(Така ти е тоа)
Разликата од 17 години помеѓу објавувањето на првата книга на Вонегат и Кланица 5 зборува за потребниот период и нараторска дистанца од настаните, за зародувањето на книгата за Дрезден, книга која Вонегат се стреми да ја напише после актуелните случувања. Во 67-ма тој е награден со стипендија која му овозможува да го реализира патувањето во Дрезден се со цел да спроведе истражување во корист на „Кланица 5”. Вонегат сметал дека по завршувањето на катастрофалните настани, треба да се зафати со пишување на добро познатата „Кланица 5”, овозможувајќи пристап до неговото индивидуално преживување. Само мал број на новости во врска со бомбардирањето биле објавени во Американските весници, и се додека не се сретнал со дузина Европејци, кои му овозможиле да сфати колку необично и вредно за опишување е неговото дамнешно искуство во војната. Вонегат и неколку други преживеани војници се ужаснати од идејата на „Сојузниците” за напад врз Дрезден, град-дом на стотици илјадници бегалци.Во неговата младост тој скептицизам останува прикриен, поради учеството во војната во раната младост. Застапеноста на информации во јавноста е минимална, се додека Вонегат не почне сериозно да се интересира, контактирајќи ги воздухопловните служби. На големо изненадување, Вонегат дознава дека станува збор за класифицирани податоци. Реалноста на нештата наспроти обидот на Владата да ги прикрие овие информации, стануваат од особено значење за еден сведок, Вонегат:
Нашата генерација веруваше во она што Владата го тврдеше- бидејќи не бевме лажени претходно. Една причина поради која што не бевме лажени беше фактот што не бевме пораснати во војна, што евентуално ја донесуваше вистината. Немаше причина Владата да не лаже. Но дражва во војна создава лажлива Влада поради многу причини. Прва од нив е да се збунат непријателските сили. Кога влеговме во војна, сметавме дека нашата Влада го става и почитува животот на било која единствена индивидуа. Но бомбардирањето на Дрезден воопшто немаше тактичка корист; беше град на цивили. Сепак сојузниците го бомбардираа се додека не го срамнија со земја. И лажеа во врска со тоа. Сето тоа ни беше несфатливо на нас.
Импликациите за пишувањето на ова дело стигнуваат полека, како еден долг мисловен процес тесно поврзан со интересите на војната и пишувањето за тоа, на почеток неуспешно. Конечно, Вонегат стига до вистинската приказна, не за војната сама по себе, туку за нештата на кои таа алудира. Трикот е во тоа што се прикажуваат настани кои го засегаат Вонегат и како спонтано се здобиваат со важност за сите. Во исто време, потребна е и нараторска дистанца се со цел пообјективен коментар на она што се портретира. На крајот на краиштата, Вонегат се сретнува на почетокот од делото. Првата глава полемизира околу деталите за тоа како Вонегат решава да ја напише „Кланица 5”, за тешкотијата околу наоѓањето на зборови кои ќе доловат што се случило и што Дрезден значи, преку автентизирање на приказната со вметнување на себеси како лик. Вонегат има потешкотии со сеќавањата за Дрезден по што му се јавува на неговиот долгогодишен пријател О Хер, кој го преживеал бомбардирањето со Вонегат. Тој насетува непријателство од страна на сопругата на О Хер, Мери:
Потоа се сврте кон мене, сакајќи да ми покаже колку е лута и дека тој гнев е насочен кон мене. Најверојатно си зборувала сама со себе, па она што го кажа беше само дел од многу поголема дискусија.
Сте биле само деца тогаш! рече таа
Молам? реков
Сте биле само деца во војната-како оние горе!
Кимнав. Тоа беше вистина. Бевме наивни девици во војната, баш на крајот на нашето детство.
Ама нема тоа така да го претставиш нели. Ова не беше прашање. Беше обвинение.
Н…..не знам, реков.
Е па, јас знам,рече таа. Ќе се преправате дека стебиле вистински мажи а не деца и во филмовите ќе ве глумат Френк Синатра и Џон Вејн или некои други, гламурозни, грозни старци кои ја сакаат војната. И војната ќе изгледа прекрасно, па ќе има уште војни. И во нив ќе се борат деца, баш како децата што се горе.
Нејзината реална реакција за неговиот проект му послужува на Вонегат како зацртување на нов концепт на раскажување на неговата приказна, ослободувачко обвинение кое му го отвара алтернативниот наративен пат. Сестраното разбирање на војната, која ја нуди Мери, го отвара концептот за вистинското, негламурозно пишување за војната.Вториот наслов на книгата, Детскиот Крстоносен поход, не само што алудира на возраста на војниците во Втората светска војна, туку и на вистинската приказна, онаа од 1213, кога безброј деца, наместо во Палестина, се испратени како робови во Северна Африка, при што Вонегат повлекува паралела со Американските млади момчиња испратени да се борат за туѓи интереси.
Вонегат успешно доловува дистанца од настаните со креирањето на Били Пилгрим, лик создаден да го преживее, меѓу другото, сето она што му се случило на Вонегат далечната 45-та година. Дрезден му се случува на апатетичниот Пилгрим, доживувајќи ги настаните дисконектирано еден од друг и од себе што му овозможува шанса на Вонегат да ја прикаже најстрашната грешка на војната: заборавањето дека се случила. Постојаното Така ти е тоа, резултат на сеприсутната тежина на повторувањето, без разлика дали станува збор за смртта, служејќи да му прикаже на читателот на нејзината честост. Приказната постојано си поигрува со нелинеарната нарација на настаните поради можноста на Били да патува со својата свесност низ различни моменти од неговиот живот (минатото,иднината) доживувајќи ги индиферентно, слеано со фабулата.
Пилгримовите доживувања за војната се прилично истите како на Вонегат. Во збрката околу битката која што се одвивала во тие мигови, се губи и налетува на Роланд Вири. На Били му е тешко да биде во тек со случувањата, како сиромашно облечен во сурови услови, при што претставува слабост за неговата придружба. Очигледната спремност на Вири кога станува збор за романсата која што се случува (опишувајќи ја војната), го става Били под негово крило но, набрзо новото пријателство ескалира во агресивен напад од страна на Вири. За среќа или несреќа налетуваат на Германци, кои му ги одземаат скапоцените чизми на Вири. Набрзо Вири умира од гангрена, обвинувајќи го Били. Лазаро ветува одмазда. Возовите пристигаат во камп на Британски затвореници, кои топло ги пречекуваат Американците, со храна и изведба на „Пепелашка”. Набрзо потоа Били е префрлен во Дрезден каде што работи во фабрика за витамински сируп. Заедно со други 100 Американски војници и нивните чувари, го преживуваат бомбардирањето на Дрезден и се принудени да ископуваат трупови во рушевините.
После војната, Били преживува нервен слом, во последнаата година од студиите по Офтамологија.Во установата каде што е хоспитализиран го запознава Роузвотер, обожавател на литературниот опус на Килгор Траут, кој патем ќе стане омилен писател и на Били. Потоа тој се жени со ќерката на сопственикот на училиштето и заработува богатство преку смејниот бизнис. Во 1967 Били е киднапиран од летечка чинија и е однесен како примерок во зоолошка на Тралфамадор каде што е „спарен” со порно ѕвездата Монтана Вајлдхек и има друго дете но поради тоа што поминува низ временско искривување за да стигне дотаму, не му одзема од неговото земско време и години.
Тралфамадорците се целосни аутсајдери. Не само што ја имаат можноста да ја набљудуваат Земјата од далеку, туку и нивната способност да ја користат четвртата димензија, им овозможува да ги видат сите случувања наеднаш. Тие знаат кога ќе дојде крајот на светот и можат да видат кога некој ќе умре што е нивен пристап до универзумот кој Били го присвојува како начин да ги прифати трагедиите и случајностите на постоењето. Еден од водичите му кажува на Били дека тие ќе го уништат светот, експериментирајќи со ново гориво за нивните летечки чинии:
Штом го знаете ова, рече Били, не постои ли начин да го спречите? Не може ли да го спречите пилотот да го притисне копчето?
