Поетот кој ѝ стави качкет на турската поезија

По повод 100-годишнината од раѓањето на поетот Орхан Вели

orhan-veli

Би можело да се каже, без претерување, дека македонската читателска публика, одамна требаше да биде почестена со едно поопсежно претставување на творештвото на еден поет, чија поезија нуди изобилство од поетски слики кои се толку блиски, географски и по духот на духот на нашите градски улици од првите децении на 20 век, напишана на јазик кој исто така го чувствуваме близок.

Поезијата на турскиот поет-меѓник Орхан Вели ѝ беше достапна како убава блиц-средба, лесно забележлива провокација при повремените навраќања на современата турска поезија, но, секогаш во недоволна количина за да ви ја нахрани љубопитноста за неговиот поетски свет и, воедно, за животот на улиците на два големи града од биското соседство, Истанбул и на Анкара — првиот штотуку растоварен од вековниот товар да биде престолнина на географски простор низ кој поминале 14 цивилизации, вториот — град-проект, кој на требаше да го земе товарот да биде престолнина на штотуку формираната Турска република.

Неговите стихови беа презентирани како дел од две изданија кои нудеа поширок панорамски приказ на современата турска поезија, инцидентно објавувани во разни периодични списанија, а најобемен приказ на неговото творештво беше книгата „Новото во старото“ (1984, избор и препев Фахри Каја), како дел од поетската едиција „Мостови“, заедно со стихови од поетите-соборци на Орхан Вели: Мелих Џевдет Андај и Октај Рифат.

Но, можеби така требало да биде, тоа да се случи на 100 годишнината од раѓањето на поетот, за кого неговите современици ќе речат дека е „поетот кој ѝ стави качкет на турската поезија“.

Погледнато во поширокиот контектст на турската поетска традиција, поезијата на Орхан Вели припаѓа во третиот период на турската книжевност, која најчесто се групира во три епохи: 1. Турската книжевност пред прифаќањето на исламот; 2. Турската книжевност по под влијание на исламот; и 3. Турска книжевност под влијание на книжевностите на западниот свет.

155.Riba-vo-shisheto-rakijaТворештвото на Орхан Вели е релативно мало по обем — се состои од 176 песни, создавани во период од 14 години од неговиот кус животен век (36) — но, успеало да ѝ го донесе на турската поезија долгоочекуваниот ветер во едрата. Заедно со неговите другари-поети Мелих Џевдет и Октај Рифат се предводници на поетската струја „Чудно“ — од литературната критика, нарекувана и како „Првото ново“ — која себеси си дала задача да ги раскине сите врски со претходната поезија, која веќе со векови се гушела во сопствената стереотипност. Во 1941 година ја објавуваат заедничката книга поезија насловена „Чудно“ (Garip), во која наголем бил придонесот на Орхан Вели, кој е и автор на манифестниот предговор.

Внесувајќи го во игра уличниот, разговорниот јазик, Орхан Вели успеал да го направи тоа што не им успеало на неговите претходници турски поети. Покажал дека има излез од зачмаеноста на дотогашната, со векови иста поезија, накитена со елитистичкиот призвук на хибридниот османско-турски јазик, кој изобилувал со арапски и персиски зборови, и на строгите правила на метриката аруз, преземена заради престиж од арапско-персиската поетска традиција.

Појавата на „Гарипчиите“, колку што била, од една страна, дочекана со големи симпатии од читателската публика, и од поширокогледите поети од помладата генерација, толку била предмет на оспорување и јавни полемики од приврзаниците на доследноста на поезијата кон традицијата. Но, и Орхан не им останал кусо. Така, во стиховите често знае да биде шеретски зајадлив кон поетите приврзаници на „старата школа“, внесувајќи изрази од хибридниот османско-турски јазик — како што правеле тие, сакајќи да бидат повпечатливи во изразот — додека опејува обични луѓе од соседното маало. Или, пак, да им врати внесувајќи цитати од нивните стихови, во песни кои ќе ги постигнат истите поенти, но, во светот на „обичните“ луѓе.

Најголемиот предизвик во препејувањето на Орхан Вели на друг јазик, во случајов – на македонски, е да се најде вистинскиот тон, кој би соодветствувал на разговорниот јазик на разните маала на големиот град, чуен од боемскиот темперамент на млади поети, на прагот на зрелата возраст – првата полнолетна генерација на не толку одамна основаната Турска република.

Затоа, не земајте ни за зло што во препевите често посегнуваме по јазични решенија кои нема да ни бидат допуштени ако строго се држиме до литературната норма и стандардизираниот македонски јазик. Свесно одиме во отстапки, ценејќи дека без тоа би биле нецелосни поетските слики што одбравме да ви ги пренесеме.

По повод 100-годишнината од раѓањето на Орхан Вели, решивме да приредиме избор од 100 песни од неговото творештво. Основата на овој избор се песните објавени турското издание „Сите песни“ (Orhan Veli – “Bütün Şiirleri”, Yapı Kredi Yayınları, İstanbul), во кое се собрани сите песни од авторот познати до денешниот ден. Најголемиот дел од песните што ги приредуваме, се песните од неговите регуларни изданија, објавени како книги поезија во периодот од 1941 до 1949 година.  Покрај нив, во изборот одвоивме место и за триесетина песни објавувани во разни списанија, за време на животот или постхумно.

Заради доследност во изборот, и заради доследност кон творештвото по кое е препознатлив, свесно ги изоставивме 29-те песни напишани со „стар стил“. Исто така, поради специфичноста на текстот, кој од читателот бара поголемо предзнаење за географијата и културолошките карактеристики на разните микро-средини на многу гратчиња и села во Турција, во изборот не влегоа стиховите од третата поетска книга на Орхан Вели, „Како еп“ (Destan Gibi). Ќе ви бидеме „борчлии“, тоа да ви го надоместиме со некое следно издание!

За крај, би сакале да искажеме огромна благодарност кон покојниот професор д-р Муџахит Асимов од Катедрата за турски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Оваа книга во голема мера е неискажан аманет од него, и е плод на убавата провокација да ни го зададе Орхан Вели како предизвик — семинарски труд по Современа турска книжевност — за време на студиите по турски јазик и книжевност, насетувајќи дека му го доверува на студент кој во Орхан ќе открие пријател за навек. Петнаесетина години подоцна, неискажлива е благодарноста која би сакале да му ја искажеме, каква што е и радоста за поетот-учител што ни го откри.

Благодарност до него и до Орхан Вели!

 

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Флуидната драматика на денот
Драмата на секојдневието - во најобичниот човечки живот е неизбежно и постојано...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *