Мрежи

 

Речиси е четири часот наутро и сè уште не можам да заспијам. Тоа трае три дена по ред, три дена… И е страшно. Страшно е чувството дека телото ми е омлитавено, главата ми паѓа на часови, очите ми стежнале како да имам камења на клепките; страшно е колку треба да се напрегам за да ги искачам скалите на училиште или да одам по улица при што со секој следен чекор може да се струполам наземи.

Сите забележале дека ми се случува нешто а јас, едноставно, мамам: им велам дека сум настинала или дека сум закачила некој од оние стомачни вируси… Лага врз лага. Родителите ми ставија термометар неколкупати, но никогаш не покажа дека имам температура; наставниците секој ден ме прашуваат дали сум добро, а јас им одоговарам дека сум добро; лага. А пријателите… и пријателите ги мамам, сите освен Кири, нејзе секогаш ѝ ја кажувам вистината.

Во текот на ноќта, но и во текот на денот, постојано го гледам екранот на мобилниот телефон за да видам дали Алекс е вклучен, но го нема, исчезнал. Вечерва толку се опседнав што, на секои две-три минути го притискав копчето за ажурирање на состојбата во апликацијата со надеж дека во некој момент ќе покаже дека е онлајн. Другиот дел од ноќта го минав гледајќи танцови, глупави шеги, расправии помеѓу тинејџери, реклами за производи за добивање совршени нокти, намалување на целулитот, креми за отстранување брчки од лицето, безброј видови вибратори, техники за јадење помалку без да се забележи тоа или за повраќање на изеденото без да забележи никој.

Гледав реклами за алишта, мобилни телефони, футроли за мобилни телефони, патики, патувања, чанти, шминки, за зголемување на градите, ранци, куфери, компјутери, и за перници? Веројатно бидејќи пред некој ден дома зборувавме за тоа и микрофонот нè снимил. На крајот, купив нова футрола за мобилниот телефон, иако немав потреба.

Гледав и едно видео во кое две момчиња се договораа да се тепаат додека едниот од нив не остане паднат наземи, друго во кое една девојка си ја миеше косата со средство за чистење стаклени површини за да има по сјајна коса, трето во кое крајно слаба жена даваше совети за исхрана, уште едно во кое момче во многу бедно сопче им објаснуваше на луѓето како да станат милионери… Потоа ми се појавија линкови за порновидеа, изгледав неколку.

Гледав и колку време може да издржи човек без спиење. Рекордот бил единаесет дена, но човекот што го постигнал починал кратко потоа. Научив дека по три дена неспиење сè почнува да функционира лошо, може да имаш халуцинации, да бидеш растреперен… а најстрашното е што почнуваш да го губиш разумот. Мислам дека јас речиси стигнав дотаму.

Веќе три дена се набљудувам на огледало и секогаш гледам две различни личности: една насилна девојка и една исплашена девојка.

Првата е таа што со една клоца го скрши долниот дел од вратата на шкафот (мајка ми сè уште не забележала), што ги тепаше сите кадифени кукли во собата, што викаше додека не зарипна кога немаше никој дома, што толку силно ги стискаше забите што ѝ прокрвави устата, што плачеше од бес и што смислуваше безброј начини за одмазда но не спроведе ниеден, што си велеше себеси: Глупава! Глупава! Глупава! Те остави, те напушти и нема храброст да ти го каже тоа.

Втората е таа што е бескрајно загрижена мислејќи дека му се случило нешто. Што мисли дека навистина исчезнал, дека некој го повредил. Што плаче тагувајќи секоја вечер и се склопчува како полжав во постела, и лежи неподвижно во таа положба со часови, без желба да живее, да излегува, да се разбуди и покрај тоа што не успеала да заспие.

Таа што се обидува да ги скрие солзите кога се сеќава на сè што доживеа со него, што на огледалото гледа колку е скршена, со вцрвени очи, без насмевка и со бледо лице. Што безброј пати ја чита последната порака што ѝ ја прати, последниот контакт со него:

 

Здраво, Битбит.

Мислам дека сакаат да исчезнам.

Мислам дека тоа е поради сликите.

Мислам дека те сакам.

 

* * *

 

Здраво, Битбит.

Мислам дека сакаат да исчезнам.

Мислам дека тоа е поради сликите.

Мислам дека те сакам.

 

Тоа беше последната порака што ја добив од Алекс пред три дена.

Од тој момент не знам ништо за него.

На почетокот мислев дека станува збор за шега. Многупати се обидуваше, се обидуваше да се пошегува… но не успеваше да биде смешен. Не знам, имаше чудна смисла за хумор. Понекогаш ми кажуваше шеги што немаа смисла и на кои прикачуваше многу насмеани емотикони за да се насмеам. Шегите му беа толку глупави што, на крајот, ќе се насмеев бидејќи кога си вљубена секоја глупост ти е смешна. Поради тоа, на почетокот помислив дека пораката е дел од некоја од неговите шеги.

Но кога по неколку часа не ми одговори, почнав да се загрижувам. Никогаш не сме поминале толку време без да се допишуваме, без да си пратиме некој емотикон, дури и ноќе, додека спиев, тој ми праќаше пораки, речиси секогаш беше вклучен.

Измина цел ден и не разбрав ништо за него. По вечерата отидов во мојата соба и барав да се ажурира состојбата во апликацијата на една минута за да видам дали се вклучил, му пратив неколку пораки, но не стигнуваа до него, се чинеше дека исчезнал… тоа го мислеше загрижениот дел од мене. Лутиот дел од мене го мислеше спротивното, мислеше дека ме блокирал бидејќи не сакал да слушне за мене. Тоа беше првата ноќ кога не спиев.

Но забележав и дека не објавува ништо. А ако навистина му се случило нешто? Секоја нова мисла ме тераше да го мразам или да треперам од страв.

Следното утро мислев да им кажам сè на родителите за да се јават во полиција, или за да стапат во контакт со фирмата од апликацијата, или со семејството, или со некој… не знам, да направат нешто, но сфатив дека би изгледала многу патетично. Во тој случај ќе бев глупавата вљубена девојка што инфлуенсерот ја напуштил. Кога помислував на таа опција се појавуваше другиот дел од мене, насилниот, одмаздољубивиот, делот што посакуваше да му се случило нешто…

И така, борејќи се со тие две личности, минав уште една ноќ, третата: три ноќи без спиење. Веќе е седум часот наутро и за неколку минути ќе заѕвони будилникот на моите родители, и моето братче ќе почне да плаче, и мајка ми ќе поита да му го даде таблетот за да го смири, и татко ми ќе отиде да вари кафе… и така ќе почне уште еден ден.

Кога брат ми ќе престане да плаче, мајка ми ќе дојде во мојата соба за да ме разбуди – тоа веќе не е потребно неколку дена – и да ми каже да се облечам, да слезам на појадок, да не се задржувам, да побрзам, да не задоцниме на училиште… ајде, секогаш едно те исто.

Кога ќе ме види со натечени очи повторно ќе ме праша што ми е, дали сум добро, и јас повторно ќе излажам. Тоа ќе биде уште еден нов ден…

Ќе го измијам лицето, ќе се облечам безволно, ќе го подготвам ранецот, ќе слезам да појадувам набрзина, и веднаш потоа ќе мора да одам на училиште, мајка ми на работа, а татко ми да го превезе брат ми на неговото училиште…

Но денеска не се случи ништо од сето тоа.

 

* * *

 

Денеска не се случи ништо од сето тоа. Во овој момент јас требаше да бидам на училиште, но пак сум во мојата собата, седам на мојот кревет, исплашена, и чекам две лица што воопшто не ги познавам да дојдат да зборуваат со мене.

Се плашам.

 

Пред половина час, кога слегов да појадувам, моите родители веќе седеа на масата и повторно ме прашаа како сум. Подобро, измамив. Веднаш потоа татко ми продолжи да ги гледа вестите на мобилниот телефон, а мајка ми го вклучила лаптопот. За среќа беа толку зафатени со своите екрани што не забележаа дека една солза ми се лизгаше на образот.

Седнав покрај моето братче, што веќе ги имаше ставено слушалките на ушите и погледот му беше вперен во таблетот. Речиси не трепкаше додека гледаше видео во кое мајмун со очила за сонце без престан му фрлаше торти на мачка со црвена шапка. Една торта, две торти, три торти… мачката ги избегнуваше но четвртата ја погоди. Потоа видеото почнуваше одново но со пет торти, и тоа постојано се повторуваше.

– Која беше таа апликација што ја користите сите? – ме праша татко ми без да го крева погледот од мобилниот телефон.

Митин? – му одговорив криејќи го лицето зад шолјата додека го пиев млекото.

– Да, таа. Многу ѝ се зголемила вредноста на берзата во последните три месеци. Се чини дека поголемиот дел млади луѓе ќе ја користат за помалку од една година. Во банката размислуваме да вложиме во неа.

– Дали ја користиш? – повторно ме праша.

– Да – му одговорив обидувајќи се да ги спречам солзите.

– А твоите пријатели? – инсистираше без да престане да гледа во екранот.

– Да, речиси сите…

– Ќе мора да ја инсталирам – забележа додека ја принесуваше шолјата кафе до устата со едната рака а со другата го држеше мобилниот телефон.

– Не можеш… – му одговорив.

Во тој момент татко ми најпосле ме погледна.

 

Превод од шпански јазик: Виолета Јагев

 

Книгата е дел од проектот „ЕУрека“, кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија. 

                                                                                                                                                                               

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Кон поетската збирка „Ноќниот ум“ од Стефан Велковски
Поетската збирка „Ноќниот ум“ од Стефан Велковски се одликува начелно со самиот...
Повеќе
0 replies on “Мрежи”