-
I
– Погребот е сосема лош како краен исход на нечии животни планови, но е сосема добар како почеток на роман. Па, сега, ако баш сакаш да напишеш нешто за сето тоа… – рече Мики Грабар и немоќно ги спушти рамената, откако ја донесе веста за тоа како во локалната мртовечница од југословенско-италијанската граница е донесен закован метален ковчег со телото на нашиот пријател Чедо Краљ – Делон.
Ништо не сакав да напишам; само сакав одредено време да бидам сам и да се занимавам со некое тривијално, бесмислено дејство – да зјапам низ прозорецот или во белината на ѕидот.
– Вестите за смртта како да доаѓаат токму тогаш кога не треба – додаде Мики, веројатно и самиот свесен дека изрекол несоодветна и шуплива фраза. Сакав да му кажам дека мојот покоен вујко Емил сигурно би рекол дека не постои време соодветно за вест за смрт, но не реков ништо.
– Поради ова нема да се напиеме? – праша Мики, застана несигурно, а потоа бавно тргна надвор.
– Нема – одговорив полугласно, пуштајќи го да замине.
Неколкуте телефонски повици, кои следуваа тоа попладне, ме уверија дека за смртта на Делон не знаат веќе само пријателите и познајниците, туку дека за неа муабети и брмчи целиот град, не само поради тоа што сите го познаваа туку и затоа што оваа смрт, судејќи според закованиот ковчег, сигурно била сосема невообичаена. Немајќи нерви секогаш од почеток да ги разглобувам оние за мене малку познати факти, го исклучив телефонот.
– Што да се направи сега? – се прашував јас, кој за прашањата на смртта, сочувството и погребот бев вистински и непоправлив незнајко. Да истрчам до родителите на Делон и да им понудам каква-таква помош, да го приклучам телефонот и да ѝ се јавам на Ирена, да нарачам венец? Од сите можни избори, најсоодветен ми се чинеше оној да побегнам, да седнам со Мики во неговата расштелувана кола и да збришам од местото на случувањата. Баш како што веќе еднаш и направивме. Но, како и сите лесни решенија, ни ова не доаѓаше предвид. Требаше да се стиснат забите и да се истрпи.
Татко ми отиде до телефонот, промрмори нешто и го вклучи во приклучокот. Откако го стори тоа, апаратот заѕвони. Му пријдов и, без да ја подигнам слушалката, повторно го исклучив.
Потоа отидов во собата, на дното од орманот пронајдов картонска кутија и почнав да прекопувам низ ридот стари фотографии. Освен училишните, немаше ниедна со лицето на Делон.
Всушност, ќе биде стереотипно да се каже дека смртта на Делон нè исполни со изненадување и со болка, но околностите во кои се случи беа сосема во сферата на нашите претпоставки. Убавец, шармер, бонвиван, светски талкач и измамник за кого се интересираше дури и Интерпол, Чедо Краљ, попопуларно Делон, отсекогаш нè учеше дека во екцесот и во изненадувањето е суштината на неговата природа, како и тоа дека секое чудење за неговите потези е неумесно. Заминуваше во мигот кога ќе се навикневме на него, се враќаше неочекувано, токму кога почнувавме да го забораваме. Се занимаваше со сè и сешто, најчесто со нешта и со работи што ги надминуваа нашите најцрни нагаѓања. Патетично тврдеше дека многумина со задоволство би сакале да го видат зад решетки, но се колнеше дека никогаш не му ја продал душата на црниот ѓавол. Знаевме дека не лаже, иако во секојдневните работи знаеше и тоа како да лаже. Ахасвер и апатрид од метафизички, но почесто и од голи материјални причини, го направи најлудиот потег кога пред неколку дена тајно стигна во нашиот град на прославата на дваесетгодишнината од матурата. Токму поради неговата присутност, прославата по малку доби карактер на средба на тајна организација, зашто беше нужно што помалку луѓе да знаат за неговото враќање. Се веселеше, пееше, пиеше, го забавуваше целиот остарен клас и вешто ја одбиваше љубопитноста на оние што ги мачеше тоа од каде сега се појави во родниот град. По полноќта излезе со нас, неколкумина пријатели, и многу брзо рече дека мора да замине зашто уште ноќта мора да ја премине италијанската граница. Јасно, сите знаеја дека државната граница со уредни документи сосема лесно се преминува во секое време од денот и ноќта, освен… освен ако се викаш Чедо Краљ. Насетував дека има свои интерни методи за преминување на границата, но ни на крајот на умот не ми беше дека ќе се врати толку брзо, и тоа во затворен метален ковчег.
За погребот да биде мрачен и неизвесен се потрудија неколку фактори. Прво, ненадејниот штрајк на работниците на „Градина“ нè спречи да ги подигнеме веќе нарачаните и платени венци. Потоа се шушкаше нешто за штрајкот на комуналното претпријатие, под чија ингеренција спаѓаа и градските гробишта. Тој штрајк, за среќа, е одложен за дваесет и четири часа, па на својот грб го почувствуваа утрешните мртовци. Потоа настанаа проблеми со католичкиот свештеник, кој тој ден се чувствуваше лошо поради некаков непознат вирус, а сеопшт метеж направи и очајниот татко, кој во настап на неочекуван бес почна да инсистира погребот да се одложи за да се изврши обдукција. Му толкува дека такво нешто е сосема неизводливо, на што тој ги спушти рамената и почна неутешно да плаче.
Со половина час задоцнување и со свештеник што непрестајно шмркаше, погребот сепак почна. На влезот на гробиштата врз нас се истури пороен дожд и за миг ни ги намокри костумите. Зад мртовечката кола бавно чекореа таткото на Чедо, мајката, тетката и сенилниот дедо од село, кој сигурно не знаеше каде се наоѓа и кого го закопуваат. Зад нив одевме ние… ние, пријателите до гроб. Милан Грабар чекореше полека, ги избегнуваше поголемите локви и, облечен во американски „монтгомери“, веќе изгледаше како некој што се навикнува на американската мода и на американскиот живот. Или тоа само ми се причинуваше поради тоа што знаев дека во џебот му се наоѓа авионски билет на „ПАН АМ“ и зашто секој со таков билет во џебот изгледа по малку американски. До Милан се влечеше дебелиот и претерано ќелав директор на локалните кина Љубо Брабец, чиј несигурен чекор беше последица на дводневната алкохолна апстиненција. До Љубо, но поблиску до мене, чекореше и жената на Љубо, Ирена, и се задушуваше од плач. Со сигурност може да се каже дека изгледаше како личноста која погребот најмногу ја потресе, и ако некој неупатен ја набљудуваше оваа тажна поворка, секако би помислил дека расплаканата Ирена е сопругата на покојникот. Но, не, таа веќе десет години беше жена на Љубо Брабец, цела една деценија набљудувајќи го кадровскиот и личен пад на својот случаен маж. Чекор-два зад нас се нишаше и се занесуваше предебелата Сека Живановиќ, некогашната училишна и градска убавица, која во своите најблескави денови го доби прекарот Арлета, според убавата жена на принцот Валијант. Покрај неа се имаше стиснато нејзината десетгодишна ќерка Инес, за која оваа мрачна поворка претставуваше само гротескен погреб на за неа слабо познатиот чичко. Две важни личности од повеќе или помалку оправдани причини не присуствуваа на симболичното фрлање иловица врз ковчегот на Делон. Првата беше сестрата на Милан и мојата поранешна жена Соња, која тукушто се наоѓаше на своето второ брачно патување со човек што сигурно беше помал идиот од мене, а втората беше Јаромир Кралик, кого поради непознавање на други, посоодветни чешки зборови отсекогаш го нарекувавме Брамбор. Јаромир не можеше да го испрати Делон зашто веќе девет години го чекаше на една друга парцела на овие исти гробишта.
II
Иако патетичните размислувања за погребите ми се сосема туѓи, во таа дождлива вечер се обидував да одгатнам на што, всушност, нè враќаат погребите. Седев во родителскиот дом, кој веќе одамна не го доживував како блиско место од кое тргнав во животот, и, налактен над својата некогашна работна маса, зјапав низ прозорецот надвор во дождот, надевајќи се дека некој корисен одговор ќе ми го поврати расположението во оваа вечер што ме дели од враќањето во Загреб. Татко ми се врткаше низ куќата, шушкајќи со истрошените сламени влечки и избегнувајќи ги оние бесцелни разговори што порано ги водевме за политиката, за економијата и за спортот. Откако умре мајка ми, разговаравме сè помалку, препуштајќи ги сите наши досегашни недоразбирања на молкот и на заборавот. Претпоставувам дека мислеше дека сум потресен од попладневниот погреб. Не бев потресен, повеќе би можело да се каже дека гротескниот погребен ритуал ме збуни и ме онерасположи. Во суштина, сè беше едноставно, па можеше да се собере во неколку непорекливи факти. Чедо Краљ веќе го нема, веќе ништо не е исто, екипата со која пораснав малку по малку се распадна, како што се промени и градот што по некоја навика отсекогаш го сметав за свој. Значи, погребите не нѐ враќаат кон никаква метафизика, туку нè враќаат кон голите факти, нè враќаат кон иловицата. Единствена сигурна низа е низата на драгите мртовци, меѓу кои со некоја неизбежност се пресели и Чедо Краљ, кого, по онаа вечер, кога во провинциското кино го изгледавме Роко и неговите браќа, почнавме да го нарекуваме Делон. Да, сè беше едноставно, но не можеше да се живее со таква едноставност.
Во седум и триесет, покиснат, некако чудно насмеан, како да му е непријатно, на вратата се појави Мики Грабар и рече дека дошол да се збогува. Во рацете ми тутна фасцикла со триста страници, кои дотогаш ги сметаше за неотуѓива светост, а потоа во мрачниот ходник запали цигара и истакна дека нема да влегува во собата. Мирно, како да станува збор за ситна тривијалност, ја поставив неговата позната Историја на порнографијата на орманчето за чевли и реков дека сигурно ќе му пишам за тоа што мислам за ракописот, на што тој одмавна со раката и рече дека тоа е непотребно. Ми го остава ракописот едноставно зашто мора да ми остави нешто.
Се замислив и се зачудив како во овие веќе четири децении познанство со Мики Грабар не успеав да зачувам ниедна ситница што би ме потсетувала на него. Се накашлав и го истресов пепелот од цигарата на подот, по што, наместо да се предадеме на глупави сентиментални разделби, излеговме на дождот и почнавме да ги штелуваме менувачот и карбураторот на моето „рено“. Непрестајно зборуваше нешто за дизните, за предностите на карбураторот на „Зенит“, за несовршеноста на иглестиот вентил, за соодносот помеѓу маслото и горивото, а потоа се сврти и тргна дома по клешти. Знаев дека тоа е изговор и дека веќе нема да го видам. Го спуштив поклопецот на моторот и се вратив во собата. Полека, несигурно и со некој страхопочит, ја отворив Историја на порнографијата и почнав да го читам текстот што е историја, естетика, трактат, биографија, интимен запис, патологија, фантастика, развратност, билдунгсроман, хрестоматија, а пред сè спомен и приватна митологија со кој започнува несигурниот и крајно субјективен запис за Мики Грабар и мене.
