„ ..Малку се одлепи од времето, го гледаше филмот наназад потоа пак нанапред. Филмот беше за американските бомбардери во Втората светска војна и за храбрите луѓе кои летаа со нив. Гледана наназад од Били, приказната одеше вака:
Американските авиони, полни со дупки и ранети војници и лешеви, полетаа наназадчки од аеродромот во Англија. Над Франција, неколку германски ловци налетааа наназадчки на нив, ги вцицаа куршумите и шарпнелите од гранатите од некои авиони и членови на екипажот. Го направија истото и за хаварисаните американски авиони на тлото и овие авиони полетаа наназад за да и се приклучат на формацијата.
Формацијата одлета наназадчки над германски град кој гореше. Бомбардерите ги отворија вратите од магацинот за бомби, применија волшебен магнетизам кој ги собираше пламењата, ги ставаше во цилиндричните, челични кутии и ги подигна кутиите во утробите на авионите. Кутиите беа уредно поставени на рафтови. Германците на земјата имаа свои магични направи- долги челични цевки. Со нив вцицаа уште повеќе шарпнели од гранати од авионите и екипажот. Сепак, се уште имаше неколку ранети Американци и некои од бомбардерите беа оштетени. Но над Франција, германските ловци повторно се појавија и направија се и сете да бидат како нови.
Кога бомбардерите се вратија во базата, ги симнаа челичните цилиндри од рафтовите и ги пренесоа назад во Соединетите Американски Држави, каде фабриките деноноќно работеа за да ги расклопат цилиндрите, претворајќи ги опасните состојки во минерали. Трогателно беше што оваа работа главно ја извршуваа жени. Минералите потоа се враќаа на специјалистите во оддалечени области. Задачата на специјалистите беше да ги вратат минералите во земјата, вешто да ги сокријат за никогаш веќе да не повредат никого.
Американските пилоти ги раздолжија униформите, станаа средношколци. И Хитлер се претвори во дете, претпостави Били Пилгрим. Тоа го немаше во филмот. Били екстраполираше. Секој се претвори во бебе и целиот човечки род, без исклучок, скова биолошки заговор да произведе две совршени битија, по име Адам и Ева, претпостави тој..”
Краткото постоење на Курт Вонегат пред „Кланица 5”
Курт Вонегат Џуниор е роден на 11 Ноември 1922, најмал од трите деца на Курт Вонегат и Идит Либер, почитувани членови на високата класа во Индијанаполис. Курт Сениор, млад успешен архитект, чиј татко се занимаавал со истата струка, бил првиот лиценциран архитект во Државата Индијана. Неговата мајка Идит израснала во комфорот на Либер имотнината и богатството, создадено преку „ P.Lieber &Company” пивара на нејзиниот татко. „Јас сум потомок на Европејци, кои се писмени долго време. вели Вонегат, кои, веројатно, во времето на Римските игри, не биле робови”. Како и голем број на писмени Германци, кои емигрираат во САД околу 19от век, семејството на Вонегат суптилно го истиснува Христијанството со Слободна Мисла, хуманистичко-атеистичка доктрина, кои биле доволно општествено инвестирани за неговиот дедо да издаде дело со филозофски размисли на тема морал. Иако за дедовите пишувања Вонегат дознава во 1976, тој неминовно ги прифаќа перспективите на слободното размислување, не само како дел од оние кои не веруваат во постоењето на Исус, туку избегнување на негово акцентирање кога станува збор за човечката пристојност, наспрема однесувањето на човекот, еден со друг.
Претходните две деца, Бернард и Алис, уживаат во погодностите на високата општествена класа, посетувајќи приватни училишта во нивните формални години. Курт Џуниор посетувал приватно училиште се до 1936 година. Растат опкружени со уметност, развивајќи афинитети за музиката, сликарството и литературата. Во врска со општествениот стандард, за време на Големата Депресија, семејството Вонегат сеуште останува имотно, но веќе во периодот на Куртовата адолесценција, падот на берзата во 1929 година и нејзините последици значително ја ослабнуваат и онака згрозената положба на семејството, со што Курт морал да посетува државно училиште. Огромниот пад на берзата го затвара бизнисот на „ P.Lieber &Company”, патем прикажувајќи ја реалноста во врска со скоро и непостоечката побарувачка на Архитектонската струка. Економската ситуација за семејството, особено возрасните Вонегат, претставува катаклизма на нивното ментално здравје. Вонегат Сениор морал да ја затвори архитектонската фирма, отворена од страна на неговиот татко, и да ги отпушти сите вработени. Недостигот од работа суптилно се изедначува со недостиг на замислена цел со што Курт Сениор се повлекува од светот и неговите афери додека пак неговата мајка, израсната во раскошот на татковото богатство, е соочена со одгледување на нејзините деца и грижата за домот, што и паѓа особено тешко и ја доведува до работ на лудило. Таа се самоубива 1943 година, еден ден пред враќањето на Курт од војска за денот на Мајката. Симбиозата од потрага по животна смисла и економските прилики преку одразот на менталното здравје на индивидуата се честа тема во делата на Вонегат, покрај самоубиствата, кои се сеприсутни. Дејвид Стендиш зборува со авторот за неговиот неприкосновен песимизам и тага:
„Како атеист и човек кој не ја сака гробишта, решив да ги посетам гробовите на моите родители во Индијанаполис. Додека гледав во двете плочи, една покрај друга, посакував- можев да го слушнам во мојата глава, знаев што посакувам- да беа посреќни од тоа што беа. Беше проклето лесно за нив да бидат посреќни од тоа што беа. Јас научив за големата тага од нив.“
Смената од приватно во јавно средно училиште ја креира можноста Курт да почне да известува и пишува за првиот училишен весник во државата и набрзо потоа тој доаѓа до уредничката позиција. Ова е почетокот на неговото искуство во новинарството, ориентирајќи го во пишувачка кариера, несвесно креирајќи го неговиот концизен новинарски стил на пишување кога станува збор за фикција. Сепак, неговиот татко, кој станува противник на изборите на Курт, (поради економската ситуација со која се соочува) со цел да го отргне од светот на уметностите, предлага тој да ја изучува хемијата, предлог кој Курт го прифаќа. Неговото образование со сигурност почнува да се провлекува низ неговата фикција иако доаѓа до целосно фијаско; Курт тие години ги постоветува со алкохолни соништа, дел поради алкохолот, дел поради тоа што слушал часови за кои тој немал талент. Тој го напушта универзитетот со цел да се приклучи во војната, иако интересно е што продолжува да пишува колумни за студентското списание, вежбајќи го хуморот и пишувајќи кратки раскази со пацифистички мотив.
После тренингот со оружје и повторното негово испраќање во училиште каде што изучува механичко инжењерство, стигнува во Европа како извидник за 106 единица, токму на време за огромната декемвриска германска офанзива, каде што Американците претрпуваат незамисливи загуби. Откако е заробен, тој е испратен во затворски камп, па во Дрезден каде што имало и други воени заробеници. Наспроти некои објавени информации- Дрезден не бил „отворен” тип на град; град каде што не престојувааат воени трупи и град кој што не се занимавал со воени индустрии а поради тоа не бил класифициран како цел на непријателските напади. Напротив, Дрезден бил град на илјадници бегалци и со тоа сметан за безбеден. Курт, како воен заробеник бил принуден на фабричка работа, каде што тој и други воени заробеници изработувале витамински сируп за бремени жени. Курт вели дека Дрезден бил првиот одмен град кој тој го видел во својот живот, богат со орнаменти како Париз; тие постојано слушале како се бомбардираат други градови, без очекување дека тие се наредните. Ова се случува ноќта на 13 Февруари 1945. Њу Јорк Тајмс известува(15.02.1945):
Дрезден е нападнат три пати во последните петнаесет часа; два пати од 1400-тини авиони на RAF во вечерните часови, со кои што започнува операцијата и трет пат, од страна на Британски бомбардери од Осмата Воздухопловна Сила со 2250 авиони, во текот на денот.
Осумстотини бомбардери на RAF го напаѓаат Дрезден во 10 часот по Лондонско време а вториот напад е 3 часа подоцна. Над Дрезден се испуштени околу 650.000 бомби.
Се издигнува 3 милји чад во небото додека пак пламени се забележани на 200 милји од страна на Британските авиони.
Германците за Дрезден, по катастрофалното бомбардирање велат дека градот изгледа на збир на рушевини со 20.000 жртви до 16 Февруари односно 70.000 жртви до 17 Февруари. Германски радио водител изјавува на 4 Март дека градот Дрезден повеќе не постои. Конечниот број на жртви останува отворен поради големиот број на бегалци, иако историјата ја има прифатено бројката од 135.000 на Дејвид Ирвинг, кој пишува токму на оваа тема во Уништувањето на Дрезден, бројка која ја користи Вонегат во Кланица 5. Вонегат, како и мал број на воени затвореници и нивните чувари, стануваат една од ретките преживеани во Дрезден, наоѓајќи засолниште во кланицата. По излегувањето оттаму, задача на Вонегат било ископување на мртви трупови како „санитарна мерка”. Но огромниот број на мртви низ непостоечкиот руиниран град, Вонегат го опишува како бизарен лов.
По враќањето од војната, Вонегат е одликуван со заслуги за неговото служење во армијата. Се венчава со неговата долгогодишна девојка и се решава за продолжување на студиите, антрополошки студии во Чикаго, иако никогаш не ги завршува. Неговата студија Флуктации помеѓу Доброто и Злото, која се смета за изгубена, се занимава со наративи на приказни кои потекнуваат од различни култури кои рефлектираат на Библискиот наратив за создавањето, уништувањето и искупувањето.
По академскиот „неуспех”, Вонегат има 25 години и нема напишано ништо освен кратки раскази. Но неговите амбиции, потребата да овозможува за неговото семејство, неговите етички воздржувања, кога станува збор неговата кариера во General Electric како и креативноста, го лансираат во светот на фриленс автор.