Тој секогаш го притискал и секогаш ќе го притиска. Ние секогаш му дозволуваме и секогаш ќе му дозволуваме. Тој момент е така структуриран.
Тралфамадорците се справуваат со ужасните неминовности така што ги игнорират. Ова не-решение, се разбира, слично на Билиевото рефлектирање во повоениот период. Тоа е единственото нешто што Земјаните мораат да научат да го прават, ако се обидат: Заборавете на ужасните времиња и сконцентрирајте се на добрите.
Во 1968 Били е единствениот преживеан на авионска несреќа. Неговата жена, избезумена, умира во тотално несреќни околности, пред болницата каде што е сместен Били. Кога Били се враќа дома ја презема задачата да го информира светот за она што го научил на Тралфамадор. Тој пишува писма до весници и пробува да учествува во емисии.Били ја предвидува и својата смрт во 1976 пред бројна публика држејќи предавање за природата на времето и летечки чинии на бејзбол игралиште, убиен од страна на платеник на Лазаро, кој го исполнува ветувањето. Настаните во делото се движат на еден шизофрен телеграфски начин, кој што го користат Тралфамадорците во нивното раскажување, што резултира во недостиг на хронолошко подредување. Били налетува на нивно дело за време на неговите патувања:
…Но во право сте: секој збир од симболи е кратка, итна порака која опишува некоја ситуација или сцена. Ние, Тралфамадорците, ги читаме одеднаш, не една по една. Не постои некоја позначајна врска меѓу пораките, освен што авторот ги има внимателно одбрано за да, кога ќе бидат согледани сите одеднаш, создаваат слика за животот која е убава и изненадувачка и длабока. Нема почеток, нема средина, нема крај, нема тензија, нема поука, нема причини, нема последици. Она што нам ни се допаѓа во нашите книги е длабочината на многу чудесни моменти согледани сите одеднаш.
Вонегат, првото поглавје го опишува како кратко и конфузно поради фактот што нема што да се каже кога станува збор за масакар, алудирајќи на Дрезден. Бидејќи Вонегат не изнаоѓа причина за бомбардирањето, го формира наративниот концепт како Тралфамадорец. Настаните од книгата, без да го следат линеарниот раскажувачки принцип доведуваат до уништувањето на Дрезден, исклучувајќи ја важноста на фактот кога тие се случиле. Покрај фактот дека Тралфамадорците, како во нивните текстови така и во нивната свест, ја избираат убавината на настаните, исклучувајќи го грдото, нарацијата и пишаниот стил на Кланица 5 целосно одговара на концептот на создавање Тралфамадорска литература. Опишаните ситуации оддаваат концизност и индиферентна тегобност, чии симболи оневозможуваат истовремено читање, иако редењето на неконтинуирани сцени од различни временски периоди го одржува впечатокот на сеприсутност и фаталистичка поврзаност помеѓу случувањата. Иако нема вистинска врска помеѓу сите настани сепак тие создаваат „слика за животот која не секогаш е убава ама е невозможно да се негира длабочината и индивидуалната единственост. Сепак, читањето на сите сцени наеднаш, како во Тралфамадорските книги е исклучено со што имаме доближување до некаква точка на кулминација, без разлика дали станува збор за самото уништување или стрелањето на стариот Дерби. Неминовно е барањето на значење и одговори на трансцеденти прашања наспроти високиот степен на иронизирање на нештата. И покрај тоа што го користи Дрезден како неминовна последица и инфлуенсер на секое случување од книгата, Тралфамадорската филозофија, која ги соголува настаните од случајните причини, презентира фаталистички светоглед. Тралфамадорецот му вели на Били:
Сето време е сето време. Тоа не се менува. Не подлежи на предупредувања или објаснувања. Тоа едноставно е. Ако го разделите на моменти, ќе сфатите дека сите сме, како што реков претходно, бубачки во ќилибар.
Вонегатовата конструкција на времето прави многу повеќе од само нафрлување случајности, преку репликација на човечкото доживување. Патувањето во времето е можно- преку сеќавањата. Иако не можеме како Тралфамадорците да гледаме на сите моменти истовремено, сепак ја задржуваме волјата за живот преку меморијата за убавите случувања, во често несигурно и болно опкружување. Тоа е Тралфамадорскиот начин на живот- заборавањето на лошите моменти и исклучиво сеќавајќи се на убавите.
