Бранко Прља ја објави неговата прва книга со куси раскази во 2003 година насловена „За секого по нешто, за некого ништо.“ Самиот ми раскажа дека кога го подготвувал реизданието на оваа книга во 2011 година, се има инспирирано да напише своевидно продолжение на истиот концепт и така настанала книгата „Приказни обични за луѓе необични“ која е објавена во 2012 година.
Со неговата серија од збирки на куси раскази, на кои припаѓа и третата книга од серијалот, „Чадор без рака да го држи“, објавена следната 2013 година, Бранко се позиционира како претставник на една струја автори кои се обидуваат да го онеобичат светот. Од аспект на пристапот, тој се бави со „детинестото“ и во согласност со тоа е апаратот на банализација кој го користи, на разигрување на фразите и на спуштање на нивото. Од една страна тој сака универзалните вистини да ги направи достапни и разбирливи за секого. Тоа е јазична и авторска маска која ја користат многу писатели, тоа е наследство од авангардата, особено руската авангарда и дадаистите. Кај нас со неа си играат неговиот, претпоставувам и по малку авторски татко, Никола Гелевски, кој исто така сака да употребува гномичен израз на банализација, но и апсурдизација на фразата, а тоа го прави и Бранко. Тој честопати од поимите прави имиња, имињата ги разлачува на поими и во сето тоа користи една ирониска црта. Значи, со користење на таквата јазична маска, тој сака да покаже колку е овој свет несовршен и нескладен.
Тоа е, од една страна производ и на негов револт, негов интелектуален ангажман, да не речам политички активизам, еден ангажман против уреденоста на светот и тој го прави тоа преку онеобичувањето, но истовремено, освен што е протест, тоа е и повикување на игра – ние да сфатиме дека и зад најбаналните фрази може да се направат некои нови значења и синтагми. Тука веќе продира, условно, и некој вид на фантазматско чувствување на светот. Да, ова е светот и тој е банален, но дали навистина е? И во тој момент Бранко прави јазична игра со таа баналност и ние гледаме дека всушност нешто што изгледа најбанално, крие многу нови значења. Целата таа игра се случува на две нивоа. Од една страна, сака да ја поедностави сложеноста на светот, а од друга страна, сака преку една детска игра да најде нови значења дури и зад едноставното и баналното.
Некои од неговите раскасчиња од книгата „Приказни обични за луѓе необични“ веќе функционираат и како проза за деца. Тој со еден сегмент е и детски автор. Тоа го има по малку и во другите куси раскази на Бранко, но во оваа книга се насетува појасно, како што рековме, со користење на детското во една интелектуална смисла, од позиција на возрасен, од една страна, но и преку интересот за детското во неговата суштинска форма. Тој едноставно станува заговорник, адвокат на детската перспектива во нејзината чиста форма. Јазичната маска и играријата е на втор план и сега се обидува да создаде класична ситуација на проза за деца. Така Бранко го прави тоталитетот на својот пристап, целосен тоталитет на перспективата на детскоста, од давање на глас на децата, до сите овие можни поигрувања со детската перспектива, за на крај да стави една возрасна или интелектуална црта со која ја заокружува приказната.
Mожеме да кажеме дека Бранко е и еден вид на современ „еколошки“ писател кој е загрижен за комплицираноста на нештата, за комплицираноста на животот и се залага за една чиста животна ситуација, а тоа го докажува така што ја „комплицира“ оваа проза. Наизглед тој изгледа по малку воркохолик, автор кој премногу да пишува и објавува, меѓутоа јас сето тоа го гледам како негов концептуален ангажман. Сите негови книги, книжулиња, се поврзани. Во таа смисла има еден страшен развој, ќе видиме колку тоа ќе биде од другите прочитано и наградено, меѓутоа овој пристап во македонската книжевност си фаќа едно посебно место којшто никој друг не го зафаќа на тој начин и мислам дека тоа место може да биде и читано и наградувано и продавано, едноставно тоа место го легитимира како автор. Јас го читам и го следам и на една пријателска база, и тврдам дека се работи за еден сериозен, изграден и зрел автор, којшто што и да прави во иднина, само повеќе и повеќе ќе нè заинтригира да го прочитаме.