Се викам Марите

Книга на месец јуни

Taa вели:

Сѐ се појавува од минатото како од темнина. Луѓе и настани, обвиени во снег, донесени од ветрот или скриени во маглата, која опстојува во тишината. Сѐ е далеку, но не е забoравено. Некои детали се гледат јасно; други, пак, се исчезнати како на фотографија што избледела. Времето и заборавот сѐ покриле со снег и песок, со крв и матна вода.

Луѓето се појавуваат како од магла, како од мраз студенило, како од маглива зима; стануваат темни, ја фрлаат својата сенка врз земјата, напоена со крв, разорана од војната, и исчезнуваат. Се појавуваат за миг, како краток проблесок на сеќавањето, или во облик на различни точки од приказната, распрснати без хронолошки ред:

тука е пораката на руски на еден плакат кој може да се забележи веднаш по преминувањето на Неман: „Војнику на Црвената армија! Пред тебе е дувлото на фашистичкиот ѕвер“;

советски војници натоварени со плен од пљачка – ѕидни часовници, завеси, сребрени чинии;

тело на жена, обезглавено, приковано на ѕид;

толпа изгладнети луѓе кои растргнуваат цревa од коњ на еден водоносец;

мајка, која без колебање влегува со децата во реката Неман, која шуми и низ која пловат санти мраз; таа се фрла по течението, без да трепне, без да се замисли, како давењето да е лека, секојдневна појава;

трупови исфрлени од реката – поцрнети и гнили – без имиња, без презимиња;

осквернети гробови;

урнатини од бомбардирани цркви;

памфлети раздавани меѓу советските војници кои ги поттикнуваат на руски: „Убиј ги сите Германци, убиј им ги и децата. Нема невини Германци. Земи им го имотот, земи им ги жените. Тоа е твое право, твој плен“;

мајки кои си продаваат децата на литванските селани за компири, брашно, храна, за да можат да ги прехранат другите деца;

пијани, расклештени војници што од задоволство пукаат по птици, а после и по луѓе, исто така од забава и со иста радост, без да мислат; војната им ја испекла душата, како глина;

жени кои копајќи ровови умираат од глад и изнемоштеност;

деца кои си играат со експлозиви;

волци што свикнале да јадат човечко месо;

кучиња што растргнуваат поцрнети човечки останки;

трупови… само трупови и смрт;

дојденци, колонизатори кои го уништуваат сето она што останало: цркви, замоци, гробишта, дренажни системи, огради за пасишта;

празни полиња, без жива душа на нив, каде и ветрот се губи, бидејќи и тој не може да го пронајде својот пат среде урнатините и пустошот;

Повоена Прусија – разнебитена, силувана, застрелана.

.

Како од темнината, како игра на светлина и сенка, како црно-бел филм, се изнурнаа одломките на минатото:

1946 г.

Зима.

Една студена и ужасна повоена зима, време на пустош.

Над замрзнатото течение на Неман – распнат мост помеѓу небото и земјата. Ветрот го разнесуваше снежниот прав покрај реката, како да беше автописта. Наместа ледот блескотеше, млечен како мрамор. Мраз студено, најмалку 20 степени под нулата.

Купиште метални конструкции што се пресекуваа меѓусебе како некаква збркана мрежа низ која фучеше ветрот. Мостот беше од метал, стамен, низ него виеше звукот на бурата.

Освен ветрот, се слушаше и гласот на еден војник, кој пееше нешто непознато, се чинеше како нешто ориентално.

Помеѓу металот на мостот, во далечината, се догледуваа темни точки што се движат.

На потпорните столбови на мостот беа залепени плакати, објави, весници, кои известуваа за победата, кои поттикнуваа да не се има милост, да се убива, и предупредување дека треба да се има пропусница за влез од воените власти.

Накинато ќоше на еден плакат фучеше на ветрот. Носталгичната песна одекнуваше сè посилно.

На мостот стражареа двајца војници: оној што пееше беше со црти на Азијат, а другиот беше Русин. Русинот сакаше да си ја запали витканата цигара, но ветрот му го гаснеше чкорчето, и тоа го збеснуваше. Го лутеше и пеењето на косоокиот.

Темните точки што се движеа на другиот брег на реката се приближуваа – тоа беа германски деца кои сакаа да го преминат замрзнатиот Неман.

Русинот го изгуби трпението:

– Затни си ја веќе таа муцка, глуп еден!

Азиецот се насмеа, замолча за миг, па тоа почна да мрмори:

– Глуп, глуп… ти си глуп.

Ветрот фучеше, татковината беше далеку; цигарата се распаѓаше, а и чкорчето се скрши меѓу грубите прсти.

Азијатот почна да се смее:

– Еј, Иван…

– Не викај ме Иван, јас сум Евгениј, ме викаат Жења.

– Глеј, Иван, Германчињана трчаат…

Германските деца трчаа по мразот како еребичиња. Едни две помалечки заостануваа зад другите.

Рускиот војник викна:

Стојте! Назад! Стојте! Стојте! Ви наредувам! Стојте, свињи фашистички!

Но, мостот беше висок, а ветрот го заглушуваше гласот на војникот. Децата продолжија да трчат. Видоа дека мавта некој човек одгоре од мостот, но не му го разбираа јазикот.

– Еј, Иван…

– Не сум Иван, глуп еден…

– Ти се серат тие, Иван…

– Ќе те убијам…

– Смири се, будала низаеден…

Русинот грабна една граната, ѝ ја извади игличката, па ја фрли во правец на децата. И двата војника се скрија за да не бидат погодени од шрапнелите. Наеднаш се разнесе силна експлозија.

Се крена чад.

Придржувајќи се до работ на дупката, која се беше направила од детонацијата, едно детенце се обидуваше да се извлече од водата. Беше студено и од реката се креваше ледена пареа. Другите деца се свртеа назад и бегаа, обидувајќи се да избегаат од смртта.

Кога стивна експлозијата, среде мртвата тишина одекна еден чуден глас, кој потсетуваше на пискот на животно што умира – прониклив, долг. Едно од децата беше тешко рането, се виеше, удираше беспомошно по мразот. Токму од неговото грло доаѓаше тој нечовечки викот. На снегот и мразот се појавија црвени дамки крв. Црвени петна во црно-белиот свет…

Помеѓу ранетото дете и она што се обидуваше да излезе од водата, стоеше момченце кое имаше околу шест години. Беше ужаснато, беше како скаменето, нозете не го слушаа, очите му беа полни страв. Пискотот од ранетото дете го пронижуваше до срцевината.

Тоа детенце беше малечкиот Хајнц со кого ќе се запознаеме подобро малку подоцна.

Азиецот ја крена пушката. Нишанеше. Истрела. Вресокот стивна. Вресоците стивнаа. Ранетото детенце престана да се движи. Хајнц се расвести и се затрча со викот, ама не кон брегот, туку по замрзнатата река. Зад грбот му профучеа два истрела, но Хајнц не престана да трча.

Гледајќи како целта станува недостижна, Азијатот ја спушти пушката и почна да ниша со главата.

Детето во ледената дупка од реката се бореше со последните сили.

Русинот плукна долу и погледна кон малечкото како се мачи.

Главата на детенцето потона, но тоа со раката уште се држеше за ледот, ама накрајот, и таа исчезна во ледената лапавица, во таа смеса од мраз и вода.

Рускиот војник конечно успеа да си ја запали цигарата.

Ветрот фучеше.

Одново се слушна тажната, потресна песна на дивината.

 

 

Книгата е објавена во склоп на проектот Made in Europe: power of diversity, со поддршка на Европската Унија.

Превод: Катерина Сапаловска

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тагови од објавата
0 replies on “Се викам Марите”