Сечија душа е помалку или повеќе осакатена

Екслузивно интервју со младиот македонски писател Давор Стојановски по повод излегувањето на неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“.

nenaslovena-meseceva-sonataДавор, го истера и тоа гајле, по неколку години пишување, деновиве во „Или-или“ излезе твојот прв роман, „Ненасловена месечева соната“. Романот преживеа многу промени, колку оваа конечна верзија има врска со првичната замисла?

Срцевината на сегашната приказна постоеше уште на самиот почеток, кога во средношколските денови имав првична замисла за средбата меѓу Јон и Сандра. Се сеќавам дека првата верзија на романот беше напишана во сегашно време и со сосема поинаква фокализација. Од неа бев незадоволен, па ја променив и добив нешто поконкретно и поблиску до она што сакав да го имам како производ. Но романот вистински се роди последниве две-три години, кога ја сменив структурата од корен, добивајќи трета верзија на книгата. Тогаш конечно почувствував дека раскажувањето не е изнасилено, дека стилот не е резултат на некое моментно влијание, па од сето патешествие и од сите промени, најпосле се создаде „Ненасловена месечева соната“, во верзија од која сум задоволен и која, поради сето тоа низ што минав пишувајќи ја, сѐ уште ми создава мачнина кога ќе ја погледнам.

Значи, овој роман за мене претставуваше завет од едно подалечно време, на кој  му се навраќав по премногу прекини и кој не смееше да премине во обврска. На некој начин, пишувањето на романот се претвори во тест на издржливост. Сето тоа, пред сѐ, бараше макотрпна работа и задолжение да се истрае и да се заврши пристојно со делото, при што воедно ќе се зачуваат првобитната искра и замисла од кои тоа настанало. Сфатив дека умешноста на пишување роман е еднакво важна колку и умешноста на бришење, а главната сила што тегобно ме водеше низ целиот процес беше сомнежот.

Најважно од сѐ, по склопувањето на приказната, ми беше дооформувањето на карактерите, затоа што, ако тргнам од себе, кога читам роман, сакам вистински да го почувствувам и да го видам ликот, така што за миг ќе си вообразам дека рамките во кои е сместен не се конструкт, туку мое опкружување. Можеби навистина не мора да се оди до толстоевски или натуралистички минуциозности, но сакам кога ликот е пластичен и има живот и побуда. Барем во овој роман тоа мораше да биде така.

Кои се твоите книжевни родители? Чие влијание може да препознаеме во романот? Јон, главниот лик во приказната, потсетува на Гренуј на Патрик Зискинд. Има ли простор за некаква паралела? 

Имам премногу книжевни родители и тоа ме прави среќен син. Кога доаѓа периодот на бунт, човек помислува дека може да се оддалечи од нив, да ги напушти, дека може да преживее во светот на создавањето книжевност препуштен сам на себе. Но тоа е лага и тоа е неможно. А сум поминал и низ таква апсурдна фаза. Кога човек чита нешто како „Игра со стаклени монистра“, на пример, се воодушевува и се престрашува дека нема шанси некогаш да се напише нешто ни одблизу слично и достојно за почит. Верувам дека дури откако ќе згасне ужасот по секоја прочитана книга, онаа тага што му е блиска на стравот од секој исчитан наслов на некое големо дело, оној postcoitalis tristesse во книжевна смисла, она слепило од величината и од генијалноста на претходниците, дури тогаш, оддалечен од секоја прочитана книга, осамен, претворен во сирак, јас можам да станам романописец. Во нас секогаш живеат прочитаните зборови. Всушност, секое ново дело се надоградува или се изменува во однос на координатите поставени од претходниците.

Инаку, Јон, кој како бебе е напуштен и нема родители, се вдомува токму во книгите од библиотеката на госпоѓа Т. Тој вистински се раѓа од и во светот на фикцијата. Се согласувам дека на некое второ ниво може да се бара аналогија со Гренуј, особено во однос на нивната интровертност, чудовишна појавност, маркираност, исклучителна дарба и сл. Сепак, ликот што првично ме мотивира да го создадам Јон беше Хенри Спенсер од Линчовиот Eraserhead. Но, со текот на времето, го очовечував Јон и го правев попријатен и понаивен. Јон не е ни скитник ни благородник. Нешто помеѓу е, тој не паѓа веднаш в очи, но штом еднаш ќе го видиш, некако ти ја блажи душата, те натажува, го сожалуваш, сакаш да го познаваш. Јон е човек што најчесто одбира да не дејствува. Интелигентен и многу несреќен. Човек-фантом, кој не е заведен во ниеден официјален документ, човек што поради тоа како да не постои и како да нема идентитет. Токму тој аспект сакав да го проблематизирам во романот.

Има премногу имиња на кои им должам почит и благодарност, огромен број писатели што не можам да ги добројам и на кои не би можел ни да се сетам во еден здив. Романов многу му должи на Достоевски, а некои од писателите на кои секогаш им се восхитувам се Ками, Фокнер, Хандке, Ибзен, Т. Вилијамс и Бекет.

Каде е сместен романот? Кој е неговиот хронотоп? 

Ова беше една од работите за кои многу размислував додека пишував. Ми беше страв како ќе биде прифатен роман во кој не се споменува, ниту има некакви посебни индикации за тоа каде и кога се случува дејството.

Свесен сум дека сосема различно е доживувањето на одредено дело кога тоа е вкотвено во соодветна реалност. Но некои дела имаат потреба да бидат надвор од сите контексти, освен од контекстите на нашата свест за минатото и за постојните текстови и случки. Почувствував дека во овој роман нешто мора да остане докрај неименувано и непознато. Знам единствено дека времето од романот соодветствува на нашава сегашност, дека местоположбата е тука некаде во светов, но ни јас не знам точно во кој град. Приказната бараше универзалност, па затоа ѝ ја дадов.

Најмалку од сѐ сакав да има некаква алузија со мојот роден град, од причина што ќе се бараа некакви работи што не постојат и некакви евентуални непожелни интерпретации. Затоа, намерно ставив метро во градот, само за да се исклучи помислата дека топосот е Скопје.

 davor

Главниот лик, Јон, во првите години од својот живот нема име. Го отвораш прашањето за именувањето на нештата. Јон ѝ вели на Сандра: „за тебе сакам да се викам Зборувај-ми-па-умри[…], а ти за мене би се викала Ќе-ти-зборувам-и-умрам“. 

Една од темите што романот ги опфаќа во заден план е и процесот на (не)именувањето, во смисла на личното име како одредувач на реалноста, а, исто така, една од суштинските теми што постојано се провлекува е и креирањето, творењето, создавањето. Всушност, во романот несомнено ќе се сретне рефлексија на деконструктивистичката или поструктуралистичката мисла, иако и покрај очигледното влијание што овие правци го имаа врз мене во работата на текстот, се трудев тоа да не ја загади главната приказна што имав да ја раскажам, па не сакав книгата да изгледа како теоретска или лингвистичка расправа. Сакав некаков компромис меѓу есеистичкото и тривијалното. Се надевам дека тие работи успеав пристојно да ги вклопам во корпусот на раскажаното.

За Јон личните имиња се само формална обвивка. Многупати повлекувам споредба меѓу него и човековиот јазик. Јон е мал и ситен, незначаен јазик што исчезнува. Тој сака да се раскаже себеси, да се насели во нечиј спомен, да стане спомен – тој е како непрочитан текст што моли да најде некого што ќе го прочита за да може спокојно да почине со исчитувањето. 

Јон е маркиран со својата импотенција, но неа ја заменува со потентноста на Зборот. Која е имплицитната порака што сакаш да ја пренесеш со ова? Може ли ова да се чита како моќ на Зборот да материјализира? 

Тоа е, несомнено, едно од можните читања. Јон мораше да биде претставен како сѐ спротивно од творечката сила што ја претставува уметникот што влегува во неговиот живот. Јон ја симболизира маленкоста, незначајноста, непознатоста, тој е безимениот што сака некако да се протурка во светот, да го најде своето заслужено место, што сака да биде чуен. Тој е маалскиот шут наспроти величината на еден Бетовен или Бодлер, тој е ситна раска во окото, барем така смета дека е – мушичка наспроти албатрос. Затоа, очајнички се обидува да дејствува, да ја најде својата Сандра, да раскажува за да остане забележан во историјата на светот – затоа што и живиот глас е исто толку материјален колку и запишаниот.

Освен тоа, верувам дека секој човек го одликува некаква импотенција. Можеби таа е духовна, душевна или морална. Сексуалниот молк на Јон може да биде проследен и како творечки молк на некој поединец или на цела нација, на пример. Сечија душа е помалку или повеќе осакатена. Сметам дека, сепак, интелектот е најголемата потенција на светот. Затоа, треба да се работи на негово постојано надградување. Тоа е можно.

Фуко смета дека телесното уживање не мора секогаш да произлегува од сексуалното уживање, а и дека сексуалното уживање не треба да биде основа за целото наше уживање.

davor

Сакаш да си играш со книжевните техники, го возиш читателот меѓу двете приказни во романот, го проблематизираш и авторството на текстовите. Колку е за тебе важна оваа игра? Што носи оваа игра како квалитет во текстот? 

Секогаш кога зборуваме за делата, всушност потенцираме, на еден или на друг начин, дека тие не се ништо повеќе од конструкт. Тоа ги прави уште повештачки и понеприродни одошто веќе се. Секогаш сум се прашувал што ако зборуваме за нив без да зборуваме како да се она што стои на корицата дека се или ако не се создадени од оние од кои непогрешливо стои дека се создадени. Секогаш сум сакал да дознаам дали може да им дозволиме на самите книги да зборуваат – и дали е можно тоа, на кој начин се остварува? Што ако не покажеме со прст и не речеме „еве, ова овде е конструкт“ или „за овие 400 страници некој се мачел 8 години да ги состави“ и што ако тоа дело не сум јас, туку е некој друг?

Секогаш ми биле примамливи теоријата за смртта на авторот и сите интерпретации (макар голем дел погрешно толкувани или изнасилени) што таа теорија ги повлече со себе, ми се допаѓале и контруктивистичките теории во книжевноста, па веројатно сето тоа придонело и сега има одек во „Ненасловена месечева соната“.

Играта на книжевни техники не е нужност и не мора да постои по секоја цена, но доколку веќе се впуштите во неа, мора да е умерено и внимателно изведена, да го постигне она што намерува барем одблизу да го постигне. За мене тоа имаше значење во конкретниов текст, па затоа се трудев да бидам внимателен. Се надевам дека успеав во изведбата. 

Кому му е упатена оваа книга? Кој е имплицитниот читател? Додека ја читав, ми се чинеше дека одлично ќе помине кај читателите од книжевничкиот еснаф. 

Романот претставува еден облик на книжевен мизенабим. Содржината на задната корица и биографијата како паратекст имаат голема функција во концептот и во идејата зад самиот роман. Сметам дека за расветлување на идејата на книгата, а со тоа и на ова прашање, се клучни првите неколку страници. Сакав романот да може да се толкува барем во две насоки – од аспект на фабулата, но и од аспект на метафикцијата.

За крај, кога ќе биде промоцијата на романот и дали ќе има скромен коктел? 

Промоцијата ќе се одржи на 3 декември (вторник) во МКЦ со почеток во 20 часот. Како што наложува ситуацијата, ќе има и пригоден коктел. А и мој избор на музика.

Разговорот го водеше: Ѓоко Здравески

Напишано од
More from РЕПЕР
Уметничката куќа на Казујо
Неговото решение е транспарентно, отворено, пространо, овозможува прошетка низ павилјонот збогатен со...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *