А dream within a Дрим


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Подарување книги, договарање идни соработки. Еден вистински панаѓур на литературата.

Одамна, пред околу 20 години, ќе се залепев пред телевизорот и ќе го гледав „финалето“ на еден поетски фестивал наречен Струшки вечери на поезијата. Веќе знаев добро да читам, но стиховите воопшто не ги разбирав, уште помалку странските јазици; сепак, некако ме привлекуваше мигот кога водителите ќе најавеја некое (за мене) непознато име, кое ќе застанеше на мостот над реката Дрим и ќе почнеше да рецитира. Подоцна дојде пародијата на „К-15“ со „тегет чорапата“ и магијата ми се замени со хумор. Но, оваа година, по четврти пат (непоследователно), ја имав можноста да сум дел од Струшките вечери на поезијата (не од финалето на Мостовите, галиба ќе сум уште млад, туку од Ноќите без интерпункција). Тие започнаа со „поетското предјадење и мезе“ на поетските ноќи во Велестово, организирани по 25-ти пат, за само една седмица потоа да се преселат од Охрид во Струга. Овие два града се некако најврзани за македонската поезија. Традиција (ненамерно) негувана уште од Григор Прличев и од браќата Миладиновци.

Struga mostovi

Поминаа и годинашните Струшки вечери на поезијата. Атмосфера исполнета со многу поезија, музика и филмови посветени на македонски и на странски поети. Со еден збор, една програма што атакува на сите сетила. Организацискиот одбор, предводен од Мите Стефоски и од Славе Ѓорѓо Димоски, со речиси никакви импровизации ја спроведе програмата од почеток до крај. Свеченото отворање започна со вообичаените нешта, запознавање, дискутирање, пристигнување на поетите, а фоајето на хотелот „Дрим“ во Струга се претвори во поетски космодром во кој пристигнуваат поети од секаде низ светот. Силен меланж од јазици и од стихови насекаде. Подарување книги, договарање идни соработки. Еден вистински панаѓур на литературата.

Poeti stranski

Поетските меридијани го означија вистинскиот почеток на нештата. Дузина поети на сцената ја започнаа својата струшка стиховна одисеја. Потоа следуваше Ноќта без интерпункција, со стиховите на младите македонски поети. Различни гласови, различни генерации, третирање различни теми и идеи, придружувани со музика. Младите покажаа дека поетскиот глас не запира и не се дефинира во едни рамки, туку дека се хибридизира обременет од лектирата на постарите домашни и странски поети, експериментирајќи во едни „нормални рамки“ без негирање на лирското во себе. Овие Струшки вечери на поезијата ќе останат како посебни бидејќи во својата програма вклучија и бенд, кој во својата изведба не се ориентира исклучиво на македонската народна музика или на етно-фолк или на њуејџ-елементи, туку преку звуците на „Trust us“ од бендот „Pink Floyd tribute“ од Струга, младата македонска поезија беше придружувана со еден поинаков призвук на психоделија. Песните од „Pink Floyd“, беспрекорно отсвирени, создаваа впечаток на концерт што безмалку претендираше да ја засени поезијата, но несебично ја потсили и ја потпомогна.

Оваа година доделувањето на наградата „Браќа Миладиновци“ започна со краток портрет за минатогодишниот добитник Милош Линдро за годинава таа награда да ја понесе поетот Ристо Јачев, кој самиот си призна дека ја добива „по 45 години чекање“ како признание за неговата работа, иако и претходно неколку пати бил во потесната конкуренција.

japonkata

По музичко-поетската изведба на Ричард Беренгартен, следуваа омажите за Коста Солев-Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов и за Анте Поповски, со кратки видеопрезентации на нивните најамблематични песни. Да се слушаат „Ленка“ и „Копачите“ со прекрасни слики и пејзажи, да се доживее Ацо Шопов многу повеќе отколку само „црно писмо на бела книга“, беше навистина мултимедијална инјекција што дава едно ново, поинакво светло на нашата лектира. Вечерта на современата словенечка поезија помина во камерна атмосфера со познатата Лидија Димковска како модератор, која начна многу прашања во врска со современата поезија на Словенците, со новите тенденции и со идните насоки. Потоа следуваше и документарен филм за минатогодишниот лауреат Монгани Вали Сероте, во кој многу интелектуалци од нашава земја говореа за неговото дело. Филмот беше навистина добро направен. Многуте сцени од борбата со Апартхејдот, од сиромашните црнечки гета, од борбата на Малколм Екс, од Мартин Лутер-Кинг, а сега и збогатени со поезијата на Сероте, покажаа дека е поезијата и револуција, не само лирска медитација. По филмот, некаде околу полноќ, повторно на сцената настапија младите поети на Ноќ без интерпункција, придружувани од „условно наречените“ Марта & Марта (Марта Маркоска на перкусии и Владимир Мартиновски на кавал и на тамбура).

Следниот ден, по вториот дел од симпозиумот „Поезијата – војна и мир меѓу јазиците“, дел од странските и од домашните поети настапи во предворјето на манастирската црква „Св. Богородица“, Калишта. Повторно мешавината од различни поетски генерации што негуваат различни писма го „наруши“ тивкиот манастирски мир. Набљудувањето на црквата, на монашките ќелии длабоко врежани во камен, на црковното пеење, заедно со стиховите (повторно на повеќе различни јазици), ги потхрануваше сите сетила создавајќи чувство на посебност и на едновремена присутност на сè во светот и на сè во универзумот. Го набљудуваш езерото околу тебе, тивкиот удар на брановите, додека стануваш свесен за тоа дека целиот свет создава стихови со кои се слави различноста во едно големо, никогаш недофатливо нешто – ПОЕЗИЈАТА. Следни активности беа разгледувањето на знаменитостите во Охрид и поетското читање на платото пред црквата „Свети Јован Канео“, повторно изведено од дузина поети. Поетската програма беше многу набиена и буквално се одеше од едно нешто на друго, поради што неколкуте денови од фестивалот беа до толку исполнети со поезија што навечер тешко се заспиваше без одѕвонувањето на стихови во ушите и без нивното повторување како мантра. На пример: „Пронајди ме…“

Вечерта на 24 август во црквата „Света Софија“ беше претставен портретот на поетот Хозе Емилио Пачеко, годинашниот лауреат. По говорот за неговото дело од страна на академик Матеја Матевски, Пачеко се обиде да претстави дел од своите песни, но поради преголемата возбуда и поради нарушеното здравје, наместо него, тоа го сторија моќните гласови на Роберт Велјановски и на Арна Шијак, кои за сето време на Струшките вечери (како и години наназад) се медиумот што ја доближува поезијата на гостите од секаде од светот и од многуте јазици, изведени и прочитани на македонски јазик. За крајот на вечерта, повторно младите поети во Струга, само овој пат секој да им се „заблагодари“ на своите поетски предци и идоли преку читање песни од поетите родени пред Втората светска војна. Стари песни, докажани автори, нови изведувачи. Беше убаво да се чујат: „Маја“, „Дождови“, „Скица за првото писмо до Ема Гермова“, „Ана“ и уште неколку песни изведени од млади автори, кои сигурно уште пред да ги напишат своите први стихови го доживеале моментот на „Уф, колку би сакал јас да ја напишев ОВАА песна“. Преку стиховите од Караманов, Солев-Рацин, Конески, Матевски, Тодоровски, Шопов, Јаневски, Урошевиќ, Павловски, Ѓузел, Ренџов, Котески и од други поети, се најави повторно најсовремената и најмладата поезија. Тука следуваше и „засилувањето“ од странските поети како Татјана Данилијанц, Дмитро Чистјак, Андреј Љубка и други.

-á-â-å-¦-¦

Последниот ден од струшкиот дел на поетските случувања помина со излет до Свети Наум, каде што поетите го посетија манастирскиот комплекс, а потоа, за да не се заборави првичната поетска „интенција“ и „инспирација“, беше организиран натпревар за најдобра песна за виното. Наградата му беше доделена на израелскиот поет Амир Ор. Вечерта помина во знакот на финалето на Струшките вечери на поезијата и на манифестацијата Мостови, каде што му беше врачен Златниот венец на лауреатот Хозе Емилио Пачеко, а на поетесата Николина Андова ѝ беше доделена наградата „Мостови“ за млада дебитантска збирка. Некои од поетите што настапија веќе ѝ се добропознати на македонската публика и доаѓаат веќе традиционално во Струга. Уште еден доказ дека Струшките вечери на поезијата имаат тенденција да го здомуваат поетскиот свет. Такви се Хусто Хорхе Падрон, Рајко Лукач, Усман Сар-Сарус. По Мостовите, на полноќ („магично“ време, како во некоја сказна) беше доделена и наградата „Енхалион“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот, која годинава отиде кај еден од најхаризматичните и најталентираните млади поети на фестивалот, Мане Манушев.

Mane nagrada

Директорот на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски, и неговиот тим од млади соработници (Ненад, Никола, Кристина и др.) успеаја да одговорат на задачата на фестивалот. Успеаја да одговорат и на барањата на поетите, кои, за волја на вистината, понекогаш можат да звучат како листа на барања на поп-музичари, но тимот со својата координација се справи многу добро и многу синхронизирано (додека поетите-учесници трчаа од едно читање на друго) и со својата одлична логистика изведе уште еден успешен фестивал на поезијата. Следната година се надеваме на уште подобар фестивал и на уште многу поетски имиња, кои од Струшките вечери на поезијата, по неколку години успеваат да се закитат и со Нобелова награда за литература. Не е ли тоа солиден доказ дека се Струшките вечери добар прогнозен знак за светски поетски признанија?

0
Напишано од
More from РЕПЕР
Не познавам уметник што претендира да го уништи човештвото наместо да го спаси
Ние сме овде за да се сеќаваме. Душата им диктира на рацете...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *