Кон „Модар накит“ од Катарина Винклер

„Во нашата долина живеат стотици модри жени. Има светломодри, како мајка му на Некла, и темномодри, како мајка му на Фидан, има модроцрвени и модроцрни жени. Има жени што своите модрини ги носат околу вратот како обрачи во вдлабнатината под грлото како медалјон, на некои модрините им се на рацете, како алки околу зглобовите од дланките или стапалата.“

Неодамна прочитав мала, но моќна книга. Сè уште чувствувам кнедла во грлово, иако поминаа веќе денови откако ја затворив книгата и ја исплакав и последната страница. Па почујте… и придружете ми се во едно патување низ туѓата болка и моите размисли. Можеби патувањето нема да биде пријатно, но ќе биде… вистинито.
„Модар накит“ е прва книга од австриската авторка Катарина Винклер, но бидете сигурни дека во ниту еден момент нема да имате чувство дека ова е деби во книжевниот свет. Напротив, дури бев изненадена кога разбрав дека се работи за нејзина прва книга. Напишана е на еден прекрасен, нежен, полн со сочувство, поетичен стил. А темата… Ахххх другари мои, и повеќе од длабока и болна.
Ова е воедно и вистинска животна приказна. За жал, само една од многуте на безброј потчинети жени низ светот. Жени жртви на семејно насилство, жени третирани полошо и од добиток купен на пазар.
Ова е болната приказна на малата Филиз. Послушајте ја.
Филиз е едно од многуте деца пораснато во семејство каде мажот го има и последниот и главниот… всушност, секој збор. Живее во едно мало курдско село во Анадолија и секој ден е сведок на насилствата кои нејзиниот татко ги врши врз мајка ѝ, неа и останатите деца. Тие го добиваат својот „модар накит“, модринки по целото тело да сведочат за тоа како никогаш не треба да се спротивставуваат на „главниот“ во семејството. Но, не се сами… телата на многу жени и деца се „закитени“ со ваков модар накит.
„Во нашата долина живеат стотици модри жени. Има светломодри, како мајка му на Некла, и темномодри, како мајка му на Фидан, има модроцрвени и модроцрни жени. Има жени што своите модрини ги носат околу вратот како обрачи во вдлабнатината под грлото како медалјон, на некои модрините им се на рацете, како алки околу зглобовите од дланките или стапалата.“
Единственото нешто за кое сонува малата Филиз се фармерки. Да, фармерки. Фармерки како симбол на слободен живот, далеку од таткото и општеството кое како женско ја малтретира и осудува на маченички живот. Кога го запознава Јунус и се вљубува во него, за момент ќе се понадева дека конечно, наместо модар накит ќе носи фармерки.
Но, нејзините соништа набргу се рушат. Фармерки нема да има, но затоа ќе има многу, многу накит. И тоа модар.
Ова е навистина потресна приказна, сведоштво на една од којзнае колку жени кои се жртви на семејно насилство. Иако се чита, речиси како поезија заради стилот и кратките поглавја, воопшто не беше лесно да се прочита. Постојат одредени теми за кои никогаш не е лесно да се чита, а оваа книга содржи токму една таква. Филиз можам да бидам јас или ти. Само кога би биле родени во поинакви услови. А од друга страна… дури и кај нас во Македонија има многу жени како Филиз.
За секоја Филиз…
За секоја жена која се бори да го најде своето место под сонцето и секојдневно носи модар накит наместо бисери…
Моја поддршка и љубов.
Чиста петка за оваа преубава, иако навистина тешка книга. Како за ваква книга да кажам дека уживав додека ја читав? Не можам да го кажам тоа, но нејзината цел не е ниту да се ужива, туку да сведочи за нешто што не смее да се случува, да биде потсетник за храброста и јачината на жените и поттик на жртвите на вакви грозоморни случки да излезат од сенка. Најтопла препорака од мене.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ана Томова
Осврт за „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова
Низ кратки и отсечни раскази/мисли, Дијана нè соочува со овие прашања. И...
Повеќе
0 replies on “Кон „Модар накит“ од Катарина Винклер”