„Се тресеа камчињата под нашите нозе
од пулсот на нашите исправени тела“
Чувството да се има новата книга на Д.А. Лори, „Со ветрот под рака“, во свои раце пред другите и да знаеш дека таа создала едно дело што ќе остане врежано во историјата на современата македонска поетика е уникатно, прекрасно, во најмала рака „ветровито“.
Уште на самиот почеток навестува дека ова е женско писмо посветено на сите жени во нејзината фамилија, а тоа те тера да помислиш дека станува збор за поетичност што ќе биде интимна, благодарна, врзувачка, но со самото прелистување и препрочитување на првите неколку песни што се застапени во книгата доаѓате до знаење дека меѓу страниците, освен првичниот впечаток, се испишани храбри поглавја од нејзиниот живот и размислување, со архитетоника на изразување по која е веќе добро препознаена и сместена во системот на вредности во современата македонска книжевност, самата авторка, поетесата Д.А. Лори.
Но да започнеме со тоа што мене како автор и како човек што ја следи нашата поетска сцена ми остави најмногу впечаток. „Со ветрот под рака“ на секој читател ќе му понуди поезија што е исполнета со конзистентност во мислата, стихови што со прецизност доловуваат одбрани состојби на душата и на умот, микропоетичка градација што е исполнета до бескрај со конкретна сликовитост на дадени ситуации во кои речиси секој од нас може да се (про)најде.
Д.А. Лори ни нуди таков жар додека читаме што забораваме дека внатрешното устројство е исполнето со интимен порив. Соживувањето со поетскиот глас е неизбежно, стилската изведба со жестокост, но и со доза избалансирана, умерена итрост си поигрува со архетипите што ни се досега (не)познати, симболичност што плови на моменти во мирно море, а на моменти нè фрла во вакуумот помеѓу карпата и бранот што удира во неа. До бесшумност ги минимизира пресвртите во живо(тно)ста што ја опева, но умее и со високоизградена фигуративна спротивставеност да предизвика крик кај читателот.
Со панорамска лежерност, како кај патник што патува низ космичкиот океан, таа раскажува за нештото во ништото, или пак обратно, за ништожноста на нештата што ги имаме во/со/пред себе, без некоја нагласена наметливост авторката навидум наивно продолжува да го буди „сопственото урлање“. Професионално ни ја подметнува својата иронизирана загатливост, како на мало дете што треба да се излаже со уловено чудо за да може да му се стави лажичката со супа во уста. Сентиментална семантичност што без некоја ароганција ни реди „благи шлаканици и лекции“ за љубовта, за ѕверот во нас, за револуцијата што ни се случува внатрешно и ја гледаме околу себе, за стравот и за матиметиката со која го кроиме себството, со кое го градиме сопствениот став, за географијата на нашите патувања, за топлината што ги грее нашите ладни одрекувања, за (с)мислата и бегствата што тајно ги реализираме – пред да решиме да го (по)ставиме белото знаме на врвот што сами сме го искачиле.
Поезијата на Д.А. Лори во нејзината најнова книга „Со ветрот под рака“ е своевидна планина што е предизвик за секого од нас, онаму горе или онаму удолу, каде што длабоко во внатрешнината на нејзината креативна утроба ќе пронајдеме, ќе бидеме среќници да видиме, да доживееме и да се соживееме со животен релјеф исполнет со гравијатурни реликвии, интензивност што се јавува како болка поради задишаноста од искачувањето, но и блага дисторзивност во сликата, се разбира додека да се соземеме при листањето на страниците, една по една, секогаш со навраќање. Додека читаме, ќе се соочиме со фактот што го споменав на почетокот дека оваа книга ни презентира една специфична авторска револуционерна одлучност, реалистичност што е најблиску до реалноста каква што ја познаваме, сурова и непромислена. Нејзината ангажирана употреба на актуелните (поетски и социјални) теми префинето ги актуализира и ги освојува моментите кога е потребно „да живее човекот“, сè со цел да се стави читателот во имагинарна замка од која дискурсот на крајот нуди забележителна и продуктивна релација помеѓу авторското согледување на секојдневјето (глобално или локално, сеедно), во контекст на она што е претставено како (невидлива) граница на (не)реалната општествената поставеност/подреденост на индивидуата наспроти слоевитоста и вистината на „Големата слика“, а сето тоа доведено до минималистичка модернистичност во гласот и во формалната поставеност на елементите во дел од стиховите поединечно.
Кога во себе носиш тешка неизреченост, кога кажаното сакаш да биде силно и се обидуваш да го собереш само во еден твитер-восклик, тогаш доаѓаш до мудрост што само источникот на зборот може да ја ослободи, а Лори е една од ретките што не само што излегуваат накрај со сто и четириесетте карактери туку како што дупка со асфалт се исполнува таа душата со соблазнение ја облагородува.
Умешноста синтезирана во стиховниот метанаратив потајно му придава моќ на она што се нарекува „разум“, го исполнува со хранлива енергичност и меѓупросторот, така што остануваат парадигми скриени меѓу редовите, прашања, интелектуални филозофии за постоењето, присуството, дејствувањето. Д.А. Лори флуктуира разумно низ амбиентите што ги создава, таа пишува со креативна компаративност меѓу емоциите, зборовите, мотивите и целината, која се генерира како благ одговор на (заедничка) судбина. Медитативната, доброизградена и изразена хипертекстуалност не може да не остане незабележана, нелинеарноста во експресијата доведена до совршенство, секако и намерно поставените контрадикторности, кои се надополнуваат и градат (не)објаснива рамка во која суштината да се создаде несоздаденото, оваа авторска експонажа, најригорозно го жнее она за кое некој би кажал дека е невозможно да се (ис)каже.
Нека се множат таквите дела, тие се реликвија на нашето време, тие се богатство на полиците со современо културно богатство и наследство за Македонија. „Со ветрот под рака“ е своевидна лектира за секој што почитува и знае како да ја вредни поезијата, а јас сум горд и среќен што, освен како поет колега, Д.А. Лори ја имам и како пријател.