III
„Ставот на репресивните системи кон порнографското производство има двоен карактер; тие што сметаат дека нејзината тензија е ослободувачка, целосно ја забрануваат, тие, пак, што во неа гледаат отворено поле на сублимирање на индивидуалните и социјалните енергии ја поттикнуваат од срце“, стои во воведот на ракописната Историја на порнографијата на мојот најдобар другар Милан Грабар – Мики. Тие триста страници отчукани на фотокопирна и тенка хартија, како и на со рака начкртана трговска хартија, со сигурност претставуваат една од најчудните книги што воопшто сум ја држел во раката. Предметот на расправата сосема прецизно е назначен во насловот на книгата, но насоките на истражувањата до таа мера се разминуваат и се расчленуваат, што Историја на порнографијата на Мики со мирна душа би можела да се нарекува и Естетика на порнографијата, Феноменологија на порнографијата, Увод во порнографијата или Теорија на порнографските жанрови. Или, којзнае уште како! На Мики Грабар, извонреден познавач и страстен уживател во „порнографските производи“, при пишувањето на овој голем и амбициозен есеј не му недостигало толку позитивно знаење, колку што му недостигало методологија и научна акрибија. Резултатот од тоа е делумно безредие во кое некаде се губат насоките и целите на истражувањето, а спознанијата, таму каде што не се тривијални, се нејасни и недоволно артикулирани. Така, на пример, изворите на европската порнографија се пронаоѓаат во фаличките култови, на кои авторот им придава карактер на колективна еротофилија, иако антропологијата никогаш не успеала докрај да проникне во нивната вистинска смисла и функција. Политичките конотации на „приватниот хард кор филм“ (славниот суперосмица порнич) се губат во сосема неадекватна филмолошка интерпретација на познатата идиотштина што се нарекува Длабокото грло (Deep Throat). Од Фројдовската анализа на фелациото се извлекуваат сосема несоодветни заклучоци, кои подобро би одговарале на некоја социолошка расправа. Многу се интересни и луцидни расправите и анализите на еротското и порнографското во сликарството на fin de siècl, но сосема е несоодветен заклучокот што моделите за овој ликовен феномен ги пронаоѓа во познатите порнографски дагеротипии. Научниот апарат, референциите и цитатите што ги користи Милан Грабар се еднакво чудни зашто откриваат познавање на некои најегзотични извори, а во исто време занемаруваат некои ноторно познати. Авторот, се чини, темелно го совладал Увод во психоанализа на Фројд, но, судејќи според текстот, не ги познава анализите на Фројд на големите уметнички дела. Во политиколошко-психоаналитичките разгледувања на порнографијата на фашизмот се упатил вооружен со Јунг, наместо со Вилхелм Рајх, за кого не знае ништо, иако на едно место сосема неумесно ја спомнува „органската енергија“. На барем дваесетина места во книгата се спомнуваат резултатите на малку познатиот ученик на Кант и на Фихте – Фридрих Карл Форберг и на неговиот наследник Исидор де Лизје, но затоа, колку и да ја читате студијата на Мики, нема да налетате ни на Де Сад, ни на Батај, а да не зборуваме за Фуко.
Во земја со околу дваесет отсто неписмени жители и околу шеесет отсто неписмени книжевници, големата ортографска дезориентација на Мики не загрижува премногу, но затоа за педантниот читател терминолошкиот хаос понекогаш е едноставно неиздржлив. Не ви е јасно како, од една страна, слушнал за полипигист, миксоскопија и инфибулација, а како, од друга страна, лесно ги меша ejaculatio precox и ejaculatio ante portas, и како оралниот секс на две места го нарекува „лингвистички секс“. Симпатично и шармантно изгледа тоа што среде сувопарното и апстрактно користење латински термини од сферата на сексуалноста, онака попатно, се пробива и некој колоквијален збор како „дунда“, „куртон“ и „главичка“.
