Латиноамериканските писатели, вклучувајќи ги и бразилските автори, ретко се преведуваат на македонски јазик. Сепак, нештата се придвижуваат во позитивна насока. Неодамна беше објавена Антологија на бразилскиот расказ, а потоа и Вашиот роман „Деликатно злосторство“. Можете ли да ни кажете каква е ситуацијата во бразилската книжевност денес?
Мислам дека има голем интерес за книжевноста во Бразил. Има многу нови автори, многу преводи на странски јазици, а сме претставени и на Саемот на книгата во Франкфурт. Преводот на мојата книга во Македонија е добар знак. Истото важи и за Антологијата.
За вас не можат да се најдат многу податоци на интернет. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за вас и вашите литературни дела?
За мене има многу информации на интернет, но можеби не сте можеле да најдете бидејќи повеќето се на португалски јазик. Малку ми е непријатно да зборувам за себеси, но ќе кажам дека досега вкупно сум објавил шеснаесет книги (фикција, драми и поезија). Преведуван сум на германски, англиски и шпански јазик, а моите раскази се преведувани на повеќе јазици. Според три мои книги се снимени и филмови: A senhorita Simpson, Um romance de geração, Um crime delicado (Деликатно злосторство).
Краткиот роман „Деликатно злосторство“ ни раскажува за еден театарски критичар кој е вовлечен во чудна љубовна врска со жена која има телесен инвалидитет, и таа врска завршува со скандал. Дали приказната е целосна фикција, или можеби е заснована на вистинска приказна, па дури и на некое ваше лично искуство?
Целата книга е фикција. Но многу ми беше забавно да ставам критичар како главен лик.
Главниот лик во овој роман е театарски критичар, додека жената со која ќе има чуден љубовен однос е сликарка. Се чини дека добро го познавате светот на критичарите и сликарството. Дали некогаш сте работеле како критичар (книжевен, театарски, уметнички)?
Никогаш не сум работел како критичар, но имам пишувано многу рецензии. Жената во книгата, всушност, е модел кој е искористен во уметноста и животот од страна на еден сликар. А критичарот е заведен од обајцата, и од Инес (жената со телесен инвалидитет) и од делата на сликарот, како и од самиот сликар.
Вие сте дел од бразилското авангардно движење. Можете ли да ни кажете повеќе за истото?
Во Бразил, критичарите и новинарите ме сметаат за авангарден уметник. Во суштина, јас многу експериментирам во моите дела. И се трудам да пишувам книги кои се разликуваат една од друга. Но јас не бев дел од некакво движење. И имам многу пријатели кои се поврзани со авангардата.
Пишувате романи, но и новели, раскази и драми. Кој жанр најмногу ве привлекува?
Најомилен жанр ми се новелите и расказите. Мојата последна книга, објавена септември 2012 година (Páginas sem glória), е составена од една новела (главната приказна е за фудбал) и два расказа: едниот за насилството, а другиот е љубовна приказна – обата напишани во металингвистичка форма.
Вашиот омилен современ писател? Дали имате таков, или можеби повеќе омилени автори?
Последната книга која ми го испровоцира ентузијазмот е „Кратки интервјуа со одвратниот човек“ (Brief interviews with hideous men) од Дејвид Фостер Волас. Тешко е да наведам омилен автор. Но би сакал да го посочам романот „2666“ од Роберто Болањо (Чиле).
Дали вашите дела се преведуваат на странски јазици?
Расказите ми се преведени на над петнаесет јазици, додека романите досега се преведени во Германија, Италија, Аргентина и Македонија.
Што мислите, дали критиката може да го „силува“ текстот?
Хм, тоа е добро прашање. Во некоја мера, тоа и го прави.
Патувате ли често? Сте биле ли во Европа?
Не патувам често, а досега во Европа сум бил шест шати, и три пати во САД.
Нешто за крај?
Многу сум задоволен што ме објавивте во Македонија.
Во партнерство со Купикнига ќе можете тука да си ја набавите книгата на г-динот Сант’Ана на македонски www.kupikniga.mk