Мапирање на просторот во поезијата

Гетеовиот Фауст, врвниот научник, симболот на копнежот по Апсолутот и олицетворение на микрокосмосот, на почетокот од истоимената драма седи во својата готска соба во Франкфурт и се обидува да навлезе во тајните на универзумот, па го повикува Духот на свемирот. Но, наместо одговор, наидува на молк. Следниот чекор е симнувањето од „горе“ кон „долу“ и обидот да стапи во контакт со Земниот дух, но резултатот е повторно разочарувачки – му се појавува некакво карикатурално суштество, што значи дека и овде човекот нема пристап. Два и пол века подоцна, поетот Зоран Анчевски, во Скопско Влае, поставува „Проложни прашања“ (воведната песна во неговата најнова, десетта по ред стихозбирка „Длабок простор“), за вселената и Земјата, за водите и корењата, но тие молчат. Следниот чекор се „прашањата за тоа што е?“, но се слуша само „мрморење немушто“. На поетот, како суштество на копнежот, аналогно на Фауст, не му треба договор со ѓаволот за да дојде до сознание дека: 

 

Прашањата и одговорите си немаат свој залез,

ами тонат бесконечно во некој длабок простор

што алфа и омега на сè и сешто и на сето ништо,

што вон нас и во нас – Е. 

 

Во интервјуто за блогот на „Арс Ламина“, самиот автор ќе рече дека реторичкото прашање му е една од омилените стилски фигури кои често ги користи во своите книги за да ја разлачи поезијата од философијата: „Философијата не прашува, таа дава одговори, се стреми кон објективна вистина. Поезијата си ја зема слободата и да прашува и да одговара“ – коментира поетот. Неслучајно, на промоцијата на книгата (16 јуни, 2026), Оливера Ќорвезироска го нарече Анчевски „крал на реторското прашање“, по аналогија на епитетот на Радован Павловски – „принц на метафората“.  

Првата средба со најновата книга-свет на Анчевски е графичкото решение на корицата која е во знакот на една румена булка – алузија на песната „Единство“ од францускиот великан Виктор Иго и поетската слика за една малечка маргаритка која ја гледа во небесниот свет / Големата ѕвезда што бесмртно тлее. / Па и вели: – И од мене сјај се лее. Со други зборови, книгата, графички, имплицира просторна организација (во дослух со насловот) – небото, кон кое го подава својот цут булката, заедно со земјата во која е вкоренет цветот, е резултат на првобитната, вертикална поларизација на просторот горе-долу, која подразбира цела низа на дуалистички парови од типот: светло-темно, бесконечно-конечно (или вечно-минливо), небо-пекол, макро-микрокосмос. 

Познато е дека низ историјата, поетите, меѓу другото, го истражувале односот меѓу макрокосмосот (планети, ѕвезди) и микрокосмосот (човековата душа), преобликувајќи ги космичките простори во емотивни пејзажи или во еден „внатрешен космос“ на човекот, каде емоциите се пространи и неистражени слично на галаксиите во вселената. Содржината на стихозбирката Длабок простор го следи споменатиот дуализам, во смисла од макро – кон микрокосмички промислувања, од универзални теми – кон лични емотивни состојби, односно, големата драма на постоењето или „Големиот тресок“, таа водечка научна теорија за потеклото и развојот на вселената тематизирана во првиот циклус со наслов „Ничија земја“, постепено, преку темпоралната феноменологија фокусирна врз дијалогот на хронотоппите во вториот циклус „Ниедно време во ниедно место“, се префрла од макро – на микро план, од универзални теми – кон лични емотивни состојби, па следните два циклуси орбитрираат меѓу „Трошките тага и самотија“ од една страна, и „Трошките радост и убавина“, од друга, за да кулминираат во петтиот, завршен, безмалу арспоетички циклус „Плахи песни во еден здив“. Но, тоа не е крај! Финалето е резервирано за песната „Појди“ (на старогрчки Ϊτε) како своевиден епилог или кода. „Тоа е мое омилено структурирање на книгите“ – признава Анчевски во споменатото интервју за „Арс Ламина“ и појаснува дека проложната песна, составена од низа прашања, на извесен начин, „ги трасира тематските јадра поместени во различни циклуси што следуваат“, а „епилогот или кодата го сумира стореното, но истовремено ја означува и разделбата помеѓу авторот и песната, пред таа да се најде во рацете на читателот“.

Значи, стихозбирката Длабок простор се одликува со исклучително компактна структура како вообичаена постапка или „математичка поетика“ на Анчевски, потврдена, низ најразлични варијации, во неговите претходни остварувања. Композициски, Длабок простор содржи 5 циклуси со по 12 песни, плус една воведна и една завршна песна. Нумеролошката симболика, очигледно, не е случајна! Бројот 5 се смета за еден од најдинамичните и најзначајните броеви кој го симболизира човечкото искуство, додека пак, бројот 12 е број кој означува совршенство, комплетност, целосна структура, божествен/небесен поредок. Еве ги повторно во игра микро и макрокосмосот кои се во една дијалектичка спрега, во еден совршен танц во оваа поезија. Оттаму, одделните циклуси во Длабок простор не се строго врзани за насловните знаци, туку се преплетуваат и кореспондираат меѓу себе, дури и си „упаѓаат“ еден во друг. На кој начин? 

Макрокосмосот се огледува во микрокосмосот и обратно.: 

 

Само во ваква летна квечерина е можно

ангели да заиграат лесен танц по небото,

сонцето да втисне црвен печат на хоризонтот 

и облачињата да станат вирчиња шербетна шира. 

(песна „Квечерина“)

 

Фасцинантната поетска слика во споменатите стихови, визуелно моќна, не е осамена во поезијата на Анчевски. Еве уште неколку примери: Амбарите на ноќта се полни златни зрна / (…) а мешето на ридот е бабуле полно со алтани / што раката на денот ги збрала за црни дни („Ноќта е ширно поле“); или: Денес прозорците се уморни крстоносци врз чии / штитови неверно се отсликува ликот на времето („Достага“); или: Овој цут на багремите развеан / ко розово здолниште на балерина („Цутот на бадемите“), или: Неука леунка плиснала млеко врз мрачен пат / кој со еони не видел зрачен лак и така станал млечен („Млечен пат“). Последнава поетска слика е вонреден пример за „упадокот“ и „интервенцијата“ на малечкото, дребното, човечкото – врз големото, вечното, божественото, упадок кој уште се манифестира и низ желбата на лирскиот субјект на својата дланка да им понуди храна на ѕвездите, „за да станат појадри“, како и неговиот копнеж „некое чисто утро“ да се најде „во рало чевли“ кои ќе го понесат на „млечниот пат“, па од пасивен набљудувач, да стане активен учесник во ритуалот на космичкото постоење. 

Може да се рече дека првиот елемент на оваа поезија е нејзиното чувство за космичност. Космичкиот простор и космичката драма се евидентни веќе во насловите на песните: „Црна дупка“, „Супер нова“, „Ѕвезди“, „Ѕвезда-паѓалка“, „Соѕвездија“, „Млечен пат“, „Мета-комета“… Т. С. Елиот, кој, патем речено, минал низ преведувачката лабораторија на Анчевски, е автор на прочуената „Пуста земја“, а нашиот поет има песни со наслов „Ничија земја“ и „Пуста желба“. Ако „ничија земја“ (покрај многубројните асоцијации), алудира на состојбата на неизвесност и беспомошност (по Потопот), сугерирана преку ономатопејски извици (ку-кууу, оооф,ааах), тогаш „пуста желба“ на лирскиот субјект е: да ми е да легнам до тебе на космичка постела (…)  и така, преполни љубов / и нежност, да кинисаме кон длабокиот простор / (…) за таму заедно и спремно / да го дочекаме новиот Голем тресок. Освен експлицитната приврзаност кон идеите од есхатолошки и космогониски карактер, споменатите стихови откриваат и една сосема лична, интимна, љубовна димензија на оваа поезија, суптилно изречена во кондиционална форма која пулсира во знакот на едно амбивалентно чувство на премин, трансфер од една во друга животна фаза. 

Во овие поетски искушенија како да има нешто од оној елиотовски манир за „спас низ обраќање“, од онаа негова нескриена потреба и копнеж по Дантеовата Vita nuova. Впрочем, иманента одлика на поезијата е обраќањето кон Другиот; обраќањето, апострофата како поетска фигура е во функција на постигнување динамизам и драмска напнатост на поетскиот израз, сеедно дали се работи за самата песна/поезија (како во финалната „Појди“), за некои отсутни субјекти, митолошки суштества, природни феномени, апстрактни поими, или, пак за конкретен лирски соговорник (саканата жена, пријателот, читателот, но и замислениот соговорник или сопственото Јас). „Драмската персона“ (кажано елиотовски) освен што придонесува за имперсоналност на поетскиот дискурс, го збогатува и со полифоничност. Оттаму и симбиозата на лирскиот субјект и објект во некои песни од Длабок простор, оттаму и различните граматички облици (јас, ти, тој), како и различните типови пеење или разнородни гласови: од кокетирање со народниот мелос (како во песната „Бегај да бегаме“ посветена на Пијан Славеј) и употребата на лексички архаизми (стихот џимрија со лице на бајата џимиринка во песната „Ничија земја“, на пример), преку ретките национални конотации (песната „Ако го загубиш родниот праг“, или реминисценцијата на „орото на гурбетчиите“ во песната „Ниедно време“), сè до експлицитната (во облик на мото, посвета и сл.) или имплицитната цитатност од типот на рациновски интонираните стихови: Самотија… / легнала, / та натежнала (песна „Самотија“).  Понекогаш, „семантичкиот рез“ (како што би рекол Лотман) се збиднува и низ хуморни проблесоци, како во стиховите: сиот семир глуво премре пред ехото што зататни – санким глас Божји кој вели: ‘Преку глава ми е од сè!’ („Ехо“). 

Насловната синтагма „длабок простор“ е стожерна за целокупната архитектоника на оваа книга-свет. Кој е тој „длабок простор“? Во истоимената песна, нашиот поет дава одговори кои повеќе загатнуваат отколку што разгатнуваат, па така, „длабок простор“ е мантија на маѓесник / со зашиени ѕвезди и месечини / што неуморно трепкаат / ко никогаш да не узнале за сон, поле послано со црно жито, црна ларва, густо испишана страница  / од свечен историски говор / што наеднаш исчезнува / пред очите на говорникот. Впечатливите, таинствени поетски слики кулминираат во финалните стихови на насловната песна кои гласат: Таму / мислата ни е дете / со шарена вртелешка в рака / наспроти благо космичко ветре. Освен далечните алузии на Рембоовите завршни стихови во неговата култната песна „Пијаниот брод“ и сликата на едно дете кое си игра со хартиено бротче во една бара, поетската визура на Анчевски кореспондира со големата тема на враќањето кон Почетокот во форма на рајот на детството како синоним за вербата во цикличноста на животот и можноста за обнова, за ново раѓање/постоење. Парадигматична во оваа смисла е и песната „Допирот на земјата“ во која смената на годишните времиња ги премостува времињата и просторите во име на една бесконечна обнова. Впрочем, неслучајно, се смета дека поезијата постојано го повторува своевидниот скок кон бесконечното

Самиот Анчевски предупредува дека иако синтагмата „длабок простор“ е влезена во јазикот да ја означува бесконечноста на вселената („deep space“), т.е. на макропросторот, таа, во неговата книга е еден повеќезначен симбол. За него, меѓу другото, и јазикот е еден посебен вид длабок простор: „Во Длабок простор продолжувам да експериментирам со јазикот оти тој е најголемиот предизвик за мене како поет“ – вели тој и како примери ги посочува двете песни во проза во завршницата на првиот циклус „Ничија земја“, од една страна, а од друга, отсуството на интерпункција и строфизација во петтиот циклус „Плахи песни во еден здив“, при што „губењето на здивот или издишката, како и вдишката што треба да следува потоа се означени со празни простори, сѐ со цел да се долови ‘плахоста’ и не/можноста да се каже нешто во еден здив или во секвенца од скусени или аритмични здивови“. Оваа автопоетичка изјава се однесува на неговиот обид на формата да ѝ даде сериозен удел во значењето на песната, секако, во склад со нејзиниот емотивен набој.

Релацијата: поезија – простор е, несомнено, мошне комплексна и динамична. Спацијалноста во една песна се рефлектира најнапред, во нејзината стиховна организација; конкретно, во најновата стихозбирка на Анчевски, таа е разиграна и разнообразна: опфаќа од песни во стих – до песни во проза, од лирски минијатури – до песни со скалест стих или сонети (со нагласка дека се работи за англискиот вид сонет сочинет од три катрени и едно двостишје). Тука се и празните места, маргините, белините меѓу зборовите, ритамот, тишината… Сето тоа ја гради „поетиката на просторот“ (кажано башларовски) како географија на надворешните и внатрешните простори, во стилот на една песна во проза на Анри Мишо со наслов „Простор со сенки“, во која читаме: „Простор, но вие не можете да го сфатите, тоа ужасно внатре-надвор што го претставува вистинскиот простор“. Значи, поезијата, просторно, ја мапира и човековата душа. Во оваа смисла, лирскиот субјект во една песна на Анчевски ќе констатира: Си мислеше, длабокиот простор нагоре се шири, / но не – и во тебе тој корен да ти пуштил / што ко вретено врти и дрско ти длаби до сржта („Но не“). 

Човекот се впишува во просторот, просторот – во човекот. Оттаму, вистинскиот простор што го населува оваа поезија е дијалектиката на просторот надвор и внатре; поетот има моќ да ја прикаже заемната условеност и комплементарност помеѓу неизмерноста на светот, од една, и длабочината на интимното битие, од друга страна. Според Башлар, „Во тој двосмислен простор, надвор-внатре, духот го загубил својот геометриски роден крај и душата плови.“ Каде да се бега? Каде човек да се засолни? Во кое надвор да се бара прибежиште? Во „цутот на бадемите“ или во „кикотот на кајсиите“ – би рекол нашиот поет. 

Поезијата не може да се сведе исклучиво само на зборови на хартија; таа е и начин на „населување“ на просторот со значење, емоции, слики и звуци. Конечно, поезијата е и простор на слобода, на креација на нови, имагинарни простори наспроти логиката на рационално уредениот свет. „Поетот треба да е одличен зналец и ерудит, но не и да е целосно посветен на рационалниот потход во поезијата“ – ќе рече Анчевски во едно интервју за Културен живот (2022). Или, кажано поетски: 

 

Да се мушне зрак 

од мушмула во дворот  

во мушмула на ѕидот 

и обратно 

е ко да минеш пат од една галаксија 

до друга, од стварност во илузија 

што топејќи се станува стварна  

и обратно 

(песна „Бесконечност“)

 

Сознанието дека се лити светот на стварноста, се шири светот / на вообразбата… со пулејки, пафти и петлици (како во песната „Соѕвездија“), е уште една убава метафора за поезијата и нејзината исконска, исцелителна моќ на обнова на светот која денес толку му е потребна, речиси подеднакво како и неговото опстојување доведено под знак прашање од војни, конфликти и недоразбирања, од оној див вител за кој пее Анчевски, што ита кон нас / и го носи крајот на времето

Творечката возбуда на еден поет, според Пол Валери, има сродности со танцот, играта, бидејќи претставува систем на дејство кое не води никаде, туку целта ја содржи во себе. Ако и следи нешто, смета Валери, тоа е идеалниот предмет, состојба, личниот восхит, трајноста на животот, врвот, највисоката точка на битието. Оттаму, синергијата меѓу „пеењето и мислењето“ (кажано хајдегеровски) во поезијата на Анчевски, може да се сведе на оној вишок насмевки складирани во балони кои се шират низ просторот, за кога конечно ќе пукнат ко Големиот тресок, / да го престорат овој бајат, снемтурен свет / во една огромна, заразна вселенска насмевка („Вишокот насмевки“). 

Несомнено, поезијата на Зоран Анчевски е луцидна и покрај сериозноста и загрижувачката/предупредувачка димензија во многу од песните како: „Јанѕа“, „Страв“, „Малодушност“… Кога на ова ќе се додаде и хуманата димензија што провејува низ стиховите кои ја поетизираат староста и самотијата, на пример (сфатени како другост на сопствената душа, можеби), потем, „физиката на тагата“ (Господинов), или, очајот и надежта во личната исповед (истоимена песна), станува јасно дека нашиот поет е суптилен заговорник на една ангажирана лирика, во најубавата смисла на зборот. Следствено, во финалната песна „Појди“, поетот лирски топло, но истовремено и императивно (неслучајно песната е напишана во заповеден начин), во духот на античкиот повик врзан за битка на што упатува старогрчкиот назив на песната, директно ѝ се обраќа на својата песна со апел таа да се рашири ко зрак сончев кај сите што одамна загубиле спокој и мир, да им даде иљач на тие што огорчени се, а да им биде ореол светол на сите кои блажени и доблесни се! 

Може да се рече дека тргнувајќи да скита „низ времето“ и низ еден „длабок простор“ да врви, песната на Зоран Анчевски го добива својот почеток на крајот од книгата. Или, според зборовите на самиот поет, „авторот ѝ се обраќа на песната/книгата и ѝ посакува добар пат во непознатото без негова поткрепа и придружба“. Коцката е фрлена!

 

Тагови од објавата
More from Лидија Капушевска Дракулевска
Аргонаут во кула
АРГОНАУТ ВО КУЛА (Кон поетската книга Кула крај море од Влада Урошевиќ)...
Повеќе
0 replies on “Мапирање на просторот во поезијата”