Утрото беше некако потиштено, магловито и му тежеше на плешките уште откако стана. Нешто го беше наседнало така неподлносливо да не може да се исправи. А беше брз човек, пргав, постојано во движење. Додека ставаше житарки во чинијата со јогурт, проба неколкупати да ја заврти главата, налево-надесно, па наназад-нанапред, во кругови. Рамената ги проврти и веќе престана да му тежи тоа бреме што му тежеше така чудно. Седна на трпезариската маса и почна звучно да ги срка житарките, да си мљаска, кога одеднаш нешто необично осети во устата, нешто тврдо. Подзастана, проџвака уште еднаш, но тоа не се џвакаше оти со него се џвака. Плукна во десницата четворка горе лево.
Го гледа забот и не му се верува. Не почувствува никаква болка, ништо од тоа што го кажуваат сите кога велат дека им паднал заб. А, не му беше за паѓање, си ги знаеше тој сите заби и сите му беа здрави! Отрча во тоалетот да си го најде местото од каде паднал. Ја отвори устата и виде едно празно голо непце меѓу другите заби, зацрвенето и малку отечено. Го допре и се исплаши. Повторно ја отвори устата, но сега гледаше со стиснати заби, да види дали ќе се гледа кога ќе зборува или кога ќе се смее. Му олесна кога се виде истиот, стариот тој, скоро непроменет. Се врати во трпезаријата и кога ги виде житарките сега веќе целосно натопени и омекнати му се одјаде, па целата чинија ја истури. Си помисли, сигурно не биле доволно накиснати или можеби имало нешто во нив. Ја отвори сега кутијата со житарки и ги тресеше така загледан внатре барајќи нешто што не припаѓа таму, нешто тврдо, остро, застражувачко. Му доаѓаше да ги истури врз масата и да ги требе како ориз, да не остане нешто внатре, да не остане ништо внатре.
Времето кога треба да е пристигнат на работното место одамна помина, а тој сите подготовки кои претходно ги извршуваше брзо и ефективно, сега ги одолговлекуваше со размислување, предвидување, планирање. По долго двоумење и обмислување му се јави на матичниот заболекар да закаже термин. Кога праша заболекарот за каков проблем се јавува, не можеше да му каже. Како да каже дека му паднал заб на четириесет и две години?
„Имам некој проблем. Не е важно.“
„Па, кај мене сите за некој проблем се јавуваат, никој за арно не се јавува“, се пошегува заболекарот на другата страна смеејќи се, „мораш да ми кажеш за да знам дали можам денеска да ти закажам термин или ќе мора друг ден.“
Гледаше во ламинатот и очите му шетаа по шарите неодредено. Не можеше да го изусти тоа, се плашеше да го изусти. Мислеше дека ако го каже гласно ќе се оствари и ќе му поверува, не дека не беше реалност само по себе.
„Ми падна… забот. Горе лево, четворка.“, се издиши неколкупати како смртна вест да соопштува.
„Ехх, така кажи. Ајде и тебе нека ти е аирлија, првото запче, а? На ѓерамиди да не го фрли? На ти коскен, дај ми златен! Ха-ха-ха! Па добро, јас можам и златен да ти дадам за волја на вистината.“, громогласно се смееше заболекарот на другата линија.
Секој збор како в срце да го прободе. Му исклучи веднаш. „Тој мене ќе ме исмева, на ти коскен, дај ми златен, нека се гони и тој и неговите шеги!“ Почна гласно да го пцуе заболекарот додека бараше друг заболекар во телефонскиот именик. „Ќе види тој убаво, нема да цапнам во неговата ординација, нема збор да му прозборам повеќе, ќе ме види јас кој сум!“ Најде друг телефонски број, се јави. Таму не го прашаа за што закажува термин, но термини за веднаш немаше, само по петнаесет часот, значи по работното време. Без многу противење го закажа терминот и затвори.
Но, сега како да оди на работа без заб? Во фирмата каде работеше десетина години имаше санкции за задоцнувања и отсуства, санкции по платата… Мораше да оди и што да прави, сам човек куќа не се гледа туку така, па виде, не виде, облече на себе нешто без размислување, ги зеде клучевите, паричникот и излезе. Трчаше по скалите, возеше брзо и за тие неколку мига заборави на таа своја дупка во устата.
Но, штом влезе на работното место и ѝ рече „Добар ден“ на секретарката, веднаш јазикот му појде кај што не требаше и ете ти ја истата мисла повторно. Забот го нема! Колку и да не сакаше да мисли на него, јазикот мислеше место него и го допираше тоа празно место велејќи му „Ова е првиот, но по него ќе падне и втор, и трет, и ќе останеш со голо непце, гола вилица“ „Гола вилица“, повторуваше тој, со преостанатите триесет и еден заб мрморејќи си сам, „гола вилица, вилица, протетичка вилица, вилица во чаша со вода покрај креветот, вилица поради која нема веќе гризење јаболка и јадење кикирики со пиво, разлабавена вилица, на дедо ми вилицата“ Се сепна кога колегата го праша што е така замислен, скиснат, а тој му одмавна со раката како да му е лут за неотплатен борч. Нешто го разјадуваше однатре, од таа новонастаната празнина, го глодаше и жегнуваше и до срцето. Мислеше дека дупката му се зголемува, му се шири и ќе го голтне целиот. Се плашеше да јаде, да пие, се плашеше да зборува, да мисли. А, мислеше повеќе отколку што треба. И ги броеше часовите и минутите до четиринаесет часот, кога повеќепати го наслика во главата неговото заминување, палење на автомобилот, паркирање пред денталната ординација, чекање на меките столици во ходникот половина час порано, ако не и повеќе, листање небитни списанија, а потоа и тоа главното.
Кога влезе кај заболекарот тој беше зафатен сѐ уште со пополнување на документите од претходниот пациент, па веднаш не му обрна внимание. Тој без поздрав, без здраво-живо, се смести во лекарската столица и молчеше. Заболекарот кога заврши со пишувањето, го погледна попреку и го поздрави, му пружи рака, му се насмеа полувештачки и го праша во што е проблемот, а тој само со прст покажа – горе лево. Со малото округло огледалце заболекарот виде дека тука нема заб и по изгледот го сети дека е пресно паднат. Го праша дали е всушност дојден за нов заб, а тој кимна со главата.
„Ќе треба прво да ви зарасне непцето. Ние ќе ви земеме мерка, а по неколку дена ќе Ве повикаме за да Ви го наместеме.“
Остана шокиран и со отворена уста каква што му беше претходно поради прегледот. Почна да објаснува, дека му се брза, дека не може да чека, но заболекарот стручно му кажа каква е процедурата и дека побрзо од тоа не ќе може. После долги препирки и објаснувања, се согласи на времетраењето кое беше предвидено и процесот започна.
Тие пеколни денови, едвај јадеше, едвај пиеше, заби не миеше, а може да се каже и дека сон не го фати поради тој еден заб кој недостасуваше во низата одржувани бели заби. На работа мислеше дека сите го гледаат во забите или токму во четворката горе лево, мислеше дека сите потајно му се потсмеваат, се шегуваат со неговиот заб, со неговата вилица или што уште не. Всушност сите забележаа промена кај него, промена која се задржа и откако тој си стави нов заб. Никој не знаеше точно што се случи со него, ни тој самиот. „Како преку ноќ да остаре“, велеа. А и тој велеше, но не со тие зборови и не на тој начин. Само се трудеше да продолжи каде што застана со еден вештачки заб и триесет и еден друг кои го потсетуваа на слатката насмеана младост која решила да си оди.