Уште неколку фусноти, низ кафе муабет со пријателот

1.
Авторот често разговара со себе за она што го пишува, а и инаку, кога молчи, во него пулсираат, наизменично, и бунтовни и кротителски решенија.
Ова не го велам да ја нагласам макотрпноста на писателскиот труд. Спротивно, пишувањето, кога ќе тргне, умее да го израдува писателот со инспиративната мелодија на создавањето. Пишувањето е и преиспитување на сопствениот внатрешен свет во средбите и судирите со сложената, контраверзна стварност и оттаму, исповедниот дијалог со читателот. Понекогаш сме принудени да чиниме отстапки во животот, во книжевноста фантазијата не дозволува такви нешта. Уметноста сугерира дека и во кревкоста, и во минливоста на човековото постоење може да се собере ризница од мисли и чувства наспроти суровата бесмисленост на стварноста што постојано не напаѓа.

2.
Постои мислење дека пишувањето раскази, за разлика од подолгите наративни облици, е во еден здив, без, на пример, растегливоста на романот, и во таа смисла, посигурно за авторот.
Во повеќето мои раскази, ликовите се од секојдневниот живот или потикнати од сликите и ослушкувањето на минатите животи, па се чини дека дејствиетто е видливо. Ама баш не е така. Некогаш пишувањето се одвива вдолж патеките што стануваат лавиринтни, некогаш се сечат со ситуации што, дискретно или остро, ја менуваат мапата на приказната. Подоцна, кога ќе ја завршам и ја препрочитувам, приказната, со одбрано течение и смисла, особено ако е подолга, се соочувам со потребата нешто да допишам, иако, од друга страна, се јавува глас што ме предупредува да не ја омекнам со дополнувањата. Што се однесува до покусите раскази напишани со едноставен ентузијазам, за нив се потребни само ситни преправки.

3.
За студент по компаративна книжевност, средбите со делата на Борхес, Кортасар, Еко, Калвино, Буцати, Киш… беа во еден замав, со своите проективни пробиви низ една повратна игра, интензивни и потикнувачки. Во согласност со мојот тогашен транзитен младешки период, кога спонтано експериментирав и барав предизвици, откритието на постмодернизмот и можностите што тој ги нудеше во градењето на текстот, ми даваше инспирација при создавањето на дебитантските книги, па така и мојата прва есеистичка збирка носи наслов „Дали Калимах беше постмодернист?“. Подоцна, кога тоа златно доба, барокниот блесок на постмодернизмот пребрзо, благодарение и на експресната технолошка поплава, се мултиплицираше во произволни, шаблонски имитирања (една своја подоцнешна книга есеи ја насловив „Борхес и Компјутерот“), па вреднувањата на тие продолжетоци стануваа, очекувано, критикувани. Очевидниот недостаток на критериум во денешната хипер-продукција дел е на лудата стварност во која книгата станува продукт, литературата бизнис што се покорува на меркантилните законитости – брзо, доходовно, потрошно. Писателите што настојуваат да ги напрегнат својот дух, имагинација, за да креираат мисловен, емотивен предизвик за своите читатели изгледаат старомодно. Неконформистичките читатели изумираат како и неконформистичките писатели.

4.
A сепак, доживотен е восхитот кон цртежот на ранетиот бизон од Алтамира во темното, тешко достапно катче на пештерата и од друга страна, сцените со минојскитевнимателното ослушкување ( девојки и танчерки во центрифугалните критски палати без надворешни ѕидови што би го ограничувале видикот – иако во сосем спротивни опкружувања, пред нив е истоветно возбуден поради непосредната блискост на тој подвижен живот, поради таа првична животност наспроти денешниот глобален, загаден хаос, со сограѓаните како ранети киборзи? Како да го најдеш по(т)чит кон природниот тек на животниот биопис за да се спротивстави на лажниот блескот на рекламниот свет? Ослушкување па приказна, набљудување па промислување, маргиналност па дејствување, тоа сеуште му преостанува на денешниот писател кој и покрај распаѓањето на единството на просторот ја наоѓа сврхата на својот труд.

5.
Вештината на раскажувањето, како и секој занает, се учи и искушува за време на целиот писателски живот. При тоа раскажувачот треба да ги совлада овие две суштински задачи во третманот кон ткивото на текстот: првата, да не подлегне на сентименталноста, а да не се откаже од стилската доследност што во контекстот на определена содржина ја повикува иронијата или чувствителноста, и што е многу важно, да го согледува дејствието одвнатре, со очите на ликот или камерата. Секако, раскажувачкиот занает подразбира учители, не можеш да бидеш подобар писател ако не си добар, посветен читател кој добива совети , помош од големите мајстори. Отвореноста на читателскиот хоризонт, внимателното ослушкување (читање) го храни сопствениот имагинативен извор и тоа не само во борхесовска или екоовска смисла, туку и кај писатели меѓусебно толку различни како Џојс и Набоков. А вториот, или првиот услов (зашто се преплетени) за човек со амбиција да постане писател е непорекливата важност на сопственото животно искуство што не е само натрупување впечатоци, доживувања, средби, туку мора да биде поткрепено со прераспределување на тоа искуство во слоевите на (не)совршената човечност.
Дали ќе стаса да ги напише сите свои приказни? Големите раскажувачи како По, Мопасан, Чехов, Кафка, и покрај кусите животи, создадоа ремек – дела на раскажувачката уметност, Пирандело пишуваше раскази секој ден, веројатно од желба да сочува што повеќе. Писателот со своето дејствување се обидува да се спротивстави на неумоливиот проток на времето. Времето не запира, но добрата книга, како и композицијата, како и сликата, добиваат шансада го опфатат „мигот на вечноста“.
Сеуште заспивам со книга во рака. Читам и препрочитувам, подготвен тоа неповторливо доживување во читањето добра книга да го складирам во библиотеката на впечатоци и аргументи. Читањето никогаш не е случајно!

6.
Секојдневна глетка на градскиот сообраќај – велосипедистите не внимаваат на пешаците, автомобилистите не внимаваат на велосипедистите, моторџиите не внимаваат на автомобилите – буквален пример на социјална негрижа и себичност. Како и расфрланото ѓубре по парковите, тротоарите и улиците , додека преполнетите контејнери со денови чекаат да бидат растоварени.
Ако е така, политичкото животно, според точната аристотеловска определба пред милениуми, во современиот свет, од навивач се помеша со социјален негрижник, категории што, инаку, не би требало да одат заедно, зашто политичкиот ангажман, освен потврдата на гордото самочувство за политичка припадност, е да се подобрат економските, социјалните, еколошките состојби во татковината, од спротивна страна, пак, на социјално безобзирниот не му е гајле за социолошката и еколошката девастација, ако тој не е дирекно загрозен.
Писателот би требало да поседува наратолошко-оптичка способност, да ги согледува работите подлабоко за да потоа, во своето пишување, ја користи таа способност во обликувањето на атмосферата и карактерите. А што со ангажираноста во неговата литература? „Ние“, „Животинската фарма“, „Храбриот нов свет“, дистописки дела што во младоста со возбуда ги голташе како да се загрижувачки, но и научно-фантастични настројувања, денес се претркуваат со отуѓената, преблиска и пребрза стварност. Понекогаш му се чини дека неговиот книжевен од е пребавен пред експресните промени што ја стегаат човечноста, не давајќи ѝ да дојде до здив.
Но занаетот што го одбра е предодреден да одбира од тоа мноштво брзопотезни, но далекусежни промени, за да го изостри окото (и она внатрешното). За поточно да пишува.

7.
Нечовечноста на денешниот свет може да биде тема што го интригира, го нервира или го меланхолизира писателот (во зависност и од категоријата на која ѝ припаѓа – Трибун, Хронистерик или Номад) – терајќи го и тој да го подвижи своето пишување кон поангажиран книжевен пристап. Иако, ако достигнал пристојно ниво на писателско умеење, тој знае дека природата на успешната приказна е и во нејзиното калемење, заплеткување, отплеткување, и дека тоа ја чини поинаква од, на пример, новинската колумна, чии пак квалитети се во нејзината ударност и оперативност, но читателското искуство му вели во таа ефективна хибридност на таленти, бројот на силни писатели кои во исто време се и добри новинари воопшто не е мал (Дикенс, Хашек, Хемингвеј, Орвел, Маркес, Еко, Капоте, Мајлер…). Можеби затоа жанрот на новиот журнализам, што обилно ги користи наративните техники, создава возбудливи, читани дела.
Но и оние автори од навидум спротивната страна, како Џојс, Андриќ, Бекет, Борхес…, доразмислува писателот, ја шират, ја ангажираат читателската свест и совест, поттикнуваат да се преиспита и да се соочи со животот без кого ни тие не би пишувале, а како ќе го обликуваат, секој во својата книжевна работилница, тоа е веќе само нивна работа.

8.
Приказната може да биде раскажана целосно, од почеток до крај, непрекината, секогаш присутна во својата доследност, способна да напредува чекор по чекор, час по час, ден по ден… Или да се вклопува на прескок, делче ваму, делче таму, како на сложувалка, па некои полиња да останат недополнети, без да се потчинат на комплетната интеграција. Секако, и првиот, и вториот третман во развивањето приказна бараат високо ниво раскажувачка умешност за да ја одржат читателската напнатост и возбуда. Еден ист автор, кога е внесен во различни приказни, може да се служи со двете постапки. И да се почувствува ослободен од командното место на претходната приказна. Но почесто авторот се резимира во моделот кој одговара на неговиот карактер, стил и определен став кон пишувањето. Сепак, ако приказната е добра, без оглед дали е раскажана темелно или скоковито, ќе го натера читателот да размислува за неа, да ја препрочитува, да ја прераскажува.

9.
Фрагментите „Азбучник за возрасниот писател“ со кои ја завршив претходната книга, како и овие што сега ги запишувам „Уште неколку фусноти, низ кафе муабет со пријателот“, во споредба со првите антиупатства што пред речиси пет децении се создадоа на стражарското место на Авала, очевидно се забележани од автор на различна, поискусна возраст. Во почетните, младешки антиупатства е видлив манифестниот тон на љубопитникот што експериментира и се искушува низ предизвици. Сегашниве фрагменти се дел од обмислувачкиот, прилично опуштен, понекогаш и потсмевлив, дијалог со себе си или со пријател. Сепак, иако ги одделувам како две оддалечени фази во мојот писателски развој, би можел да ја почуствувам истата невина предаденост кон литературата што се умножува со секоја прочитана и напишана книга.

10.
Многу пати е кажано дека осаменоста е неопходна за писателот додека, без директен посредник, ги бележи своите приказни. Тогаш, како понекогаш кај некои негови ликови, и кај писателот работи текот на свеста – тука, треба да се уфрли…или, ова е непотребно… и слично. Ако сеуште за првата верзија на пишуваното користи тетратка, тогаш таа е полна со пречкртки и врз нив, со дополнки. Ако пак за првата верзија користи компјутер, тогаш најчесто го притиска копчето delete. Јавнат на инспиративниот бран, тој заборава дека ќе му преврие супата на шпоретот и дека после, откако ќе го отвори прозорецот да се изветрее чадот, ќе мора да ги риба ринглата и тенџерето. Но и тогаш, додека со жицата за садови ги трие прегорените места тој е сеуште во она што го напишал, па си вели – оној пасус ми е пренатрпан… морам да го ослободам од толку епитети… (мисла поврзана со чистењето на ринглата).

11.
Додека свиреше рокенрол, режираше алтернативни театарски претстави, сообразуваше сценарија за анимирани филмови, тој беше дел од екипата. Искуси колку тимското дружење може да биде прекрасно патување, кога со растењето на креативното ниво на тимот растеше и креативното ниво на секој негов член. А потоа, како што се случува со сопатниците после ретките, возбудливи патувања, со некои ја изгуби врската, со некои се допишуваше, се поретко и поретко, со некои случајно ќе се сретнеше на улица или во некое кафуле да си прераскажат сеќавања од некогашното патување. Во процесот на пишување, пак, најчесто на својата работна маса, а понекогаш на клупа во паркот, или на аеродром, меѓу два лета, писателот е самиот на себе важен ослушкувач што го поткрепува, но и го корегира во создавањето приказна. Иако понекогаш, исполнет и нераздвоен од литературата, во минутите на прездив сепак ќе посака да го повикаат да се придружи, било тоа да е за графичка новела, или за нова мелодија или барем за улогичка на раздвижената алтернативна сцена..

12.
Знае дека пренатрупаноста со книги што се намножиле по библиотеките, по масите и врз подот на неговиот дом може кај посетителот да предизвика впечаток на крајна неуредност. Сиот тој неред предупредува, според здраворазумската логика, дека писателот има некои напластени, нерешени проблеми со стварноста и дека бедемите од книги се испентрале до тој степен за да го заштитат до полноќ кога го гаси светлото и оди да си легне. И тогаш, додека се движи низ мракот, тој точно знае како да ги избегне, да не ги разруши книжните ридови, за да следното утро, заедно со кафето, се послужува со книга од врвот на еден таков рид. – Ова еднаш треба да се среди! – си вели, но веќе следниот миг се зачитува, бришејќи го кусото сеќавање на претходната мисла.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Староста на трибунот
Но Сартр, да бидеме искрени, имал многу поинтелигентен и позначаен противник отколку...
Повеќе
0 replies on “Уште неколку фусноти, низ кафе муабет со пријателот”