Наспроти сеопштата вавилонизација на современиот свет што се случува пред нашиве очи, а која вообичаено се именува со поимот глобализација, се прашувам – има ли денес на светов некои не само недопрени туку речиси и недопирливи оази, некои не толку просторни колку егзистенцијални можности што сѐ уште егзистираат по законите на благородната и во некои нешта недостижна примитивност? А дури и ако ги има, знаеме ли ние каде да се бараат и како да се откриваат? Во каква димензија? А, ако, пак, веќе ги нема, знае ли некој дали може и како може да се (пре)создаваат, односно како да се анимираат? И дали воопшто треба да се (пре)создаваат? Како, колку и може ли воопшто денес поединецот да прави нешто во таа смисла? Го може ли тоа колективот, според некои непишани, непознати и, за рационалното мислење, тешко дофатливи законитости? Би можеле ли барем да претпоставиме дека е тоа можно, особено, ако не и пред сѐ, кај народите со богато креативно искуство и со минато на високоразвиена свест и цивилизациско ниво? Посебно, пак, ако историјата не им е подолгорочно наклонета, како што е со нас Македонците, на пример.
Поаѓајќи од ваквите претпоставки и сознанија, во овој прилог настојуваме ако не и да (ги) откриваме, тогаш да се оспособуваме барем за насетување на специфичните и на посебните траги од генетски вкомпонираната креативност кај Македонците. Исто како и на типичните карактеристики на роднокрајниот простор, кои, заедно со карактеристиките на менталитетот на македонскиот човек, можеби дури и на некој заумен начин, се изразуваат и во неговите творечки резултати. Но, има ли народ кај којшто не би можело ако не да се опредмети, тогаш барем да се претпостави една ваква аналитичка егзегеза? Бездруго нема. Токму затоа, нашиот аналитички пристап настојува да се движи и во нешто поконкретен правец. Во овој прилог, имено, настојуваме да дојдеме до констатации пред сѐ на елементи кои, преку некои не само покарактеристични, туку уште и, сепак, позабележливи вредности, се изразуваат не само кај литературните творци кои создаваат на/во домородниот ареал и на мајчиниот јазик, туку особено кај творците кои не живеат постојано во својата татковина, односно кои не создаваат на својот јазик, т.е. на јазикот на своите предци. Од тоа произлегува дека – ако не создаваат на својот јазик, тие и не живеат во својот јазик. Но, тоа сѐ уште не значи дека не го сочувале јазикот на своите предци, особено не значи дека не го сочувале во својот генетски код и дека не сонуваат некој подлабок и заеднички, некој колективен сон токму на „јазикот” на кој зборувале и на кој сонувале нивните генетски претходници. А тоа е некој длабок, некој и навистина атавистички, сон?
Ваквата преокупација и ваквиот аналитички пристап, наспроти неговата, за жал, сѐ уште само претпоставена или рационална недофатливост, најдиректно кореспондираат со или се мотивирани од историската вистина дека сме еден од најделените, како и еден од најрасекуваните народи за кои и воопшто знае историјата. Така е особено поради тоа што македонските селидби извонредно малку резултираат од слободната волја на поединците, туку, општо земено, се повеќе принудни и насилни отколку слободни. Принудни и насилни се како македонските селидби што произлегоа од распарчувањето на Македонија во/со Балканските војни така и претходните и подоцнежните селидби што резултираат најмногу и пред сѐ од егзистенцијални причини. Масовните преселби, пак, на Македонците од јужните краишта на земјата, кои во/по овие војни ги завладеа Грција, се резултат на невиденото етничко чистење што, по долгогодишните злосторства на грчките андарти, грчката армија за време на Балканските војни го реализира преку масовни убивања, а подоцна го продолжија грчките цивилни власти со принудни раселувања, со протерувања и со размена на население со некои од соседните земји, имено со Турција и со Бугарија. Најмасовните селидбени движења на Македонците, значи, се во резултатна врска со дележите на македонската етничка територија, а правците на метанастазичките струи се одредени не толку од географски и од економски претпоставки колку од воени и од долгорочни политичко-стратегиски, што значи не толку и не секогаш од егзистенцијални колку неретко и од тешко сфатливи генетско-психолошки селидбени фактори.
Ваквите селидби, се разбира, не можеше да не доведат до многу и до крупни промени дури и на македонската литературна мапа. Сега доаѓа до забележливо зголемување и на дотогаш незанемарливите појави на Македонци што ќе создаваат литературно творештво како преселници во други земји. Тоа, пак, значи дека ќе создаваат во друг егзистенцијален и културен контекст, а – воленс-ноленс – мошне често и на други јазици. Литературната другојазичност, која и најдиректно и најмасовно резултира од селидбите, значи, кај нас и за нас не е ниту случајна ниту парцијална појава, туку е дел од нашиот милениумски народно-национален живот, дел од нашиот егзистенцијален спецификум, па дури и дел од нашата колективна судбина, како што сме констатирале и во други наши прилози.
Промислувајќи ги појавите и резултатите по линијата што поаѓа од македонските селидби и оди до колку квантитативно не малку и квалитативно богатата другојазична македонска литература, по којзнае кој пат и со жалење може да констатираме дека македонските другојазични креативни резултати нема можности непречено и праволинејно да се вклопуваат ниту во моделите, односно во развојните циклуси што се карактеристични за континуирано и непречено создаваните и развивани литератури, па ниту со оние во доста накршениот, испрекинат и несинхронизиран, односно со векови континуирано разбиван развоен систем на самата македонска литература – со условно примарната, односно со онаа што е настанувана на македонскиот географски и етнокултурен простор и на македонски јазик. Натамошниот тек на ова искажување затоа и ќе го насочиме особено кон некое тешко дофатливо, но барем условно можно исчитување или барем кон препознавање во творештвото на македонските другојазични творци на некои неменливи, на некои генетски кодирани модели на креативно изразување.
Се практикува (кај колегата Лех Мјодињски од Полска, на пример) националниот идентитет во литературата да се препознава и да се толкува преку некои (пра)слики на/од просторот од кој потекнуваат или на кој израснале литературните творци, а тие (пра)слики остануваат во нивните дела дури и кога творците веќе не егзистираат на тој простор, па дури и кога веќе не пишуваат на јазикот на својот народ. Истото, не помалку туку повеќе, може да се однесува и на генетски кодираните (пра)слики и модели на изразување, на чувствување, на реагирање, на дејствување во/низ/преку литературните остварувања. Навистина, тоа се креативни модели или барем некои сосема суптилни и тешко излачливи елементи, некои знаци, некои нишани што останале непроменети и непроменливи наспроти моќната и системски организирана апаратура на просветно-идеолошките механизми во државите, ако не и во литературите на другите земји и народи, т.е. наспроти механимите чија главна задача била пренасочувањето на креативните потенцијали на новонаселените во национално-културните матици што се доминантни во тие земји. Тоа се, значи, не толку модели колку некои знаци, некои нишани, а најмногу некои состојби и опседнувања што се, ако не идентични, тогаш доста сродни и што се потврдуваат не само во литературните дела на творците што живееле и што живеат во татковината, што пишувале и што пишуваат на македонски (литературен) јазик, туку и во творештвото на еден забележливо голем број од македонските другојазични литературни творци, како во минатото така и денес.
*
* *
Уште во примарниот пристап кон ова прашање, значи, не може да не се забележи дека другојазичноста кај македонските литературни (ако не и други) творци, која во минатото квантитативно се извишуваше дури и над своејазичноста, односно над македонојазичноста, од една страна резултира од статусот на поробен и обесправен народ, а од друга страна е резултат, главно, на преселбите на Македонците. На други јазици, имено, во минатото, Македонците создаваат како во својата земја така и надвор од неа. Надвор од својата земја создаваат најмногу и пред сѐ поради постојаните преселби, кои неретко, особено во втората половина од XIX и во првата половина од XX век, беа и навистина масовни, наликуваа на библиските уништувања и преселби на цели народи и резултираа со создавање огромни македонски колонии во соседните земји. Така е, значи, не само во многуте векови од нашето минато неповолно за национално-културен развој, туку така е и во од самите нас вистински неосвоеното поново време. Не ќе е многу поинаку, не ќе е многу подобро дури и во времето по Втората светска војна, во кое, барем на еден дел од нашата етничка територија, дефинитивно, успеавме да оствариме државност. Сега главно од егзистенцијални причини, не наеднаш, туку во тек на само две-три или три-четири децении, не само што ги дополнивме некогашните туку направивме и огромни нови македонски колонии во европските и особено во прекуокеанските земји.
Како еден од најраселуваните народи во новиот век, ние Македонците стануваме пример уште и за еден од оние народи чии преселувани маси не само што се пристојно кооперативни со политички доминантните етноси и култури во новите егзистенцијални дестинации туку и се адаптибилни, па дури и лесно подложни не само на политичка и на културна преобразба туку дури и на обезличување, ако не дури и на промена на етничкиот, на националниот идентитет. По реализацијата, значи, на овие, не само најдалекосежни туку и најнецивилизациски последици од селидбите, зарем ќе биде не само воопшто потребно и важно, туку дали ќе биде воопшто и можно да се констатира дека, генерално земено, овие преселнички маси, меѓу другото, биле уште и со изразита генетска креативна предиспонираност? Односно дека генетските пораки и можности што ги имале и што ги носеле, само по принципите на нивните најтаинствени законитости, ќе се изразат дури и незнајно каде и кога, преку секакви препреки, односно по и низ секакви преобразби, ќе дојдат до израз и на нови простори, во нови светови, па, зошто да не, и на други јазици. Што е тука, воопшто, неочекувано и необично што од масите со таков генетски предиспониран креативен потенцијал, во еден подолг временски период, ќе произлезат и голем број литературни творци? Не е неочекувано ни дека, поради живеењето, а особено поради школувањето во други земји, тие најчесто ќе создаваат на литературните јазици во тие земји. На персоналната мапа од литературната историја на Македонците, затоа, во некои периоди бројот на творците што создаваат литература на други јазици и во други земји е поголем од бројот на оние што создаваат на македонски јазик, а бројот на оние што создаваат надвор е поголем од бројот на оние што создаваат во татковината.
*
* *
Како и да е прифаќан, како и да е толкуван, колку и да има во него карактеристики и вредности што се типични за туѓите јазици, литератури и култури, со што неговите креативни протагонисти судбински застануваат и остануваат на позицијата на денес нашироко, како термин пред сѐ, прифатената и оптимално прифатлива дводомност, другојазичниот дел од македонската креативна, поточно литературна резултатност, редовно носи уште и некои внатрешни, пред сѐ длабоко кодирани македонски етногенетски пораки. Поради тоа, тој се остварува и останува ако не во секој случај примарно, тогаш не ни секундарно, туку рамноправно како македонски. Оттука, иако овој пристап кон македонската другојазична литература е насочен во тешкодофатливите сфери и зад јазиците на кои се остварува, и зад темите на кои се создава, и зад содржините што уметнички ги преобразува, и зад различните културни и литературни традиции во кои се формирале нашите другојазични литературни творци, не може веднаш да не го истакнеме најзабележливото и од сите прифатено сознание дека тоа веројатно најлесно се препознава преку мотивско-тематските преокупации на македонските другојазични автори.
Но оставајќи го тоа за нешто понатаму, овде не смееме да испуштаме од предвид дека, и кога создаваат надвор од татковината, па дури и кога создаваат на некој друг јазик, мошне често Македонците свесно создаваат не само како Македонци, туку и како создавачи, како градители на македонската литература. Така е особено кога се во прашање творците што се произлезени од најбројната македонска емиграција во поблиското минато, онаа во Бугарија, а најмногу во Софија. Повеќе од половина век, од Словеномакедонската книжевна дружина (1888) на Ѓорѓија Пулевски, па до Македонскиот литературен кружок во Софија (1938-1941), како уште и до еден друг Македонски литературен кружок во Софија кон крајот на 40-тите години, што беше попрецизно именуван со името на поетот Никола Вапцаров, голем број од Македонците што создаваат во Бугарија, било на македонски било на бугарски јазик, а особено членовите на овие асоцијации, свесно застануваат на линијата на македонската литература во целост. Тоа го потврдува не само називот на асоцијацијата формирана од Пулевски туку и називите на речиси сите негови жанровски најразлични остварувања, како што се неговата Самовила македонска или неговата Македонска песнарка. Не помалку показателна е во тој поглед и денес веќе класичната драматуршко-театарска актива на Војдан Чернодрински од крајот на XIX и од почетокот на XX век. Воопшто не е неважно што, сѐ додека постоеја некакви можности, иако беше настанувана на туѓа почва, драматуршката и другата креативна продукција на Чернодрински целосно се реализираше на македонски јазик.
За неспорниот македонски карактер на проблемско-тематските зафати, како и на идејните основи врз кои беа создавани и според кои дејствуваа асоцијациите на македонските литературни творци во македонските емигрантски кругови, како и кај секого од нивните членови посебно, и да не зборуваме. Свесното застанување на позицијата на создавачи на македонска(та) литература се јавува дури и кога самите литературни производи не се настанувани на македонски јазик. Веројатно најдобар е примерот со повеќемина од членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1936-1941). Како асоцијација што е остварена речиси три децении по поделбата на Македонија, поради многубројните преселнички бранови, но и поради постојано активните метанастазички струи од Македонија кон Бугарија, сосема е очекувано што во неа има учесници што произлегуваат од сите три делови на поделената земја: од Пиринскиот, кој го анектира, кој го присвои Бугарија, но не помалку и од Егејскиот, како и од Вардарскиот. Иако поголемиот дел од членовите на Кружокот пишуваат на бугарски јазик, сега веќе исклучиво како резултат на своето образование, како Никола Вапцаров и Антон Попов, така Михаил Сматракалев и Антон Великов Беломорски, а за Коле Неделковски и Венко Марковски (кои пишуваат на македонски јазик) и да не зборуваме, сите тие не само што се константно мотивски преокупирани со Македонија туку создавањето на своите поетски творби, на нивните прози или дури и драмски текстови, го обмислуваат како прилог токму кон/во македонската литература. Тие се, не би рекле заинтересирани за, туку опседнати со развојот на македонската литература. Го толкуваат, го промислуваат и го планираат. И тука нема ништо ниту чудно, ниту необично, ниту неочекувано. Немајќи услови во својата земја, многу народи значајни (и тоа не само културни) процеси во својот национален развој остваруваа во своите емигрантски средини.
*
* *
Очекувано е да се констатира дека е типично и најдлабоко македонски креативни вредности многу потешко, па поради тоа и далеку посериозно и далеку поодговорно, да се согледуваат кај македонските другојазични автори отколку кај своејазичните, т.е. кај македонојазичните. Така е дури и кај авторите што, наспроти тоа што македонското потекло им е не само несомнено туку и блиско, тематски или мотивски не се позабележливо преокупирани со Македонија. Сосема добри примери за тоа се веќе втемелувачите на пролетерската поезија во српската, односно во бугарската литература, Коста Абраш(евиќ) и Христо Смирненски. Доминантната пролетерска компонента, нели, најдиректно кореспондира со свесноста за интернационалноста на креативниот чин и за неговата национална неограниченост, односно национална сеприпадност. Веројатно оттука и отсуството на барем манифестирана свест за создавачката улога во рамките на литературата на народот од кој произлегуваат. Наспроти тоа, пак, паралелното читање на сродноста во нивните индивидуални темпераменти нне може да не се забележи дека другојазичноста кај македонските литературни (ако не и други) творци, која во минатото квантитативно се извишуваше дури и над своејазичноста, односно над македонојазичноста, од една страна резултира од статусот на поробен и обесправен народ, а од друга страна е резултат, главно, на преселбите на Македонците. Наспроти тоа пак, нивното читање нè приближува кон сознанијата за психолошките каратеристики (на поезијата) на Абраш(евиќ) што одамна ги констатира Душан Недељковиќ.
