НАГРАДА НАДАЛ ЗА НАЈДОБАР РОМАН 2021
Понеделник, понеделник, понеделник…
Во понеделник ќе бидеме други. Во понеделник ќе нѐ сакаат.
Нема да запреме. Ќе трчаме низ прашливи и калливи патеки, ќе скокаме сѐ додека не го допреме таванот на собата, ќе го надминеме гладот што ни ги стега стомаците, ќе ги преовладаме најпримарните инстинкти. Ќе станеме силни: со челична волја.
Во понеделник ќе започнеме нов живот такви какви што треба да бидеме, а не какви што сме. Ќе се приспособиме на правилниот начин на однесување, со сила ќе го сместиме нашето тело во правилниот калап, ќе го фрлиме во ѓубре тоа што ќе остане и единствено така ќе постигнеме успех, сигурен и конечен успех. Послушно ќе ги почитуваме сите правила, ќе се однесуваме како што треба, ќе ги извршиме сите зададени задачи: што ни се наметнати и што самите ги измисливме за да бидеме уште подобри од очекуваното.
Во понеделник ќе бидеме послаби, повитки, повредни, попослушни девојки. Ќе престанеме да се колебаме, да губиме време, да сме тажни, да се плашиме или да сме мрзеливи, да сме уморни, да сме непостојани и променливи. Почнувајќи од понеделник, без исклучок, ќе направиме сè: ќе почнеме со диета, со вежбање, куќата ќе ја исчистиме како нова, ќе го искористиме целосно времето, ќе успееме децата да си ги испратиме на школо убаво облечени, добро нахранети и доволно наспиени. Ќе се образуваме и ќе се облечеме за да ги добиеме најдобрите работни места и најдобрите сопрузи. Ќе се дотераме за да не изгледаме запуштено. Ќе бидеме убаво расположени и ќе си играме со децата за да ни ја видат радоста отсликана на лицето, така утре и тие ќе бидат радосни. Колку што сме и ние. Ќе учиме, ќе се трудиме, ќе напредуваме и ќе постигнеме сѐ што досега се чинеше невозможно.
Во понеделник ќе се сместиме во сите калапи што ќе ни ги предложат. Дури и да се противречни, ќе ги усогласиме. Такви сме ние: флексибилни и приспособливи. Ќе престанеме да се спротивставуваме, ќе престанеме да бунтуваме. Ќе бидеме такви какви што треба, како што Господ сака или како што сакаат филмовите и телевизијата, љубовните песни и модните списанија, феминистичките книги и прирачниците за самопомош. И единствено така… единствено така ќе нѐ сакаат.
Колку години поминавме слушајќи го рефренот на строгиот режим како ни одѕвонува во главите? Како започна нашата желба за совршенство, за потчинетост на сите диктати? Не знам како ти функционираше тогаш, но штом те видов како работиш без престан, веднаш знаев дека и ти живееше според ритамот на рефренот: морам да постигнам повеќе, морам да бидам повеќе. Не знам зошто никогаш не разговараме на таа тема, рефренот кај тебе како да зазема форма на внатрешен дискурс што постојано те мачеше или како веќе да ти имаше навлезено во телото. Во мојот случај, пак, во понеделник! Понеделник! Копнежот да почнам од почеток, со волја што ќе ми овозможи нов живот со почетокот на новата недела, долго време беше механизам вграден во длабочините на моите мисли, предупредувачки сигнал кога главата ќе ми залуташе на опасен терен од каде, доколку не бев внимателна, немаше да успеам повторно да излезам. Како жив песок. Во понеделник! Понеделник! Започна долго време пред да се запознаеме, кога имав околу дванаесет години и моето тело и последиците од неговата трансформација ме преплавија со трајно чувство на недостаток на контрола и немир. Тогаш го започнав ритуалот на пишување списоци, списоци и уште списоци за сè поврзано со животот и со неговиот заканувачки нагон. Кога фантазиите, особено сексуални, одеднаш ме нападнаа, се трудев да ги спречам како што знаев и умеам, правев сѐ што можев за да исчезнат. Потоа, за да се вратам во реалноста, за да ја исфрлам возбудената имагинација, почнував да пишувам списоци на сè што ќе правев во понеделник: планови, распореди, мени на диетална исхрана, листа на стомачни вежби, време за учење, време за вежбање, време за спиење, за дишење. Сè за да бидам поорганизирана, поуредна, подобра. Сè за да ја оставам зад себе маката предизвикана од заплетот на забранетите патеки што се вкрстуваа во мене, во моето тело. Да, точно така: во понеделник повторно ќе станев послушна девојка, без постојаното пулсирање на телото, без желба за ништо, и така, единствено така, би ме прифатиле, драга моја.
И ти ли така почна или не ти ни дадоа време за да ти биде страв случајно да не се растрчаш наоколу како див коњ? И ти ли почувствува дека повеќе не беше достојна за љубов бидејќи се претвори во опасно тело што трепереше под погледот на мажите што те меркаа одозгора надолу? Можеби сето ова го доживеа на поприроден начин. Твоите и моите родители, иако потекнуваа од истото сушно и пусто село од другата страна на Теснецот, сепак имаа различни менталитети.
Но, тоа што ни се случуваше ги надминуваше нашите потесни семејства, претставувавме нов вид женки, родени и израснати во земји што имаа егзотичен обичај да им дозволуваат на возрасните жени да прават што сакаат, спротивно од тоа што се случуваше во земјата на нашите татковци. Се правевме дека не забележуваме, но постојано ни тежеше сомнежот: ако не нè држеа на краток ланец, не би можеле никако да се исправиме и да се вратиме на правиот пат. Затоа рефренот навлезе толку длабоко во нас.
Во понеделник, понеделник, понеделник! Но нѐ држеа со многубројни и разновидни ланци, некои дури влечеа во спротивни насоки: нашите семејства, соседите, шефовите на работа, модните списанија, продавниците за облека каде што никогаш не се вклопивме. Едни нѐ сакаа со виткана коса и да нѐ сместат во егзотичниот калап што толку ги фасцинираше: еве ја другата, другите! Имаше и такви што нѐ сакаа со долга коса, мазна и црна како јаглен, идеали за убавина на античките поети кои стигнаа до далечното село на нашите родители.
Се разбира, косата секогаш требаше да се собира во машнички или во долги плетенки. На едни им се допаѓавме со темна кожа, на втори со бела. Трети сакаа да го избегнеме телесниот вишок на нашите мајки, четврти да бидеме што е можно подебели. Важно беше да бидеме какви што треба, а не какви што бевме. Замисли во тоа време да ги откриевме стапиците, и без никакво двоумење да застаневме цврсто и гласно да викневме не. Не! Не! Не! Замисли да го браневме тоа што бевме. Од грлото да ни излезеа зборовите: таква сум и таква ќе бидам. Да се прифатевме какви што бевме. Замисли да можевме да се вратиме назад во времето и да уживаме во младоста без илјадниците препреки што ни ги наметнуваа, и илјадниците други што самите си ги измисливме? Но, сѐ уште беше рано за да го воочиме тоа, требаше да поминеме низ цел еден живот, многу разочарувања, многу тешкотии, работни места и денови, илјадапати да паднеме и повторно да станеме. И корсетите што нè стегаа за малку да нѐ убиеја, за конечно да решиме да ги искинеме, земајќи огромен здив полн со живот.
Не знам како ти се справуваше со челичната мрежа што постојано нѐ касапеше, но денес сум убедена дека имаше погубни последици за тебе. Ти усогласуваше сѐ на друг начин. Ѝ се восхитував на твојата сила, на твојата упорност, на импресивната способност што ја имаше за да станеш по секоја сопка. И колку беше храбра, колку лесно ги донесуваше ризичните одлуки што мене ми предизвикуваа уште триесет илјади сомнежи и исто толку непроспиени ноќи. Ти не, сѐ решаваше како ништо да не било. Со години најмногу кај тебе ме фасцинираше што претставуваше сè што јас сакав да бидам: не се двоумеше, беше практична и работите што постојано ме предомислуваа, ти ги решаваше во истиот момент. Ефикасна, прагматична, секогаш насмеана и со блескава виталност, сосема спротивно од сенките што толку често ме засенуваа. Можеби поради тоа, поради радоста што секогаш ми ја пренесуваше, не можев да ја видам твојата скриена болка. Одеднаш ми се појави во животот отелотворувајќи ја сликата на сè што сакав да бидам, а што не бев.
Не знам дали имам право, но морам да зборувам за тебе. Ти ми беше многу важна личност во одлучувачко време. Без тебе, сигурна сум, животот ќе ми беше многу поразличен. Пораснав држејќи те за рака, те сметав за незаменлива поддршка без која сум убедена дека немаше да преживеам. Можам да ти го слушнам гласот во моментов како ми кажува, не претерувај, од сѐ правиш драма. Но вистина е, фактот дека можев да сметам на тебе ме спаси од најдлабок очај. И од лудило.
Нема да ти го кажам името и ќе променам многу од твоите карактеристики за да не можат да те идентификуваат нашите познаници, но и покрај тоа не знам дали можам да пишувам за годините кога се дружевме, годините кога бевме една за друга, кога се сметавме за единствена поддршка. Постојат убедливи причини што ме наведуваат да пишувам за нас: тогаш не знаевме, но освојувавме нови територии – незамисливи за нашите мајки – ги киневме сите превези, копавме дупки со мали лажички во непробојни ѕидови, а ниту бевме свесни за тоа. Не направивме ништо повеќе од што требаше, но секое мало вдлабнување на лажичето подразбираше слобода што ја освојувавме милиметар по милиметар. Единствено не успеавме да воочиме дека новата слобода што ја добивавме се испреплетуваше со бесконечни невидливи нишки што се стремеа да ја условат. Се фативме за нишките бидејќи моравме да се држиме за нешто додека го напуштавме светот што не сакајќи ни се падна, и бидејќи не можевме да водиме повеќе од една револуција истовремено. Несвесно, малку по малку, се заплеткувавме во нив, сè додека не забележавме дека толку силно нѐ стегаа, што ни го сечеа месото, и тогаш ни доаѓаше желба да оставиме сѐ, да се откажеме, бидејќи ни изгледаше невозможно да постигнеме автентичен простор на слобода, ниту, пак, да го освоиме со нашите сопствени раце. Или се заплеткувавме во уште повеќе замки за да не го слушнеме застрашувачкиот сомнеж: а што ако немаше слобода и единствено успеавме да избегаме од еден угнетувачки свет, за да влеземе во друг со нови начини на доминирање? Што ако сите наши напори беа залудни? Лишени од сѐ и прогонети од сите страни, бегалки од соседството, во рацете немавме ништо друго освен способноста да се трудиме, но во еден момент нѐ нападнаа сите сомнежи: што ако трудот не ни послужи за да заминеме далеку, да станеме други луѓе, такви какви што решивме да бидеме? Што ако не можевме да живееме како што сакавме бидејќи не бевме во состојба да се издржуваме со единственото што го имавме, со силата на нашите тела и рефренот што ни наредуваше да бидеме подобри, да постигнеме повеќе?
Не знам дали можам да ја раскажам нашата приказна за малите големи освојувања, за нашата младост во постојана неизвесност. Немаше да го направам тоа, немаше да зборувам за нас да не беа девојките што сега насекаде ги среќавам, исти како нас, девојки што ми раскажуваат за нивните животи што болно наликуваат на нашите. Жени што го слушаат рефренот и сакаат да избегаат од ровот, од соседствата како нашето, од куќи како нашите, од семејствата, правилата и бесконечните ограничувања како и нашите. Кога разговарајќи со нив се рефлектирам во нивните искуства, сметам дека да, дека треба да раскажам што преживеавме: поради нас, поради нашите рани – отворените и излечените – но пред сè поради нив, бидејќи имаат право да го наследат, доколку сакаат, нашето сеќавање. Дури и да е мало сеќавање на највообичаени животи. Не бевме хероини, ниту се преправавме дека сме, сакавме само да преживееме и да бидеме свои! Свои! Свои! Иако во понеделник, понеделник, понеделник повторно ќе се обидевме да станеме нешто што не бевме бидејќи сакавме да бидеме свои, но и да нѐ сакаат. И на одредени возрасти и во одредени околности, можеби немаш друг избор освен да бидеш своја, но на контролиран начин, сместени во калапи.
Ова е приказна за нашите неуспешни обиди да станеме слободни приспособувајќи се на околината, и за конечното бегство кога ни стана јасно дека не можевме да се помириме со сè. Приказна за вртоглавицата што ни ја предизвика автентичната еманципација, како и крајната осаменост и суровата отуѓеност.
Денес, по толку време, треба да ти зборувам како што ти зборував тогаш, да го повратам, дури и на празни страници, твоето внимателно и приемчиво сослушување, за да се обидам да ги разберам годините на секојдневни грчеви, приказната за нашите тела заробени во конфликти што нè надминуваа, географски и временски конфликти што тогаш беше невозможно да ги воочиме. Геополитика, идеите на големите филозофи и меѓународните судири се најдоа под кожата на безначајни жени како нас, во безимено соседство што не постои ни на мапа. Пишувам за да те повратам, но и за да ја повратам личноста што бев.
Книгата е објавена во склоп на проектот Made in Europe: power of diversity, со поддршка на Европската Унија.
Превод од каталонски: Лара Прокопиева