Грашок / Скитници / …

Грашок

Затворена како в лушпа грашок
Не дозволувам да ми се истурат зрнцата
Врели или студени, вредни или безвредни
Тркалезни, меки, кршливи
Грижи и – замижи!
До срж ме разоружуваш!

Твоите прсти зелени и растреперени
Во протеинска потрага подадени….

Ја кинеш дебелата лушпа
Ме расоблекуваш…

И со мерак
Едно зрнце земаш
И го распрснуваш!

 

Скитници

Кучето скитник со опашот сив
Го сметна денот под тепихот на ноќта

Мислите ко заскитани куршуми
Се удрија во мекиот ѕид на тишината

Ја гризна месечината
Ко пита од ѕвездено брашно и обарен мрак

Пијано, ја смукна светкавата течност
Што наѕираше од калливиот вир

Во крвавите очи му продре сонот
Со главата вскут се скифли крај мостот
И потона во водите на ѕвездениот молк.

 

Три точки

Патував долго и бавно
од буквата до зборот
од зборот до значењето
од значењето до симболот.

Преку водата, виното,
ветровите и врисоците
Врелите вечерни вистини
долгите дождливи денови

Од плацента до колепка
Од колепка трчајќи
низ полето
крај пругата
преку млекото
до облаците
препознавајќи ги знаците.

Патував долго и бавно
како слободен стих
секогаш со тивок крик
никогаш со гласен вик.

Грст прашина од точки и запирки.
Дувам кон завесата на очекувањата
и се слевам со звукот на неизвесноста.

Полека пристигнувам
врз хартиен под стапнувам
темна трага оставам.
Точка пред почетокот.

Како одново да започнам, се прашувам.

 

Неискажаното С

Смртта си ја носиме со себе
Секогаш и секаде обесена некаде
Свиена околу вратот ил зглобот гол
Срмена бразлетна што се носи неосетно
Се повеќе се стега со дните
Сите по малку слични на претходните

Секоја смрт засебна статија
Свое место во дневникот на светот сив
Страшна, саркастична, дури смешна
Со насмевка слатка блиску се сокрива
Секој пат кога мислиме скраја е
Срдејќи ѝ се го храниме стравот свој

А смртта е само средба со бесмртноста
Спој на спротивностите
Собир на сите сеќавања и спомени
Слевање на сиот неспокој во спокој
Сон сонуван пред повторното освестување
Смртта – Уроборосот на светот што ни лебди в свеста.

 

Себично селфи

Поларните мечки
Не се веќе бели
-Пливаат во калта
Кон градовите
Гладни, страдни,
Биполарни!?

А ти правиш селфи
Со полароидна насмевка
Лутајќи бесцелно
И отсутно по тротоарите
Меѓу булеварите

Филтерот на фабриките
Насобрал црн шлајм
Во грлата на оџаците
И клокоти бавно

Дур твојот филтер сјае
Блескаво
Блесаво
На твојот екран
Нема место за срам.

Илјадници вируси
Исплукува земјата
А ти се фотографираш
Со отсутен поглед
И насмевка празна
Лажна.
Ладна.

Тагови од објавата
0 replies on “Грашок / Скитници / …”