Покрај бунтовноста препознатлива за нив двајцата, како во мелодиката на Абраш(евиќ) така и во мелодиката на Смирненски, имено, кај нив струи нешто тажно, нешто елегично и меко, нешто што е наследено од или сродно со мелодиката на македонската народна лирика, односно со македонскиот простор. Во нивната лирика зела некакво учество, веројатно, и светлината на охридското поднебје. Коста Абраш(евиќ) е, нели, роден охриѓанец и во Охрид ги помина своите најрани години. Потеклото на Христо Смирненски, пак, кој според раѓањето и според семејството на татко си е кукушанец, по мајка исто така е од охридскиот крај. Иако не пишуваат на македонски јазик, иако не создаваат во својата татковина, иако пеат само со општи, со пролетерски и со интернационални мотиви, тие и со тоа остануваат и се дел од македонските растроени, несинхронизирани и на други страни разлевани, т.е. на други јазици реализирани креативни потенцијали. Наспроти тоа што се мошне соодветно вкомпонирани во развојот на двете соседни литератури, како за современата македонска литература така и за македонската литературна наука, а најмногу за масовниот македонски читател, и двајцата се подеднакво блиски, неодминливи и драги, свои.
Извонредно споредлив со пролетерските родоначалници во јужнословенските поезии е примерот со Коста Рацин. Иселеник повеќе на јазичен, отколку на татковински план, од својата најрана лирика за младешките страдања, реализирана и на српскохрватски јазик, оформена збирката Антологија на болката, необјавена за време на неговиот живот, тој извонредно брзо се (пре)оформи или се дооформи во поет на општонародниот пролетерски бунт. До какви резултати, меѓутоа, би дошле кога би направиле една длабочинска аналитичка егзегеза на неговата пролетерска во споредба со неговата содијално-елегична поезија, сега веќе подоцнежна и создавана на македонски јазик, со песните од неговите Бели мугри, со таа, условно речено, лирика што извира од недрата, од длабочините на колективната македонска душевност?
Аналитички читана речиси секогаш во сенката на неговите Бели мугри, пролетерската или социјално ангажираната поезија на Рацина, наспроти тоа што станува збор за наполно усвојување и применување на поетичките вредности на доцниот експресионизам и на социјално ангажираната поезија главно во хрватската и во српската литература, од мноштвото хрватски и српски поети со кои е извонредно споредлив, редовно се разликува според квалитетот на доживеаното, можеби дури и на сосема, пак според некој друг квалитет, исти или дури и премногу исти, но на различен простор реализирани или опредметени појави. Тоа не може ни да биде поинаку поради тоа што тој успешно следи некои поети од овие литератури без да има материјална мотивска поткрепа во македонската социјално-општествена и егзистенцијална стварност, туку исклучиво поради својот национален и индивидуален интензитет на чувствување, па дури и на чувствено анимирање и опредметување на и соживување со мотивите и со сликите што го опседнуваат, односно со просторот и со стварноста со кои креативно најдлабоко кореспондира.
Што би рекле, пак, за едно цело мноштво поети што се современици, па дури и поетски сопатници и следбеници на Рацина, поети како Коле Неделковски или Ацо Караманов, како Воислав И. Илиќ или Цеко Стефанов, а посебно за Венко Марковски? Сите тие се делумно преселници или се преселници повеќе преку јазикот, односно сѐ се тоа автори што креативно се час во просторите на еден час во просторите на друг јазик, со што час се во, час излегуваат од истражувачкиот хоризонт и на овој текст. Бараните етногенетски креативни нишани, карактеристични за нивната поезија што е настанувана на македонски јазик, нели, најверојатно не може да ги нема и во онаа поезија што ја создавале на другиот јазик. Без оглед на тоа дали е креативниот чин реализиран во татковината или при нивните пократки или подолги „гостувања” во друга земја, што во случајот на Марковски се престорува и во свесно определено гостување во друга литература.
Набљудувајќи го, пак, секого посебно, доаѓаме и до посебни сознанија за квалитативната различност на прекршувањето на македонскиот колективен етногенетски селидбенички комплекс во нивните поетски остварувања. Ако Коле Неделковски, наспроти тоа што своите креативни години ги живееше во туѓа земја, своите лирски М’скавици ги создаваше на македонски јазик и болката поради одделеноста од татковината ја вкомпонира врз инспиративните и врз опсесивните нивоа од својата лирика, тогаш за Ацо Караманов, за Воислав И. Илиќ и за Цеко Стефанов ќе речеме дека странствуваат само во јазикот, т.е. живеејќи безмалку постојано во татковината, создаваат на туѓ јазик. Причините се јасни, но во овој момент споредни. Ако македонското предвремено поетско чудо кај Ацо Караманов, поради тоа што на туѓи јазици создава (најмногу поради образованието) во татковината, е надвор од или зад аналитичките хоризонти на овој прилог, ако Цеко Стефанов, наспроти својата доцна експресионистичка и социјално-реалистичка стилска препознатливост, исто така во татковината, речиси редовно создава на роднокрајни мотиви и теми, тогаш Воислав И. Илиќ во овој контекст е интересен посебно со своето повоено поетско творештво, што беше создавано во време кога тој постојано живееше во друга земја. Создавана како на туѓиот така и на својот јазик, неговата поезија сега манифестира сосема отворени и извонредно суптилни вибрации што кореспондираат со татковинските простори и со душевноста на неговиот народ.
Со својата определба час за македонската час за бугарската литература, како и со својата егзистенцијална поврзаност час со едната час со другата земја, поетот Венко Марковски, пак, е најтрагичниот пример на една поетска судбина што е наизменично и сурово насочувана од одразот на делбите и на селидбите во литературата. И кога е константно и во сѐ македонски – и кога се изразува на македонски и кога се изразува на бугарски јазик, иако секогаш создаван врз онаа најнепроменлива, понекогаш можеби дури и длабоко несвесна, национална емотивна подлога, неговиот пев трагично се бранува и денес, толку години по неговото завршување, час на страната на македонската час на страната на бугарската литература, и тоа на еден најнезавиден, да не речам најнесреќен начин. Условувана од споредни, од некреативни причини, не само неговата трагична литературна дводомност туку и човечката и поетската судбина на Марковски, по својата апсурдност и трагичност, секако, е препознатлив дел од општата македонска поетска судбина. И не само поетска, туку и колективна. Сенародна.
*
* *
Многу вистина има во искажувањето дека литературните творци што произлегуваат од македонските преселнички маси во туѓите земји се веќе со изгубена рамнотежа. Така, имено, велеше Антон Попов за своите литературни сопатници, т.е. за членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија. Па, сепак, македонските литературни творци и тогаш и таму, и на туѓиот егзистенцијален простор и на просторот со можностите или со неможностите на туѓиот јазик, не само што остануваат во отворен дијалог со македонските национални барања и идеи туку се секогаш во еден заумен дослух со пулсот на специфично македонскиот егзистериум и со бранувањата на/низ лирските рамништа на македонската колективна душевност. Веројатно дури и несвесно, поскоро би рекле дури и натсвесно, тие ги еманираат таинствените вредности на македонската колективна (национална) генетика. Веројатно не поинаку од секоја семка, која, и кога е падната на друга почва, ако успее да пушти корени, развојно ќе реагира можеби дури и на речиси непогрешливо ист принцип како што реагира и на сопствениот ареал. А колку, пак, тој ареал, врз кој се оформиле и повеќе и поинакви општествени, национални и други системи, ќе допушти (таа семка) и понатаму да се развива според пораките на својата иманентна генетика, тоа се веќе други нешта.
Извонредно добар за илустрација во врска со ова ни е примерот со Анѓелко Крстиќ. Тој е интелигентен и образован човек, но со изгубена рамнотежа во поглед на националната припадност, ако не и во поглед на јазичната посебност, што значи очекуван производ од активностите на образовниот систем на големосрпската денационализаторска политика. Иако не живее постојано надвор од татковината, тој и натаму, односно до крајот, останува креативен гостин во туѓиот јазик. Најголемиот дел од своето творештво, имено, го создава дома, во Македонија. Неговата креативна, неговата уметничка палета, меѓутоа, самата од себе или во дослух со некои најдлабоки пораки, пораки кои најтаинствено го чува само просторот, а освен него уште само генетиката и јазикот, со својата иницијална силина ќе се извиши над сето тоа. И веднаш, и директно, значи тоа не е она што влегува во туку она што не може да не излегува од системот на неговата свесно прифатена определба. Воопшто не е тешко, имено, да се забележи дека јазикот на неговите дела обилува со македонски дијалози, со поединечни македонски изрази и со синтаксички карактеристики што се својствени за македонскиот јазик. Повеќе од тоа, за еден само малку поизострен аналитички нерв воопшто не е тешко да се впушти во „читање” и на онаа раскошна и неповторлива геопсихолошка и особено етнопсихолошка гама, низ која како никој друг сликар, како никој друг уметник воопшто, Крстиќ го анимира македонскиот егзистенцијален простор и ја пресоздава, ја опредметува колективната душевност на човекот од западномакедонските краишта. Во неговото литературно дело, затоа, најавтентично и во една, не само реалистичка туку и животна и, уште повеќе, душевна полнота, како кај ретко кој автор воопшто, се изразија македонското национално битие и опстојување. Во него струи типично македонскиот мисловно-емотивен пулс, со што овој голем реалист, и без да пишува на македонски јазик, е еден од најмакедонските македонски автори воопшто.
Што ќе речеме, пак, по ова што е констатирано за Крстиќ, сега за авторите од типот на Димитар Талев, па за Стојан Христов или уште за ред други што се условно слични на нив? Како Крстиќ така и тие се само родени на македонската земја и во македонскиот јазик. Но целосно се реализираа во други земји и на други јазици. Талев во Бугарија и на бугарски јазик, а Христов во Америка и на англиски јазик. Без оглед на тоа, пак Талев е тематски опседнат со Македонија. Неговиот огромен романескнен опус, еден вид белетризирана историја (како што констатира Гане Тодоровски), е целосно посветен на крупни теми и личности од подалечното и од поблиското минато на македонскиот народ. Освен тоа, ако како доволна илустрација за ова ја спомнеме само неговата романескна тетралогија во која влегуваат Железниот светилник, Преспанските камбани, Илинден и Гласовите ви ги слушам, не ќе може да не ги регистрираме уште и неговото сугестивно опфаќање на и проникнување во колективната психологија на македонскиот народ во еден не толку краток историски период. Иако официјално создава на бугарски јазик, пак блискоста меѓу македонскиот и бугарскиот на Талев му дозволува(?) да создава (на) еден јазик, за кој би си зеле слобода да констатираме дека во многу сегменти и на многу нивоа повеќе или барем во забележлива мера може да се препознава како македонски отколку како бугарски.
Слично како кај Талев, тематската опседнатост со македонското револуционерно минато доминира и во маркантниот романескно-раскажувачки опус на Стерјо Спасе, кој потекнува од една од оние преостанати македонски егзистенцијални оази што влегоа во границите на новоформираната албанска држава. Но без оглед на неговата извонредно висока, па сепак мошне специфична позиција во албанскиот литературен контекст, од неговото дело не само што еманираат македонски етногенетски пораки туку и посебните вредности на родниот македонски јазик, како и индивидуалните креативни можности на авторот, доаѓаат до израз и кога создава на поинаков јазик од јазикот на народот на кој му припаѓа со самото свое раѓање.
Кај Стојан Христов случајот е нешто поинаков веќе со самото тоа што тој создава на јазик што ни генетски ни географски воопшто не е близок до македонскиот. Во неговите романи и раскази се препознаваат две глобални тематски насоки – креативното пресликување на сопственото, но и на Македонците пошироко, иселеничко искуство во Америка, поточно на неговата или на – пошироко – нивната американизација, како и опстојот и борбата на македонскиот народ за слобода во поблиското историско минато. Но за разлика од најголемиот број други автори, Христов, се чини, не е несвесен за тоа дека дури и несвесно изразува некои пораки на македонската колективна генетика. Над сето тоа, како и секоја маркантна литературна појава, тој како свесно да сака да го прикрие тоа. И, се разбира, во голема мера и успева. Особено во делата за процесот на американизација на новонаселените. На пример, во автобиографскиот роман Мојот американски аџилак. Но на таков креативен ригорозум тој ги подложува и романите со тематска историска подлога, како Мара и Орелот и штркот. Со креативното препуштање на еден вид митотворечка постапка, целосно македонските тематски основи Христов ги издигнува на други нивоа. Своите безмерно длабоки, веројатно атавистички длабоки македонски опсесии, тој ги модернизира или дури и ги американизира, т.е. гиприспособува и ги приближува кон американските креативни модели, кон еден поинаку структуриран, не само креативен туку дури и егзистенцијален систем. Па, сепак, дури ни тоа не можело да ги избрише оние митски, оние атавистички и трансцендентални пораки на македонската земја што избиваат од неговите романи.
