Откако брат ми се обеси со телефонскиот кабел
можам со него по телефон да зборувам со саати.
Копчето е постојано притиснато на Voice
за да му бидат слободни рацете, да може со нив
да лепи плакати врз божјите бандери
и да повикува на жолчна расправа на тема:
Дали е душата национална?
Од возбуда и двајцата се тресеме, истражуваме,
јас на овој, тој на оној свет.
Науката докажа дека руска душа на пр., повеќе нема,
дека оној кој сонува ангели, во смртта ги прегазува ко сенка.
Можеби постои турска, кркори во слушалката брат ми,
оти секое утро слуша црцор од чајникот на Назим Хикмет
пред да ја дотурка количката со ѓевречиња
до портите на земјата. Ќе ти купам едно за душа.
И потоа задишано молчи. И ја бараме македонската
врз регистарски таблички на божјопатот Исток-Запад,
во картонски кутии со натпис „Не отворај! Гени!“,
натоварени врз плеќи на проѕирни мртовци.
А на мртовците не можеш да се потпреш.
Мртовците се илегални имигранти,
со своите подуени органи продираат во туѓи земји,
низ отворите на своите длапки и со шилците на своите коски
си го копаат и последниот гроб.
Таму ја предизвикуваат и последната тепачка
за националните небеса
и за душата што повеќе не се поседува.
Сè поголем е бројот на луѓе без души, на души без имиња.
Во автобус не си стануваат, едни без други далеку заминуваат,
со посредници се бараат, но не се спојуваат.
Нациите си кршат јајца од глава.
Брат ми очајува. Јас станувам А.-национална.
Телефонскиот кабел што нè поврзува
ми се измолкнува од препотената рака,
го приклештува телефонот до ѕидот и се повлекува во штекерот.
Зошто никогаш за несреќните на оној свет
не се отвори бесплатна СОС линија?
Зошто никогаш не научив да запрам некого на пат кон смртта?
И јас како брат ми од раѓање барам влакно во јајцето,
откровение по секоја цена, разобличување на смислата.
А душите на луѓето што бараат влакно во јајцето
завршуваат на три начини: обесени со телефонски кабел,
во тела на поети, или и едното и другото.
Сè поголем е бројот на луѓе без души, на души без имиња.
Тагови од објавата
број 101
More from Лидија Димковска
Авторот говори: Со или без Please
Не можев да не се насмеам на мотото на овогодинешниот Букстар –...
Повеќе