СИСТЕМСКОТО РОПСТВО И ОМОН РА

Многу лесно, во даден миг, може да сфатиме дека целиот наш живот е една огромна измама.

Кратката новела Омон Ра се бави со (ис)празн(ет)оста во суштината на комплексниот советски систем, осмислен да биде, а особено да изгледа грандиозно и застрашувачки, безмалку како и секој друг систем со идејна мисла од таков гигантски калибар.
Ваквото гигантство во Омон Ра е претставено преку две лица – две улоги: интерното, внатрешното лице – она кое имало за цел обезбедување на внатрешна сигурност и дисциплина, збивање на редовите, осигурување на состојба на послушност и дисциплина, предодреденост, предвидливост и зачмаеност. И екстерното – лицето за надвор, кое има за цел одржување на истовремена блискост со другите – на полето на технолошкиот развој, воена сила и територијална покриеност односно устоличена и одржана политичка власт; и ривалство – преку натпреварување со блискиот врз основа на наведените карактеристики, користење на подметнувања, proxy војни, медиумски пропаганди и научни достигнувања.
Во Омон Ра ова е претставено преку описите на просториите, карактерите и меѓусебните односи. Местата на дејството често се големи, валкани, пусти, оставени на „забот на времето“, оловни, челични, ладни. Карактерите се порочни, обземени, разјадени и опустошени, гладни. Односите се бесчувствителни, во служба на „повисоките цели“, еднократни, тврди.
Токму научните достигнувања на полето на вселенските програми и достигнувањата во откривањата и истражувањата во „светот отаде“ би била големата мисија на главниот лик во делово, инаку малиот и безначаен Омон Кривомазов – едно обично дете со копнеж за лет во вселената. Неговата искрена желба и идеја станува алатката на системот, иницијациска врска. Таму каде што освојувањето на космосот е високо на листата на приоритети, детскиот копнеж изгледа толку погодно за манипулација и регрутација.

Доста неумесно но можно овој роман би можел да се опише и како советско (квази)вселенско Труман шоу во кое Омон (Кривомазов) Ра, поради потребата за исполнување на сопствените копнежи, веднаш по завршувањето на потребното образование ја прифаќа улогата на клип во советскиот вселенски систем. Доброволно и со елан станува масло на програмата во распаѓање.
Омон е неосвестен задоеник на системот, „слеп при очи“, поданик од раѓање, мек стомак и погодно тло за манипулација. Но климавите семејни односи, премолчената забрана за амбиција и слобода на избор, општествената планска регрутска програма и големите државни интереси се вистинските виновници. Тој е само искористен поради сопствената младост, наивност и кодот на верување кој го носи во себе.
Приказот на она што треба да биде научна и експертска работа, дејност на образованите и квалификуваните, како работа за војнички послушните дополнително го разголува формалниот модел на пристапување кон струката, стручната вештина и знаење.
Алузиите со користењето на доминантните идеолошки пароли и симболи само експликативно ја даваат потребната јачина и тупаница на ова дело, отворајќи го и правејќи го достапно на пошироката публика, без разлика дали се работи за случајно залутани љубители на СФ жанрот или пак познавачи и почитувачи на итрото раскажување и дело на Пелевин, инаку нетенденциозниот и безмалку анонимецот меѓу фелата.
Пелевин преку ова дело, но и преку другите подоцнежни романи ја користи раскажувачката умешност за да направи меѓужанровско поврзување и преоди, особено воодушевувајќи со сопствената апсурдна духовитост и егзистенцијална сатира.

 

Златко Кујунџиски

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Баксузи, смешно до солзи
Извадок од хумористичната книга што ќе биде наскоро промовирана во Македонија.
Повеќе
0 replies on “СИСТЕМСКОТО РОПСТВО И ОМОН РА”