*
* *
Наспроти тоа што се создавани најчесто надвор од матичниот ареал на нивните творци и на други јазици, во литературните дела на македонските откорнатици пулсираат и неретко се креативно оживотворени автентично македонските национални идеи, цели и стремежи. Покрај свеста за националната припадност, меѓутоа, од нив еманираат уште и свеста, односно сега веќе натсвеста, а зошто да не и затсвеста, но најмногу пак потсвеста, и тоа длабоката колективна и атавистичка потсвест, и за нивното генетско припадништво. Кон нив се приклучуваат уште и некои други колективни состојби карактеристични за овој народносен колективитет, некои мисловно-емотивни бранувања, слики и праслики. Сето ова се потврдува и низ литературните пројави што се резултат на движењата на нашите понови и најнови селидбени бранови, реализирани во втората половина од XX век. Особено низ пишуваните завештанија на едно цело мноштво литературни творци, како меѓу нашето иселеништво во западноевропските земји, уште повеќе во Австралија, во Америка и во Канада, кои, и не отсега, практикуваат да се групираат и да дејствуваат и во посебни македонски литературни асоцијации. Пример за тоа е литературното друштво Григор Прличев во Сиднеј, Австралија, кое дејствува уште од 1979 година. Повеќето од нив сѐ уште се родени во Македонија, а мошне често се и школувани на македонски јазик. Тие најчесто и креативно се изразуваат на македонски, поретко паралелно на два јазика, а во исклучителни случаи само на официјалниот јазик на земјата во која живеат.
Колку нивното мноштво, далеку повеќе факторот на сѐ уште недоволната временска дистанција, сѐ уште не ни дозволуваат да маркираме некои позначајни персонални појави и вредности, па затоа нив ги набљудуваме, и тоа само иницијално, во една општа рамка. Па, сепак, сосема слободно може да констатираме дека, наспроти често скромните уметнички вредности, кај сите нив и секогаш маркантно избиваат типично македонските, и тоа пред сѐ патриотски, но и мисловно-емотивни опседнувања. И тоа како по правило – колку се уметнички поскромни, толку се тие и, ако не подлабоко и поавтентично, секако, барем декларативно и помакедонски.
*
* *
Започнува XXI век, сепак – сѐ уште ништо ново на светот. Ништо суштествено ново. Сеопштото движење, раселување и мешање на народите во или само поради новиот поредок на светот како воопшто да не се разликува од библиско-вавилонските примери што се карактеристични за оној од нас можеби неправедно сметан за далечен или за стар свет. Иако не сме осамен пример на планетава, ние сме пример на/за народ во постојана, во системно континуирана селидбена агонија. Ние Македонците сме извонредно добра потврда за нововековните, за модерните библиски раселувања на народите. Веројатно најдобра потврда за сето ова, пак, во македонскиот контекст се открива во делата на многубројните литературни и други творци што произлегуваат од редовите на Македонците претходно раселени во многу земји. Македонецот сега создава на туѓа културна почва, на друг јазик, во рамките на некоја туѓа матица или креативна матрица и под некој туѓ знак. Но, за несреќа или за среќа, продолжува да се пресоздава себеси, продолжува да ги пресоздава вредностите од најтаинствените длабочини на своето битие. Продолжува да го пресоздава својот национален, својот егзистенцијален простор од минатите времиња и од современоста. Така е бидејќи, сега само за среќа, има нешта, има некоја колективна, има некоја национална генетика чии вредности не само што со ништо не може да се заменуваат и да се променуваат туку и со ништо, можеби дури и со никаков знак, не може ниту да се именуваат. Не пак да се бришат. Делата на овие Македонци ќе кажат повеќе. И за сѐ.
2007