Извртената хронологија во Кланица 5 е од големо значење за тоа дека старите наративи- особено Пепелашка или најприфатената приказна во Западната Цивилизација или Библиската приказна за падот и искупувањето-потфрлиле пред човештвото.
Кравите мукаат
Бебето врисна
Но Исус, малото боже,
ни глас не писна.
Нарацијата на одредени сцени подлежи на метафизичка пресвртеност преку поистоветувањето на Били со Исус во Вонегатовата анти-религија. Преку интервенција на веќе постоечка (Библиска) приказна, Вонегат твори интертекстуално, метаморфозирајќи во нов книжевен Бог. Критиката кон конкретниот христијански мотив, е суптилно искажана преку Килгор Траут, автор кој што се појавува во Кланица 5, омилен на Били. Килгор пишува за вонземјанин кој спровел истражување за Христијанството, тврдејќи колку сурови Христијаните може да бидат, проповедајќи Пред да убиеш некого биди сто посто сигурен дека нема јаки врски. Држејќи метаавторска дистанца, ја превртува приказната, со што целосно ја менува фигурата на Исус со сеприсутниот апатичен Спасител по име Били. Сепак изменувањето на фигурата, не го изменува настанот, задржувајќи го фаталистичкиот призвук. Податокот дека Били, како бебето Исус, плаче безгласно го потврдува тврдењето.
Посетителот од вселената и подарил на Земјата Ново евангелие. Во него Исус навистина бил никој и ништо и бил вистински давеж за луѓето со подобри врски од него. Во него сепак, ги имало сите прекрасни и збунувачки работи што ги кажал во другите евангелија. Па така еден ден, луѓето решиле да се забавуваат со тоа што го заковале на крст и го насадиле крстот во земја…И тогаш, баш пред да умре овој ништожник, се отвориле небесата и паднале молњи и громови. И се слушнал гласот господов. Тој им кажал на луѓето дека го посинува скитникот и дека за навек му ги дава сите моќи и привилегии како син на творецот на Универзумот. Господ рекол дека, отсега па натаму, тој ужасно ќе го казни секој кој ќе измачува смртник без врски.
Били станува свесен за својата сепостоечка смрт и тој факт го користи да ги научи луѓето за сопственото разбирање на смртта. Неговото учење проповеда вечност:
Најважната работа што ја научив на Тралфамадор е дека кога некој ќе умре, тоа само така изгледа. Тој се уште е сосема жив во минатото, па затоа, многу е глупаво луѓето да плачат на неговиот погреб.
Билиевите зборови, пред да биде убиен, се алузивни кон учењата на Исус и привлекуваат огромна толпа луѓе на стадионот каде што тој зборува:
Има негодување од публиката.
Били Пилгрим ги прекорува. Ако се буните, ако мислите дека смртта е страшна работа, тогаш ништо не сте ме разбрале.
Кога полицијата се обидува да го заштити:
Не, не, вели Били спокојно. Време е да /си одите дома кај вашите жени и деца и време е јас да бидам малку мртов- а потоа пак да живеам. Во тој момент, челото на Били е во центарот на нишанот на моќна ласерска пушка. Вперена е кон него од замрачена новинарска кабина. Во следниот момент, Били Пилгрим е мртов. Така ти е тоа.
И така, Били се соочува на кратко со смртта. Виолетова е и зуи. И празна е. Дури ни Били Пилгрим не е таму.
Потоа се занишува назад во животот, еден саат откако му се закани Лазаро во 1945.
Додека Исус учи на вечен живот во Рајот или Пеколот, Били, новиот Исус, учи на тоа дека да, луѓето имаат вечен живот, дури и да нема живот после смртта. Идентификацијата со Исус може да се земе сериозно или не, сепак без да се изгуби значењето дека Били е „универзалниот човек”, кој во светот на Вонегат е понекогаш крајно беспомошен и трагикомичен, човек роден за да умре.