Јубилејна „Поетска ноќ во Велестово“

“Јас сум само трошка падната од трпезата на Бога.” Роман Кисјов

Со групен портрет на младата македонска поезија, интернационално поетско читање, изложба на слики на Александар Станковски, промоција на стихозбирка на Норвежанката Одвиг Клив и со музички перформанс на ансамблот „Билјана“, на 16 и 17 август се одржа јубилејното 25-то издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“. Во овој број ви претставуваме фото-галерија од манифестацијата и кратки впечатоци на дел од младите поети – учесници.

DSC_0669

“Јас сум само трошка падната од трпезата на Бога”

Роман Кисјов

Знам дека не беше поради алкохолот. Чувствував огромна среќа. Беше поради целото опкружување. Чувствувам среќа и сега. Беше прекрасно поетско дружење во прекрасна атмосфера со прекрасни луѓе. И тогаш размислував, размислувам и сега: што оставив во Велестово, а што понесов со мене од Велестово? Пред да си заминувам погледнав наоколу во дворот и го видов жолтиот фудбал како стои помеѓу четирите столчиња, немаше кој да го шутне, ги забележав празните чаши, покривката од масите како ги вее ветерот… Тоа го оставив јас во Велестово. Што понесов од Велестово?

Понесов среќа и радост која не може да се измери преку речениците, понесов пријателства кои се подлабоки од Охридското езеро под Велестово, понесов мисли и импресии кои треба уште да ги средувам.

Мане Манушев

Ако Струга е најпоетски град, тогаш Велестово е дефинитивно најпоетското село во Македонија. Претходно сум имал прилика само да слушам за тоа како поминала оваа манифестација и кои поети гостувале, кој имал најдобра изведба, какви дебати продолжиле на чашка муабет, но годинава ја имав големата чест да бидам дел од случувањето. Манифестацијата беше одлично организирана од домаќините, а поетската екипа собрана таму даде една толку силна енергија, една оригинална стиховна радијација на сите сетила, надополнета со музика и ликовна изложба. Чувството кога се мешаат зборови, жубор на вода и кавал е неописливо силно, до степен на нирвана. Поетите, секој со својот сопствен стил и настап го надополнуваа прекрасниот поетски пејзаж на самото Велестово, селото меѓу две неба… Младите македонски поети и поетеси заедно со европските силни (веќе афирмирани) поетски гласови направија еден стиховен мозаик кој уште долго ќе се памети и прекажува.

Душко Крстевски

Лоша вест: Уште еднаш во Велестово се сретнав со смртта: ми дојде една мисла што не ме направи многу среќна затоа што сфатив дека од македонските учесници, јас бев единствената со потекло од село. Значи не по баба, мајка, татко… Потоа малку го анализирав мојот впечаток и сфатив дека не само таму, туку воопшто, една сум од ретките, единствените, последните поети со потекло од село. Тоа треба нешто да значи.

Ме исплаши фактот што се случува процес на умирање, на губење, на непостење, тивко убивање на една нијанса, различност, убавина, надополнување… распаѓање на целото и исто како и во животот, градот почна да доминира и во поезијата. Нема повеќе поети од село, а сепак сите се собравме во Велестово, половина нагоре, половина надолу, некаде помеѓу, каде што пред нас со години нананзад живеала токму поезијата. Објаснување не можев да најдам, ниту изговор, ниту причина, ништо. Но затоа пак најдов утеха.

Добра вест: Велестово ме тресна од земја, ми кажа и ми докажа дека луѓето и тоа што тие го мислат и спознаваат воопшто не е важно, ниту пак умирањето. Животот е таков, животот студи, животот гори, животот плаче, животот пее, животот се смее, животот свети, животот дише, животот нуди, животот заминува, животот верува… и на крај, пред да излезат овците на пасење, додека сите спијат, животот се раѓа. Поезијата може да постои и без поети, не мора никој да знае за тоа, еден ден кога ќе ја видиме, треба само да ја запишеме. Нема тука некоја посебна филозофија.

Анета Василева

Доаѓање: Велестово, четврт бурек, учество на поетска ноќ. Пребарувам слики на чичко гугл и воодушевено се прашувам дали се реално автентинтични. Невозможно! Во Велестово? Иако никогаш до сега не сум била. Ама ајде … можно е. Понекогаш позитивно се изненадувам …

Заминување: молчам. Луѓето не ги чувствувам како дел од себе, туку како дете што оди по нивните стапалки паралелно со своите. Фотоапаратот го наполнив со фотографии, а во мене сеќавања … Велестово ме разбуди со мирис од свежо измолзено млеко, мирис на свежо искосена трева, свеж воздух … а јас заминав со широко подзината уста од воодушевување. Ниту едно движење не е случајно. Понекогаш позитивно се изненадувам …

Драгана Евтимова

Најубавите работи во животот се оние наједноставните, како пиење кафе со поглед на Охрид, како најубавото ѕвездено небо, како играње фудбал, како јадење ѓомлезе, како домашна жолта, како смеа, како искрени прегратки, како поезија. Поетската ноќ во Велстово е сето тоа заедно. Тоа што ме фасцинираше е што сретнав луѓе кои ми ја допреа душата. На бродот додека се враќавме од св. Наум имавме проба на читање на поезијата на Одвиг Клив, која толку длабоко ме трогна што ме раплака. Јас ја почувствував, а таа почувствува дека јас ја почувствував. Тоа беше момент на препознавање, на поврзување на две души со различно потекло, со различно животно искуство, на различна возраст. Такви моменти се подарок кој ни го дава животот покажувајќи ни ја својата величина. По завршувањето на официјалниот дел имаше неформална дружба со инструментите на Владимир Мартиновски и волшебниот глас на Јулијана Величковска уште едно прекрасно духовно искуство. На крај сакам да изразам голема благодарност до организаторите кои го направија Велестово дом на поезијата.

Снежана Стојчевска

ВЕЛЕСТОВО

Ни во Велес
Ни во Острово
има таков поглед каде и оние со најголем диоптер
можат да се наречат далекувиди…
(…а оние што навечер ги пружаат рацете угоре
можеат ѕвезди да си наберат
и да ги измрдааат контурите на облачињата
цртајќи си замислени форми со прстите)

Ни во Велес
Ни во Острово ти смрзнува здивот среде август
та се повиваш со ќебиња кон квечерината
а в утрини повторно ги облекуваш капечките

Ни во Велес
Ни во Острово
утрата не мирисаат на тазе измолзено млеко
на тазе истрижана трева
на тазе истрижани овци

Ни во Велес
Ни во Острово
има такви угорнини и удолнини
такви кривини по друмот од кои
и на трезно ти се врти в умот

Велестово е како блажена вест
Велестово е како продуховена свест
Велестово est!

Марта Маркоска

Велестово допира до најдалечните ѕвезди. Со своите студени ноќи со топлина на тазе печено ѓомлезе, и утрата побистри од јагнешки очи, потопени во езерската до недоглед раширена вода, со леснотија ги извлекува и најскриените лирски облици од нас. Беше чест да се биде дел од овогодинешното јубилејно интернационално издание на овој поетски фестивал.

Анета Попова

[nggallery id=9]

Напишано од
More from РЕПЕР
Бледа Сенка, Софија
Необјавен расказ на Димитрие Дурацовски, посветен на Софија, жената на Никола Незлобински.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *