ЧИТАЊЕ КАКО СВОЕВИДЕН РИТУАЛ
(за книгата Дијана Петрова. Не правете им сенка на гробовите.
Скопје: Антолог, 2020)
Одамна не сум читала со толкава страст некоја книга!
„Не правете им сенка на гробовите“ на Дијана Петрова истовремено ме тераше и да ја прочитам во еден здив и да се оддалечам од неа и така да мислам на неа до наредното седнување и читање. Да го одложувам крајот! Затоа, читав и читав и си велев да не брзам и да ја читам умерено, лека-полека, за да ја одржувам страст како што се одржува оган за да не изгасне во текот на ноќта и рано наутро да се разбудиш заради вкочанетост од студ. Ја читав три дена, како еден своевиден ритуал! Ја читав пред да ми започнат дневните обврски! Наутро со шоља варено (турско) кафе.
Така ги прочитав најпрвин гневот и сладострастието, потоа им се нафрлив на алчноста и гордоста, и финиширав со мрзливоста, зависта и ненаситноста. „Не правете им сенка на гробовите“ ја читав и наместо појадокот по кафето.
Овој пат си реков дека нема да пишувам поставувајќи некои книжевно-теориски параметри за книгата, ниту ќе мудрува за структурата (која е, еве вака од нога кажано, е извонредно симболично структурирана, особено во поигрувањето со броевите 7 и 3). Ништо од тоа… зашто доволно кажаа, и стручно и прецизно во своите рецензии, и Ангелина Бановиќ-Марковска и Фросина Пармаковска, а богами, и промоторките на настанот што се случи во МКЦ на 25.јуни 2020 година по повод оваа книга – повторно Фросина Пармаковска, Марија Гиревска и Тамара Котевска.
Книгата „Не правете им сенка на гробовите“ има и извонреден дизајн на корица која како да е во дослух со морниците што ти проаѓаат кога минуваш низ запустените гробишта, заборавените гробови, со намовнатоста заради стравот кога те заплиснува некоја среќа, со тегобноста која те налегнува кога твојата душа излегува од твоето тело и кога таа душа со гадење гледа на тоа свое тело. Самата корица е синестезички поставена во однос на 21 расказ каде стравот има чуден мирис, каде стравот има конкретен облик (како кај Кафка или кај По) и станува оние отсечени, а потоа и засадени прсти, каде стравот ги добива облиците на црвите, бубачките, полжавот, дрвјата, каде стравот е поголем кога си исправен пред живите отколку пред мртвите луѓе.
Она што навистина ме привлече е атмосферата што ја создаваат расказите на Дијана Петрова. Така што на моменти тие како да водат дијалог со „Преобразба“ на Кафка. Исто така, тие како да градат паралелен универзум со овој во кој живееме и кој го познаваме (барем мислиме дека го познаваме). И читам и читам и тие за моменти ме носат на филмското платно и кон серијата „Фринџ“ („Fringe“ на Џеј-Џеј Ејбрамс, Алекс Курцман и Роберто Орси) во која се користи т.н. фринџ или гранична наука за да може со неа да се истражат низа необјасниви, многу често и ужасни појави, па дури и мистерии со што се обвиткани паралелните универзуми. Тоа е серија која директно се разви под влијание на култните „Зона на самракот“ и „Досиеја икс“. Но исто така расказите на Петрова се бранат со сериозна доза на хумор, на оној црн, леплив хумор, од кој се смееш тешко, долго, но и болно, и кој колку што е близок до некои наши раскажувачи, толку е во дијалог и со една друга телевизиска серија (што ми протрча низ главата додека ги читав), а тоа е „Два метра под земја“ („Six feet under“). Но, во она нејзино постојано надмудрување што им го допушта на своите ликови за минливото и неминливото, за семоќното и немоќното, за нештото и ништото, за наситното и ненаситното, има и далечно ехо на нашиот Петре М. Андреевски, особено со збирката „Сите лица на смртта“.
И при сето ова кажано/напишано сакам да го потенцирам само уште ова: Дијана Петрова за кратко време расте во извонреден авторски глас и со изборот на темите и со пристапот кон тие избрани теми. Но и со пораката за создавање една своја поетика на расказот кој става акцент не толку на приказната (иако беспрекорно ја гради) колку на емоцијата и особено на онаа со која можеме да дојдеме до среќата! На емоцијата како егзистенција во една Сартровска смисла.
Останува само уште вие да ги прочитате…