ВИНОЖИТОТО НА ИЛОВ СПАКУВАНО ВО ПЛАСТИЧНИ РАСКАЗИ

Кон „Пластични раскази“ - Илија Илов, Скопје: Или-или, 2018
  • Кон „Пластични раскази“ – Илија Илов, Скопје: Или-или, 2018

Младиот и извонредно талентиран автор Илија Илов, после неколку години пишување и објавување овде и онде по социјалните мрежи, стои исправен пред нас со своето првенче „Пластични раскази“ стокмени, отпечатени во формата на старата добра книга, лепена и подврзана, со корици, предна и задна (одлично илустрирани). Таа излегува како 165 во Едицијата ПРОаЗА на „Или-или“. Самиот наслов, како силен синестезички спој, го провоцира и обичниот и оној најсуптилниот читател и уште веднаш го става во недоумица зошто овие раскази се токму пластични. Дали зашто се обидуваат кон читателот да се постават „автокритички“ пофалувајќи се дека се релјефно, живописно поточно сликовите раскажани или дека се пишувани со исклучителна хармоничност, стројност и изразитост (според неколкуте значења на оваа придавка во „Речникот на македонскиот јазик“) или пак зашто самите се чувствуваат толку добро спакувани како што повеќето денешни производи се спакувани во разно-разни пластични амбалажи? Синестезичките споеви отсекогаш укажувале на голема семантичка отстапка, па така и овие раскази на Илија Илов како да ја врескаат позната поетска слика на Артур Рембо. Имено, на едно место во „Престојот во пеколот“ кога зборува за „алхемијата на зборот“ Рембо вели: „Ја пронајдов бојата на самогласките: А црно, Е бело, И црвено, О сино, У зелено“. Така и нашиот Илов пишува: „Сите раскази се базираат на вистинска приказна. Единствена интервенција, кај некои од нив, е извршена врз имињата на ликовите, заради заштита на нивниот идентитет.“ И потоа тие почнуваат да живеат низ неколку бои: Цр()вени, (6 Сонливи сказни), З елени (5 Желудочни слова), Виолетови (5 Некрстени слова) и Жолти (4 Циклични слова). Или вкупно 20 приказни/раскази го сочинуваат виножитото на Илов.
Црвената е бојата на огнот и на крвта и како таква таа асоцира на енергија, војна, опасност, сила, моќ, одлучност, страст, копнеж и љубов. Ова се емоциите со кои се натопени шестте цр()вени приказни како во она упатства кое укажува како да се надминат состојбите на тегобност, па читаме: „Доколку при читањето почувствувавте болка кај градите, прочитајте ја оваа страница, доколку пак имате главоболка, свртете ја другата страница.“ („Изгубен идентитет во прангите на болеста“). Зелената има голема исцелителна моќ. Таа симболизира стабилност и издржливост. Но, таа е и најспокојната боја за човечкото око, а со само тоа и за човечката душа, па оттаму и петте з елени раскази треба да се читаат како прочистителни станици како на пример оние ненаметливи упатства / размислувања за тоа како да ја (за)чуваш тагата, како да си ја видиш смртта („Посмртни дијалози“). Виолетовата боја е комбинација од стабилноста на сината и енергијата на црвената. Овде немаме чисти сини раскази, но затоа ги имаме петте виолетови, кои ги засилуваат оние, црвените, и кои отворено раскажуваат за моќта, луксузот и амбицијата, но и за мудроста, достоинството, независноста, креативноста, мистеријата и магијата како во тајните, мувлосани писма кои се обидуваат да ги разјаснат мистериите меѓу Ван Гог и Мунк, зашто „една слика крие илјада зборови. Светот мора да дознае за вистинската приказна.“ („Како се калеше Крикот на Мунк“). Жолтата е боја на сонцето. Таа се поврзува со радоста, среќата, интелектот и енергијата. Токму затоа и „Пластичните раскази“ се затвораат со четири жолти во кои надвладува енергијата пркосејќи им на несреќата и злото.
„Пластични раскази“ се приказни/раскази кои се пишувани во манирот на светскиот тренд на кратки раскази и функционираат како мини-романи. На моменти прозвучуваат и како сценарија за филм зашто се доста кадрично развиени. Тие пулсираат во ритамот на онеобичувањето или очудувањето на нештата. И приказните, и ликовите се развиени низ принципот на т.н. „отстранение“ на рускиот формалист Виктор Шкловски или низ „ефектот на изненадувањето“ на Бертол Брехт. Ликовите не се херои. Тие се обични смртници кои најчесто имаат необични професии нетипични за главни ликови, но и како такви претендираат да станат книжевно, па дури и филмски популарни, како во Гогољовиот „Нос“, но имаат и доволно изопачени или необични погледи на светот, како онаа позната фамилија во Злетово која произведува гасена вар („Господарот на клучевите“), или како отец Давид, кој во католичките редови ја има улогата на егзекутор („Ѓаволот лежи во анусот“), или како измеќарот на oтецот Јан („Век на блудници“), молерот Кирил („Дефектен киклоп“), мртовецот-син и робот-син („Клон од мртва клетка“), 13-годишниот набљудувач/демнач вѕверен, со широко отворени очи во спротивниот стан преку дурбинот и телескопот („Собата на мојата невиност“), но и ликови на кои со пиетет би требало да гледаме како на оној астрофизичар со полн работен однос како редовен професор при Природно-математичкиот факултет во Скопје („Метална љубов“), но и на убиецот Зенит („Модриот Исусов образ“), на бизнисменот Петер Олсен, кој го моли пронаоѓачот да ги објави писмата од ковертот, како последна желба на сликарот Мунк. („Како се калеше Крикот на Мунк“), па и на Хомер, еден типичен холивудски режисер („Избори за врховен Бог“). Тие се отпадници од семејството, лошо позиционирани во градот и општеството. Во кисело-лутите, во горко-горчливите приказни на Илов голем број од главните, но и споредните ликови се крајно магринализирани, обележани, поинакви, други, наказени. Но, овде во овој книжевен свет на Илов, Ведрана, бебето со осум очи и без уши („Дехидриран свет од заблуди“) добива право на живот зашто нејзиниот татко ја сака и покрај сè. Право на љубов и живот има и Камелија со повредено ’рбетното црево и квадриплегија („Изгубен идентитет во прангите на болеста“), но и Софи која е со висок инвалидитет на левото око и негова доживотна испапчена позиција. („Дефектен киклоп“). Понекогаш болеста, но и наказаноста, и телесна и ментална, видлива и невидлива, добиваат физички лик, исто онака како што Сартр им даде облик, и вкус, и мирис, и на тегобноста и на мачнината во својот истоимен роман.
„Пластичните раскази“ на Илија Илов многу умешно си поигруваат со оние две глобални групи на теми кои ги промовираше уште Цветан Тодоров во својата студија-книга „Вовед во фантастичната книжевност“. Па така овие дваесеттина раскази (или точно 21) преку „јас“-темите (или темите на двојникот, преобразбата и особено преку играта со времето и просторот) го третираат односот помеѓу човекот и светот, додека, пак, преку „ти“-темите (како сексуалноста врзана со мотивот на ѓаволот односно либидото, инцестот, хомосексуалноста, смртта и вампиризмот) се обидуваат да ги разрешат конфликтите меѓу поединецот и неговата потсвест. Животните приказни на ликовите кои најчесто се маргинализирани го носат чувството кое Зигмунд Фројд го именуваше како „вознемирувачко необично“. И тоа нивно амбивалентно чувство лесно го пренесуваат и врз читателот додека ги чита приказните/расказите, додека чита за ликовите. Така смесата на одбивност и привлечност која Роже Кајоа ја именуваше како „сладок ужас“ го запоседнува и читателот кој се намовнува додека го чита Илија Илов… како да го чита Кафка и неговата „Преобразба“ или По и „Падот на куќата Ашер“.
Но „Пластичните раскази“ на Илија Илов се истовремено и пишувани во манирот на поигрувањето со фактографската и реалистичната книжевност, но и во манирот на најголемите македонски раскажувачи, како што е еден Петре М. Андреевски како во приказната за Кољо вампирот што пред светот се имаше сторено бербер, за берберот Кољо кој е посебен зашто: „Неговата магија е во четката која е направена од влакна од опашките на верверици, кои самиот Кољо ги одгледува. (…) Сапунот кој го прави Кољо е од солзите на искројаната лозница, варовник и свинска маст. И опашината која е за на крај, а во себе има ливчиња од роза. Тој мирис, е тој што нè тера да останиме овде.“ („Гарванскиот бербер“). Или како во онаа за Веселка, жителката на старото македонско село, Осолница, во кое и покрај тоа што има многу куќи само таа ја пали газијата („Бомбици за покој на идните мртви души“).
И тоа негово постојано поигрување или балансирање помеѓу Поовото и Андреевското се заклучува со признанието: „Приказните ги чув од човек, кому не знам дали му верувам! Ама расказите ги напишав сам!“
И бидејќи Илија Илов стои пред признанието дека овие раскази ги напишал сам, и бидејќи и ние стоиме пред ова негово признание, а и немаме никакви докази дека не е така, но стоиме и пред фактот дека ни се допаѓаат, но и пред верувањето дека ќе им се допаѓаат и на другите, затоа со големо задоволство ги препорачувам овие „Пластични раскази“, особено зашто внесуваат нови содржини и форми и со тоа ја придвижуваат македонската култура кон европската и светската. „Пластични раскази“ од Илија Илов ги отвора вратите за темите на денешнината (но и за книжевните форми на денешнината) и тоа за вредноста и безвредноста, за тоа како е да се биде во центарот и на маргината, за чувството на недостиг, за чувството на осаменост покрај сите оние познати и непознати луѓе околу себе, за стравот од непознатото, наказеното, другото, инаквото, за потребата од одалеченоста и блискоста со своите и туѓите, за тегобноста и мачнината…

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
КОРЕН – СТЕБЛО – КРОШНА – ЖИВА РАНА
Нејзиното тело како меѓник меѓу подземјето (земјата) и небото, како живот меѓу...
Повеќе
0 replies on “ВИНОЖИТОТО НА ИЛОВ СПАКУВАНО ВО ПЛАСТИЧНИ РАСКАЗИ”