Години. Дали се само број или носат со себе и мудрост? Дали бројот на свеќичките за роденден кога наближува кон триесетката значи созревање? Зрелоста и животните одлуки некогаш не се поврзани. Дали чаша шардоне повеќе ќе овозможи разговорите и одлуките да изгледаат зрело или сепак ќе мора да се преземат посериозни чекори кон себеспознавање и себепронаоѓање?
Овие и уште низа прашања се ројат во главата на Миа. Млада, амбициозна, вработена, во слободно време писателка со одличен успех на тоа поле, во себе крие страшен проблем. Анксиозност, страв, траума од несреќа која ја променила целосно пред три години. Во потрага по себеси, самодовербата и љубовта, само ќе навлезе уште подлабоко во интригите на еден однос што треба да биде само пријателство. Низ неколку сеанси, неколку порции шпагети карбонара, шардоне, љубомора и несигурност ќе станете дел од животот на Миа и Милан кои како најдобри пријатели несвесно ќе се повредуваат меѓусебно.
Една поинаква книга за самопомош која навистина ќе ти помогне во борбата, прво со самиот себе, а потоа и со сопствените мисли и одлуки, стравови и гревови, притоа овозможувајќи ти една поинаква перцепција на емоциите, состојбата на свеста, зрелоста и донесувањето важни одлуки во животот. Прво сакај се себе, за да можеш да љубиш вистински, а и другите да можат во тебе да препознаат личност вредна за почит и љубење.