Искреностa пред сè


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Интервју со Ивица Димитријевиќ, актер и музичар

На публиката во Куманово, од каде што доаѓа, тој ѝ е познат како млад актер, а на слушателите на алтернативната музика им е познат по тоа што е дел од бендот „Т. Б. Трачери“ и како основач на СИЗ, додека на вистинските поборници за културата и за човековите права им е познат како активен член на неколку невладини организации. Тоа е Ивица Димитријевиќ, кој без проблем кратко и јасно ни кажа на свој начин кој е, всушност, тој.

teaser

Во какви ликови најмногу се вклопуваш?

Хм, ова можеби најдобро би го одговорил некој режисер што работел со мене, а ако ме прашувате што најмногу ми лежи, мислам дека се тоа драмските ликови.

Колку е тешко еден дипломиран актер да се „протне“ во светот на театарот и вистински да застане на „штиците што живот значат“?

Кај нас работите не се баш координирани на тој начин што, кога ќе дипломираш, веднаш ќе те чека место во некој од театрите. Нема конкретна стратегија во основната работа на побарувачката за актери и во производството, ако може така да се каже, на нови и нови. Затоа, целата работа е доста тешка во моментот. Од друга страна, пак, во последно време имаше доста вработувања по театрите. Затоа, на крајот, за жал, сето тоа останува на едно индивидуално ниво.

Театарот не е единственото место каде што се гледаш?!

Да. А тоа најверојатно се должи на мојата дисперзивност во творењето и на неможноста да се истрпи ограничување на само едно нешто. Ме интересираат разни полиња или медиуми на изразување: театар, филм, музика, перформанс…

Како започна со музиката?

Моите, кога бев „клинец“, ми купија акустична гитара, која си стоеше долго време во еден ќош од собата, сè додека мојот постар братучед не почна да свири гитара и со тоа да е главен фраер на летните и на зимските одмори на кои одевме заедно. Така и јас почнав да се интересирам за гитарата, поттикнат од него, подоцна почнав да одам на часови по гитара, кои траеја кратко бидејќи мојот тогашен професор почна да работи на царина. Потоа доаѓа панкот, дружбите, излегувањата и првите бендови со кои започна целата приказна на моето занимавање со музиката.

Што е заедничко за сите музички бендови од кои си бил дел досега?

Искреноста, пред сè, и посветеноста на тоа што сме го работеле.

Многу бендови се распаднаа и повторно се обновија, но „Т. Б. Трачери“ останува „недопрен“. Како успеа овој бенд во тоа?

„Трачери“ се бенд на иднината.

Дознавме дека си еден од ретките што објавиле албум на винилска плоча. Раскажи ни ја таа случка, како се одвиваше сето тоа?

сизДа, со СИЗ извадив винилско издание на првиот и на вториот албум на една плоча, иако тоа и не е веќе толку ретко; во последните десет години има речиси триесет винилски изданија на бендови од Македонија. Инаку, правењето винил како независен бенд овдека е слично на „Преживеан“. Бирократии, папирологии… Затоа се решивме сите тие бирократии да ги преселиме во Германија, каде што е сето тоа многу побрзо и полесно. Среќа што имавме некои средства да почнеме да го „тераме“ тоа, иако не се потребни само средства, туку и луѓе што ќе помогнат околу целата реализација. Ние плочата ја правевме во Германија со помош на Васко (од бендовите „Направи заедно“, „Бернејс пропаганда“, „Ха-ха-ха“) и на неговиот пријател Лити од Германија. Голема благодарност до нив.

„До балчак“, „Трето полувреме“ и „Караула“ се филмовите што се вбројуваат во твојата биографија. Какво беше искуството со режисерите и со целата екипа при снимањето? Има ли интересни моменти што ти останале во сеќавање и што би сакал да ги споделиш со читателите на „Репер“?

Филмот е прекрасна работа, магија. Искуството од филмовите на кои сум работел е непроценливо од повеќе аспекти – што позитивни, што негативни. Интересни случки и моменти има многу, не знам што би издвоил.

Има ли нова претстава во подготовка?

Да, моментално работам на две нови претстави во МНТ. Едната е „Вечната куќа“ на Јордан Плевнеш – во режија на Дејан Пројковски, а втората е „Случајот Елсинор“ на професор Љубиша Геогриевски, кој е воедно и режисер на претставата.

Емилија Петреска 

Тагови од објавата
1
Напишано од
More from РЕПЕР
Writing is fifty years behind painting
Кон Душко Родев - Цветот на дивата роза (Сигмапрес; 2005)
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *