Почеток на векот: Новата македонска книжевност

На 3 април во КИЦ на Р. Македонија во Софија се одржа серија настани што имаа за цел промоција на новите книжевни текови на македонската литература

sofija 3

Како домаќин од „Репер“ ред е да го најавам настанов од кој и самиот бев дел.

На 3 април нешто пред девет часот наутро еден минибус излегува од Скопје на пат за Софија. Во минибусот, меѓу другите, се возиме: Катица Ќулавкова, Влада Урошевиќ, Наташа Аврамовска, Владимир Мартиновски, Калина Малеска, Румена Бужаровска, Ненад Јолдески, Фросина Стојковска и јас, Ѓоко Здравески. Во Софија нѐ чека и Никола Маџиров. За 16.30 е закажана трибина со бугарските книжевници, а за 18.30 настанот поради кој патуваме, „Почеток на векот: Новата македонска книжевност“. Организатори се Асоцијацијата за уметност „Поетики“ и Колекцијата за поезија, фикција и есеј на Меѓународниот ПЕН „Разноликост“. Во Софија срдечно нѐ пречекува Васко Шутаров, директорот на Културно-информативниот центар на Р. Македонија во Софија, тие се нашите домаќини.

Во разговорот со бугарските книжевници отвораме теми поврзани со современата македонска книжевност, зборуваме за насоките по кои таа се движи, за темите што се провлекуваат последните петнаесетина години, но и за оние што изостануваат, а би требало да ги има. Сатирата, на пример, но и ангажираната книжевност воопшто. Од бугарската страна тука се и: Роман Кисјов, Здравка Евтимова, Поли Муканова, Силвија Чолева, Тања Попова. Во 18.30 започнува читањето. Читањето го отвора актерот Иван Калошев со преводите на Роман Кисјов и на Тања Попова. На сцена ни е весело и опуштено. Центарот е преполн, публиката е внимателна, размената на енергии е воспоставена. Вечерта тече лесно. Лицата во публиката задоволни и насмеани, нашите такуѓере.

sofija 2

Утредента оставаме понекој примерок од своите книги во Универзитетската библиотека во Софија, го посетуваме Филолошкиот факултет и одиме на гости кај Љубомир Левчев, големиот бугарски поет, добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. На покана на домаќинот правиме уште едно интимно поетско читање.

Во меѓувреме: шетаме низ Софија, разговараме долго во ноќта, Влатко свири на кавал и на тамбура, а ние го следиме пеејќи, кој колку може, или удирајќи со дланките по масите и по столчињата. На враќање во минибусот главно се смееме. Од ќефои, се разбира.

Ѓоко Здравески

Неодамнешното претставување на новата македонска книжевна сцена во Софија покажа најмалку пет работи: 1) дека поддршката од поискусните писатели и проучувачи на книжевноста (во овој случај: Влада Урошевиќ, Ката Ќулавкова и Наташа Аврамовска) е драгоцена за помладите автори; 2) дека синтетичките согледби, разговори и групните претставувања се можност да излезат на виделина некои од доминантните тенденции и вредности на книжевната сцена; 3) дека постои огромен интерес за современата македонска книжевност во бугарските книжевни и културни кругови; 4) дека се созреани условите за слични дебати и претставувања на македонската рецентна книжевност, како во други земји така и на „домашен терен“ и 5) дека би било одлично слични настани да се организираат кај нас за да добиеме увид во најновите книжевни продукции макар во соседните земји.

Владимир Мартиновски

Читањето поезија и проза во Софија беше многу убаво искуство: не само што имаше многу публика туку изгледаше и дека сите се заинтересирани и уживаат во слушањето до самиот крај, иако настанот траеше повеќе од час и половина. Начинот на кој Урошевиќ, Ќулавкова и Аврамовска ги претставија карактеристиките на современата македонска книжевност беше вистинско откритие за мене, а верувам и за другите, зашто добивме една јасна синтеза на заедничките одлики на инаку сосема различни теми и постапки кај различните автори. Уживав во читањата на сите автори, чии прочитани творби дотогаш не ги знаев, а и голема благодарност до сите за нивното учество во читањето и во глумењето на сцената од мојата драма, кое го направија извонредно!

Калина Малеска

На пат кон Софија ме пресретнуваат полноќните пејзажи на сопствените очи врз автобуските прозорци, постепеното губење на телефонската мрежа што се претопува во скапиот роаминг како илегален мигрант што молчи зашто неговиот јазик останува единствен нефалсификуван пасош. Бугарската временска зона секогаш ми краде по еден час од сеќавањето. Но спијам и рутински ја изедначувам ноќта со заборавените сонови, далечината со будењата пред алармот. Во Софија прв го среќавам Васко и неговата смиреност, како автор кој одлучил да престане да објавува. Прекрасно е да се разговара со него за литературата, додека столчињата во собата за читање го освојуваат просторот како подготвени теракотни војници. По подолго време се гледам со Катица Ќулавкова, Влада Урошевиќ и Наташа Аврамовска и со другите драги пријатели што ми ги подарија фрагментите од заедничките разговори во комбето и мирисот на Скопје, кој секогаш ми носи носталгија за носталгијата од студентските денови и страв од сопствената сенка по патеките на Клиничкиот центар. Би сакал да спомнам души – Ѓоко, Ненад, Румена, Фросина, Влатко, Калина, Роман, Силвија, Љубомир чиј мир ни дозволи љубов. Читањето пред публика е пишување во воздухот, а разговорите се подвлекувања со скршен молив, кој остава бразди и го расекува листот. Во хотелот ја продолжуваме ноќта, свесни дека ќе ни се врати тој еден час што границата ни го одзема. Рецепционерот чека да заспиеме, па и тој да заспие како вдовец што секоја ноќ ја остава светилката во дворот запалена.

Никола Маџиров

Одиме кон Софија, сите бучави во глава ми згаснуваат. Во малото автобувче десетина прекрасни луѓе. Го гледам Маџиров можеби по една година, по уште подолго го слушам како рецитира во живо. Пак гледам како Ѓоко се претвора во поезија и лебди во звукот на тивкиот кавал на Влатко, поетот-музичар. Влатко чита хаику. Со него пееме по улици, по некои хаику-вечери и хаику-шеги. Ги запознавам Калина и Румена, толку ме смеат што мразам што не сум ги читала, одлучувам да ги читам следни. Го запознаваме Васко. На одење, ни кажува дека сите што дошле во македонскиот центар во Софија мора да се вратат, сè друго е преседан. Нено ја рецитира „Јас, Магелан“, кај Левчев, ми се чини дека секојпат кога ја рецитира – ме ежи повеќе од претходниот. Катица скокнува од столчето во занесот по никогаш видените диви коњи од Галичица. Публиката е будна, Румена чита – гласно смеење. Сите читаат одломка од новата драма на Калина, влегува Нено и презема. Влатко свири во кафеана. Наташа пее тивко и понесено од другата страна на масата. Се правиме дека знаеме да танцуваме салса. Зборувам со Ѓоко и со Никола до снеможување. Влада и Влатко зборуваат за тивките писатели и поети што не се споменуваат и за уште многу нешта, можам да ги слушам засекогаш.  Толку луѓе спомнуваме попат, како да сме сите во носталгичен занес, чиниш не на два дена и до Софија, туку којзнае каде и на колку нè нема.

Фросина Стојковска

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Армада
Книгата е објавена со поддршка од Министерството за култура на Бразил /...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *