КНИГА ЗА СВЕТОТ НА ЛИКОТ

КНИГА ЗА СВЕТОТ НА ЛИКОТ
(кон романот Ветрилиште од Игор Анѓелков, Или-или, 2024)

Имиња… години на раѓање… години на умирање… години на љубов… години на смрт… всушност, животот е онаа цртичка помеѓу, сè друго е само податок за статистика – Игор Анѓелков, Ветрилиште

1.
Иако не е наведен, најсоодветен поднаслов на дадениот наслов на романот – Ветрилиште – и како објаснување на дејствата и како означител кој поставува врска со книжевноста и историските податоци, би бил „Живот во 16 и пол часа – од 5:30 до 22 ч“. Имено, ова е насловот на рецензијата која се наоѓа на крајот од романот на Игор Анѓелков, напишана од Оливера Ќорвезироска. Фактот дека романот „трае“ помалку од 24 часа укажува на еден книжевен куриозитет, мошне интересен за книжевните историчари: романот Улис од Ирецот Џејмс Џојс „трае“ еден ден.
Овој податок, кој изгледа навидум случаен, ќе се појави неколку пати, не во егзактна форма, но со иста намера – пресликувајќи ги личните интереси во ликот Борис. Интересна паралела во овој потфат е оној на големиот Димитар Солев и познатата сцена во неговиот славен роман Кратката пролет на Моно Самоников, кога неговиот лик Моно се гледа во огледалото, видно вознемирен од кошмарот, па прашува „Далтебарам?“, доведувајќи ја познатата сцена на потрагата по себеси на завидливо ниво (Солев 2008: 22). Идентитетот како прашање не е основна тема на Ветрилиште, но, поставеноста на ликот и главното дејство ја подразбира оваа тема како наративна подлога, имајќи предвид дека идентитетот и ликот се мошне разработувани, особено во поновата македонска книжевна продукција.

2.
Игор Анѓелков во македонската книжевност е познат како романописец, раскажувач, есеист, филмски критичар. Ветрилиште е најновиот, петти роман по ред, следејќи ги Крај-пат (2010), Фото синтеза (2013), Шрапнел (2020), Мина (2023). Во меѓувреме, објавена е неформалната трилогија Кротко-крајпатни синтези (Или-или, 2025) која ги содржи трите првообјави на Анѓелков: збирката раскази Кротки приказни (2006) и романите Крај-пат и Фото синтеза. Овие био-библиографски податоци се важни, особено кога се проучува творештвото на Анѓелков, зашто сите негови текстови комуницираат едни со други, без разлика дали се работи за фикција или пак есеистиката односно филмската критика.
Зборувајќи за Ветрилиште, а во контекст на интимното, нужно е да се истакне една раскажувачка интервенција. Додека се чита романот, читателот може себеси да се „подлаже“ и да помисли дека Ветрилиште е потполно автобиографски роман. Секако, тука и ќе згреши. Во тоа е умешноста на раскажувањето на Анѓелков и оваа интервенција е карактеристична за неговата проза: Анѓелков пишува за она што е познато. Во неговото писмо нема вишоци, непотребни наративни секвенци, истакнување на сезнајниот раскажувач во прекумерна количина (ако е воопшто можно), зашто Анѓелков не се „повторува“; не пишува одново и одново за она што сите го знаат, неговите ликови не се комплицирани, но, приказната што ја раскажуваат е слоевита, што укажува дека Анѓелков е зрел раскажувач, кој совршено ја владее наративната умешност и смелост, кои најмногу ги постигнува со јаснотијата во јазикот, забележлива и во дескриптивните целини, а и во репликите на ликовите.

3.
Ветрилиште „трае“ 16 и пол часа – од едно, утринско кукуригу кое е првиот збор – ономатопеја во романот, па сè до последното, иако последната ономатопеја – кукуригу не е и последниот збор во романот, што наликува на одреден вид надреалистичка интервенција, имајќи предвид дека се случува два часа пред полноќ – во 22 часот: „Петел кој пее во 22 часот?! Соседот крева рамена и вели дека првпат го слуша да пее толку доцна. Првпат“! (Анѓелков 2024: 177).
Главната приказна која ја обработува романот е следнава: авторот Борис (алијас: Писателот) се подготвува за важен настан – на писателот треба да му биде врачена награда во зградата на Филхармонија и тој треба да биде присутен. Меѓутоа, споменатата локација – Филхармонија, односно градот Скопје (топосот) немаат носечка улога во онаа смисла во која се подразбира локацијата каако клучна за дејството. Дејството во самиот роман се случува токму во раскажувањето на сезнаечкиот наратор (за книжевните теоретичари – нулта фокализација). Оваа постапка, да се има сезнаечки наратор кој ќе раскажува за еден ден од животот на писател, ја поставува наративната структура под лупата на теоријата на литературата, особено поради фактот дека, додека се чита романот, се забележува „интервенција“ не само од книжевниот свет, туку од уметничкиот и културниот свет воопшто.
Додека Борис се подготвува за „неговата“ вечер (а тоа го прави цел ден), нè запознава со неговиот почеток на денот, како, всушност му започнуваат речиси сите денови повеќе години; тој има 69 години, страда од грчеви во ногата, а неговите утра започнуваат со убава музика: „… сфати дека му треба малку музика. Тоа е она што му фалеше. Тој никогаш не престана да слуша винили. Беше малку разочаран кога музиката на компакт дискови ја замени онаа на старите, добри плочи. Затоа се израдува кога се случи ривајвлот на лонг-плејките. (…) Во последниве години успеа да направи интимна колекција од винили што претставува саундтрак на неговиот живот. Денот почнуваше со кукуригањето на петелот, а потоа продолжуваше со музиката од различни жанрови“ (Анѓелков 2024: 52). Покрај музиката, овде место наоѓа и книжевноста: писателот се повикува на своите книжевни херои, а во еден момент го оживува споменот за Курт Вонегат, авторот на Кланица пет: Вонегат бил прашан за совет по пат на писмо од еден ученик, а тоа била задача дадена од неговата професорка, по што единствено Вонегат дал одговор. Најверојатно и Вонегат, како и Борис, бил свесен за „ветрилиштето на историјата“, и двајцата се свесни за оставањето траги во животот на нивните блиски, или пак на оние заинтересирани за нивното творештво (Анѓелков 2024: 72).

4.
Наведувајќи ги примерите од животот на писателот Борис, ќе истакнеме еден податок кој е карактеристичен за прозата на Анѓелков. Спомнавме дека делата на Анѓелков комуницираат едни со други, а во голема мера тие комуницираат и со приватниот живот на писателот Игор Анѓелков. Нарацијата во романот Ветрилиште претставува клучна нишка која ги поврзува неговиот професионален ангажман, неговите интереси и неговиот влог во книжевноста како простор, а во случајов, и книжевноста како начин на живот за неговиот лик. Романот на Анѓелков е роман за ликот, разработувајќи го животот на својот лик, испреплетувајќи слики од вистинскиот живот и умешно спојувајќи ги во приказна која оживува во мислите на читателите, насликувајќи еден вид „автобиобиблиографска пикареска“ во која егзактноста на локациите во топосот прават приказната да отскокне доволно високо, доволно добро, доволно моќно, дури, да интервенира повеќе и од самиот автор, да почне живот со кој таа ќе управува, на тој начин што ќе ги инпирира читателите да истражуваат повеќе за она што е сместено меѓу редовите на приказните: да истражуваат за песните и музичарите, за филмовите и режисерите, книгите и нивните писатели. Едноставно, книга за културата како главен интерес и наративна нишка.
Говорејќи за уметноста како начин на живот, ликот Борис има одредено убедување во врска со нејзината улога во сопствениот живот: „Таа не смее да биде одвоена од животот, односно она што го доживуваш потоа го практикуваш и во твојата уметност и тука не смее да се прават никакви компромиси“ (Анѓелков 2024: 73). Да се доживее животот како дел од книжевен свет – такво е гледиштето на ликот на писателот. Но, зарем не е таа и таква мечтата на мнозина? Да се биде едно со уметноста, да се живее животот каков го претставува уметноста, да се стане едно со уметноста? Нели таквиот порив е оној по кој експлицитно мечтае ликот Борис, сиот означен од неговата омилена музика, омилени автори и книги, омилени режисери и филмови, филозофи…?
Ваквиот пристап на претставување на ликот на писателот Борис е едниот од многуте слоеви за кои се пишува во Ветрилиште. Директноста во главната приказна ја дозволува таквата слоевитост, која пак, подразбира вешт наратив во кој, покрај претставувањето на идеалниот свет (светот за кој копнее писателот Борис), се одвојува место и за остриот поглед кон светот. Неговиот светоглед го дозволува тоа – па тој е писател, може да го критикува светот, само потребно е да го слушнат вистинските луѓе, за да се извршат потребните промени: „Борис не беше песимист, но ниту глупав оптимист. Тој знаеше дека секогаш поединецот ги врши промените, а не масите, тие следат, а поединецот е оној што го менува светот. Тој не беше дел од главната интелектуална елита во општеството, туку осамен, важен и чист глас, и луѓето го препознаваа и го ценеа тоа“ (Анѓелков 2024: 57).
Говорејќи за ликот како една од главните точки во романот и неговиот тек, важно е да се нагласи следново: ликот на Борис (алијас: Писателот), при самиот крај на романот доживува еден пресврт: Борис е навјасан од дремка што го следи уште со влегувањето во големата сала и се бори со неа и не успева да ѝ пркоси до крај. Во романот постои еден црн лист – се нагласува таа „дремка“ што го покосува Борис. Меѓутоа, тој „црн лист“ не служи за да им „докаже“ на читателите дека Борис спие (видете, Писателот навистина дремнал додека трае свеченоста), како што ќе се види од расплетот на приказната.
Едвард М. Форстер во својата книга Аспекти на романот зборува за ликовите, и го дели на рамни и заокружени: „Рамните ликови ги нарекувале ‘смешни’ во седумнаесеттиот век; некогаш ги викале типови, некогаш карикатури. Во начист облик, тие се направени според една идеја или еден квалитет. Кога има повеќе од еден фактор во нив, го добиваме почетокот на кривата линија кон тоа да бидат заокружени“ (Форстер 2014: 52). На почетокот од романот, ликот на Борис е прикажан во одредено светло: тој следи една, непроменета рутина, која, не само што влијае на неговиот лик, таа дава впечаток дека неговиот лик ќе остане непроменет. Меѓутоа, нарацијата и особено крајот на романот покажуваат нешто сосема поинакво. Имајќи го предвид „црниот лист“, сведочиме за голем пресврт во развојот на ликот на Борис: овој пресврт го „освестува“ неговото јас, му дава дополнителна карактеристка на неговиот лик, го „оживува“ ликот за кој, претставувајќи го како „уште еден урбан лик“, не сме доволно убедени дека би го преживеал и најмалиот удар: „Писателот подзастана и сфати дека не сака да се врати таму. Едноставно, сака да се врати дома“ (Анѓелков 2024: 169). Овде го имаме последниот „слој“ во градењето на Борис како лик: тој на самиот крај од романот станува „кружен“ лик, ја избегнува онаа „еднодимензионалност“ на плочестите ликови, кои цврсто се држат до своите убедувања од почетокот до самиот крај.

5.
Читајќи го романот Ветрилиште се појавува потреба да се одговори на едно друго прашање, кое е индиректно поставено во романот. Тоа прашање гласи: дали романот трае во точно определени рамки – временски и физички? Да се одговори на прашањево, треба да се фрли поглед од „птичја“ перспектива. Одговорот е мошне хибриден; треба да се има предвид дека ова дело комуницира вон своите рамки – не станува збор за херметички затворен прозен дискурс. Овде ќе се повикаме на зборовите на Анѓелков, кажани во одредена пригода: „Потребни ви се само неколку неформални прошетки со пријателите и ќе сфатите дека сте пронашле идеални простори за одредено уметничко дејствие, кои се тука, меѓу нас. Минувате крај навидум познати згради и улици крај кои сте поминале безброј пати низ децениите, а само неколку нетри зад нив, зад аголот, откривате простор како создаден засцена од некој добар ‘филм-ноар’“ (Анѓелков 2022: 23). Имено, топосот не го затвора романот – тој нуди можност одново и одново откривање во и вон рамките на запишаното, на познатото. За момент да се потсетиме на расказите во Улиците што ги нема, односно на подвигот на авторката Оливера Ќорвезироска, која, за да ги оживее приказните, ги посетувала улиците, со други зборови – го дишела наративниот воздух со кој подоцна се сретнале и читателите, подместувајќи ги физичките граници на егзистенцијата на наративниот дискурс.
Но, што е со Ветрилиште? Постои во оние рамки во кои ќе ги постават мечтите на читателите. Временски – романот постои во оној град во кој живееле тие – во она Скопје кое ним им е најблиску: пред некој месец, пред неколку децении или она Скопје за кое мнозина мечтаат. Физички – не мора да е Скопје, може да е друг град, близу јужната или западната граница на државата. Едно е важно: романот трае додека траат чудата.
Сепак, чуда се случуваат.

Користена литература:
Анѓелков, Игор. „Дозволете родниот град да ве изненади“. Урбаниот профил на Скопје во современата проза: Зборник на трудови. Уредник Соња Стојменска-Елзесер. Скопје: Институт за македонска литература, 2022, 23-24;
Анѓелков, Игор (2024). Ветрилиште. Скопје: Или-или;
Солев, Димитар (2008). Кратката пролет на Моно Самоников. Едиција 135 тома македонска книжевност. Битола: Микена;
Форстер, Едвард М. (2014). „Ликовите (продолжение) I“. Аспекти на романот. Превод од англиски Василка Пемова. Скопје: Конгресен сервисен центар, Макавеј; Битола: Микена;

Тагови од објавата
Напишано од
More from Пепи Стамков
Сонот и смртта
Моштите на влечугите Скриени сме под мушамата со две дупчиња. Прстите на...
Повеќе
0 replies on “КНИГА ЗА СВЕТОТ НА ЛИКОТ”