Да речеме дека сме јаболка

Интервју со Биљана Стојановска

Биљана Стојановска неодамна ја објави својата книга поезија „Зборовите немаат значење“ (Антолог, 2015), тоа беше поводот за ова интервју. Причината, како што нѐ учеа на часовите по историја, е секогаш нешто друго. Просто, убаво е да се разговара со свесен човек. И убаво е да се сподели дел од тие разговори.

Се сеќавам кога почна песните, една по една, да ги објавуваш на Фејсбук. Како настана книгата? Тогаш ги пишуваше или поголемиот дел веќе беа напишани?

Пишувам од 11 години, така што некои од песните се и постари, иако поголемиот дел од објавените беа напишани последниве три години. Почнав да ги објавувам на Фејсбук како наводно сигурна гаранција дека ќе ги објавам еден ден и во книга. Зашто по природа не сум амбициозна. Па така, објавувањето на социјалната мрежа ми беше како еден вид јавно ветување дека ќе се укоричат. А срамота е да ветиш нешто и да не го исполниш ветувањето. Таквото однесување им го оставам на оние што се експерти во областа – политичарите.

Biljana Intervju (2)

Колку зборовите имаат значење во современата македонска поезија. Што е со празнината? Што е со белината на листот?

Премногу празни зборови даваат белина. Многу ентери, многу повторувања. Кога читам песни на некои современи автори, добивам чувство дека читам песна од народното творештво. Како да сум отворила зборник на Кузман Шапкарев. За да не ми биде мачно, понекогаш замислувам дека песните имаат и музика, па така ми е полесно, кога замислувам дека се напишани за пеење, а не за читање. Замислувам дека се народни песни и дека опеваат некој загинат јунак на боиште, дека пеат за млада невеста што паднала на смртна постела ден пред свадбата… Лажам, не ми е полесно. Мачно ми е. Само што пробувам малку да се забавувам додека се мачам. За да се преживее. Фала му на бога што постојат и оние другите автори, кои додека ги читаш, знаеш дека пишувањето има смисла.

Се учи ли пишувањето поезија? Или роди ме, мајко, даросана и фрли ме на буниште?

Сакам да верувам дека не се учи, дека е можно луѓето само да се фрлат на буниште, меѓутоа не е така. Секако дека е потребен талент, но потребна е и работа на себе. Сепак, не ретко се случува да прочитам песни што се „измислени“. Кога велам „измислени“, мислам на песни што се нарачани. Дали од себе или од некој друг, не е важно. Важно е дека не се базираат на емпирија или, пак, на некое самостекнато сознание. Иако се стокмени како што треба, нешто недостига. Не можеш да седнеш и да речеш: Сега ќе напишам песна. Песната треба тебе да те седне и да те напише.

Biljana Intervju (3)

Се врзуваш ли за песните? Или, можеби, веќе ги читаш како некој друг да ги пишувал?

Повеќепати имам пробано да ги читам како некој друг да ги пишувал, кога сакам да си најдам некоја мана, кога сакам да бидам самокритична. Кога се поставувам кон себеси како читател, не како автор. Меѓутоа, ако речам дека со некои од песните не сум многу врзана, ќе излажам.

Зошто „те љубам“ значи „те губам“?

Да речеме дека сме јаболка. И дека континуирано нѐ прскаат за да изгледаме посјајно. Нѐ наредиле на тезгата додека прекрасно сјаеме и црвенееме. Арно ама, поради нашиот сјај, ќе се излаже некој и ќе нѐ купи. И кога ќе нѐ пресече на пола, ќе види дека сме полни со црви. Ете затоа. А љубовта и црвите не треба да одат заедно во кафеана, а не, пак, во иста реченица.

Како се снаоѓаш со апсурдите на светов и веков? Им пишуваш поезија?

Едвај се снаоѓам. Секоја ситуација пробувам да ја гледам како филм. А со оглед на тоа дека тенка е границата меѓу комедија и трагедија, си замислувам дека јас сум авторот и интервенирам во филмот и го претворам во комедија и си се смеам. Некогаш си правам и гротеска и си замислувам дека сум вонземјанин.

За Ромео и за Јулија не ти поставувам прашање. Извини. Ама, друго ќе те прашам: патикиве нови ти се?
(Црвенеам.)

Biljana Intervju (4)

Разговорот го водеше Ѓоко Здравески

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *