ПОУЧНИ СЛОВА НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ВО ЧЕСТ НА ИСУС ХРИСТОС

За животот на Св. Климент Охридски

За свети Климент Охридски, патронот на нашата Црква, првиот словенски епископ со Дух напоен од Бога, нашиот Старец, молитвеник, духовник, беседник, просветлител, учител… речиси и да немаме конкретни биографски податоци. Не се знае кога е роден, каде се школувал, кои се неговите родители и сл. Изворите молчат, но житијата никогаш немале за цел да ги изнесуваат личните моменти од животот на светителите, туку нивните богоугодни дела, нивните подвизи и жртви. Со иста таква цел и во спомен на овој голем наш светител и Божји угодник се напишани и овие редови. Се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година. Во Пространото Климентово житие пишува: „тој го познавал неговиот (Методиевиот) живот како никој друг, бидејќи пошол по него од најмлади години и со свои очи ги видел сите дела на својот учител“. Поради оваа блискост со свети Методиј, најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал од Македонија, или од Струмичко-брегалничката област каде со словенското кнежество управувал свети Методиј пред да замине во Мала Азија, или од Охрид, или пак, со помала веројатност од Солун. По заминувањето на свети Методиј од светот, со цел „целиот свој живот на Христа Бога да Му го посвети“ во манастирот на Олимп, со него заминале и свети Климент и свети Наум. Се смета дека двајцата таму биле замонашени. Дури и се мисли дека пред Моравската мисија, свети Климент учествувал и во Хазарската мисија. Во Моравија тој им помагал на своите духовни отци и учители светите Методиј и Кирил во мисијата. Уште пред тоа, тој учествувал во подготовките за мисијата, односно во преводите на библиските и литургиските текстови, каде што се здобил со огромно знаење кое ќе биде темел на неговото подоцнежно големо животно дело. Подоцна, заедно со рамноапостолните браќа светите Методиј и Кирил во 868-869 од Моравија пристигнал во Рим, каде што бил сведок на Божјиот благослов и потврда на делото на неговите учители и бил ракоположен во свештенички чин. Таму тие со себе ги понеле и моштите на римскиот папа и маченик свети Климент, кои ги пронашол свети Кирил, и се претпоставува дека при ракополагањето на свети Климент во свештенички чин можно е да го добил името во спомен на светиот папа Климент. По упокојувањето на свети Кирил во 869 година, свети Климент и другите негови собраќа заедно со свети Методиј повторно се вратиле во Моравија. Тука продолжиле да ја извршуваат мисијата под раководство на сега веќе архиепископот Методиј сè до неговата смрт. На теренот на оваа словенска земја се изодени првите чекори на словенската богослужба и писменост, откако пред тоа свети Кирил ја создал словенската азбука – глаголица. Иако и претходно не биле мирни во своето дело поради непријателите на словенскиот јазик, по смртта на свети Методиј во 885 година за неговите ученици започнале деновите на прогон и мачеништво. Во Моравија се случиле трагични мигови за словенската богослужба и писменост. Таму тие претрпеле големи искушенија: останале „без храна и облекло“, трпеле измачувања, прогони, навреди, фрлани биле во затвори, со неколку збора – преживеале сцени од житијата на мачениците, но и ни оставиле доказ како да се истрае во искушенијата. „Бог е милостив“ и Тој им дава сили на своите избраници да издржат. По тие тешки мигови и по смртта на свети Горазд, едни од учениците отишле во Бохемија, каде што го ширеле делото на словенски јазик до крајот на 11. век, а другите, Климент, Наум и Ангелариј преку Белград дошле во Плиска кај царот Борис, кој покажувал интерес за вакви луѓе поради потребата од ширење на христијанството на словенски јазик, а извесен број по заобиколен пат преку Венеција и Цариград дошле во Бугарија. Набргу потоа во 886 година свети Ангелариј подлегнал на раните здобиени во прогонот, свети Наум останал како управник на Преславската школа, а свети Климент заминал за Кутмичевица. Во науката сè уште со сигурност не се знае каде се наоѓа оваа област, претпоставките се насочени кон тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Грција. Девол, Охрид и Главеница биле три населби во областа Кутмичевица. Тука тој го започнал најплодниот дел од својот живот, на кој ќе му посветиме најмногу внимание. Имено, најголемите дела, слова, поуки и останати пофални слова се напишани во овој период од овој наш најголем и Божествен просветител. Знаеме дека тој им помагал на своите учители во преводот на богослужбените и литургиските книги на старословенскиот, подоцна црковнословенски јазик, кој е кодифициран како литературен јазик врз основа на македонскиот словенски говор од Солунско. Тој бил организатор и главен претставник на Охридската школа. Така, Охрид станал црковно и книжевно жариште на македонската, но и на сесловенската писменост. Тој седум години самостојно ја вршел црковно-просветната дејност, учителствувал и вредно работел на своето дело. Но за да го оствари сето она што го замислил, нему му била потребна помош. По неговото востоличување за епископ Велички во 893 година покрај него доаѓа неговиот возљубен собрат свети Наум, неговиот достоен помошник, придружник и соподвижник, и тој го презема раководењето со Охридскиот книжевен центар.“

За потребите на својата книжевна школа во Охрид, тој ги пишувал своите дела. На јазикот кој штотуку ја доживеал својата писмена пројава, Климент создавал прекрасни дела. Ги создавал првите дела на литературниот словенски јазик, откако неговите учители го поставиле темелот со глаголицата. Преку неговите дела ги гледаме стилските и емоционалните можности на старословенскиот јазик, кој штотуку почнал да се оформува како литературен. Затоа се вели дека Охридската книжевна школа станала расадник на црковна писменост. Свети Климент, освен што работел на преводите на потребните богослужбени книги и друга богословска литература, бил и автор на оригинални дела: слова, поуки, пофални слова, пофалби, канони и житија. Житието вели: „Никогаш не го видовме да бездејствува… или се оддаваше на молитва, или се занимаваше со читање, или пак пишуваше книги… составил прости и јасни слова за сите празници… ја снабдил Црквата со псалмоподобни песнопенија“.

Бил педагог, плоден писател, родоначалник на црковното словенско беседништво и на словенската литература. За македонската и општословенската култура и просвета од огромна важост е просветителската и книжевната дејност на свети Климент. Со од Бога даруван книжевен дар тој им се приближил преку своите дела на најголемите Отци на Православната Црква, како што се: свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и многу други. Затоа често бил, и денес е споредуван со нив, а во црковните зборници и книги неговите дела се секогаш заедно со нивните. Силното влијание на Охридската книжевна школа се чувствувало со векови не само во Македонија и кај другите јужнословенски народи туку и во Русија. Неговото дело се раширило и надвор од македонските граници и добило сесловенски карактер. Големиот број на преписи од неговите дела, преку 1000, кажуваат колку тие биле омилени и барани од црковните кругови. Делата на овој светител биле прифатени во целиот православен словенски свет и ги поставиле основите на црковно-манастирските библиотеки. Благодарение на делото на свети Климент и свети Наум, во православните словенски земји црковно-словенскиот јазик останал како заеднички јазик, сè до создавањето на современите словенски јазици. Свети Климент и свети Наум биле просветители и учители. Но, денешното значење на зборот просвета не се совпаѓа со она старословенското „просвештение“, односно просветлување кое значи апостолство, мисионерство. Освен просвештението со крштение – преку црковни обреди и служби, просвештението со братољубие – преку живот според евангелскиот принцип и љубов, свети Климент се залагал за просвештение со букви – преку описменување и книги. Главна дејност на свети Климент била просветлување на народот и негово припојување кон Христа. . Во 916 година, шест години по упокојувањето на свети Наум, и тој ја предал својата душа во Божји раце. И по неговата смрт Охридската книжевна школа го задржува доминантното место во развојот на македонската писменост.

Делата на Св.Климент

Делата на Св. Климент за нас беа непознати повеќе од еден милениум. После примањето на грчкиот карактер на Охридската Архиепископија дел од словенските книги се уништени, а друг дел се пренесени во големите Словенски Царства. Податоците и дел од неговите дела кои ги имаме денес се благодарение на големите руски етнографи и историчари: Тунитски, Ундолски и Лавров и чехот Миклошијќ кои целиот свој живот го потрошиле на собирање и проучување на животот и делата на Св. Климент.

Во прилог ги презентирам поучните слова на Св. Климент Охридски во чест на трите големи Господови празници: Рождество Христово – Божик, за Цветници и поука за Светата Пасха – Велигден.

ПОУКА НА РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО

„Браќа и синови, пристапете да ви раскажам за силата и честа на овој ден, во кој што се случи посетата и избавувањето на човечкиот род, кој паднал во ѓаволската измама и во распадливоста, поради прекршувањето на Божјата заповед, што некогаш беше дадена во рајот. Поради зависта на ѓаволот и со невоздржувањето, човекот отпадна од Божјата слава и беше лишен од рајската храна. Живеејќи во смртна распадливост, тој не роди и нас. Кога ѓаволот виде дека отпаднавме од Божјата слава, то започна да ги соблазнува луѓето со многу лаги, сакајќи оддели од Бога – со разбојништва, кражби, клевети, блуд, труења и со секакви лоши дела, за да нè направи непријатели на Бога. Но, милостивиот Господ Бог, не поднесувајќи да нè гледа паднати во толку големо зло, не го заборави делото на своите раце, туку ги преклони небесата и слезе заради наше избавување. Прими и наше тело, сакајќи да го обожи Своето Божество. Како Младенец беше повиен во пелени Оној што со магла ја обвиткува земјата и како дете легна во животински јасли Оној што секогаш почива на херувимски плеќи, за да нe’ избави од скотскиот живот. Поради тоа, (Невидливиот) сега станува Видлив, Несоздадениот се смести во своето Создание, Недопирливиот стана Допирлив, Синот Божји стана Син човечки, совршен Бог и совршен човек. Без да ја остави Својата божествена природа, стана човек. Откако со Своето тело го скри Божеството, Он слезе за да нè побара и откако ја најде загубената овца, ја зеде на рамо и ја однесе при Отецот, односно човечката природа што некогаш ја беше проголтал сатаната. Господ ги повика на радост ангелските сили, велејќи: „Радувајте се со Мене, зашто ја најдов загубената овца.“

Затоа, браќа, и ние сме должни да го почитуваме Неговото слегување при нас и секогаш да ги пазиме Неговите заповеди, во љубовта еден со друг да се натпреваруваме, зашто Самиот и Он ги напиша, ни ги предаде и рече: „ Не убивај! Не кради! Не прави прељуба! Не сведочи лажно! Почитувај ги својот татко и мајка! Сакај го својот ближен како самиот себе!“ – Не оној што ни е ближен како роднина, туку секој оној што живее во верата Христова. Гладен да нахраниме, необлечен да облечеме, на Божјите служители почит да им покажуваме, зашто тие бдеат за нашите души; дење и ноќе да одиме во црква, зашто тука се очистуваме од гревовите; да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото Божјо и крвта (Причесната), без да имаме непријателство со никого; не да се сакаме со лиецмерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно, во кое дојде да нè повика Христос, нашиот вистински Бог, Синот Божји, Кој е двоен по природа, еднакво славен во (Света) Троица.“

Оваа беседа е инспирирана од самиот настан на Рождеството Христово затоа што, во тоа време додека живеел Св. Климент празнувањето на Божик е штотуку воведено, пред неколку векови. До 6ти век овој празник се славел на: 19.1 нов стил/ 6.1 стар стил, на Богојавление. Значи, Божик и Богојавление се славеле заедно на Богојавление. Тогашната пракса и праксата на раните христијани била да го слават духовното раѓање т.е крштението а не телесното. Сето ова започнува од Александриската книжевна школа и идејата ја дава тогашниот началник на овој книжевен центар Климент Александриски. За прв пат е воведена на запад т.е во Римската црква да се празнува на 25.12 затоа што тогаш старите пагански Римјани го славеле раѓањето на богот на сонцето. А со раѓањето Христово направиле една паралела и почнале да го слават „Новото Сонце“ кое е Христос. Па така, по примерот на Западот и Истокот го вовел овој празник на 25.12 стар стил/ 7.1 нов стил.

Во врска со податоците на оваа поука на Св. Климент напишана по повод Рождеството Христово, позната била во седумдесет и првиот препис. Најстариот ракопис е поместен во пергаментен Пролог од XII – XIII век во две колони, руска редакција. Се наоѓа во ГПБ Санкт Петербург. Според овој ракопис е направен и македонскиот превод, овој кој што го посочив погоре.

Карактеристично е тоа што сите општи беседи во Православието, почетните зборови или обраќањето се: „Браќа и сестри“ но, овде имаме обраќање со зборовите „Браќа и синови“, што значи дека оваа поука е наменета за потребите на Охридската Книжевна Школа за одделот „подготовка за свештени кадри“ т.е беседа или поука која е наменета како еден вид на прирачникза идните свештенослужители.

ПОУКА ЗА НЕДЕЛАТА ЦВЕТНА – ЦВЕТНИЦИ

„Отче, благослови!

Браќа, откако го препливавме текот на постот како морска шир, гледајќи го саканото пристаниште, да примиме поголем подвиг. Откако ќе го истресеме од себе сонот на мрзливоста, да преминеме од едни чудеса на Господа кон други чудеса, водени од нашиот Господ Бог.

Вчера, заедно со Марта и Марија, му се восхитувавме на воскресението Лазарово, а денес да Му принесеме на Господа похвала поклонувајќи се. Денес незлобливите деца Го пречекуваат Христа со (врбови) гранчиња, викајќи и говорејќи: „Благословен е Кој доаѓа во името Господово; Бог Господ ни се јави.“

Изречи јасно, о пророку, и кажи ни, Кој е Тој што иде во името Господово? – Зар не го слушаш пророкот Исаика кој се повикува и говори за Него: „Ете, Девица ќе зачне во утробата и ќе роди Син, и ќе му го дадат името Емануил – што значи: со нас е Бог.“ Он слезе од небесата заради нас и доброволно осиромаши, та ние да се збогатиме преку Неговата сиромаштија. Тој е Оној што се роди без мајка пред вековите, и вторпат – на земјата од Пречистата Дева, без татко. Овој е Тој што вчера го воскресна Лазар, кој лежеше во гробот четири дена. Овој е Тој што дојде во името Господово. Вчера беззаконите Јудеи, наместо да Му оддадат слава, беа обземени од завист и се договараа да Го убијат. И не само Него, туку и Лазар, бидејќи поради него многумина поверуваа во Исуса и исповедаа дека Он е живиот Бог.

Денес земјата, исполнета со радост, Му го постила патот со благомирисни гранчиња, и луѓето на радост ги повикува, откако приготвила гранчиња од благомирисни маслинови дрвја, исполнувајќи ги срцара на верните со похвали, за да запеат песни: Благословен е Кој иде во името Господово – Христос, нашиот Цар и Бог! Благословен е Тој што иде, за да пострада, да го разруши царството адово, и да ги изведе запленетите, кои беа уште од првиот Адам дрѓани во бездната на земјата. Поради тоа Он оди на доброволно крсно страдање, сакајќи со Крстот да го прободе срцето на мачителот и да ги оживее умрените. И навистина, Он ни го даде Крстот како оружје против непријателите, та осенувајќи се со крстниот знак, да ја уништиме сета измама на ѓаволот. Зашто ние преку дрвото отпаднавме од рајот, и преку крсното дрво Христос пак нè воведува во поранешното место.

Поради тоа велиме: „Благословен е Кој иде во името Господово. Бог Господ Кој иде заради доброволно страдање!“ Зашто преку тие страдања се спасуваат сите верни, преку Христа, нашиот Господ, Кому е слава во вековите.“

Ова слово е напишано по повод празникот Цветници или црковно наречен: Влегувањето на Господа Исуса Христа во Ерусалим. Но, каде бил, за да влезе во Ерусалим? Тој бил во малото гратче Витанија коешто било оддалечено од Ерусалим колку еден саботен ден одење. Бил во Витанија претходниот ден да го воскресне четвородневниот Лазар и тој настан се расчул веднаш, и затоа свечено наредниот ден е дочекан во Ерусалим. Христос во својата спасоносна мисија лекувал многу болни и воскреснувал многу мртви но сите биле штотуку умрени. Но, да се воскресне погребан човек, смирисан и четири дена сместен во пазувите на земјата е само потврда на Неговата Божествена природа. Слава му! Влегува како Цар на царството небесно но не е седнат на велелепен коњ туку влегува понизно и смирено седнат на осле (магаре).

Стилот и обраќањето се препознатливи како и во претходните поуки и слова, но на оваа беседа освен пред неговите слушатели присуствувало и уште друго свештено лице, а дознаваме од зборовите „Отче Благосови!“ Но, знаејќи го фактот дека освен Св. Климент и Св. Наум во тој период во Охрид и Охридско нема друг свештеник, најверојатно е дека на празникот Цветници, гостин во Пантелејмоновиот манастир на Плаошник на Св. Климент му бил Светиот Наум.

Од оваа поука засега се откриени 107 преписи. Има три верзии, првава е најкратка и стои најблиску до авторскиот текст. Преводот е направен според препис поместен во пергаментен триод од 1328 година, 420 листа во две колони од збирката на Народната библиотека во Белград, број 437.

ПОУКА НА СВЕТА ПАСХА – ВЕЛИГДЕН

„Возљубени браќа и синови, послушајте да ви раскажам за силата и честа на овој ден, во којшто Господ, нашиот Бог го порази ѓаволот и, откако ја разруши силата на смртта, воскресна од гробор како Бесмртен и сите умрени праведници ги воскресна со Себе. И сега Он нè повикува говорејќи: „Дојдете да се радуваме во Господа, и да воскликнеме кон Господ Бог, нашиот спасител; да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да му воскликнеме“, зашто Он слезе од небото, за да го побара заблудениот и да го спаси погубениот човек. Зашто ние бевме како овци кои немаат пастир разграбани од волците, односно поробени од бесовите. Неможејќи да го трпи тоа, Господ наш Исус Христос, откако ги преклони небесата, слезе при нас и се облече во нашето тело, сакајќи да го исцели од распадливоста што ја прими првиот наш прадедо Адам, откако ја прекрши заповедта Божја во рајот, измамен од змијата. Оттогаш смртта влезе во нас и се бевме поробиле на гревот. Поради тоа дојде (Господ) : при болните – како Лекар, при заробените – како Ослободител, при оние што седат во темнина – како незаодна Светлина, при мртвите – како бесмртен Живот, та умрените по Адама да оживеат во Христа. Зашто Он е нашиот мир, Кој нè измири со својот Отец, преку Своето воплотување, и заради нас прими доброволно страдање по тело, иако е нестрадален по божество, бидејќи е Он по Својата божествена природа беше нестрадален и бидејќи без страдање не можеше да го очисти ова тело кое се беше потчинило на страдањата и на распадливоста. Поради тоа Он се прикова на крстот и вкуси жолчка и оцет, за да нè избави од горчливото вкусување, што некогаш прародителот Адам го направи во рајот. Бидејќи поради тоа вкусување испаднавме од рајот, затоа нестрадалниот Бог посака да се прикове на Крстот, та преку дрвото да ја исвели нашата древна клетва. Бесмртен според Божеството, Он вкуси смрт по тело заради нас сакајќи да нè оживее и ослободи од смртните окови. Сонцето потемне, кога Го виде распнуван; месечината стана црвена како крв, земјата се затресе, и камењата се распаднаа, и гробовите се отворија, и многу тела на свети упокоени во Господа воскреснаа и се јавија на мнозина. Откако (Христос) слезе во адот, ја разруши неговата сила и ги ослободи неговите заробеници, и со себе ги воскресна сите рпаведници од првиот Адам.

Затоа, браќа, вистинско време е да го приведеме пророкот, и заедно со него да повикаме, велејќи: „Овој ден го создаде Господ, да се радуваме и да се веселиме во него!“ Убаво е да се радуваме на Неговата прекрасна милост, што денес ја изврши заради нас.

Денес (Господ) со Својата смрт го уништи непријателот и воскресна како од сон, и на човечкиот род му излеа нераспадливост и живот.

Денес адовите врати се скршија и држаните во него воскреснаа, озарени со неискажлива светлина ликувајќи, со ангелие пеат: „Слава на Боба во висините, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“

Денес радосно ликува нашиот прадедо Адам, го уништува првото проклетство и ги простира рацете заедно со Ева, воскреснувајќи го Господа.

Денес небото и земјата се исполнија со радост и, откако се соединија, ги собираат за радост бестелесните сили и човечкиот род.

Денес апостол Павле вика, говорејќи: „Христос, нашата Пасха, беше заклан за нас.“

Денес Црквата со возвишена проповед повикува, говорејќи: „Дојдете, чеда, послушајте ме, ќе ве научам на стравот Господов.“

Подготвена е бањата (крштелна), која го обновува оветвениот од грев човечки род.

Божјата трпеза е подготвена, предлагајќи Го Јагнето Божјо, Кое ги зема врз Себе гревовите на целиот свет – Христос нашиот Бог, кој се закла заради нас и им се дава на сите верни за прошка на гревовите за живот вечен.

Затоа, браќа, да не се лишуваме поради краткотрајната похот и поради злоба од оваа голема и неискажлива тајна, востановена заради наше спасение, туку со чиста душа и тело, со набожност и со мир да пристапиме, и така да се насладиме со пречистото тело и крв Христови. А откако ќе ги примиме, да останеме чисти, чистејќи се од секаков грев, и да не се враќаме на поранешните обичаи, како што куче се враќа на своуте блујавици, или како свиња која, избањата, пак се враќа во калта. Не, браќа! Да не бидеме такви! Да останеме онакви какви шти Христос нè искупи со Својата крв:чисти, непорочни, совршени во љубовта Божја, славејќи го заедно Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите.“

Значењето на Светата Пасха (Светиот Премин) – Велигден, е од енормно големо значење за Христијанството воопшто. Прв и најбитен празник којшто Христијаните го славеле со велелепие. Всушност и самата суштина на празникот е тесно поврзана, и на кој се темели целото Христијанство. Самата православна вера е без значење ако не беше Воскресението и ако Христос не воскреснеше, „…ако Христос не воскреснеше, залудна ќе беше нашата вера и празна ќе беше нашата проповед…“ вели апостолот Павле. Зборот „Пасха“ којшто се употребува во ова слово значи „Премин“. Имено, тој е стар еврејски празник којшто Евреите го славеле во спомен на избавувањето од Мисирското робство (Египетското), лутањето четириесет години низ пустињата и преминот преку Црвеното Море за да стигнат во Ветената Земја – Палестина. Тој премин којшто Евреите го почитувале и го почитуваат како празник за нас Христијаните постана исто така Премин којшто сме го празнувале и ќе го празнувале. Евреите празнуваат Премин преку Црвеното Море, а ние со Христовото Воскресение празнуваме Премин од смртност во бесмртност зашто Христос со својата смрт, смртта ја уништи („смертију смерт поправ“)

Исто така како и во претходното слово карактеристично е обраќањето, браќа и синови, но пред нив претходи еден епитет којшто Св. Климент е познат заради тоа што го употребува многу често во своите пишани дела, тоа е зборот „Возљубени“, што означува дека беседата, или словото, или поуката е изговорена пред особено омилени слушатели. Што се однесува до самиот стил, стилот е јасен, точен и без посебни надвишувања. Исто можеме да кажеме дека ова слово е познато по дваесет и пет преписи, преводот е направен според ракопис – фрагмент од Триод и Минеј со слова од XIII век, има шеснаесет перганентни листа. Се наоѓа во Народната библиотека Свети Кирил и Методиј во Софија, под бр. 207. В.Б Цонев, „Опис на ракописите и старопечатените книги на Народната библиотека в Софија. Т. И. Ц 191.“ стр.137, бр. 207.

Во соджината на оваа поука сретнуваме прекрасни стилски фигури и посебни епитети коишто само Светиот Климент со неговиот интелект може да ги употреби. Една од посебните химни која што се употребува на овој празник – најголемиот празник е химна составена од неколку дела – извици коишо оној кој што ги беседи или богослужи ги извикува со силен глас на што народот одговара со посебната песна или химна на празникот Пасха – Велигден. Светиот Климент ги употребува често во сите слова и поуки кои ги пишува за светата Пасха. Тој ни дава прекрасно објаснување на тие зборови – извици:

1. Да Воскресне Бог и да се распрснат Неговите непријатели и да бегаат од Неговото лице оние кои го мразат!

2. Како што исчезнува димот да исчезнат, како што се топи восокот од лицето на огинот!

3. Така да загинат грешниците од Лицето Божјо, а праведниците да се развеселат!

4. Овој ден го создаде Господ да се зарадуваме и развеселиме во него!

На што народот со трепет и восхит на секој извик одговарал:

Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите живот им подари! – Христос воскресе из мертвих, смертију смерт порав, и суштим во гробјех, живот даровав! (црковнословенски јазик)

Знаејќи ги овие белези на сите овие празници, Светиот Климент мудро ги ползувал и ги толкувал и им ги доближувал на своите слушатели големите учители на Црквата кои што ги напишале овие свети и спасоносни книги. Неговите беседи се одликуваат со низок стил, разбирлив и многу впивлив за тогашните умови на слушателите и тоа е уште една потврда којашто го означува нашиот Просветител како голем Педагог и голем Методист на наставата. Битно е да се каже дека условите за научно истражување на личноста и делото на Св. Климент во Македонија се создадоа дури после ослободувањето и овде разни јубилеи, празнувања, годишнини даваа поводи за издавање на разни зборници со трудови, монографии и друго. Но за неговиот лик и дело најзаслужна е МПЦ и нејзините образовни инситуции: Богословијата и Православниот Богословски Факултет.

 

БИБЛИОГРАФИЈА

1. Библија, Свето писмо на Стариот и Новиот завет, Скопје: 1991 година.

2. Грозданоски, Ратомир. Библијата во делата на Свети Климент Охридски. Скопје: Менора, 2001

3. Миловска, Добрила. Стари книжевни текстови – од Кирил Филозоф до дамаскините. Скопје: Менора, 2004

4. 5. МПЦ, 1100 години од хиротонизирањето на Свети Климент во епископ и доаѓањето на Свети Наум во Охрид. Охрид: Ирис, 1996

5. 2. Речник на Светото Писмо, Битола: 2011 година.

6. Свет архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Свети Климент Охридски, Собрани дела: слова, поуки, житија. Скопје: Табернакул 2012

7. Таковски, Јован. Просвештението во теологија на Свети Климент Охридски. Скопје: Графостил, 2006.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ирина Тумбовска
ГЕОГРАФИЈА НА ЗАГУБАТА („ГЕРМАНЦИ“ – ЈАКУБА КАТАЛПА)
Во областа на книжевноста отсекогаш била присутна темата паметење – меморија –...
Повеќе
0 replies on “ПОУЧНИ СЛОВА НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ВО ЧЕСТ НА ИСУС ХРИСТОС”