Живот со ограничена употреба
Луѓето го заградуваат просторот околу себе, ѕидаат ѕидови и огради, измислуваат граници, а животот има ограничена употреба.[1]
Луѓето имаат време само за своите соништа
Некој ненадејно нѝ се приближува и полека ја отвара вратата од нашата душа.[2]
([3])
([4])
(Страв[5])
[1] Има денови кога старите часовници
ги отчукуваат нашите животи
закачени на ѕидовите
над нашите глави.
Има денови
кога болката се претвора во тага,
а тагата во осаменост.
Кога ќе се испразнат зборовите,
останува молкот.
Има денови
кога на прашината во библиотеките,
стојат старите ракописи.
Низ зборовите на тие редови,
никогаш нема точки.
Има денови
кога бучавата во нашите души
е погласна од тишината на денот.
Џагорот од толпата е часовник
што отчукува со ограничена употреба
на батеријата.
Има осамени очи
што бараат засолниште
и сонливи лица
што постојано спијат во ноќни возови.
Сите нус појави
се случуваат во дел од милисекундите.
Има денови кога сме сами
и нашиот дом е далеку.
Тие денови се денови со ограничена употреба.
[2] одиме
доаѓаме
повторно заминуваме
и исто толку пати се враќаме.
[3] понекогаш
се собираме како клопче
понекогаш
клопчето се расплетува
се шири и проширува
понекогаш
доближувањето и оддалечувањето
присуството и отсуството
е клопче што се шири и собира.
[4] уморни сме
од лажните погледи
празните флаши од испиени пива
неискрените зборови
неискреноста
преполните ресторани
уморни сме од градовите
во кои улиците никогаш не завршуваат
иако се многу тесни
уморни сме од
сиромаштијата
стварноста
иднината
индиферентноста
уморни сме
од празнината
[5] „Тешко е да не се плашиш од ништо“ – ми вели девојката до која стоев во автобусот со бројот 2.
„Овој град е толку мал и монотон, досаден и црно-бел, сѐ е толку предвидливо и стерилно. Во него навистина нема креативност“ – продолжува да ми зборува, обидувајќи се да почне разговор со мене.
„Во овој град тешко е да се нема страв од осаменост“ – велам, колку да одговорам нешто.
Како да го чекаше одговорот.
„Се плашам дека еден ден некој случаен минувач ќе ги затвори моите куфери и ќе му ги продаде на првиот купувач за евтини пари. Се плашам дека некој бездушно ќе ги фрли исечоците од весниците што ги собирам цел живот и разгледниците што ми ги испраќаат пријателите од различните страни на светот. Се плашам дека некој ќе ги подари моите фотографии во некој музеј и одеднаш ќе исчезнат, не помислувајќи дека можеби, можеби осаменоста е поприсутна од сите тие несоздадени спомени“ – девојката го почна својот монолог.
„Не се плаши…“ – како да сакав да ја убедам во нешто, не знаејќи ни самата во што.
„Се плашам…“ – плашливо рече.
Ја погледнав директно во очи. До мене немаше никаква девојка. Автобусот беше речиси празен.
Warning: Trying to access array offset on value of type bool in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/inc/social-share.php on line 60
Pinterest