Рецензија за „Во сенката на злосторот“ од Хелена Хеншен

Помирена со самата себе и со судбината која можеше да биде и поубава, ама не ѝ се даде, остана да го следи во неговата лудост, дури и кога е сигурна дека тој ќе направи злостор, дури и кога е сигурна дека и таа ќе биде дел од тој злостор, дури и кога на крајот знае дека ќе биде жртва во тој злостор...

Пред да си легнам сакам да споделам со вас едно поразлично читачко искуство до сега.

Можеби веќе сте слушнале за убиството во семејството на Фон Сидови или сте го гледале документарецот, ама овојпат Антолог ја преведе книгата на авторката Хелена Хеншен, која ни ја пренесува приказната за нејзиното семејство кое во минатиот век било едно од највлијателните и најбогатите во Шведска.

Се работи за убиство коешто се случува во 1932 година. Јалмар Фон Сидов, угледен судија, претставник на Високиот Парламент, претседател на Здружението на работодавци во Шведска е убиен од неговиот син. Овој настан предизвикува голем публицитет во медиумите и јавноста.

И самата авторка е дел од истото семејство кое толку години молчело и ги прикривало сите можни информации и докази за случувањата, можните мотиви и општо за сите нивни лудости, пороци и опасни навики..

Точно таа строга тајност ѝ тежела на Хелена, што по смртта на нејзината мајка која била ќерка на убиениот и сестра на убиецот, одлучува да го истражи целиот случај, да го прекине долгодеценискиот молк и да го сподели со јавноста и читателите.

Се впушта во вистинско патување низ времето, ги поминува сите места каде што се движеле главните протагонисти во последните моменти од животот. На почетокот ни остава податоци кои ги пронаоѓа во архивите, полициските извештаи и едвај преживеаните роднини.

Бидејќи е поминато многу време, а информациите се скудни, Хелена ја оформува приказната, препуштајќи се на својата имагинација и творечка слобода, а со тоа им дава збор и душа на оние кои почиваат повеќе од 70 години. А сето тоа го направила со раскошен раскажувачки стил.

Фредрик и Софи се главните личности околу кои се врти целото дејство. И двајцата припаѓаат на богати и влијателни семејства. Она што ги поврзува е нивното несреќно детство.

Кај Фредрик се забележува татковиот пропуст во воспитувањето и неговото отсуство од домот. Како единствен машки потомок бил разгален до крајност. Фредрик ужива во удобноста на богатиот живот кој му овозможува да има скоро сѐ но, интересот негов брзо завршува. И покрај сите отворени можности да се школува и да се пронајде себеси во возрасниот свет, тој се повеќе се расплинува, лута од едно место на друго. Иако е омилен во неговото друштво, забавен, духовит и речит, пријателите брзо го напуштаат, баш поради чудната природа, меланхоличноста во темпераментот и непостојаноста во карактерот.

Оддаден е на боемски живот, борч, алкохол, дрога и постојана финансиска зависност од татко му, кој го презира од дното на душата.

На моменти е биполарен, грижлив татко, сочувствителен сопруг, страстен љубовник, од друга страна тој е обичен ветропир, бега од одговорноста, заборава на сопствената жена и дете, запаѓа во очај и посакува да го напушти сопствениот живот.

Софи, неговата сопруга, која ми беше многу помила и повеќе невина во целата оваа приказна, исто така потекнува од богато семејство. Но, и во нејзиниот живот, отсуството на татковата љубов и доаѓањето на маќеата на местото на нејзината мајка, ја фрла во очај и револт.

Кога го запознава Фредрик, таа верува дека конечно ќе ја добие целата љубов и слобода која и била неправедно одземена. Во него го гледа својот другар, својата сродна душа и својот партнер во младешката бунтовност.

Но очекувањата разочаруваат!!!

И кога сите надежи за малку среќа во животот и пропаѓаат, комплетно се препушта на влијанието и контролата од нејзиниот сопруг и тоа ќе ја чини живот. Помирена со самата себе и со судбината која можеше да биде и поубава, ама не ѝ се даде, остана да го следи во неговата лудост, дури и кога е сигурна дека тој ќе направи злостор, дури и кога е сигурна дека и таа ќе биде дел од тој злостор, дури и кога на крајот знае дека ќе биде жртва во тој злостор…

Нејзината љубов кон Фредрик е посилна и од мајчинството и од сѐ останато, и таа ѝ останува последниот избор во животот.

Знаете ли со каква восхитувачка, креативна и уверлива буица ни ја пренела нејзината семејна драма?

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from Тања Петковска
Осврт за „Лавр“ од Евгениј Водолазкин
Приказна за љубовта, за жртвувањето, за нашите слабости и гревови, за вербата...
Повеќе
0 replies on “Рецензија за „Во сенката на злосторот“ од Хелена Хеншен”