Говор на лауреатот на „Златен венец“ на СВП за 2018 година Адам Загајевски, Полска

Секој кој пишува поезија знае дека тоа е несовршен труд. Само будалите се среќни со себеси.

Поезијата е поважна од поетите. Или, може да се рече, поезијата ги надминува поетите. Поетите не ја прифаќаат оваа хиерархија лесно и дури сега, во нашево време, кога се изродија толку многу форми на забава и се стекнаа со највисок аплауз, многу пишувачи на сонети се сметаат за првенци на модерната култура.
Поезијата, сепак, не е забава. Таа е тука за да донесе еден слатко-киселкав, искрен, а некогаш стравичен запис за човековиот свет. Поезијата се движи помеѓу музиката и мислата – помеѓу она што е циклично и мелодично, слатко и занесно и – од друга страна – грубата меморија на рефлексијата која е окарактеризирана сѐ повеќе по дисконтинуитетот отколку по гладкоста на симетричната форма.
Длабоко сум почестен од одлуката на жирито на славната награда од Струга именувана „Златен венец“ (од овде и не толку далеку до Златното руно!). Кога ја гледам листата на претходни добитници, ми наликува на едно замислено размислување за белиот врв на Монт Блан гледан од бреговите на езерото Женева. Толку многу владетели на поезијата на една листа – со некои ја имав честа да се познавам лично, некои да ги нарекувам мои пријатели – премногу да бидат сите спомнети. Оден, Монтале, Бродски, Хини, Транстромер, се до Чарлс Симиќ. А во 1987 Тадеуш Ружевич, мојот сонародник.
Свесен сум дека моето присуство тука не се должи само на мојот сопствен труд, не само на тие кратки моменти на просветление кои ја создаваат основата на секоја уметност, туку се дожи и на моите прочуени претходници во областа на полската поезија. Сите тие не биле крунисани тука, но сигурен сум дека сите се присутни оваа вечер во Струга, Чеслав Милош, Вислава Шимборска, Збигњев Херберт, Александар Ват, Мирон Бјалошевски и други. Овие поети – секако тука е и Тадеуш Ружевич кој бил тука пред тиесетина години – се подарок кој Судбината го дарила на мојата држава како талисман, поклон кој треба да овозможи да се преживеат терорите од неодамнешната историја.
Историјата им беше и клетва и основа. Сите тие се потрудија да го одбранат достоинството на оние кои беа зафатени во катастрофите на дваесеттиот век. А сепак тие не беа „национални“ поети, национални бардови – тие зборуваа како индивидуалци без да вмешуваат цели задници со сопствените демони. Во нивните песни тие именуваа индивидуалци, а не толпи. Така тие го избегнуваа повторувањето на Романтичарската заблуда која придонесувала за растот и триумфот на национализмот, таа отровна религија.
Ова не е момент за дискутирање идеи. Ова е радосен момент. Сепак – да се навратиме кон полските поети – се чини дека оваа генерација поети беше успешна во создавањето поезија која стоеше самоуверено помеѓу две опасности, опасноста од безживотниот академизам (кој беше пропратен со европскиот модернизам како злобна сенка) и спротивната опасност, онаа на сервилната поезија која прифаќа наредби од комесари и партиски секретари. За мојата генерација, изборот изгледаше поинаку: што да се прави со ова величествено наследство. Всушност, за прв пат во својата долга историја, полската поезија (да ги повторам ли тие знаменити имиња?) стана позната низ целиот читачки свет. Не само на Запад, разбрана културолошки или политички, туку и во Кина, Јапонија и другите неевропски цивилизации.
Таквата ситуација не е безопасна, особено кога настанува проблем со наследството – а за нас, генерацијата на синови и ќерки, овој проблем беше суштествен. Се чини, нема добро решение. Да се продолжи како ништо да не се случило – невозможно. Да се занемарат сите тие големи поети – исто така невозможно. За среќа, проблемите од овој вид не се решаваат на хартија, не се решаваат преку декларации и програми туку органски, преку уметнички дела, преку индивидуални таленти, преку обрнување внимание на детали, преку љубов кон конкретни луѓе и конкретни работи, преку слики, преку потрагата за вистината.
Ми се чини дека мојата генерација – Станислав Баранчак, Ришард Криницки, Јержи Кронхолд, Ева Липска, Јулиан Корнхаузер – најде излез од оваа дилема, а секој од нас понуди посебна траекторија и никој од нас никогаш не сигнализирал спремност да се изгорат книгите и портретите на нашите претходници.
Секој кој пишува поезија знае дека тоа е несовршен труд. Само будалите се среќни со себеси. Дозволете да ја прифатам оваа прекрасна награда и да не заборавам на сопствената несовршеност, да не заборавам дека моето патување се уште не завршило. Ја прифаќам оваа награда со зборови на благодарност и пријателство.

Тагови од објавата
0 replies on “Говор на лауреатот на „Златен венец“ на СВП за 2018 година Адам Загајевски, Полска”