1. Како си? Што има ново?
Добар сум, иако паметам и подобри денови. Но да чува Господ од полошо… Три плус. Нема ништо посебно што би можел да го вметнам во фолдерот „Ново“. Во секој случај, никогаш не сум сакал да водам дневник, затоа што сум сметал дека луѓето со поинтересни животи треба да го прават тоа.
2. Можеш накратко да ни опишеш еден свој обичен ден?
Станувам во 6.30 часот. Се проѕевам трипати. Пијам дупло македонско кафе, со две лажички шеќер. Потоа се пробивам низ сообраќајот слушајќи српско-хрватски песни на радио и се прашувам дали сум се телепортирал во Белград или во Загреб. На работното место во Советот за радиодифузија на РМ сум од 8 до 16 часот. Во десет часот јадам два варени ѓеврека од „Коки“, а потоа пијам уште едно кафе во 12 часот. Од 16 до 16.30 часот се пробивам до зградата во која живеам. Ја отклучувам вратата, седнувам на троседот со кожа од скај и разменувам со синот и со сопругата акценти од изминатиот ден. Потоа ручаме што дал Господ и половина час вежбам турска гимнастика (читај: спијам). Потоа бегам низ цел стан од звуците на турските натсинхронизации, обидувајќи се притоа да проверам електронска пошта, да начекам некој клиент на Фејсбук или да погледнам некој добар фудбалски натпревар. Некогаш пишувам и некоја песна. А може и некое сценарио, ако имам нарачка за такво нешто. Потоа чекам да дојде 23 часот, облекувам пижами, мијам заби и си легнувам. И така секој ден. Освен во сабота и во недела.
3. Која е твојата идеја за совршена среќа?
Совршена среќа не постои, доволно е да гребнеме малку од убавата страна на животот. Важно ми е да сум здрав, да имам доволно пари за храна и за сметки, да се здрави и задоволни моите најблиски и да имам доволно убави стихови во моето перо. За мене среќа е да ги усреќувам другите. А се разбира, и јас одвреме-навреме да сум во нивната агенда.
4. Кога и каде беше најсреќен?
Најсреќен бев пред 16 години, кога се роди мојот син Филип. Тоа е најубавото чувство и посакувам секој човек да го доживее барем неколку пати во животот.
5. Постои ли нешто за што жалиш во животот?
Жалам што не станав фудбалер и што не знам да пеам. Секогаш сакав да имам бенд и да свирам во него. Многу ми е криво што не успеав да испеам ниту еден свој текст.
6. Кој или што е најголемата љубов на твојот живот?
Соња е жената на мојот живот и мојата најголема љубов и инспирација. Сè пред неа е само обично залажување и имитација на тема љубов. А друга љубов не ми е потребна. Благодарам, во моето срце нема место за друга жена.
7. Кој е твојот најголем страв?
Се плашам од војна и, секако, од смртта.
8. Кој е твојот неостварен сон?
Да добијам „оскар“ за најдобро оригинално сценарио. Има време, дај Боже музите да бидат на моја страна, може и ќе дојдам до некоја добра идеја што ќе ме однесе во Холивуд. Да, имам уште еден сон: Ацо Поповски да режира моја пиеса во кој било театар во светот. И уште еден или два: да пишувам текстови за Бајага и за Здравко Чолиќ. Во секој случај, сакам да сонувам, зашто без соништа животот е здодевен.
9. Кои зборови или фрази ги употребуваш прекумерно?
Врзи го коњот каде што ќе ти каже газдата.
10. Нешто за крај?
Ги мразам сите разделби.
Warning: Trying to access array offset on value of type bool in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/inc/social-share.php on line 60
Pinterest