Пред неколку дена го прочитав вториот дел од Бастанската трилогија – „Заветот на коските“ од баскиската писателка Долорес Редондо.
На почеток, да разјасниме: ова не е книга, туку КНИГИШТЕ! Без сомнеж, добивам впечаток дека Редондо со секое следно напишано дело, се надминува себеси.
Во ова дело, инспекторката за крвни деликти Амаја Саласар се наоѓа пред уште еден голем предизвик, односно ќе се соочи со мошне посложен и покомплициран случај од оној во „Невидливиот чувар“ (првиот дел од трилогијата).
Имено, една година по разрешувањето случајот со басахаунот (невидливиот чувар), поврзан со убиствата на млади девојки, извршени од сериски убиец, кој беше мотив за хоророт со кој се соочуваше локалното население во Бастанската долина, Амаја, пред да замине на породилно отсуство, се подготвува да присуствува на судењето на Јасон Медина, кој е обвинет за силување и убиство на неговата паштерка Јоана Маркес, а за кој, меѓу другото, веќе е утврдено и докажано дека се обидел да го имитира modus operandi на гореспоменатиот басахаун.
Меѓутоа, пред почетокот на судењето, судијата изјавува дека тоа мора да биде одложено, бидејќи обвинетиот е пронајден мртов, поточно се самоубил во затворскиот тоалет, претходно оставајќи порака, директно наменета за инспекторката, која содржи еден единствен збор ТАРТТАЛО. Токму оваа порака ќе ја наложи неопходноста од отворање нова истрага на чело со инспекторката Саласар, во чија суштина лежи појавата на ампутирањето на подлактицата на младата девојка Јоана, но и на други жени убиени од своите сопрузи, кои по извршените злосторства се самоубиваат, при што ја оставаат добро познатата мистериозна порака: ТАРТТАЛО.
Паралелно на ова, инспекторката Саласар заедно со нејзиниот тим треба да го истражи и случајот на сквернавења на цркви, при што биле оставени остатоци од коски на бебиња во Арискун, едно од малите гратчиња во рамките на Бастанската долина. Иако навидум се чини дека станува збор за обичен вандалски чин на кој не треба да му се обрне големо внимение, понатамошните истражувања покажуваат дека откривањето на овие коски од бебиња во себе крие поврзаност со минатото на инспекторката, односно со нејзиното раѓање и детство.
Значи, слично како и во првиот дел од трилогијата – „Невидливиот чувар“, и овде се испреплетуваат актуелните случувања во однос на истражувањето на злосторствата со митологијата и мрачните легенди, но и со личниот живот на Амаја, пред се болните сеќавања од нејзиното детство, само што би потенцирал дека овој момент е значително поизразен во овој дел, особено поради фактот што серискиот убиец, секогаш од сенка на извесен начин „ја провоцира“ Амаја, принудувајќи ја повторно да се соочи со демоните од нејзиното минато. Токму оваа интересна поврзаност е она што посебно ми се допадна во романот, бидејќи му дава особена динамичност, неизвесност, но пред сè квалитативна специфичност.
На крај би го додал и фактот дека во „Заветот на коските“ Редондо направила значителен напредок во однос на „Невидливиот чувар“ и тоа од повеќе аспекти. Пред сè, постои голем напредок во поглед на нарацијата и стилот на писателката, кои се многу побогати. Исто така, посебно забележителна низ страниците на романот е длабочината при градењето на психолошкиот профил на ликовите. Од овој аспект, Амаја е похрабра (помалку плашлива) во поглед на мрачните сеќавања на своето детство и односот со нејзината мајка, па дури се чувствува поподготвена конечно да се соочи со стравовите од нејзиното минато. Потоа, таа е посамоуверена и поодлучна при преземањето одредени чекори кои се во корист на истрагата.
Ако кон сето ова се додаде и стравот што таа го чувствува да не му ја даде потребната мајчинска љубов на нејзиниот син, а последователно на тоа и тешкотиите кои се појавуваат при воспоставување на рамнотежата помеѓу мајчинството и работата, што ѝ се создава дополнителна тензија која речиси реминува во секојдневие, станува јасно дека писателката направила голем исчекор при допрецизирање на главниот лик во романот.
Ова е дело кое не смеете да пропуштите да го прочитате, а штом ќе почнете да го читате, верувам дека ќе уживате во секоја прочитана страница и дека не ќе можете да ја испуштите од рака книгата.
Оценка: 10/10.