочен кон неа и направи добар наратив со почеток, средина и крај. Не сакав да направам филм полн со портрети, туку динамичен филм каде што настаните се случуваат пред вашите очи.
7. Кои беа тешкотиите со кои се соочивте при снимање кога преминавте од Западот во Исламскиот свет?
– Како и во секој документарен филм каде што треба да набљудувате потребна ви е довербата од луѓето. Асоцијацијата за солидарност кон жените и Министерството за правда ми дозволија да снимам случаи на жени со таква судбина и ми дозволија да ги снимам рочиштата во Агадир. Формалната страна беше да ги убедам дека сакам да снимам почнувајќи од недостатокот на Мароко во однос на правата на жените, па до најновите правни реформи. Сепак, имав многу топол пречек од жените. Очекував голем дел од нив да бидат срамежливи пред камера, но беше сосема спротивното. Повеќето сакаа да ми ги раскажат нивните приказни и да плачат и да се смеат со мене.
8. Зошто го употребивте „Копилиња“ како наслов?
– Тоа е незаконско дете што нема речиси никакви права. Бројката на напуштени деца по раѓањето е голема – само 6500 годишно се во Мароко. Но, насловот се однесува и на нивните татковци коишто го негираат постоењето на овие деца.
Емилија Петреска