Умберто и крадецот на чадори

Необичниот чадор Умберто живее во Дождоградец.
Во Дождоградец, се гледа по името, чадорите играат важна улога во секојдневниот живот. Многу често, а некогаш постојано, паѓа дожд, и по градските улици и паркови жителите чекорат со отворени чадори, од традиционалните црни до оние во најсмели дизајни и бои.
Се чини дека е тешко само заради изгледот, инаку со сосем класична кројка, Умберто да се нарече необичен. Освен тоа, треба да се каже уште нешто: единствен кој знае за необичноста на Умберто е неговиот сопственик, банкарскиот службеник Тоше, дебеличок човек со тивок глас и пред сѐ и секогаш свежо избричен и уреден, па не се случило да го заборави Умберто како кај другите луѓе, кои поради презафатеност или расеаност, ги заборават попат своите чадори.
Но и тој, самецот Тоше, откако во подрумот на скромната семејна куќа го најде прилично правливиот Умберто и откако потоа внимателно го очисти, немаше поим дека чадорот е необичен. Умберто, кој знае зошто, некако многу му се допадна и реши да го користи, наместо претходните два што уредно ги смести во плакарот.
Кога следното, вообичаено дождливо утро, појде на работа и го отвори Умберто, слушна како некој, сосем близу, извика: – Еј, одкога не сум видел ваков убав мокар град!
Малку е да се каже дека Тоше беше изненаден. Беше вџашен! Околу него немаше никој, освен неколку минувачи со чадори кои брзаа за да стигнат на време на работа.
– Ти не мислиш така? – повторно се јави гласот.
– Па, не знам… врне…- тивко прозборе Тоше.
– Без грижа, Тоше. Нема да покиснеш, јас сум сосема функционален.
Дури тогаш Тоше разбра дека со него зборува чадорот Умберто, за кого не знаеше ни како се вика: – А ти… умееш да зборуваш… Ти…јас…разговарам со чадор…
А Умберто, откако се представи и додека дождовните капки тропкаа по него, се расприкажа околу неговиот подрумски престој во Дождоградец.
По прв пат во својата кариера, Тоше задоцни на работа, навистина не повеќе од 4 минути и 15 секунди, и навистина никој освен него тоа не го забележа, но приказната на Умберто го подзанесе што тој, сосем невообичаено за него, малку се подзаборави. Испадна дека Умберто, веќе со денови, а можеби со месеци, бил во подрумот. А таму, низ прозорчето, го бутнал, го фрлил, Крадецот на Чадорите.
– Кој?! – се тргна Тоше и дождовна водичка го попрска по лицето.

* * *

Како и Умберто, но на свој начин, и Крадецот на Чадорите е необичен лик. За кого луѓето и не знаеја дека постои, а кутрите чадори што ги крадеше и ги оставаше на најзафрлени места, ако случајно беа најдени, не можеа да зборуваат човечки за да раскажат што им се случило. Така Крадецот на Чадорите непречено, и вешто, ја тераше својата, особено за Дождоградец, недолична дејност.
– Инаку кога би се сретнал со него некаде внатре, на пример во твојата банка, или во самопослуга, или во кафуле, ти Тоше отпрво не би го препознал. Изгледа како симпатичен, средовечен граѓанин на Дождоградец. Така ми изгледаше и на мене кога ме грабна во продавницата за чадори. Потоа не можев да го видам зашто ме сокри под мантилот и со мирен чекор излезе од продавницата. Надвор, како и обично врнеше, но тој не ме извади од под мантилот, туку продолжи, сега со побрз чекор, но не како да бега, туку како некој да го чека, да се движи низ градот. Под мантилот беше темно и не можев да се ориентирам на кај одиме, додека во еден миг не ме извлече надвор и ме фрли во подрумот на твојата куќичка. Тогаш забележав одблиску дека има темни, пробивни и опасни очи. И на главата носеше качунка од ветровка.

* * *

Кога седна на своето место зад шалтерот, Тоше љубезно, вредно и педантно, како и секогаш, ја врши својата работа, ама едвај ја дочека паузата, го зема Умберто од гардеробата и истрча од зградата на банката, па го праша: – Кажи ми Умберто, како да го пронајдеме Крадецот во оваа дождлива турканица?
– Нема да ни биде лесно. Знаеме дека нема да носи отворен чадор.
– И ќе има качунка.
Се замислија и двајцата. – Умберто, а каде те грабна? Во која продавница? – Во онаа кај плоштадот. Онаа веднаш до „Амброзија“. – „Амброзија“? – А бе дуќанот за здрава храна. – Тогаш ќе почнеме оттаму. Од плоштадот. Одиме таму после работа.

* * *

„Дождоградец е сместен во зелена долина, опколен со високи ридови, исто така зелени од обилните дождови што ја хранат бујната вегетација. Набргу ќе ве опие романтичната атмосфера на викторијанскиот амбиент, проследена со смирувачкиот звук на дождовните капки“, така градот е рекламиран во туристичките каталози, иако старите куќи забрзано се заменуваат со модерни висококатници од стакло и железо. Но дождот навистина постојано паѓа, па туристите сѐ повеќе го посетуваат Дождоградец и се фотографираат полупокиснати со отворени чадори купени во продавниците за сувенири.
На градскиот плоштад што, очекувано, е во пешачката зона – врвулица! Освен тоа, врнежите не беа силни, туку ситна роса росеше, па повеќето од минувачите не се штитеа со чадори, туку со мантили за дожд. Меѓу сите тие луѓе со ветровки и шушкавци е тешко да го издвоиш Крадецот. Тоше и Умберто со сите сили се трудат да го пронајдат, се движат по плоштадот околу, па десно-лево, па горе-долу, ама него го нема, или уште полошо, таму е, ама не можат да го видат.
Седнаа во едно кафуле да прездивнат, Тоше нарача какао без шеќер:. – Да резимираме Умберто, сметката не ни се погоди. Човекот не може да го најдеме. Да се стоплам малку со какаово, па ќе продолжиме. А тебе, да не ти е студено?- праша љубезно по навика, на што Умберто мораше да се насмее: – Фала ти за грижата Тоше, ама ние чадорите сме навикнати, и на ладно, и на жешко. Туку, ми текна нешто. Кога ме украде, Крадецот ме пикна под мантилот и, чекореше брзо, како да се брза за работа, и, што е најважно, кога ме грабна беше утро. Од таму, драг Тоше, заклучувам дека тој е вработен, па затоа е подобро да дојдеме тука порано, пред твојата работа, и да го сочекаме. Што велиш?

* * *

Следното утро, не беше ни осум, ете ги Тоше и Умберто кај плоштадот, затскриени зад една голема липа (кажавме дека Дождоградец е богат со дрвја и зеленило поради постојаните дождови), ѕиркаат оттаму за случајно да не го пропуштат Крадецот. Стојат така зад дрвото петнаесетина минути, за среќа нема врнеж, туку ситна роса како вчера, кога Tоше здогледа еден забрзан тип со качунка: – Умберто, ене го… – шепна, кога се појави еден друг минувач, исто така со брз чекор и качунка: – Ене уште еден… – Не се тие Тоше. Обајцата имаат откопчани мантили. Крадецот е со закопчан, го крие чадорот под него… Оној таму, го гледаш, тој држи нешто под закопчаниот мантил… Тој е! Сигурен сум дека е тој. Ајде да го следиме.
Тоше се опули во сомнителниот минувач. Му се причини како познат.
„Од каде ли го знам?“, се прашува додека кришум со Умберто, на десетина чекори зад него, се движеа по таинствениот лик.
– Гледај сега – му дошепна Умберто. Човекот обѕирајќи се околу, и натаму чекорејќи, наеднаш извлече за дршката црн нов чадор и го џитна во запустениот двор на една уште позапустена куќичка што чекаше да биде урната за да се замени со некој висок небодер.
– Срам да му е! – не издржа Тоше. Во истиот миг, додека Крадецот се ослободува од украдениот чадор, тој го препозна. Не му се верува, но тоа е – неговиот шеф лично!

* * *
– Умберто, оној крадецот… тој… – Да, Тоше? – Тој е мојот шеф… господинот Давидов.
Тоше е премногу возбуден, па почна да зборува погласно отколку што треба. – Тивко, тивко. Да не нѐ чуе – И што сега? – Кражбата си е кражба – рече Умберто поучително – Наше е да го откриеме, а што потоа ќе биде со него, нека решат во полиција.
При спомнувањето на „полицијата“, Тоше се стресе, зашто како мирен и малку плашлив граѓанин, не сакаше да има работа со таква строга институција. „Ако Умберто оди до крај, што ќе правам јас?“, помислува неспокојно и дланките му се навлажуваат, што Умберто го почувствува, па му вели: – Не се секирај Тоше, ќе се среди работава. Продолжија молчејќи да го следат Крадецот, иако се знае дека тој оди накај Банката. На Тоше му се врти нова мисла: „па како не се сетив порано, тој има фен во канцеларијата, и кога доаѓа на работа, прво го слушаме звукот на сушење, затоа што е накиснат“, но не му ја кажа на другар му Умберто оти душата некако му се стисна откако виде дека Крадецот е господин Давидов.
А тој, директорот Давидов, односно Крадецот, сосем малку го успори чекорот пред Банката, за потоа, деловно и достоинствено, да влезе во зградата.
Тоше е, малку е да се каже, збунет, поточно –шокиран: – Краде чадори, а секогаш е накиснат. Краде, ама нема корист од украденото, дури има и штета. Не ми е јасно, Умберто, тука мора да има некое јако разрешение. Почнува да ми личи на алегорија.
– И јас сум изненаден, Тоше. Човекот е сепак важен член на нашето општество, мора многу да се крие, оти ако се дознае, тешко нему, брука!
– Што да правиме сега? – повтори Тоше.
– Полека, сѐ ќе се разјасни… да видиме, вака… ќе ме оставиш, како да сум подзаборавен, потпрен на ѕидот, веднаш до неговата канцеларија. Штом ќе ме види, ќе посака да ме украде. А кога ќе се најдам во негови раце, тогаш доаѓаат моите пет минути.
– Како?
– Па Тоше, ти како да заборави дека јас зборувам. Ќе се обидам да поразговараме. А ти, за секој случај, биди зад нас неколку чекори. И не се грижи, ќе биде сѐ во ред.

* * *

Договорено – сторено. И еве како тече разговорот меѓу чадорот Умберто и г-инот Давидов, крадливецот на чадори, што како оди времето, сѐ повеќе станува монолог на дотичниот обвинет, кој пак, со текот на времето, кај Умберто предизвикува сосем други, попозитивни чувства:
– Значи, ти зборуваш… Умберто. И знаеш дека сум ги крадел твоите другари и сум ги фрлал по запустени места, по подруми…
Чекорат бавно, во еден миг г-инот Давидов застана, со мокра коса, и тивко замоли: – Ми дозволуваш Умберто? и откако слушна учтив одговор „Секако господине“, го отвори чадорот.
– Овој град, Дождоградец – продолжи, додека некои од минувачите подзабележуваа како си зборува сам со себе, а зад нив, скриен под големите крошни, Тоше растреперено ги ѕиркаше и потслушнуваше – за другите е убав, човечен, спокоен… а за мене, страшна е самотијата во која живеам. Ете, успеав и во професијата, станав и директор, а толку сум осамен. Отсекогаш. – тука Умберто како да чу дека г-инот Давидов воздивна: – И така, кога ме фаќаат тие темни мигови, не можам да се одбранам. Скришум, како да сум во некој подземен свет, крадам чадори… Се обидов да се справам со таа ужасна страст, но без успех… И знаед дека некогаш ќе бидам фатен. Ама ни тоа не ми помогна. Како да сум осуден на таа своја жална судбина. Да бидам самотник, крадливец… – и тука г-ин Давидов пак запре да чекори, со отворениот Умберто во раката.
– Ама еве сега не сте сами. Со мене сте – се обиде да го охрабри чадорот.
– Ти благодарам, Умберто – потоа замолчи, како да собираше сила да продолжи: – Роден сум во Доградец, градче туристички многу понепознато од Дождоградец, а и прилично далеку од тука, петстотини километри. Во Доградец архитектурата е поскромна, зеленилото не толку бујно, а и дождот не паѓа секој ден, па не ви е потребно чадорите постојано да ги носите со себе… – тука г-инот Давидов застана (и Тоше запре зад него) и лицето како да му се издолжи пред да зачекори понатаму: – Мајка ми, никогаш не ја запознав во живо, ја знаев само преку фотографии: на девојче во бело фустанче со кадри во боја на жито, на матурантка во темно-сина униформа со качкет со мал штитник над кој што гордо беше запишана латинската IV, на млада бледа жена, штотуку мажена за татко ми, со големи очи и сѐуште кадрава, густа коса, но потемнета кон светло кафена. Само преку фотографии … зашто таа почина при моето породување. Не ја памтам нејзината топлина, нејзината дојка… не ме погали нејзиниот глас…
– Не знаев за ова. Кутриот ти. – не издржа Умберто.
– Пораснав под строг надзор на татко ми. Банкар, директор на банката во Доградец, тој точно го испланира моето раснење и школување. Сѐ мораше да биде исполнето под конец, неговата главна задача беше да ги исполнувам сите мои задачи. Особено беше непопустлива неговата принуда да го почитувам времето, да се трудам да бидам точен во извршувањето на обврските. Се знае – од тогаш до тогаш – кога е време за учење, а кога за јадење, во кое време можам да излезам, а кога мора да се вратам дома.
– Татко ти, извини што ова го велам, бил како некој деспот.
– Беше строг и прецизен во својата строгост… Така, кога излегов на прв состанок со девојка, тој без никаков осет за важноста што таков настан го има кај еден шеснаестгодишник, рече да се вратам дома до десет. Си пресметав да се вратам дома на време, но ете има работи што не можат да се контролираат. На пример, силен ненајавен дожд. Во Доградец каде, како што ти кажав, дождот не паѓа често, па затоа, нормално, не понесов чадор со себе. Кога нѐ фати дождот веќе ја испраќав и се засолнивме под една стреа, но тој не престануваше…
– А времето си поминуваше – сочуствително забележа Умберто.
– Почнав да ѝ зборувам дека не сакам да задоцни дома и нејзините да мислат дека не сум човек од доверба, малку зачудено ме слушаше, но ја убедив со трчање да ја испратам до нејзината куќа. Сепак, и таму ме задржа – брз, влажен бакнеж, не знаев дали е лигав од дождот или од мојата неукост, и така – задоцнив дома. Не повеќе од еден час. Цел мокар со чевли што шлапкаа преполнети со вода, ѕвонев, ѕвонев… но татко ми како да не ме слушаше. Не ми отвори до полноќ, додека покиснат и смрзнат чекав пред влезот. Конечно, кога отвори, во бела поткошула, само промрморе „рековме во десет“ и си отиде во собата.
– Срам да му е! – не издржа Умберто.
– Настинав многу, со денови лежев, тој ме негуваше како што треба. Тогаш уште не знаев колкава трага ми оставил настанот. Кога си болен, лежиш и умот ти е празен, не мислиш на друго освен на здравјето… Бесот дојде подоцна. Кога врне, а тука постојано врне, се буди во мене некоја лутина… и крадам чадори и ги фрлам по најзафрлени места. А кога некогаш ќе ги видам сопствениците на украдените чадори како стојат стуткани под стреа и чекаат да престане дождот, но овде, ти барем знаеш, кога врне, не помага ни стреа, ни ништо, паѓа косо и цел те намокрува, е тогаш, ме обзема некое чудно задоволство. Ете, тоа е мојата тајна и мојот срам – заврши г-инот Давидов.
Умберто тактички почека малку и рече: – Сега, откако ми раскажа, сигурно ти е полесно.
– Да, подобро се чувствувам – потврди Давидов – Ми помогна, Умберто.
– И нема веќе да крадеш чадори?
– Нема – промрморе директорот и уште потивко како за себе додаде: – само сакав да осетат како е… Ќе дојдеш ли со мене, Умберто?
– Сега нема да можам, Давидов. Остави ме тука, пред „Амброзија“, мојот газда наскоро ќе ме земе. Но Дождоградец не е голем, сигурно ќе се гледаме и ќе се дружиме и понатаму… А ти купи си во соседнава продавница чадор, знаеш дека таму имаат широк избор… Извини, а како ти е името?
– Евгениј – па додаде срамежливо – во детството некои ме викаа Гени.
– Баш интересно име. Довидување, до следната средба, Гени.
Дождот и понатаму продолжи да истура.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ОД ДНЕВНИЦИТЕ НА ТЕТА ВЕТА
Има јоште да се каже за Тумбу, ама за сга е доста.
Повеќе
0 replies on “Умберто и крадецот на чадори”