Но, за Историја на порнографијата на Мики да не се смета за залудна збирштина, морам веднаш да истакнам дека брилијантните места во книгата се оние што се задржуваат на длабоко доживеаните облици на порнографската умешност, значи местата поткрепени со сопствени и со генерациски искуства. На тие страници авторот остава впечаток дека е помалку научник, истражувач, а повеќе феноменолог на секојдневниот живот. Така неповторливо е поглавјето за домашниот „хард кор“, за неговите технолошки претпоставки и за формите на општественост, кои ги има инаугурирано. Многу се точни и впечатливи забележувањата за времето на „порнографската оскудност“ (доцните педесетти и раните шеесетти години), во кои како порнографски феномени почнуваат да функционираат релевантните уметнички дела како Љубовникот на леди Четерли од Лоренс или раскошните актови на Рубенс. Поглавјето за видеопорничите (во кое се наоѓа и смешната дистинкција помеѓу VHS и Бетамакс порничите) исто тако е полно со симпатични заклучоци, од кои некои како да имаат и социолошки карактер, на пример оној според кој видеопорничот нуди вештачки порнографски раеви на девизно потентната upper class, додека во функција на порнокастратор често се појавува девизно-царинската контрола (!).
Но, морам да признам, сите мои критички и често иронични опсервации на Историја на порнографијата на мојот најдобар пријател Милан Грабар целосно се неумесни зашто Мики никогаш немаше намера тие триста чудни страници да ги изложи на јавноста. Повеќе би се рекло дека ги пишувал само така зашто немал нешто попаметно со што би го исполнил јаловиот и главно бесмислен живот. Зошто не успеал да пронајде нешто попаметно, веројатно е прашање што треба да му се постави на некој друг. Но, тие другите ги боли онаа работа за Мики Грабар!
Денес, 6 јуни 1987 година, кога Мики се наоѓа некаде над Атлантикот во авионот на „ПАН АМ“, кој непогрешно го носи до сигурната американска дестинација, каде што на својот немарен живот ќе се обиде да му придаде малку повеќе дигнитет, Историја на порнографијата станува книга поважна за мене отколку за него. Наспроти методолошкиот хаос, во оваа важна книга постои скриена контура што ги објаснува и моите четириесет години. Од таа нишка, за волја на вистината порнографска, исткаена е и оваа хроника со која ќе се обидам да ги евоцирам овие четири децении во кои го познавав Мики Грабар, во кои се обидував да се запознам и самиот себеси.
IV
– Историја на порнографијата за 1948 година (зашто тоа е годината на нашето раѓање) и за годините што следуваат зборува како за време на „порнографска празнина“. Познавајќи ја брзоплетоста на Мики во донесувањето заклучоци, сосема е сигурно дека оваа помпезна синтагма повеќе е резултат на неговото непознавање на тоа време отколку резултат на историско-научна дедукција. Бидејќи во 1948 година Мики и јас сме биле невозможно смешни доенчиња, можел со мирна совест да забележи дека тоа време било време на огромна „искуствена празнина“. Јасно, Мики Грабар својата теза ја документира со тоа што новото и младо општество имало строго кодифициран репертоар на митови и цели. Во чии рамки секој, па и порнографскиот хедонизам бил на удар на порнографската прохибиција. Наспроти реторичката бомбастичност, таквиот заклучок е сосема неодржлив зашто порнографијата секогаш се јавува во алтернативните системи што не се опфатени со кодексот на идеолошките и економските цели. Сосема е веројатно дека порнографијата во својот алтернативен простор можела мирно да коегзистира со идеалите на првата петолетка, на пример.
И, иако 1948 година и следните години за Мики претставуваат „порнографска празнина“, авторот троши барем десет страници на разни ситници, анегдоти и трачови, кои, како што тој смета, би можеле да имаат врска и со основниот предмет на неговата книга.
Една од ситниците што припаѓа на таа година е и нашето раѓање.
Веднаш морам да признам дека ова тешко и неизвесно време на најдиректен начин го почувствував и на сопствената кожа. Имено, Коминформата сосема бесчувствително манипулирала и со моето име, името со кое моите родители не можеа долго време да се помират, па дома секогаш ме нарекуваа некако поинаку: Муцек, Мицек, Брацо и слично.
Мојот татко, Фрањо Иванчиќ, за еден воодушевен и свесен комунист поминал сосема атипичен воен пат. Во времето пред војната имал сериозна намера да отиде во Шпанија и да се стави на располагање на антифашистичките сили, но во тоа го спречила несреќната околност што организаторот на нивната акција бил измамник што шмугнал со парите на петтемина несудени „Шпанци“. Наместо каталонските и андалузиските возбуди, и евентуалното познанство со Орвел или со Хемингвеј, тато го дочекале мобилизацијата и прозаичното слугување во еден старојугословенски гарнизон. Потоа, кога веќе биле сигурни „дека Швабата нема со нас да си игра никаков blitzkrieg“, следувала неочекуваната и заслужена капитулација и германското воено заробеништво во Сорау покрај Франкфурт ам Одер. Таму тато тимарел коњи, им бутал термометар во анусот и сонувал за враќање во земјата и за приклучување во НОБ. Кога конечно се вратил, одредени незгоди ѝ се испречиле на неговата револуционерна иднина. Тоа биле некакви перипетии од љубовен тип, па болната баба, т.е. неговата мајка, па потоа дедовото проширување на стопанските потфати и слично. И така, наместо да се одметне во шума, добил повик да оди во домобрани. Во војската се однесувал домобрански совесно. Една од поважните акции му била предавањето на една чета во партизански раце, токму во мигот кога на тоа не се надевале ни домобраните ни партизаните. Во пролетта 1945 година татко конечно облекол партизанска униформа и почнал од идеолошка страна да го усовршува својот револуционерен портрет. Ги мразел сите буржоаски режими, го прифаќал дијалектичкиот материјализам како единствен правилен поглед на светот, на забрзани курсеви го совладал Краткиот курс за историјата на СКП(б), ги совладал основите на Марксовиот Капитал, учел дека Кант и Хегел се граѓански филозофи со ограничен дух и слично. Над сите идеали, речиси со сакрална светлина, блескал ликот на благородниот другар Јосиф Висарионович. Љубовта на тато кон Сталин и другите револуционерни величини во 1946 година делумно ја поматила љубовта кон другарката Ана, мојата мајка, која ја запознал на акцијата за обновување на разурнатите пруги. Збунет и по малку засрамен, го оправдал тоа дека тука, сепак, станува збор за ерос од друг вид. Во 1947 година мојот татко се оженил со другарката Ана, која во таа пригода станала Ана Иванчиќ. Тогаш имале помалку од триесет години, двајцата биле на трагата на прогресивните општествени стремежи, значи двајцата биле во Партијата, па било нормално да посакаат дете што уште утре ќе ужива во аркадијата што во тој момент ја градат. Ако биде син, ќе се вика Сталин, решил татко Фрањо. И иако таквата одлука денес изгледа страшно будалесто, во тие години се родиле многу Сталини, Ленинки, Петолетки, Советки, а имам слушнато и за еден Кронштат (!). Десетина дена по моето раѓање, иако по малку неволно, мајка ми отишла во матичното одделение за да го пријави синот. Додека таа некаде се врткала по немливите ходници на општината, татко ми ја отворил свежата „Борба“ и во неа, на свое вчудовидување, ги прочитал „Резолуцијата на Информбирото за состојбата во Комунистичката партија на Југославија“ и „Изјавата на ЦК КПЈ“. Ни денес не ми е јасно кој ментален склоп му дозволил љубовта кон Советите и другарот Сталин во истиот миг да ја отпише за век и веков. Го фрлил весникот, седнал на велосипедот и излетал до општината, втурнувајќи се во матичното одделение баш во мигот кога матичарот во соодветната рубрика ги напишал првите три букви на името СТА. Бидејќи немало преголеми надежи дека стариот бирократ би можеле да го наговорат на некои нерегуларни промени, брзо се договориле наместо Сталин да впише Станислав. Така сум го добил името со кое моите родители беа сосема незадоволни, но кое, верувам, ме спаси од низа можни непријатности. Само замислете на каков начин би се толкувал политичкиот профил на човекот што на денот на излегувањето на „Резолуцијата“ на синот му го дал името Сталин!