Кога се наоѓа помеѓу две согласки и на почетокот на зборот ако зад него доаѓа согласка, гласот р врши функција на самогласка. Тоа е општопознат факт и во врска со тоа нема дилеми. Има голем број вакви примери: дрво, грло, жртва, јатрва, крв, прст, прстен, срце, срп, црква и др.
Она што прави проблеми е начинот на кој се бележи самогласното р, особено кога се наоѓа на почетокот на зборот или во префиксираните зборови. Така, во практиката среќаваме различни погрешни бележења: р’бет, р’ѓа, р’ѓосан, р’ж, р’жан, р’жи, р’скавица, р’т, р’ти, р’чи; зар’ѓа,зар’жи, зар’ти; ср’жи, ср’ти, изр’ти, безр’бетник; с’ржи; с’рти; из’рти, без’рбетник.
За да не доаѓа до вакви грешки, треба да се имаат предвид три основни правила во врска со бележењето на самогласното р во ваквите случаи:
– кога е самогласното р на почетокот на зборот, знакот ’ се става пред него, а не зад него;
– кога се префиксирани ваквите зборови, ако префиксот завршува на самогласка, знакот ’ се става пред самогласното р, а не зад него;
– ако префиксот завршува на согласка, знакот ’ воопшто не се пишува.
Оттаму, правилните форми на горенаведените зборови се следните: ’рбет, ’рѓа, ’рѓосан, ’рж, ’ржан, ’ржи, ’рскавица, ’рт, ’рти, ’рчи; за’рѓа, за’ржи, за’рти; сржи, срти, изрти, безрбетник.
Своите јазични препораки испратете ги на: mak.katce@gmail.com.