Поетика на границата


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Границата е дуална. Таа произлегува, исчезнува и повторно се појавува благодарение на својот променлив карактер.

christopher-saunders

Размислувајќи за границата, ние сме соочени со претставите за состојби или со условите според кои опстојуваат облиците, формите, поединечностите или крајностите. Подлабоките анализи на концептите што се однесуваат на овој феномен отвораат широко пространство, во кое различните идеи и ден-денес се субјект на постојана промена.

Така, традиционалните сфаќања за поимот граница најчесто се однесуваат на топографијата и на специфичните подрачја на географијата, но и на правото, философијата и на математиката, со чија помош се развиени нејзините основни концепти. Географскиот концепт за границата, првично разработен во 19 век, ги претпоставува границите како физички и видливи линии на поделба меѓу политичките, социјалните и економските простори. Кон ваквото определување на границата се надоврзува и провокативното толкување на мексиканската писателка Глорија Анзалдуа, која во својата книга „Borderlines/ La Frontera“ зборува за една од најгусто населените граници и, со самото тоа, една од најкомплицираните, каде што на најсуров и истовремено на јасен начин се огледува судирот меѓу спротивставените концепции на Југот и на Северот. Границата помеѓу Мексико и САД е еден од мноштвото примери низ светот*. Заедничкото за сите нив како територијални граници, со што се согласуваат и теоретичарите, е тоа дека тие артикулираат нерамномерни односи на моќ меѓу луѓето во и низ териториите.

Ваквата нееднаквост упатува на потребата од повторно дефинирање, мапирање и регулирање на границите, со што се истакнува потребата тие одново да се контекстуализираат и да се замислуваат. На тој начин, границата генерира мноштво методолошки проблеми со кои се соочуваат учените од разни области. Приоѓајќи им на овие проблеми од повеќе перспективи, поаѓајќи од теоријата што ги истражува идеите за границата што ги надополнуваат философските дискурси, јавните дебати, официјалните државни политики, па сè до темите на политичката економија со кои се испитуваaт продуктивните односи на моќ, можеме да видиме дека сите овие погледи се во блиски и заемни односи. Сепак, една најширока можна рамка со која би можело да се пријде кон феноменот на границата е културата. Со културата ние се навраќаме кон значењата што границата ги претпоставува во севкупната социјална практика меѓу луѓето, кои, живеејќи помеѓу заеднички договорените и мноштвото лично поставени граници, споделуваат специфично животно искуство.

Заинтересираноста за овој тип искуство во последните децении од минатиот век ги протурка традиционалните и историски сфаќања за границата на полето на академските студии, произведувајќи со тоа низа нови концепти и сфаќања што се однесуваат на нејзината феноменологија. Со тоа, поимањето на феноменот на границата се отвори кон нови и разновидни апликативни простори. [pullquote align=”left”]Новите форми на студиите за границата, како теорија за границата и поетика на границата, акцентот го ставаат на културата, дискурсот и на историјата[/pullquote] Новите форми на студиите за границата, како теорија за границата и поетика на границата, акцентот го ставаат на културата, дискурсот и на историјата.

Поетиката на границата како дисциплина развива сет од стратегии за идентификација и за анализа на процесот на создавање граници и за нивната пропустливост низ естетските форми. Испитувајќи ја улогата на културата и на уметноста во создавањето и во следењето на границите во современите општества, таа го насочува сопствениот фокус врз наративните и врз другите симболички форми, како и врз важната субјективна димензија со која културните форми посредуваат во јавната сфера. Сржта на оваа дисциплина ги разгледува границите на ниво на презентација и на ниво на светот што е презентиран. Притоа, толкувањата што ги нуди оваа поетика, и покрај укажувањата на нивната тесна поврзаност, настојуваат да ги поврзат сфаќањата за границата на две основни нивоа: на ниво на кое границата е претставена низ текстот и на ниво на текстот сам по себе, како гранична репрезентација. Двете нивоа, според методологијата на дисциплината, се мултиплицираат и можат да се следат на повеќе рамништа, на симболичко, темпорално, епистемолошко, текстуално и на топографско, кои, се чини, честопати се преплетуваат и се изедначуваат во рамките на текстот.

christopher-saunders2

Сè поголемиот број трудови што се обидуваат да ги објаснат структурата на имагинарното и функцијата на имагинацијата поаѓаат од симболичките форми и од поетската слика. На полето на поетиката на границата, симболичките граници привлекуваат особено внимание. Нарекувани уште и концептуални или апстрактни, тоа се граници што се однесуваат на планот на менталното или на метафоричкото. Можат да се опишат како разлики, да се сфатат како просторни метафори на преминувањето внатре/надвор или како фигури со најизразена бинарна спротивставеност, а со самото тоа и како ограничена вредност врз која почива светот на литературниот текст и на поетската слика воопшто. Другите типови граници што се набљудуваат и се испитуваат на ниво на текстот се подвидови на симболичките. Тоа се временските граници, сфатени како симболичка противположеност на различните периоди на време значајни за поединецот (раѓање, иницијација, ослободување, промена на социјален статус итн.) или за определена група (национални востанија, револуции, војни). Поинакви типови граница претставуваат т.н. епистемолошки граници. Сфатени како симболичка спротивставеност меѓу познатото и непознатото, тие мобилизираат низа психолошки процеси (на пример, паметење – заборавање). Понатаму, текстуалните граници, сфатени како граници помеѓу текстот и сето она што не е текст и, на крајот, топографските граници, кои се манифестираат на рамниште на топосот и кои претпоставуваат најразлични видови простор.

