Костадин Устапетров (1950-2013) е значаен уметник, карикатурист и автор на афоризми, кој долги години твореше и живееше во Струмица.
Со карикатура и со афоризам се занимавал од 1971 година, кога во „Остен“ ги има објавено првите карикатури и афоризми. Објавувал во многу весници и списанија. Изложувал со групата КИКС од 1973 година и со Здружението на карикатуристи на Македонија од 1980 година на сите изложби во земјата и надвор. Во издание на Здружението на карикатуристи на Македонија и на списанието „Остен“, во 1994 година е издадена неговата прва книга карикатури – „Врата кон светот“, а потоа книгата афоризми во 2002 година – „Надвор од рамките“, во издание на авторот.
Застапен е со карикатури во книгата „Тушот не е вода“, во издание на НИП „Студентски збор“ Скопје, 1975 година, како и во антологиското издание „Македонска карикатура“ од Владимир Величковски, 1994 година и во антологијата „Македонски афоризам“, 2008 година, и двете во издание на „Алма Белград“, двојазично.
Неговите дела се наоѓаат во повеќе меѓународни фестивали, музеи и галерии на карикатурата во Македонија, Иран, Италија, Канада, Полска, Словачка, Бугарија, Србија, Турција, Белгија, Холандија, Грција и во други земји.
- Стабилен брак е оној кој стои на четири, а не на шест нозе.
- Не ја совлада математиката, но одлично ја научи МИТОматиката.
- Само човекот освен на топло се расипува и на ладно.
- Крстозбор: потонат полуостров во Европа – Балкан!
- Да му доаѓаа толку многу луѓе додека беше жив, ќе беше најсреќниот човек и немаше да умре.
- Постигнавме висок степен на единство: исто мислиме едни за други.
- Животот е фатиморгана, кој фати, фати!
- Жената не се задоволува со паднат – стандард.
- Држава и четириесет министри. Сезаме, отвори се!
- И покрај одлуките и законите одозгора, ние сè уште опстојуваме.
- Подземјето работи таму каде надземјето спие.
- Немој ти мене „злато мое“. Јас сум ти син, а не предмет кој ќе го обесиш на вратот или раката.
- Кога сте стар, сенешто ве боли, а кога сте млад – баш ве боли.
- Животот воопшто не е тежок, тој е само еден меур од сапуница која воопшто нема тежина – пуф, го нема.
- Најдолго живеат оние кои се жалат од животот – најдолго.
- Глупаво е на глупавиот да му кажеш дека е глуп.
- На правдата ѝ се врзани очите за да не гледа како ѝ ги полнат тасовите.
- Ако често ги менувате работите и законите, ништо не фаќа корен. Без корен, иднината се суши.
- Во белиот свет најде работа – ноќна смена.
- Чекајќи ги своите пет минути, му отиде и последниот воз.
- Во капитализмот сè е од интерес, само љубовта не е – таа е за евра.
- Ќе се иселат сите и без визи, ќе останат само политичарите да донесуваат закони и рамковни договори.
- Според постапките, повеќе ќе ви одговара да барате животински отколку човечки права.
- Не местат натпревари, само однапред ги знаат резултатите.
- Кога почнаа да стават деца за раководители, се очекува Нинџа желките, Бетмен и Супермен да ги средат работите.
- Подобрата иднина ќе дојде – утре сабајле.
- Ако со лицето гледате во минатото, со газот ќе гледате кон иднината.
- Мажот работи на ракија и жени, а жената на денари и козметика. Затоа не се сложуваат.
- Кој последен се смеел – не е веќе меѓу нас.
- Маж што знае што сака и жена што не знае што сака, секогаш завршува со развод.
- За НАТО и ЕУ сме маало, затоа си играт со нас.
- Анемичните не можат никогаш да ни ја подобрат крвната слика.
- Не верувам дека ќе употребат сила, кај нас сите силни се во гробишта.
Подготвил: Митко Гогов