Цик-цак, ку-ку

Книга на месец јануари

„Еве ги, еве ги повторно! Еве ги!“, викна Пилар од прозорецот на мезанинот. Татко ѝ и мајка ѝ дотрчаа што можат побрзо. Пилар чекаше на прозорецот веќе половина час. Мајка ѝ повеќепати ѝ имаше речено да не стои боса на мермерот, и сега прекорно ја погледна во нозете – не носеше апостолки. „Ме потсетуваат на Битлси кога поминуваат на зебрата… некаде во Лондон, или во Њујорк?“, рече татко ѝ. Мајка ѝ се насмеа. Пилар беше многу среќна што конечно им ги покажа на родителите. И баба ѝ, по која го доби името Пилар, дојде полека по скалите нагоре.

„Ах, тоа се Германците, со симпатичното мало…“, рече старицата.

„Ги познаваш?“, малата Пилар праша возбудено.

„Да, секој ден поминуваат одовде, одат некаде нагоре.“ Сите молкнаа накратко.

„И сега, кој ќе победи вечерва?“, ја погали татко ѝ.

„Шпанија. Ќе видиш!“ Татко ѝ се насмеа и продолжи да ја гали.

„Зошто ли го прават тоа?“, тивко прошепоти неколку мигови подоцна, како да зборуваше самиот за себе. „Можеби е некаква игра“, предложи со потсмев мајка ѝ.

„Не, не, така одат за да не им биде тешко додека се искачуваат“, рече Пилар со увереност во гласот.

„Па зошто да мораат да одат цик-цак кога би можеле да одат само право нагоре и да се одмараат кога ќе се уморат?“

„Не. Сигурна сум дека одат така за полесно да се искачат.“

Мајка ѝ и татко ѝ со восхит гледаа кон темножолтата светлина од уличните светилки што се пробиваше низ сенките на олеандрите и кон трите фигури што одеа по некоја замислена серпентина на асфалтираната улица. Налево, сѐ до ѕидот од црни вулкански камења од кој мораа да свртат надесно, качувајќи се така по угорницата додека не се најдоа очи в очи со со црниот ѕид од десната страна, и сѐ до својата порта на врвот на уличката. Сѐ ова изгледаше како некаква рутина за нив, како да разговараат за нешто. Се слушаше како детето, кое одеше најнапред, прашуваше нешто гласно за да го слушнат родителите подолу на замислената серпентина. Не одеа еден зад друг како војници, секој се движеше слободно според својот замор, и никој не престануваше да оди и да ја нарушува замислената крива линија по која се качуваа до горе. „Изгледаат како автомобили чии светла ги гледаме само кога ќе се појават на некој далечен свиок во ноќта, а откако ќе ја поминат кривината повторно ги проголтува темнината“, си помисли мајка ѝ.

*

Кога се спуштаме надолу, оддесно и одлево има уредно издигнати високи ѕидови од црни вулкански камења. Изгледа како да одиш по тврдините на Мачу Пикчу. Целата населба е таква. Меѓу големите камења има помали, за да ги држат покрупните подобро. Гуштерите влегуваат и излегуваат од нив кога поминуваме. Наутро го носам Томи на раце за да заспие, не сака да спие во количката. Се спуштаме по наглата удолница и по ротондата повторно нагоре, па до следната угорница каде се отвора широк видик над речиси целиот Пуерто де ла Круз. Веќе ги научив растенијата во градината оддесно. На десетина метри над ѕидот од црни камења прво има бели олеандри, па розови, потоа повторно бели, па розови, потем зелена грмушка со големи листови какви што нема во Европа, па иста таква со црвени листови, и натака грмушките се менуваат по боја уште трипати. На левата страна над црните камења има само жива ограда и разни видови палми кои ѕиркаат од зад оградата. Се надгледува и едно дрво чии лисја се како на папратова грмушка, но сепак е дрво. Кога седам на источната тераса одозгора се гледа и друга необична флора, особено разни видови палми. На една од палмите листовите се големи и широки како слонови уши, но на краевите се иглести и рапави, и кога ветрот ги трие едни од други создаваат звук како при триење на картони. Со такви листови ги ладеле фараоните, си помислив. Другите растенија не можам ниту да ги објаснам. Но светот што не можеме да го именуваме е многу поубав од оној што можеме.

Во тој двор наутро ги гледам градинарите. Секој втор ден со големите ножици стрижат некакви грмушки и ги собираат малите листови кои паднале од палмите. Но секое утро го започнуваат по строго определен ред. Прво почнуваат со чистење на базенот. Со долги мрежи ловат разни остатоци на дното од базенот. Базенот е многу убав, во форма на лушпа од кикиритка, со син мозаик со два делфина во игра на дното. Навечер светлината од базенот се одбива од таванот на нашата спална и пред да заспијам ја гледам играта на водата. Се прашував, зошто мора базенот да е осветлен навечер, и зошто се движи водата во него и кога никој не плива? Потоа си дадов одговор: поради опасноста да не падне некој во него навечер, а сенките на таванот се движат затоа што навечер водата се прочистува и од филтрите тивко излегува нова вода. Откако градинарите ќе завршат со базенот, ги точат ножиците, ги сечат грмушките и ја рамнат тревата со мали моторни косачки. Потоа се одмораат малку и разговараат, па со греблата ги собираат остатоците од својата работа. Ми се чини дека нема потреба од толку работа и дека го прават ова само за туристите да добијат впечаток дека некој се грижи за нив. Ова се сепак приватни имоти за изнајмување, а не хотели. Мене ме смирува да ги гледам градинарите наутро, нивната рутина ми помага да ја создадам мојата.

Таму долу, каде што завршува уличката, се отвора широк поглед кон Пунта Брава. Ова мало рибарско селце, сега целосно голтнато во градската целина, навлегува како нос во океанот. Од целиот град, само таму има трошни куќарки со дограби и банери со Носта Мадона дел Кармен. Блиску до ротондата, лево и десно по удолницата, се гледаат богатите резиденции во темноцрвена или жолта, но претежно бела боја. Откако ќе ја преминеме улицата веднаш растат двe млади грмушки, како на сликата од шампонот Алое Вера. Не знам дали се aлое, но многу се слични. Потаму има две големи грмушки со листови како од смоква, но двапати поголеми и без плодови. Меѓу овие грмушки има висока трева.

Потем почнува нова угорница и одлево се наоѓа тој убав, нов дом, изграден во стар, аскетски, колонијаленстил. Многумина си мислат дека колонијален значи ираскошен, но не е. Канарските Острови биле она што Англичаните го нарекуваат inn, никој не доаѓал овде за да остане. Оттука па сѐ до Америка само вода, бескраен океан. Не знам за колкумина овие острови биле последното копно кое го виделе во својот живот. Канарските куќи се аскетски, бели, со само неколку големи црни камења што стрчат од нивните агли. Намерно ги оставале овие големи плочи, како единствена декорација покрај дрвените балкони. Балконите се навистина оригинални. Направени се од лакирано дрво, многу ретко дискретно изрезбано. Ме потсетуваат на пиончиња наредени еднододруго пред да отпочне партијата шах. Овдешните градби повеќе ме потсетуваат на латиноамериканските отколку на шпанските. Во Шпанија нема ваква едноставна архитектура.

Таква е и оваа куќа. Единствено не ми се допаѓа што на едното крило од фасадата има фигура на орел. Знам дека е симбол на градот, но направен е во калап, како една од оние несреќни копии на барокни балкони кај евтините покрајпатни куќи во Грција. Се трудам целосно да го заборавам тој орел кога поминувам покрај куќата. Откако ќе ја поминеме ротондата гледам само на градината пред домот. Домот има два или три ката. Над вториот кат има еден вид мала куќичка врз куќата. Таму сигурно има само спална соба (или ателје, ако тука живее сликар, но во тоа се сомневам). Бабата што нѐ поздрави пред два дена носеше патики. Сигурно имаше околу осумдесет години, и си ги обуваше патиките седната на ниската камена ограда. Потоа стана и се потруди подобро да го види Томи. Изгледаше многу витално. Си помислив, Мадриѓанка, мајка на некој успешен банкар, жена од привилегирано семејство, или не работела цел живот или работела некоја работа без голем стрес. Купиле сосем нов дом на Канарите и сега го поминуваат летото овде со внуката (која сигурно го носи нејзиното име) и со синот и неговата сопруга. Од Мадрид, Саламанка и Севиља им доаѓаат одвреме-навреме гости, пред сѐ бизнис-партнери на синот и нивните семејства, а понекогаш и некои роднини, за внуката, малата принцеза, да не се досадува. Има место за многумина во таа куќа.

Секогаш ѝ се восхитувам на градината пред домот. И таа е аскетска. Нема трева, само црни зрнца вулкански песок и камчиња од кои некако израснуваат дрва. Како мала јапонска градина само не со бонсаи дрва, туку со џуџести дрва со гигантски плодови. Во левото крило, покрај кое прво поминуваме, растат огромни портокали. Сѐ уште се зелени, можеби не им е сезона, средина на јули е. Дрвцето е само два метра високо, но натежнато е од плодови. Лево од ова дрвце има уште едно исто толку големо,носо плодови кои потсетуваат на оревкога е зелен. Сепак, плодовите се многу поголеми отколку на оревот. Само неколку кактуси внимателно се распределени по остатокот од градината. Потоа доаѓа патеката. Фини сиена црвеникави камчиња водат до портите. На портата има метална табличка со ротвајлер на која е напишано Peligro. Проверивме, тоа значи внимание! Многу убав збор за внимание, можеби затоа што ме потсетува на минералната вода Сан Пелегрино. Метар и половина над влезната врата има широк прозорец во дрвена рамка. Всушност, сите прозорци се во дрвени рамки, уште еден елемент својствен за канарските куќи. По патеката има уште едно крило со градина, во кое исто така има едно од оние дрвца кои потсетуваат на ореви. Утрово никакво куче не лае на нас.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Цик-цак, ку-ку”