Сепак, за да се расветли философски прашањето на поетската слика што во себе ја содржи границата, потребно е да се дојде до една феноменологија на имагинацијата (Башлар 2002:7). Под ова подразбираме проучување на феноменот на поетската слика, кога сликата се појавува во свеста како директен производ на срцето, душата на човековото суштество, сфатено во неговата актуелност. Ваквата поетска слика содржи поетски фигури што слободно можеме да ги наречеме гранични фигури**. Тоа се фигурални експресии, кои, како метафората или како метонимијата, ги означуваат конотациите што ги предизвикува границата во смисла на тоа како самата таа е замислена. Како такви, тие можат да се користат за да изразат феномен што тешко може да се замисли или, пак, да нагласат специфичен аспект на границата. Истовремено, тие можат да бидат употребени мошне конвенционално, како што го прави тоа Н. Маџиров во воведните стихови:

„Ја отворам плашливо вратата
со зраците да исцртам граница
врз килимот…

… Со чекор би го проширил просторот
да ги зачестам зрнцата прав
и влакната што се струполуваат
долу, од светлината
секогаш бели“.

(Преместен камен: 2007)

и така да го ограничат или да го поттикнат начинот на кој е замислена границата. Се чини дека од овие точки на замислување потекнуваат сите натамошни тешкотии на кои се изложени перцепцијата и сфаќањата за границата.

Едно збиено и мудро парче текст прецизно ја отсликува сложеноста на обидот да се определи границата и нејзиното провлекување на полето на поетиката.

„Нештата би биле подносливи кога со сигурност, барем приближна, би можеле да им ги одредиме границите…“, вели Горан Стефановски на едно место во своите „Конзервирани импресии“ и продолжува: „…Вака, тие наликуваат на парче леб во кое се загризало, но не се стигнало да се откине залак, туку останало ни ваму ни таму, со трага на заби и лиги“ (Стефановски, 2004:18).

christophersaunders-3

Границата содржана во поетската слика е варијабилна и променлива. Таа никогаш не е конститутивна како концептот, бидејќи самите концепти се начини според кои ги исцртуваме менталните граници. Така, дури и начинот на кој го формулираме концептот на границата може да зависи од нашиот избор за граничниот концепт. Со други зборови, она што ние го препознаваме како граница може да зависи од тоа дали границата на нашиот концепт за неа е јасно обележена или нејасна. Овие погледи ги надополнува и теоријата на деконструкцијата, која феноменот на границата не го истражува според неговата исклучива категоријална суштина, туку го согледува според неговиот функционален контекст. На тој начин, сè повеќе се потенцира нејзината динамичка природа и варијабилност. Границата е дуална. Таа произлегува, исчезнува и повторно се појавува благодарение на својот променлив карактер. Бидувајќи истовремено внатрешна зона на спогодба, на неа не се гледа исклучиво како на бариера, туку сè повеќе како на допирна точка. Така, границата денес го насочува сопствениот фокус кон концептите на локалните, урбаните, субјективните и на интимните простори, кои во голема мера се разликуваат од традиционалното сфаќање и од првичниот концепт на границата како линија на поделба. Според тоа, современите културолошки студии феноменот не го набљудуваат само како ментална категорија што сугерира одвоеност, расцеп или поделба, туку сè повеќе како простор на постојано движење и придобивка. Ваквиот дуалитет границата секогаш го отсликува во секојдневниот живот, без разлика на својата политичка, историска, етничка, психолошка или уметничка импликација и конотација.

_______________

* Примерите на ваквите спротивставености во светот се многубројни: Кипар, Југоисточна Европа, Западен Балкан итн.

** На ниво на текст, концептот на граница може да се претстави со помош на гранични фигури, како што се: ѕидовите, реките, мостовите, шевовите, прозорците, вратите, кожата, превезот, маската итн.

Слики:  Кристофер Сондерс

Библиографија:

Anzaldua, Gloria; Borderlands/La frontera: The New Mestiza, Aunt Lute Books, 1987

Башлар, Гастон; Поетиката на просторот; Скопје: Табернакул, 2002

Маџиров, Никола; Преместен камен; Скопје: Магор 2007

Стефановски, Горан; Конзервирани импресии; Скопје: Темплум, 2004

borderpoetics.wikidot.com

1
Напишано од
More from РЕПЕР
Мајстор на обликувањето структури
Во бигорните корално-книжни светови на Чун Кванг Јанф
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *