Од дамнина, откога бил создаден, човекот морал да го покрива телото. Заради заштита од студот, голотијата и сл. најпогодна и најдостапна за него била кожата и крзното од дивите животни. Подоцна, кога човекот од племе преминува во друга заедница, се зголемуваат и менуваат потребите. Со еволуцијата низ која пешачи тој, освен покривање на телото потребна му била и заштита на стапалата. Одлучил повторно да се послужи со кожата за да си ги заштити веќе измазнетите стапала. Така започнува историјата на опинците.
Во поново време, со појавата на машините и фабриките речиси се заменува човековата рака. Започнува процесот на изработка на опинци од гума. Но опинчалакот најпрвин е занает кој бил мошне застапен, а денес како да не постои.
Старата скопска чаршија сè уште го сокрива единствениот опинчар. Овој мајстор на занаетот цврсто го држи опинчарството во живот. Се бори со ерата во која живееме, со времето, со своите години.
Станува збор на мајстор Димитрије Алексов, наречен Димче. Тој потекнува од Велес, но е израснат во Скопје кога татко му решил да се преселат тука и да отвори дуќан на чаршиската калдрма. Неговата желба да го држи овој занет во живот е доста силна. Како што ни раскажуваше тој, се занимавал со многу други работи кои се спротивни на занаетот. Бил офицер петнаесет години стигнал и до титула капетан. Но колку и да сакал да се отргне од спомените и корените, не успеал.
Потекнува од занаетчиска фамилија, дедо му бил касап, татко му ортомџија и плус штавел кожа. Луѓето од околината доаѓале да си купат кожа која не била лешена туку само штавена. Откако се преселуваат во Скопје и татко му го отвора дуќанот (1964г.) и се декларира како занаетчија (опинчар), инсистира син му да го посетува секој ден.
„Уште од шест години, секој ден после школо одев кај татко ми в дуќан. Не дека нешто му помагав, но бев тука покрај него. Го гледав како работи. Кога потпораснав почнав да му помагам и со негова помош го научив занаетот.“
Но тогаш не било така едноставно да станеш нечиј чирак.
„Многу татковци дури ни своите синови не си ги примаа в дуќан. Ги испраќаа кај друг занаетчија, а крај себе земаа туѓо дете. Оти ако твоето е цело време покрај тебе нема да ја научи суштината на занаетот. Ќе биде галениче. За да се стане занаетчија треба чирак, па калфа да си и ќотек да јадиш.“
Оваа тактика на некогашните занаетчии потекнува од Евреите, кои ја спроведувале врз своите и туѓите деца, сè со цел да се научи за она што си дојден. Можеби денес тоа не е прифатливо, но тогаш строгоста била една од главните одлики која треба да ја поседува мајсторот во процесот на предавање на занаетот на чиракот.
Желбата на мајстор Димче се раѓа постепено, дури и несвесно. Љубовта кон овој занает е толку голема што ние денес, заради неа видовме како се работи овој занает кој е речиси пред изумирање. За него опинчарството не претставува само занает, туку цело негово детство. Овој занает ги сокрива неговите солзи кои се појавувале кога мајсторот не бил задоволен од неговата работа. Неговата насмевка кога ќе ја почувствува раката на мајсторот на своето рамо, пофалбите од татка си…
„Понекогаш кога изработувам опинци, ми навираат спомени од времето кога јас бев чирак и знаат да ми се стркалат неколку солзи.“
Постојат повеќе вида на опинци: македонски, српски, хрватски, турски, бугарски и грчки. Сите си имаат своја одлика и различно се изработуваат. Но заедничкото меѓу овие видови на опинци е основата: кожата.
Долниот дел треба да биде од кожа на крава, свиња, магаре, а најдобро е од срна оти таа е најиздржлива. А горниот дел на опинците е од кожа на јаре или коза, а најпогодна е онаа од куче. Бидејќи е најеластична, додека кожата од овца лесно се кине.
Процесот на изработка на македонски опинци трае неколку дена (во зависност од годишното време).
Најпрвин парче кожа од теле или крава кое е веќе иштавено, се крои. Па се става во вода да накисне. Времетраењето на киснењeто на кожата во вода зависи од дебелината на самата кожа која, пак, зависи од штавењето.
„Ако е кожата подебела и потврда тогаш мора да се кисне подолг временски период. А тоа, пак, зависи од штавењето“, ни расправаше мајстор Димче.
Еден пар опинци не можат да се замислат ако не поминат низ тој процес на киснење во вода. Како што не се може без основата, а во овој случај е кожата, тогаш не може ни без водата.
За да се изработат еден пар опинци неопходни се кожата и водата.
Кога ќе заврши процесот на киснење во вода, се одредува кој ќе биде бројот на опинците и цело тоа време опинокот е на калап. Со помош на овој калап се одредува формата. Кога ќе се одреди формата, од задната страна се шие едно парче кожа, на средина еден ремен и уште два ремена напред. Кога ќе се заврши со процесот на шиење, опинците се носат на сушење и не се тргнуваат од калапот околу два-три дена во зависност од дневната температура.
„Ако е зима, тогаш е поладно и процесот на сушење трае подолго. Но кога станува збор за летно време тогаш може тој ист процес да заврши за неполни дваесет и четири часа. Оти сушењето мора да биде природно без никакви помагала“, вели мајстор Димче.
Пред да се разделиме со мајстор Димче, го прашавме што мисли за денешната состојба на занаетите, а тој испушти една длабока воздишка, се сврте назад и погледа во своите опинци. Со тажен поглед почна да ни објаснува дека денес рачната работа, која е непроценлива, е заменета со машини. Тој нема ништо против машините и самиот смета дека тие се создадени да му бидат од корист на човекот, но сепак треба да се вметне и рачната изработка во целиот тој процес, па макар биде тоа минимално. Оти енергијата на креација која ја поседува човека е во рацете.
„Идејата се раѓа во главата, рацете ја реализираат“, искоментира мајсторот.
Можеби за нас ова што денес го гледаме и доживуваме е она вистинското, секој фатен миг воедно и доживеан ни носи блаженство и го зголемува искуството. Но дали затоа не треба да се свртиме наназад и ѕирнеме низ клучалката на минатото, од чиста љубопитност? Она што завршило и е ставено во подрумите не треба да се негира, оти сепак постоело и имало своја вредност во свое време. Никогаш не треба да го негираме она кое не го разбираме доволно. Така и овој занает и сите други кои се во изумирање.