Бебе на хаосот / Смртта доаѓа во неповратна амбалажа / Комеморација на зборот

Смртта доаѓа во неповратна амбалажа, / секогаш прерано и на грешна адреса. / Ако тропање слушаш на твојата врата, / направи се луд, свиркај си нешто.

Бебе на хаосот

 

Зинале свежо ископани гробови

ко гладна бебешка уста,

Лажицата – импровизиран авион

кој лета да одвлече внимание

за да изеде сѐ.

Една за мама, друга за тато.

Сите за татковината!

Униформиран оброк,

иден гнилеж во ровката земја. 

 

Зошто ни е химна плачот

на дебелото ненаситно дете?

Ако се прејаде и пукне

ќе убие милион деца и старци,

се разбира, во име  на мир

и демократија. 

Молчи! 

само што заспа ѕверот

во своето креветче од абонос

свежо обоено со крв

и мали черепи на конец

за да си игра со нив.

 

Го држат високо горе, 

на подот вришти ко ѕвер,

колне ко стара вештерка маалска

само на неразбирлив 

бебешки говор.

Неколку мајки се менуваат,

вкочанетост, бол во зглобовите.

Знам одлична маст за нивните болки,

но сега не е момент за тоа.

Ако некоја го испушти од раце

тресокот на земја ќе направи хаос.

 

Сите се мајки на оваа напаст,

а татко е подвижен ковчег

во крчмата на излез од градот.

Кој го посадил злото, па заминал по млеко

и уште го чекаат да се сети на семето свое. 

 

На дебелото ненаситно дете

првиот збор

му беше ВОЈНА. 

Има копче за уништување на светот

некаде во купот 

помеѓу сакати мечиња 

од сакати дечиња, 

што беа бомбардирани

се разбира… за мир и демократија. 

 

Може да заспие само гледајќи вести

од заборавените земји

за кои слушаме само

ако загинат стотици,

ако земјата испила доволно крв.

Таму се војува 

од кога имаме телевизор,

а можеби и пред тоа.

Немаме толку солзи

колку постои тага на светот

колку што дебело може да биде

бебето алчно. 

 

Морам да пишувам тивко

врз моето механичко срце

за да не го разбудам ѕверот 

од својата попладневна дремка.

Ви реков ли, колку е злобно кога 

е луто?

Ви реков ли дека има уништувач

на целиот свет?

Тоа сака сѐ да стави во уста.

Еднаш голтна една држава,

со сите болници, куќарки

со сите поети, убијци и мачки.

Само исплука еден книжевен критичар,

нив не би ги сварил никој!

 

Смртта доаѓа во неповратна амбалажа 

 

Смртта доаѓа во неповратна амбалажа

   ја остава животот пред врата, тропнува и бега.

  Мојата баба ја испи еднаш.  

 Збунети и во шок, баравме барем некое писмо.

 Најдовме рецепти за најубави торти,

 сега чувари рајски со прстите топат од филот.

  Ако некогаш се сретнеме таму,

  ќе те пронајдам, следејќи мирис од супа.

  Ако ме пуштат да поминам низ порти,

  ќе шверцувам слики да видиш како е долу.

  Стариот прибор не е променет уште, 

  мислиме ќе се зачуваме сите, ако остане така.

  

  Пцуев кога го исфрлија стариот кревет,

   како и ти да си отсутна, а присутна беше.

  Вдлабнатина, хроника во седење на истото место.

  Легнував за никој да не седи таму. 

   Несвесно ти го чувам твоето место, 

  небаре ќе се вратиш штом ќе ископаш компир.

  А твојот сопатник, твојот вкочанет Ахил,

  твојот изнемоштен Херкул, уште е овде.

  Понекогаш седи на твоето место,

   те чека да пристигнеш,

  и нервозно тупка со старите чевли.

 

  Цврст е, а тагува тајно, нѐ љуби сите 

  и заштитнички крие да го покаже тоа.

  Ако ти беше супа, тој е буквите внатре

  ме научи за нив, ми го подари светот.

  Безгрижен го цртав Споменикот на Слободата

  на лист врз неговото колено, со  ѕидарски молив.

   Денес мрази да го бакнуваме, 

  само стегаме дланки, како на шаховски меч.

  Ја гледа ко болест староста своја,

 се плаши дека е заразна,

дека изгледа грдо врз нашите усни.

 

Смртта доаѓа во неповратна амбалажа,

 секогаш прерано и на грешна адреса. 

Ако тропање слушаш на твојата врата,

 направи се луд, свиркај си нешто.

Можеби поштарот носи радосни вести

 или животот смртта ја носи, тропа па бега.

 

Комеморација на зборот 

 

Научив да пишувам без помошни тркала,

да го нуркам зборот без боца во црвени алги, 

            на дното каде насмеани трупови бројат јата риби пред спиење.

           

              Научив да му ги врзувам патиките со каллив ѓон,

               иако повеќе сакаше да му се влечат по земја,

             за да ги мети сокаците од скитници и прегазени пешаци. 

 

           Тешко се започнува песна, лесно се завршува живот.

           А она помеѓу?

          Тоа е зборот што се заканува дека ќе скокне од балкон,

          дека ќе замине ко неверна жена, ко бегалец татко.            

            Но ти цеди лимон во мамурни утра,

         ти мие лице и заби, со пудра го покрива мртвото лице.              

 

             Мојот лежи во ‘рѓава табакера,

        чека да ми се трие меѓу прстите ко коса на смртта, 

        да ги бакне ко цевка од пиштол испуканите усни,

        па како го создадов, и да го запалам така.

 

       По сето ова надолу колку, нагоре каде? 

     Навнатре само! 

   Каде сите одамна закопани стихови дојдоа свечено

  на комеморација на зборот!

     Ниедна песна не знае таа ли е последната,

      оваа се напиша сама, јас друга имам!

  

    Таа подобро знаеше да ме дои и лула,

    таа помирно знае да лежи в ковчег.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Мартин Миљев
Итака, натаму / Оков за оков
Оков за оков / и правдата ќе стане слепа, / ќе биде...
Повеќе
0 replies on “Бебе на хаосот / Смртта доаѓа во неповратна амбалажа / Комеморација на зборот”