(пре)именување
Поводот за ова размислување „во процес“ е едно мое антиупатство (бр.89), од пред десетина и повеќе години, инспирирано од посетата на Риека, Гувернеровата Палача и таму чуените приказни за кусотрајната Кварнерска Република (1919-21) и нејзиниот владетел Габриеле Данунцио, писател, авантурист и диктатор од типот на некој од ликовите на Хуго Прат. Поттикнат, го прочитав романот „Данунцијада“ на Виктор Цар Емин, во којшто го користи поимот „кронистерија“ за да го означи, мошне успешно, писателот со хиперактивна политичка (и еротска) активност и екстремност. Веднаш нешто запишав, миговно (како и повеќето антиупатства), пиејќи кафе на големата тераса на Гувернеровата Палача, откаде Данунцио ги држел своите громогласни говори, за да многу подоцна таа белешка прерасна во есеј за односот на писателот (уметникот) кон власта, што по објавувањето, имаше љубопитен одзив (особено кај писателите). При тоа, покрај категоријата Хронистерик, се наметнаа уште две – Трибунот и Кловнот. Во совпаѓањата, како и во разноликоста (подтиповите) со творечките и човечки судбини на конкретни автори, фигурата на Хронистерикот се надоградуваше и надополнуваше, Трибунот најкомотно „легна“, додека меѓу (главно) охрабрувачките приеми на категоризацијата постојано се провлекуваа барањата да ја дообјаснам фигурата на писателот Кловн. Главното недоразбирање е што ознаката „Кловн“ има врежано, тесно толкување што го сместува често во циркуски контекст, иако неговата значенска сфера во оваа моја поделба на три главни категории писатели е многу покомплексна. Се обидував да го појаснам писателот (уметникот) – Кловн преку лепезата способности што се многу подлабоки од оние што се подразбираат под осиромашената особеност на забавувач. Фигурата Кловн не смее едноставно, уште помалку еднострано да се толкува. Неговите ставови и однесувања кон социјалните и политички предизвици на современоста не се онака остри и радикални како кај Хронистерикот (со чии особености, во зависност од историско-политичкиот контекст, можат да се одликуваат и одделни буквално означени, гротескни „кловнови“), ниту пророчки како кај Трибунот, но кај повеќето писатели Кловнови се препознава чувството за правда, хумана нишка како доказ на нивната човечка (несовршена) природа.
Но, и покрај моите настојувања и аргументи, после немало време, сфатив дека во именувањето „Кловн“ постојат слабости што не можам да ги оправдам и решив да го заменам со поприфатлива, посоодветна фигура – Номад.
* * *
насока за понатаму
Додека го пишувам есејот во процес „Трибун, Хронистерик, Номад“ како да се враќам во времето кога работев на новелите „Таа го сака Чехов“ и „Ѕиркачот“. Ме окупира долготрајно (што не е случај со кусите прози, па и со есеите); ми требаше време да го развивам, да го докројувам, и сега, кога сѐ уште не е завршен, би сакал „Т.Х.Н.“ како воведна, изгледна клучна проза во книгава да ја потврди мојата склоност кон ослободената, огледна, но и немирна (неспокојна) мисла, што ја чуствувам како важен сојузник во моето пишување. Но од друга страна, таа забрзана мисла е и мој спротивставеник – ја крши замислената композиција на одломци, фрагменти што нараснуваат и итаат да заживеат сами за себе, како самостојни завршени скици од незавршена целост. Така и во оваа книга, почетниот есеј „Т.Х.Н.“ , и самиот отворен, иницира да го спојам со низа сродни есеи, некои пишувани паралелно со „Т.Х.Н.“ (на пример, „Трибунот Толстој“), некои многу порано (на пример, „Номадот Ацо Шопов“). Од некои пак замислениот огледи, како оној за Хајнрих Хајне, еден особен хронистеричен автор, останаа само неколку расфрлани реченици, за да тој биде заменет со покус текст за Свифт. Не го запишав ниту планираниот дел за трибунот Андриќ, хронистерикот Киш и номадот Црњански (иако имав блиска средба со делата и личностите на овие тројца автори, учествувајќи во одделни книги посветени на нивната неоспорна книжевна важност).
Сепак иако текстот на некој начин се развиваше непланирано, се обидував да одржам еланот на почетната, суштинска замисла и композиција. Затоа го претпочитам есејот пред научната студија зашто во него мислата ослободено се движи, заскитува, се раздиплува, што е можно повеќе, и оттаму, би сакал, заличува на проза. Трибунот, Хронистерикот, Номадот се моќни фигури што го овозможија, го енергизираа тоа движење.