Денес преживува само жената која не престанува да учи

"Менувањето на животот не доаѓа поради болката, туку поради новиот квалитет на свеста"вели Сеида Бегановиќ

за-андријана_n

Стиховите на Сеида Бегановиќ во најмала рака Ви отвораат очи.

Новата книга поезија, четврта по ред, “За жените кои немаат куќа и три обични дена” отвора многу теми во ова секојдневие кои е неопходно да бидат разгледани и продлабочени од сите нас. Во само еден наслов се кондензирани цели животи на илјадници, милиони жени низ светот, а колку уште во стиховите во книгата? Сеида Бегановиќ има објавено два романи “Интервју со сината куќа”(2007) и “Албум на совршените мигови” (2010), неколку збирки поезија и нејзини дела содржат голем број антологии.

Има некоја посебна магија која ве обзема кога ќе ја сретнете оваа писателка, социолог, философ, “Метузалем” на нашето време. Кога прв пат ја сретнав, седевме на иста маса со еден куп жени, таа на едниот крај од масата, јас на другиот, од каде што од бучноста, не можев да дочујам што зборува. Не знаев ни која е, ниту што е. Но кога зборува таа, само отвори тефтерот и запишувај. Така и правеше колешката философ, седната до неа, во тој момент.

Еден ден градот Скопје ќе се гордее што можел да се пофали дека Сеида Бегановиќ живеела тука, како што вели Гане Тодоровски.

Во разговорот со неа ќе Ве прошета низ сите димензии на времето и просторот и ќе Ве врати назад, каде зборот и личните искуства се прегрнуваат.

1. Дали сметате дека ние жените сме родово рамноправни?

Родовата рамноправност е класно прашање. Не ми е јасен тој галиматијас од термините со кои  за генеричките особини на жената преку, поими  и категории од антрополгија и социологија на културата   на трибалистичките комуни,  се  толкува позицијата на жената во репресивното конзументско општество.  Не се зборува тука за тоа дали се жените подобри пливачи во далечина од мажите, а се подобри, или дали гледаат повеќе бои, а гледаат, туку се зборува за поделбата на територијата на заработувањето на парите.

Ние сме дел од цивилизацијата која во себе си содржи сите претходни општествени системи: трговијата со робје, присилната работа, а  од завршувањето на Втората светска војна оваа планета имаше само 21 ден, вкупно  во мир, без некаде да се војува, имаме прислните преселби, ограбувањето на природните ресурси… Собравме сите можни репресии што цивилзацијата ги патентирала како инструмент на контролата.  Тоа се вика капитализам.

Капитализамот настанал, не како подобрување или еволуција на претходното општествено уредување, туку како најцрната реакција на антифеудалните движења. Неговата генеза беше подржана од инструментите на власта, чекор по чекор како се развивал. Капитализмот само го занима работната сила и ресурсите. Инквизицијата го напиша Малеус Малификорум,  прирачникот на истражувањето на вештерството, на пример, после епидемии на чумата, кога таа покоси 60 проценти од жителите на Европа, всушност,  кога се намалил бројот на работниците. Некој морал да  ја надокнади таа бројка на работната сила и полека почнало инструментализирањето на жената,  машината која раѓа, се воведува забраната на абортус… Дури, хомосексуалноста која до тогаш, во некои земји, била акт на иницијација  во социјалниот живот,  почна да се забранува со смртта.  Цела една култура од остатоците на матријархатот,  значи билкарството, породилството, исцелувањето, исто такво  како што денес се смета за алтернативна медицина – се казнуваше со  горењето на клада. Од другата страна, во Новиот век, векот на подемот на науките и знаењето,  растеше  и бројката на занаети и професии, така што на пример, мислам, околу  петнаестиот и во шеснаесттиот век имаме околу 200 еснафски здруженија, значи 200 професии во кои беа жените. Се знае дека жените беа најдобри пиварки, правеле најдобро пиво и беа надобри бабици а подоцна,   во 18. Век имаме  дозволени професии: слугинка и пратиља, односно девојката која ја прати жената на улица, бидејќи не ѝ беше дозволено да оди сама и таа пратиља се викаше „госип“,  што денес во англискиот  јазик има погрдно значење. И да не го заборавиме периодот од 1550 до 1650 година кога беше нацрниот период на палењето на жените на клади, а една од причините беше на жените да им се одземе контролата на раѓањето и еснафот на бабици е преку Инквизиција одземен од жените. Работната сила, абортусот и контролата на раѓањето, хомосексуалноста – сите тие теми одат една со друга во нашата цивилизација веќе 700 – 800 години.

2. Колку се рамноправни жените поетеси во однос со мажите кои пишуваат? Со што конкретно треба ние жените најпрво да се позанимаваме за да ја достигнеме таа горе-долу рамнотежна положба?

Првата позната поетеса која, живееше во античко време, во Мителена во Грција, мајка на две деца, со невообичаена убавина, образована и од многу богато семејство се побуни против културата во која жената била само инструмет за раѓањето воини, каде љубовта помеѓу мажите беше негувана како дел од културата, а кон жената беше во втор план и тргна да ги образува жените низ Старата Грција. Ги бирала најумните и најубавите жени и ги школувала за учителки и праќала понатаму низ земјата за да го шират образованието помеѓу жените. Напиша неколку убави песни, помеѓу која една и за пријателката за која имаше повозвишени емоции и денес, според островот на кој таа е родена – Лезбос, остана терминот за љубовната врска помеѓу жените или сексуалната ориентација – лезбијство. Додуша, има некоја тужба од страна на жителите од тој остров, каде е Сапфо родена, овој израз да се забрани како дискриминаторски.

Ме прашувате како е денес илјада и повеќе години подоцна? Можам да ви кажам само со тоа што јас се соочував, без тоа да го генерализирам. Не знам дали се работи за завист или некои фрустрации од поинаква етиологија – но бев соочена со шовинизам, мизогинија, дискредитирање на мојот приватен живот, мобинг,  негирањето на моите културни корени. Еве кога ја добив наградата од Друштвото на писатели на Македонија  како автор кој пишува на малцинските јазици проф. Милан Ѓурчинов не можеше да додржи и додека ми честитаа –  рече дека мојот мајчински јазик не постои. И го повтори тоа неколку пати, како разочаран зошто не бев повредена. Тој не знае какви сѐ пострашни и посрамни глупости се имам наслушано и во Македонија и во Босна исто  така, од моите машки колеги и дека веќе отапев од дискриминацијата и човечката плиткост. Морам да напомнам дека таквите нешта никогаш не ги прават младите писатели, туку постарите, тие како да се плашат на кој било да му ја препуштат територијата. Освен тоа, самиот по себе еснафот на писателите не е познат како некој солидарен еснаф, премогу его, нарцисоидност, егоизам. И чаре? Постои само еден начин писателите да имаат разбирање едни за други и тоа не е да се разбираат како писателите  – туку како читателите. Читањето е повисока духовна активност од пишувањето, како што вели Мигел де Унамуно. И не им верувам на писателите кои не ги читат барем своите современици… ха-ха-ха. Или многу барам!?

3. Што може да ја натера жената да раскрсти со се’ што знае и познава до тој момент во својот живот? Кога таа ќе рече, до тука може, ова е мојата црвена линија? (дали е тага, болка, неправдата од светот околу себе)

Жените секој ден раскрстуваат со сѐ, опкружени се со црвените линии, ама тоа не вреди многу. Колку и да ги донесува одлуките жената никој околу неа не е подготвен да ѝ дозволи промена на улогите, никој нема да ѝ ја дозволи промената во која таа веќе не им е корисна. Ниту сопружниците, ниту родителите, ниту браќата и сестрите, ниту децата. Слободата и вистините, кои во еден момент ќе ги освои,  во животот не се гаранција дека ќе си го смени животот, може да се удави во винта, ќе ја изедат инстинктите, облигациите кои ѝ станале физиологија… понекогаш се чини дека жените живеат егзистенцијална мачнина како чин на рационален избор. Меѓутоа, некогаш се случува, како да е иситисната  и исфрлена на чистина, како со вакуум. И тоа е тој исчекор кој се случува помеѓу два чекора на улица, со две торби зеленчук в раце,  после кои таа знае дека не е иста. Мислам, дека менувањето на својот живот не доаѓа поради болката, туку поради новиот квалитет на свеста.

за-андријана-книга

4. Кој е моментот на прекршување на сето минато и иднина во една точка?

Прекршувањето на сето минато и иднина во една точка? Звучи како некоја алхемиска стапица. (Ха-ха-ха)  Сега сум сериозна. Не постои некоја привилегирана состојба која ни допушта да го трансцендираме времето. Една таква состојба би имала вредност на мамка, како Прустовиот мадлен колач. Да,  низ сите мои дела се провлекува мојата фасцинираност од времето. Секако не како од времето како начин на разбирање на светот, туку, како уште една форма на искушението. Како некој клуч кој нѝ го отвора непознатото во нас.

Ако пробувам да мислам линерно за времето, како консенсус барем, мојот живот ми се измолкнува, не оди ниту напред, ниту назад таа имагинарна алеф точка,  не успевам во тоа и ми се чини дека е тоа затоа што сопствениот живот постојано го премостувам. Да, да, постојано го премостувам сопствениот живот! Можеби затоа што е драматичен и  полн со губитоци, болка и убавини и не му давам на времето да стане скаменетата идеја.

5. Што ја прави жената ранлива, а што ја прави силна?

Убавите нешта нѐ прават ранливи, од ранливоста може да ја црпиме силата, али претпоставувам дека не ме прашувате за поетиката на моите женски ликови кои постојано се обидуваат да не ја загубат нежноста, а сакаат да се силни.

Никој самиот по себе не е ранлив, другите нѐ прават ранливи. Како некој кој дипломирал филозофија и социологија постојано ги тестирав новите поими кои се појавуваа во нашата цивилизација. Долго време имав отпор кон поимот „ранливите групи“, на пример, бидејќи ми личеше на бирократизација на една емоционална состојба. Освен тоа кога видов список на што се тој поим се однесува и кои се сметаат за ранливите групи, бев дури револтирана зашто на некои од тие групи лично се восхитував, а за некои ми беше навредливо да се сметаат за ранливи групи. И јас сум по неколку критерии на тој список на ранливи групи. Не е важно што јас мојот пријател со церебрална парализа или геј двојката ги сметам за посупериорни од другите кои ги познавам кога заедницата нема милост за нив. Пеколот, тоа се другите, како што тоа го вели Сартр. Што жената ја прави ранлива, а што силна? Нема тука правила.  Како што ги нема ни животот.

6.  Дали е потребна само храброст, малку лудост и мудрост да се замине… или нешто друго?

За храброста не знам многу, не верувам ниту во лудост, ни мудрост како доверителни придвижувачи, мислам дека најмногу работи правиме од страв.  Барем јас се гордеам со своите стравови.

7. Која жена преживува во денешно време?

Таа која не престанува да учи.

8. За кое едно нешто би ја трампале вечноста за едно утро? Какво би било тоа утро?

Ааа, тоа е стих од една моја песна : „Трампиме вечноста за утро.“ Тоа е песна за милоста. Нема милост. Милоста е ако успееме да се испазариме со вечноста за уште едно утро. Какво и да е. Јас си ги сакам утрата. Мислам дека 60 отсто од моите песни имале наслов Утро во работната варијанта, али подоцна го сменив. Утрото е совршен миг пред светот повторно да ни се струполи врз главата…

9. Поетите се еден вид пророци, ја предвидуваат иднината. Доживуваат моменти пред тие да се случат, дежа ви’… Дали и Вам Ви се случува тоа?

Имаат некои легенди за жените од мојата фамилија за јуродивоста и сличните таленти, шестото сетило. Слушав за тоа кога бев малечката, ама тие теории драгоцени ми се како поетските слики, како убавиот фоклор и ги толкувам само како начин на кои се правел круг на молкот околу жените од угледните фамилии, како што на пример беше на баба ми, од беговската фамилија. Јас го потрошив целиот свој живот за да си ги обезбедам алатките за мојот рацио, читав многу книги за историја, археологија, физика, генетика, космос… ха-ха, книшки молец сум уште. Не сакам да ги правам чудата каде ги нема. Меѓутоа , колку и да се обидувам за нештата да го задржам позитивистичкиот став кон реалноста, сепак се случуваат синхроницитети.  Некој ги вика и чудата.  Акаузалните врски што ја надминуваат тривијалната реалноста. Да, ми се случувало, особено со моите кратки приказни, кои ги немам објавено, да ја антиципирам целата случка, да напишам приказна и го запознам човекот на кој тоа исто му се случило…   Не ги толкувам како предвидувањата на иднината туку како синхроницитети. Можда малку поразработени синроницитети (ха-ха-ха).

10.  Како Вашите ќерки реагираат на Вашата работа, Вашите дела? Како и за што ги советувате како мајка? Што да понесат со себе, а што да остават кога ќе заминат?

Сега се големи веќе. А она што го паметам  кога растеа  и од што бев секој пат засепната – е колку е неразбрливо голема мудроста на децата. Не ми беше јасно од кој свет доаѓа, со оглед дека не можам да поверувам дека се работи за овоземските искуства. Или, можеби, Природата со секоја генерација  ги одбира најдобрите алатки на духот со кои таа како врста ќе опстане.

Тие имаат поинаква свест, побрзи се,  длабоко ги доживуваат нештата. Учам од них, крадешкум. Она со што се гордеам дека како мајка, барем како тие ми рекоа, од мене ја наследиле непокорноста. А сега како стареам, некако ми расте и смислата за хумор и тие се бескрајно духовити и како аманет најмногу сакам да им остане таа особина – способноста за радоста, за радувањето, восхитувањето и смеата.

 

Адријана Ананиева

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Заборавени книги
Среќата ќе биде награда за твојот труд“
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *