Една сказна

Инспирирана од убавината на носталгијата, во 2019та Елена започнува да го документира своето опкружување со помош на аналогна камера, и резултатот го споделува преку проектот „Една сказна“ на Инстаграм.

Сказна бр. 76: Марија ми дојде на посета во Мадрид и едно од многуте места кои ги прошетавме беше Музејот Сороja, моето омилено место во цел Мадрид. Пред да отидам на размена, сонував како еден ден ќе бидам во прекрасната градина на музејот, и се уште не ми се верува дека тоа и се случи, па и дека дури им го покажав местово на моите најблиски. Да можам, сите би ги транспортирала тука, бидејќи сите треба да ја почувствуваат магијата на Сороja барем еднаш.

Сказна бр. 182: Првичната идеја беше следнава: ќе го подредиме стилот на слики што ги фоткаме, за да избегнеме ситуација од типот портрет врз портрет, и да си добиеме кул комбинации на лендскејп и портрет. Сѐ тоа беше супер се дур со Маја не сфативме дека и двете фоткаме прилично интуитивно, и вакви шаблончиња ни се тешки за следење. Приказнава ја раскажувам за да се сфати колкава беше случајноста (и среќата) да добиеме нешто вакво – магична комбинација од долгата експозиција на Маја на Булевар Гоце Делчев и Бисера во Капиштец.

Сказна бр. 249: До овој момент никогаш ја немав можноста одблиску да стојам до коњ, а не па да погалам еден. Прва помисла: Океј ова се огромни суштества 😳 Втора помисла: Зошто се толку меки 🥺 Прекрасно и кул искуство.

Сказна бр. 241: Ќе беше обична слика од парк да не ми требаа 3 минути да го подесам светлото и баш во тој момент да не ми прелеташе овој Спиди Гонзалес 😂

Сказна бр. 337: Пајажина и сончева светлина што ми донесоа многу радост.

Сказна бр. 329: Неколку слободни саати значеше дека е знак за соло посета на некое интересно музејче. Го најдов ова местенце, кое иако за жал беше затворено поради местење на нова изложба, криеше најпрекрасна градина од бучавата на градот. Си седнав и уживав во тие неколку слободни моменти што ми преостанаа и во убавите луѓе околу мене.

Сказна бр. 229: Најсимпатичните кадри секогаш се погодуваат кога најмалку ги очекуваш. Сакав да ги сликам сенките, и мацава се појави од нигде никаде и ми ја разубави сликата 🥰

Сказна бр. 299: Најголем мерак од цел летен одмор ми беше да ги гледам (и слушам) бабево и дедево како си го тераат денот: малку во вода, малку на тераса, таа лупи краставици, тој ги рани рибите со пченка. „Не иди таму, длабоко е.” „Сакаш ли кафе?” Решена сум дека догодина се враќам на истово место и ќе им ја дадам сликава, урамена 💛

Сказна бр. 219: Баба и дедо на чамче и пресладок момент што заслужуваше да биде доловен и на видео. Ѝ покажуваше различни риби во водата и ѝ раскажуваше за нив, а јас и Бојана само се топевме од страна 🥺

 

Сказна бр. 222: Баш денес раскажував за ова патче преку кое се стига до Лабино, и во чест на тоа еве ја најдобро осветлената слика која ја имам направено во животов.

Сказна бр. 226: Втора фотка од параглајдерите на Галичица, и чудо што се само две бидејќи комотно можев да го потрошам цел филм само на ова 😌

Сказна бр. 335: Одмор 2023 и најубавото и најмирно изгрејсонце што го имам видено 🕊️

Сказна бр. 181: Есента ми беше многу криво што не поминав многу време во парк, да им се дивам и да ги сликам сите 150 нијанси на жолто ама затоа фотката од есен си ја добив во пакет со Охрид во зима. Маја се шетала низ парк, а јас низ стар град и по пристаниште. Бонус поени ако го најдете дедото што тресе ќебе од балкон 👀

Сказна бр. 109: 30-ти декември, Охрид. Беше апсолутно преладно, и самиот потег да го фокусирам апаратот и да сликам беше захтевен подвиг со оглед на тоа дека не си ги чувствував прстите. Немав некоја идеја што точно сакав да сликам, баш напротив, тој период бев без никаква инспирација и решив дека почетокот на филмот ќе ми биде рандом кадри, со надеж дека нешто уз пат ќе ми фати око. А сега кога ја гледам фотографијава, ми е една од поомилените.

Сказна бр. 190: Раздвижено Скопје на тмурна сабота. Оваа уличка ми е една од поомилените во Скопје, секогаш ме асоцирала на расположени луѓе и староградски шмек.

Сказна бр. 111: Уметноста наречена правење квалитетно кафе. Во Дрип имаат една симпатична традиција, верните муштерии да им носат кафе кога ќе се вратат од некое патување. Тука правеа кафе од Словачка, а ние (фала богу) бевме таму за да дегустираме.

 

 

Тагови од објавата
0 replies on “Една сказна”