Прошетка низ Рим на Караваџо и на Бернини

Рим на 17 век е пулсирачки, богат и мирен центар на религијата, уметноста и моќта (и на религиските владетели и на уметничките дела на големите уметници).

8-Повикувањето-на-свети-Матеј,-Караваџо,-Сан-Луиџи-деи-Франчези__

Микеланџело Меризи да Караваџо (Michelangelo Merisi da Caravaggio) пристигнува во Рим во 1592, папа е Клемент Осми, последен од папите на контрареформацијата: атмосферата во Рим е пуританска и строга, иако Караваџо полека почнува да се афирмира како популарен сликар кој нема проблем со нарачки. Климата се менува кога папа станува Камило Боргезе (Camillo Borghese), како папа Павле Петти, во 1605 година (до 1621). Една година подоцна во Рим се сели Џан Лоренцо Бернини (Gian Lorenzo Bernini) со фамилијата. Во истата година Караваџо, како резултат на неговиот насилен темперамент, е обвинет со смртна казна за убиство. Заминува во Неапол, а четири години подоцна, без да успее да се врати во Рим, умира. Бернини ќе остане во Рим сè до смртта во 1680.

Бернини и Караваџо никогаш не се наоѓаат во исто време во Рим. Но нивните дела дефинираат два авторски изрази кои избликнуваат како моќни одблесоци на едно време на еден град, кои и денеска вознемируваат, погодуваат, восхитуваат.

Рим на 17 век е пулсирачки, богат и мирен центар на религијата, уметноста и моќта (и на религиските владетели и на уметничките дела на големите уметници). По овој период центарот на уметноста во Европа се преместува во Париз, а Рим, иако станува мета на европските благородници и интелектуалци во нивната обиколка на италијанскиот полуостров, пропаѓа во декаденција и во сеќавања за големата класична и барокна слава, за повторно да воскресне, во 19-тиот век, кога ќе стане главен град на обединетата Италија.

Во овој период на папата од фамилијата Боргезе, започнуа да се формира колекцијата на неговиот внук и кардинал – Шипионе Боргезе (Scipione Caffarelli Borghese) (1577-1633), која е во основата на извонредната поставка на галеријата Боргезе, во паркот Вила Боргезе, на ридот Пинчино. Идејата на Шипионе била да направи колекција единствено од највредни дела, а методите за нејзино собирање се најразлични од нарачки, купување, па сè до едноставно и бесрамно земање на дела кои му се допаѓаат. Караваџо станува еден вид на негова опсесија. Иако веќе има околу сто дела на Караваџо во својата колекција, во времето на казната која што виси над главата на Караваџо, предлага да помогне во нејзиното укинување во замена за сите негови дела. Денеска во осмата сала, на првиот кат на галеријата, која во најголем дел е отстапена на делата на Караваџо, па може да се нарече салата на Караваџо, можат да се погледнат: „Болниот млад Дионис“, „Давид со главата на Голиат“, „Мадона со дете и Св. Ана“, „Свети Јероним што пишува“ и други.

Шипионе Боргезе бил робусен човек, крупен и полничок. Бернини, вториот негов омилен автор, кој во својот прв младешки период е под закрила на тогаш папската фамилија Боргезе, го овековечува својот прв мецена во една биста изложена во галеријата. Симон Шама (Simon Schama) автор на неверојатната документарна серија „Моќта на уметноста“, ги истакнува телесните карактеристики на бистата: косата која ѕирка под кардиналската капа, устата наместена да прозбори, копчето на облеката кое до крај не успеало да се провре низ дупчето. Тој вели дека ако во класичната скулптура човечките фигури изгледале божествено, но бескрвно, Бернини е првиот што мермерот успева да го направи толку телесен.

На првиот спрат од галеријата Боргезе, во свои посебни соби, можат да се видат првите ремек-дела на Бернини: „Силувањето на Прозерпина“, „Давид“ и „Аполон и Дафне“. Нивните присуства се неприкосновени, како да се изложени во празни соби, се вртиш околу нив, ги гледаш од секоја страна и од секоја страна можеш да се восхитуваш, фокусот е на нив, не те интересира ништо друго наоколу. Мермерот станува нешто друго, дејство, тело, стисок, ловоров лист, грч, гест…

Давид на Бернини е автопортрет, во цртите на лицето ги користел своите. Свирепоста на чистиот лик, како метафора на ликот на Бернини во римското општество. Главата на Голјиат во сликата на Караваџо е автопортрет, стравот од смртта и извесноста на обезглавувањето го навело на сликање на својата глава во повеќе дела од последните години од животот.

Ова вплетување на двајцата големи римски автори ќе се обидам да го следам во една прошетка низ центарот на Рим. Го дефинираат градот со своите дела во надворешниот простор или во внатрешниот (на галериите, црквите, но и колективната свест) во периодот во кој живееле во него. Затоа кога го слушнав името на големата изложба „Барокот во Рим. Чудото на уметностите“ (Фондационе Рома Музео, 1 април – 26 јули 2015), некако се најдов во небрано, па не отидов. Можеби згрешив, но некако ми изгледаше непотребно, во град кој со едно погледнување нагоре кон некоја фасада, фонтана или црковна декорција, во која било уличка на градскиот центар-градските центри, се наоѓаш пред чудото на барокот, да се преселиш во паралелен простор каде тој свет, во мала порција, е изложен. Можеби ја има приказната хронолошки, можеби теоретски се изложени сите карактеристики, можеби ги има издвоено влијанијата до ден денес, не ме интересира. Можам да го видам во неговиот вистински контекст, или во контекст на галериски домови на неговите уметнички дела.

Па така, ако се симнеме од паркот Вила Боргезе до Пјаца дел Пополо, влезната порта кон центарот на Рим, на самиот почеток на плоштадот, до портата (на чија една страна, таа што гледа кон плоштадот, работел Бернини) се наоѓа црквата Санта Марија дел Пополо. И на нејзината надворешноста работел Бернини, чии дела, исто така,  се наоѓаат и во една од капелите на левата страна од црквата, капелата на фамилијата Киџи (Chigi). Неколку капели подолу се наоѓаат две платна на Караваџо, во капелата на фамилијата Черази (Cerasi), заедно со едно платно, централно поставено, на Карачи (Annibale Carracci, еден од последната генерација на класични маниеристички сликари). Двете платна, кои го тематизираат житието на Свети Павле, се поставени странично во тесната капела. Сликани се со цел да бидат поставени во тој простор, па затоа кога се гледаат од долу и од страна изгледаат јасни во сите детали и нијанси.

Од Пјаца дел Пополо извираат три прави улици кои, под различен агол, го испресекуваат централното јадро на Рим. Доколку се тргне по левата, Виа дел Бабуино, и се продолжи само право по неа, потоа се помине Шпанскиот плоштад (мало застанување таму за да ја погледнеме скулптурата-фонтана во длабочината на асфалтот, брод – Fontana della Barcaccia – која ја работел таткото на Бернини, Пјетро Бернини, а при чија изработка помагал и Џан Лоренцо) и продолжиме повторно право по улицата Дуе Мачели сè до раскрсницата со улицата Тритоне, по која вртиме лево, веќе можеме да го забележиме, на врвот на улицата која се извишува, плоштадот кој ни се отвора. Плоштадот Барберини. Плоштад пред палатата на друга благородничка римска фамилија, Барберини, која игра значајна улога во развојот на уметноста во овој период во Папската држава, особено во времето на папата од оваа фамилија, Урбан Осми, Мафео Барберини (Maffeo Barberini). Оваа палата денес е дел од двата објекта сопстевност на Националната галерија на стара уметност на Италија (Galleria Nazionale d’Arte Antica). Плоштадот, пак, е дом на две фонтани на Бернини: Фонтаната дел Тритоне и Фонтаната на пчелите (Fontana delle Api), поместена на почетокот на улицата Виторио Венето која тргнува од овој плоштад и се движи нагоре по ридот сè до влезот на Вила Боргезе и реконструирана во помал обем од оригналниот. Три пчели на штит е амблемот на фамилијата Барберини. Периодот кога оваа фамилија го има својот подем во Рим е период кога овој плоштад и палатата, како и театарот кој работи во склоп на палатата (денеска кино Барберини), а каде биле изведувани претстави спонзорирани од фамилијата, биле центар на уметноста и културата во градот. Самиот Бернини правел сценографии, режирал, но и глумел во некои од тие претстави кои изобилувале со спектакуларни и пиротехнички ефекти. Во галеријата, во дваесеттата соба, пак, се наоѓаат делата на Караваџо со кои располага колекцијата на оваа галерија. „Јудита ја отсекува главата на Холоферн“, „Нарцис“, како и една соба посветена на првите имитатори на стилот на Караваџо.

Ако се продолжи нагоре по улицата Бареберини до ширината на Санта Сузана, ќе се дојде до црквата Санта Марија дела Виторија. Домот на едно од најпознатите дела на Бернини, едно од најубавите дела на италијанската и европската уметност, воопшто. „Екстазата на Тереза“. Ова дело Бернини го прави во период кога на сцена повеќе се истакнува неговиот ривал Боромини, фаворизиран од новиот папа, Иноченцо Десетти. Екстазата на Тереза е негова одмазда и спектакуларно враќање на уметничката сцена во Рим. Сензуалноста на скулптурата, која левитира во малиот простор на капелата врамена во шарен мермер, ја прави исклучително моќна за набљудувачкото око. Нејзината вистинитост и телесност ја приближува до искуството на човекот и ги заокружува во една силна метафора искуството на барокот, со сите негови спектакуларни, театрални, телесни карактеристики.

Ја напуштаме Тереза и се упатуваме кон јадрото на Рим околу Пантеонот и пјаца Навона. Но, ако се симнуваме по улицата 20-ти Септември, од црквата каде што пред малку бевме, во правец кон палатата Квиринале, поранешната резиденција на римските папи, денешно седиште на Претседателот на Италија, ќе сретнеме по патот две цркви, едната на Сан Карлино на Кватро Фонтане, дело на Боромини, другата, неколку метри подолу, на Бернини, Сант Андреа на Квиринале. Двајцата архитектонски ривали поставени на тоа мало растојание, како намерна иронија на случајот, за која може да се пишува во друга прилика.

Уште малку подолу по улицата и се излегува на прекрасниот плоштад на Квиринале, со неверојатен видиковец кон крововите на делот од Рим кој се протега во долината кон Тибар. Од тука по скалите надолу, по улицата Датариа, кон Виа дел Корсо. Кога ќе се помине Корсото, средната улица која извира од плоштадот Пополо и која го пресекува градот во огромна должина сè до плоштадот Венеција, веќе се наоѓаме во близина на Пантеонот и на Навона и речиси секоја уличка ќе ни донесе некое ново изненадување и може да нè донесе до Пантеонот. Од тука, на неговата задна страна, па уште неколку чекори понатаму, се наоѓа Света Марија над Минерва, над поранешниот храм на божицата Минерва. Тука во овие мали улички се испреплетуваат античкиот, средновековниот, ренесансниот, барокниот Рим. На ова конкретно плоштадче се наоѓа една интересна скулптура на Бернини, слонче кое носи стар египетски обелиск. Забележете го плоштадот на светлината на квечерината, кога зградите се оцртуваат на белата фасада на црквата, а слончето нè гледа со помалку загрижен изглед или грч од тежината на обелискот кој го носи. Една мала, хумористична споредна уличка на нашата тура, за да дојдеме до сериозноста на двете цркви со четири платна на Караваџо. Се наоѓаат во околината на плоштадот Навона (и самиот значаен за еден од нашите уметници, две од фонтаните на плоштадот го имаат потписот на Бернини: особено значајна централната, фонтаната на Четирите реки).

Сан Луиџи деи Франчези (француската црква во Рим) и Сант Агостино се дом на четири дела на Караваџо од времето на неговата најголема слава во Рим, првите години на 17-тиот век. Во првата, во капелата на Контарели (Contarelli), крајната капела од левата страна на црквата, се наоѓаат трите слики кои го претставуваат Повикувањето, Мачењето и Инспирацијата на свети Матеј. Во втората е делото, „Мадона од Лорето“. Многу текст е испишан за техниката и методот на работа на Караваџо. Неговите експерименти со светлината носат еден сосема поинаков и драматичен свет, кој ни се претставува со неверојатен контраст, јасност и моќност во темните капели на католичките цркви низ Рим, или нè пресретнува во пространите соби на галериите, низ Италија и не само. Зборувано е многу за ликовите кои изгледаат како да се вистински, како стварно да живееле (како да се луѓе, од крв и месо, а не богови, да алудирам на забелешката на Шама за Бернини, погоре спомената). Но, во моментот кога ќе застанеш пред сликата која си ја гледал во толку многу книги, репродукции, за која си гледал толку документарци и емисии, толку луѓе си слушнал да зборуваат за неа – забораваш сè што си слушнал. Ја гледаш како за прв пат да ја гледаш, како да гледаш претстава која токму сега започнува да се одигрува пред тебе. И само стоиш помеѓу луѓето кои се обидуваат да се наместат на вистинскиот агол, кои се обидуваат да ја дофатат во кадарот на својот апарат или мобилен телефон… и ја гледаш претставата.

Театралноста е во основата и на делата на Бернини. Всушност, целата таа спектакуларност, експлозивност и драматичност е во основата на корпусот карактеристики на барокот. Екстазата на Тереза, на пример, е поставена буквално пред публика, на страните од капелата е поставена ложа со скулптури на членовите на фамилијата Корнаро (Cornaro), чија капела ја краси ова неверојатно дело.

Ако Караваџо мораме да го уживаме во внатрешните простори на градот, уметноста на Бернини ги допира и обликува некои од најпознатите призори на вечниот Рим. Плоштадот пред Базиликата Свети Петар, централната црква во Ватикан, е дело на Бернини, исто како и ангелите на мостот Сант Анџело, кој води од стариот град до Мавзолејот на Хадријан, прекрасната кружна кула на десниот брег на Тибар. Од тука, лево, само право, се доаѓа до плоштадот пред Базиликата. Денес, едно од централните места на римските туристи. Половина од елипсовидниот плоштад е исполнет со пластични столчиња и дрвени огради кои формираат цик-цак патеки за да ги водат туристите до влезот на Базиликата; продавачи, туристички водичи, групи и групи на туристи насекаде. Доколку сакате да имате полесен и поубав престој најдобро е да дојдете пред затворањето, односно пред зајдисонце, тогаш влезот до неа е ослободен и нема редови за чекање, а и плоштадот е поотпразен.

Навидум Бернини е сушта спротивност на Караваџо. Бернини е одмерен, популарен меѓу благородничките фамалии и витез на католичката црква; Караваџо е темната страна на Рим, неговите таверни, насилството, валканоста, смртта, утробата-телесноста. Но телесноста лесно излегува и од скулптурите на Бернини, а неговиот карактер, биографски гледано, се покажува, исто така, дека има мрачни аспекти на нетрпение и насилство. Но начинот на кој двајцата автори ја канализираат оваа внатрешна енергија, која циркулира во цутот на Папската држава, е различен. Телесноста и страста се дел од извртените скулптури во движење на Бернини, стисокот на рака во бутината, гестот на лицето, грчот на ногата, слоевите на облеката, брановите ткаенина кои ја излеваат внатрешноста надвор. Кај Караваџо страста и телесноста се гледа во јачината и моќта на бојата, во дефинираноста на светлото и темното, во нарацијата, овошјето е труло, а Дионис – болен. Векот кој почнува со спалувањето на клада на Џордано Бруно, а продолжува со протера и потера по други, како Галилео Галилеј, всушност на својата друга страна, истовремено и лицемерно, ги има принцовите на Папската држава кои сакаат да го претстават како модерна потрага на науката, уметноста, литературата. Делата на овие двајца автори успеваат со својата повеќеслојност да ги дофатат и овие грди карактеристики под спектакуларниот плашт на векот. Телесноста и, на некој начин, смртноста на религискиот свет, во делата на двајцата наши автори, се среќава со телесноста и смртноста на човечкиот живот и на материјалниот свет. Од овде произлегува една вистинитост и дофатливост, која е разбирлива за човекот кој ги набљудува делата. А кај Караваџо, методот на осовременување на религиските канони со ликови кои се познати, во облеки и простори кои се познати за тогашниот набљудувач, освен што носи шок во времето кое настанале, носи и силна и моќна поврзаност со неговите дела и универзалност која доаѓа до денеска.

Овие двајца автори го означуваат духот на Рим од седумнаесетиот век, но ги дефинираат неговите призори и денеска, па шетајќи низ Рим можеме да ги фатиме. Ставаат жива трага во римските слоеви, каде со антиката, ренесансата, модерноста продолжуваат секојдневно и заеднички да пулсираат, можеби токму заради големината на уметничката енергија собрана низ вековите. Рим како да е град во кој историските епохи не умираат, историјата на европската култура продолжува да се бутка помеѓу забрзаните автомобили, новите технички достигнувања и вештачките материјали, ѓубрето, милионите туристи и новите мали културни простори кои се формираат меѓу нив. Рим е посебен град, а оваа прошетка низ него, преку избор од делата на овие двајца големи автори е само мал доказ за таа негова посебност, незаборавна енергија и живот кој безвременски пулсира.

Сликите 1, 3, 5 и 6 се на авторката, сликите 4 и 9 се на Горјан Тасевски, сликите 2 и 8 се преземени од www.wikipedia.com, а сликата 7 од www.learner.org

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Хроничарски грев
Работна сила имаше сè помалку, па затворениците ги вршеа поголемиот дел од...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *